Декември
Петок, 1 декември
Тие ќе го слушаат мојот глас (Јован 10:16)
Блискиот однос со своите ученици Исус го споредил со блискиот однос што еден пастир го има со своите овци (Јован 10:14). Ова е многу соодветна споредба. Овците го знаат својот пастир и реагираат на неговиот глас. Во ова се уверил еден турист, кој рекол: „Сакавме да сликаме некои овци и ги повикувавме да ни се приближат. Но, тие не го сторија тоа бидејќи не ги познаваа нашите гласови. Потоа дојде едно младо овчарче и само што ги повика, тие веднаш дојдоа“. Искуството на овој турист нѐ потсетува на она што Исус го кажал во врска со своите овци, односно ученици. Тој рекол: „Тие ќе го слушаат мојот глас“. Но Исус е на небото. Тогаш, како може да го слушаме? Еден важен начин како покажуваме дека го слушаме гласот на нашиот Господар е така што ги применуваме неговите поуки во својот живот (Мат. 7:24, 25; w21.12 16, пас. 1-2).
Сабота, 2 декември
Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава (Рим. 3:23)
Апостол Павле бил горд и сурово ги прогонувал христијаните. Но, подоцна сфатил дека не постапува исправно и бил спремен да ги смени својот став и својата личност (1. Тим. 1:12-16). Со Јеховина помош, Павле станал грижлив, сочувствителен и понизен старешина. Тој не се концентрирал на своите слабости, туку имал доверба дека Јехова ќе му прости (Рим. 7:21-25). Не очекувал од себе совршенство. Тој давал сѐ од себе за да ја подобри својата личност и понизно се потпирал на Јехова за да ја изврши службата што му била доверена (1. Кор. 9:27; Фил. 4:13). Старешините не се именувани за таа служба затоа што се совршени. Но, Јехова очекува од нив да си ги признаат своите грешки и да ја подобруваат својата личност (Ефе. 4:23, 24). Во текот на своето проучување на Библијата, секој старешина треба да се преиспитува каде може да се подобри и потоа да ги направи потребните промени. Ако го прави тоа, Јехова ќе му помогне да биде радосен и добро да ја извршува својата служба како старешина (Јак. 1:25; w22.03 29-30, пас. 13-15).
Недела, 3 декември
Не судете (Мат. 7:1)
Што треба да правиме ако забележиме дека сме критизерски настроени кон некој соверник? Не смееме да заборавиме дека треба да ги сакаме нашите браќа (Јак. 2:8). Исто така, треба сесрдно да го молиме Јехова да ни помогне да престанеме да судиме. Ќе постапиме во склад со нашите молитви ако преземеме иницијатива да зборуваме со лицето кон кое имаме негативен став. На пример, би можеле да договориме служба со него или да го поканиме на гости. Додека се трудиме подобро да го запознаеме, да го следиме примерот на Јехова и на Исус така што ќе се концентрираме на неговите добри особини. Со тоа ќе покажеме дека сме послушни на заповедта што ни ја дал добриот пастир да не судиме. Исто како што овците го слушаат гласот на својот пастир, така и следбениците на Исус го слушаат неговиот глас. Сеедно дали сме дел од „малото стадо“ или од „другите овци“, да продолжиме да го слушаме гласот на добриот пастир (Лука 12:32; Јован 10:11, 14, 16; w21.12 19, пас. 11; 21, пас. 17-18).
Понеделник, 4 декември
Тој го занемари советот што му го дадоа постарите мажи (1. Цар. 12:8)
Кога Ровоам станал цар на Израел, луѓето дошле кај него со едно барање. Тие го замолиле да им го олесни тешкиот јарем што неговиот татко, Соломон, го ставил врз нив. Пофално е тоа што Ровоам се посоветувал со постарите мажи во Израел за да одлучи како да им одговори на луѓето. Постарите мажи го советувале царот дека, ако им го исполни барањето на луѓето, тие секогаш ќе го поддржуваат (1. Цар. 12:3-7). Очигледно, тој не бил задоволен од советот што го добил, и затоа ги прашал и мажите кои пораснале заедно со него. Тие го советувале да им го направи јаремот на Израелците уште потежок (1. Цар. 12:9-11). Ровоам можел да побара водство од Јехова кој совет да го прифати. Наместо тоа, тој ги послушал помладите мажи. Последиците биле катастрофални и за Ровоам и за Израелците. И ние можеби ќе добиеме совет кој нема да ни се допадне. Но, ако се темели на Божјата Реч, треба да го прифатиме (w22.02 9, пас. 6).
Вторник, 5 декември
Убавина на младичите е нивната сила (Изр. 20:29)
Оној што е понизен и скромен нема да се фокусира на неискуството на помладите, туку на нивните јаки страни. Тој нема да ги смета за соперници, туку за свои соработници. Постарите се многу благодарни за она што го прават помладите и гледаат на нив како на дарови од Јехова. Бидејќи им се намалува силата, постарите многу ценат што помладите се ставаат на располагање да ги извршуваат собраниските задачи и да им служат на браќата и сестрите. Ноемина, за која се зборува во Библијата, е одличен пример на постара личност која со благодарност ја прифатила помошта од некој што е помлад. Отпрвин, таа ја наговарала својата снаа Рут, која била вдовица, да се врати кај својот народ. Но, кога видела дека Рут е цврсто решена да оди со неа во Витлеем, Ноемина ја прифатила нејзината помош (Рут 1:7, 8, 18). Тоа навистина било благослов и за двете жени (Рут 4:13-16). Понизноста ќе ги поттикне постарите да го следат примерот на Ноемина (w21.09 10-11, пас. 9-11).
Среда, 6 декември
Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте (Евр. 6:10)
Нашиот небесен Татко е свесен дека сите имаме различни околности. Можеби си во состојба да правиш повеќе од многумина што ги познаваш и ти се блиски. Или можеби не си во состојба да правиш онолку колку што прават другите поради возраста, здравјето или семејните одговорности. Но, не се обесхрабрувај поради тоа (Гал. 6:4). Јехова нема да го заборави она што ти го правиш за него. Сѐ додека му го даваш твоето најдобро и имаш исправен став, тој ќе биде задоволен. Јехова ги знае дури и намерите на твоето срце. Тој сака да бидеш среќен и задоволен со она што можеш да го правиш за него. Уште денес имаме внатрешен мир затоа што знаеме дека Јехова ни помага кога се соочуваме со проблеми (Иса. 41:9, 10). Навистина имаме добри причини да бидеме среќни додека му служиме на нашиот грижлив Татко кој е достоен да прими слава и чест од сите негови созданија (Отк. 4:11; w22.03 24, пас. 16; 25, пас. 18).
Четврток, 7 декември
Побрзав и не се колебав да се држам за твоите заповеди (Пс. 119:60)
Ние сакаме да го следиме примерот на Исус, но не треба да се обесхрабруваме ако не успеваме совршено да го правиме тоа (Јак. 3:2). Некој што учи да слика не може совршено да го следи примерот на својот професор. Но, доколку учи од своите грешки и се труди да го следи примерот на професорот најдобро што може, ученикот ќе се подобрува. На сличен начин, ако го применуваме она што го учиме од Библијата и се трудиме да се подобруваме, сѐ потесно ќе го следиме примерот на Исус (Пс. 119:59). Живееме во свет во кој многу луѓе се себични. Но, Јеховините слуги се разликуваат од нив. Самопожртвуваниот дух на Исус има силно влијание врз нас, и решени сме да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:21). Ако даваме сѐ од себе да бидеме самопожртвувани како што бил Исус, ќе бидеме среќни бидејќи на тој начин го радуваме Јехова (w22.02 24, пас. 16; 25, пас. 18).
Петок, 8 декември
Во нив има тешко разбирливи мисли (2. Пет. 3:16)
Еден начин на кој Јехова го води својот народ денес е преку својата Реч, Библијата. Ако одвојуваме време да се задлабочиме во поуките од Јехова, ќе можеме да го следиме неговото водство и да ја извршиме службата што ни ја доверил (1. Тим. 4:15, 16). Друг начин на кој Јехова нѐ води денес е преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Понекогаш, овој роб може да даде упатства кои нема потполно да ги разбереме. На пример, можеби ќе добиеме некои конкретни упатства кои имаат за цел да нѐ подготват да преживееме природна катастрофа за која сметаме дека нема да се случи во нашето место. Што треба да правиме ако сметаме дека упатствата што сме ги добиле не се практични? Треба да размислуваме за библиски извештаи што сме ги прочитале. Понекогаш, Божјиот народ добивал упатства кои од човечка гледна точка изгледале непрактични, но на крајот придонеле да се спасат животи (Суд. 7:7; 8:10; w22.03 18-19, пас. 15-16).
Сабота, 9 декември
Татко, во твоите раце го доверувам својот дух! (Лука 23:46)
Со потполна доверба Исус ги кажал зборовите од денешниот стих. Тој знаел дека неговиот живот е во рацете на Јехова и бил уверен дека неговиот Татко ќе се сети на него. Што учиме од зборовите на Исус? Остани му верен на Јехова дури и кога животот ти е во опасност. За да успееш во тоа, треба да имаш доверба во Јехова „со сето свое срце“ (Изр. 3:5). Размисли за еден наш брат по име Џошуа, кој на 15 години починал од една смртоносна болест. Тој одбил да се лекува на начин со кој би го прекршил Божјиот закон. Кратко пред својата смрт, Џошуа ѝ рекол на мајка си: „Мамо, мојот живот е во Јеховини раце. Потполно сум уверен дека Јехова ќе ме воскресне. Тој знае што имам во срцето и гледа колку многу го сакам“. Добро е секој од нас да се праша: „Ако се соочам со ситуација во која животот ми е доведен во опасност, дали ќе му останам верен на Јехова и ќе имам доверба дека ќе ме воскресне?“ (w21.04 12-13, пас. 15-16).
Недела, 10 декември
Кој обилно ги напојува другите, и самиот ќе биде обилно напоен (Изр. 11:25)
Јеховиниот народ добива сила преку службата. Кога зборуваме со другите за библиските вистини, тоа нѐ освежува и нѐ зајакнува, без разлика дали тие сакаат да нѐ слушаат или не. Поради своите околности, некои сметаат дека не можат да прават многу во службата на проповедање. Ако тоа е случај и со тебе, не заборавај дека Јехова се радува кога му го даваш своето најдобро. Јехова многу се радува кога гледа дека имаме желба да учествуваме во службата, дури и ако не можеме да излегуваме од дома. Тој може да ни помогне да ни се отвори прилика да им сведочиме на оние што доаѓаат да се грижат за нас или на медицинскиот персонал. Ако го споредуваме она што го правиме сега со она што сме го правеле во минатото, би можеле да се обесхрабриме. Но, ако се трудиме да сфатиме како Јехова ни помага сега, ќе ја имаме силата што ни е потребна да истраеме во секоја тешкотија со радост. Ние не знаеме каде семето на вистината кое го садиме ќе пушти корен и ќе почне да расте (Проп. 11:6; w21.05 24-25, пас. 14-17).
Понеделник, 11 декември
Зошто ја презре Јеховината реч и го направи она што е зло во негови очи? (2. Сам. 12:9)
Цар Давид паднал во замката на лакомоста. Јехова му дал многу работи на Давид — богатство, углед и победи над многу непријатели. Дури и самиот Давид со благодарност признал дека Бог му дал повеќе работи отколку што би можел да ги наброи (Пс. 40:5). Но во еден момент, поради лакомост, Давид заборавил што сѐ му дал Јехова. Иако имал неколку жени, Давид дозволил во неговото срце да се развие неисправна желба — да ја има жената која му припаѓала на друг маж. Таа жена била Витсавеа, а нејзиниот маж бил Урија Хетеецот. Давид покажал себичност со тоа што имал сексуални односи со Витсавеа, и таа забременила. Како да не било доволно тоа што направил прељуба, тој дури наместил Урија да биде убиен (2. Сам. 11:2-15). Што си мислел Давид, дека Јехова не може да го види? Иако верно му служел на Јехова со години, тој паднал во замката на лакомоста и скапо платил за тоа. Но, подоцна го признал својот грев и се покајал. Сигурно бил многу благодарен што Јехова му простил (2. Сам. 12:7-13; w21.06 17, пас. 10).
Вторник, 12 декември
Не сметаме дека сами од себе сме способни, туку нашата способност доаѓа од Бог (2. Кор. 3:5)
Можеби не се чувствуваме доволно способни да водиме библиски курс. Можеби сметаме дека треба да имаме повеќе знаење и вештини за да можеме да ја проучуваме Библијата со некого. Ако ова е случај и со тебе, размисли за следниве три работи кои можат да ти влеат поголема самодоверба. Прво, Јехова смета дека ти можеш да ги поучуваш другите. Второ, Исус, кому му е дадена „сета власт на небото и на земјата“, те овластил да поучуваш (Мат. 28:18). И трето, можеш да добиеш помош од Јехова и од соверниците. Јехова му помогнал на Исус да знае што да каже, а може да ти помогне и тебе (Јован 8:28; 12:49). Исто така, би можел да го замолиш надгледникот на твојата група за проповедање или, пак, некој искусен пионер или објавител, да ти помогне да започнеш и да водиш библиски курс. Еден начин како би можел да научиш повешто да поучуваш е така што ќе присуствуваш на некој библиски курс што го водат овие објавители (w21.07 5, пас. 12).
Среда, 13 декември
Кој е верен во најмалото, верен е и во многу, а кој е неправеден во најмалото, неправеден е и во многу (Лука 16:10)
Како што се приближува крајот на овој свет, повеќе од кога и да било порано треба да имаме доверба во Јеховиното водство. Зошто? Во текот на големата неволја можеби ќе добиеме упатства кои ќе ни изгледаат чудни, непрактични или нелогични. Се разбира, Јехова нема да зборува со нас лично. Тој веројатно ќе ни даде водство преку браќата што ги поставил да предводат. Тогаш сигурно нема да биде мудро да се сомневаме во упатствата и да се прашуваме: „Дали ова навистина доаѓа од Јехова или е лично мислење на одговорните браќа?” Како ќе реагираш во тој клучен период од човечката историја? Одговорот можеш да го дознаеш ако размислиш како сега реагираш на теократските упатства. Ако имаш доверба во водството што го добиваме денес и спремно го следиш, веројатно ќе го сториш истото и во текот на големата неволја (w22.02 6, пас. 15).
Четврток, 14 декември
Што сум направил јас во споредба со вас? (Суд. 8:2)
Со Јеховина помош, Гедеон и неговите 300 луѓе извојувале значајна победа, поради што можело да се возгордеат. Луѓето од племето на Ефрем дошле кај Гедеон, но не за да го пофалат, туку за да се расправаат со него бидејќи не ги викнал кога тргнал да се бори против Божјите непријатели (Суд. 8:1). Гедеон им навел конкретен пример како Јехова нив ги благословил. Кога луѓето го слушнале тоа, стивнал нивниот гнев (Суд. 8:3). Гедеон покажал понизност за да го зачува мирот меѓу Божјиот народ. Од примерот на луѓето од Ефрем учиме дека не треба да ни биде најважен нашиот личен углед. Наместо тоа, најважно треба да ни биде да се прослави Јехова. А како сопрузи и старешини, може да извлечеме поука и од Гедеон. На пример, ако некој е вознемирен од нешто што сме направиле, треба да се потрудиме да ги видиме работите од негова гледна точка. Исто така, можеме да го пофалиме за некоја добра работа што ја направил. За тоа ќе ни биде потребна понизност. Но, мирот е далеку поважен од тоа да докажеме дека ние сме во право (w21.07 16-17, пас. 10-12).
Петок, 15 декември
Да направиме човек според нашиот лик (1. Мој. 1:26)
Јехова ни укажал чест со тоа што нѐ создал според својот лик. Благодарение на тоа што сме создадени според Божјиот лик, можеме да ги покажуваме неговите прекрасни особини, како што се љубовта, сочувството, верноста и праведноста (Пс. 86:15; 145:17). Со тоа што се трудиме да развиваме вакви особини, го славиме Јехова и покажуваме дека сме му благодарни (1. Пет. 1:14-16). Освен тоа, кога со нашето однесување го радуваме нашиот небесен Татко, ние сме среќни и задоволни. И, тоа што сме создадени според Божјиот лик ни дава можност да бидеме личности какви што Јехова сака да има во своето семејство. Јехова подготвил прекрасен дом за нас. Долго време пред да го создаде првиот човек, Јехова ја подготвил Земјата за да можат луѓето да живеат на неа (Јов 38:4-6; Ерем. 10:12). Бидејќи е добар и дарежлив, тој создал изобилство убави работи за да уживаме во животот (Пс. 104:14, 15, 24). Откако ќе создадел нешто, Бог ќе го погледнел и ќе утврдел дека е „многу добро“ (1. Мој. 1:10, 12, 31; w21.08 3, пас. 5-6).
Сабота, 16 декември
Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување (Гал. 5:22, 23)
Сите ние имаме задача да проповедаме и да правиме ученици (Мат. 28:19, 20; Рим. 10:14). Дали сакаш да ги подобриш своите вештини додека учествуваш во ова важно дело? Проучувај ја брошурата Читање и поучување и поставувај си конкретни цели кои ќе ти помогнат да го применуваш она што го учиш. Кога си поставуваш цели, не заборавај дека најважната цел е да стекнеш убави христијански особини (Кол. 3:12; 2. Пет. 1:5-8). Без сомнение, сите ние би сакале да правиме за Јехова повеќе од она што околностите ни го дозволуваат сега. Во новиот свет ќе можеме да му служиме на нашиот Бог во потполност и без никакви пречки. Дотогаш, ако го даваме нашето најдобро во она што сега можеме да го правиме, ќе ни се зголеми радоста и ќе ни се намалат чувствата на разочараност. Што е уште поважно, ќе му носиме слава и чест на Јехова, нашиот среќен Бог (1. Тим. 1:11). Затоа, да се радуваме на сето она што можеме да го правиме за него уште денес! (w21.08 25, пас. 18-20).
Недела, 17 декември
Оној што му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои (Евр. 11:6)
Ако си пораснал во семејство на Јеховини сведоци, веројатно си бил поучуван за Јехова уште од рана возраст. Си дознал дека тој е Творецот, дека има прекрасни особини и дека има намера да ја претвори Земјата во рај (1. Мој. 1:1; Дела 17:24-27). Меѓутоа, многу луѓе не веруваат дека постои Бог, а уште помалку дека тој создал сѐ. Наместо тоа, тие веруваат дека животот настанал случајно, а потоа поедноставните облици на живот еволуирале во посложени. Некои од лицата што го тврдат ова се видни научници и професори. Тие можеби велат дека науката ја побива Библијата и дека во Творец веруваат само оние луѓе што се необразовани, неинтелигентни или наивни. Сеедно колку долго сме Јеховини сведоци, сите ние треба постојано да ја зајакнуваме нашата вера. На тој начин нема да дозволиме оние што поучуваат работи спротивни на Божјата Реч да нѐ заведат „со мудрување и со празна измама“ (Кол. 2:8; w21.08 14, пас. 1-3).
Понеделник, 18 декември
Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта (Отк. 4:11)
Авел, Ное, Авраам и Јов покажале дека го почитуваат и дека го сакаат Јехова така што му биле послушни, имале вера во него и му принесувале жртви. Тие очигледно го давале своето најдобро за да му оддаваат чест, и затоа нивното обожавање било прифатливо за него. Подоцна, Јехова им го дал на Израелците Мојсеевиот закон. Преку тој закон, Бог им дал упатства за тоа како да го обожаваат на начин што тој го одобрува. По смртта и воскресението на Исус, Јехова повеќе не барал од своите слуги да бидат послушни на Мојсеевиот закон (Рим. 10:4). За христијаните почнал да важи еден нов закон — „законот Христов“ (Гал. 6:2). За да ја покажат својата послушност на овој закон, тие не требало да се држат за еден долг список со правила, туку требало да го следат примерот на Исус и да живеат во склад со неговите учења. И денес, христијаните се трудат да го следат примерот на Исус најдобро што можат со цел да му угодат на Јехова и за да најдат „поткрепа за своите души“ (Мат. 11:29; w22.03 21, пас. 4-5).
Вторник, 19 декември
Исус се повлече на едно осамено место во пустината и се молеше (Лука 5:16)
Јехова ги слуша своите деца кога му се обраќаат. Тој сигурно ги слушал многуте молитви кои му ги упатувал неговиот Син додека бил на Земјата. Бог го слушал Исус кога се молел во врска со некои важни одлуки како, на пример, кога требало да избере 12 апостоли (Лука 6:12, 13). Исто така, ги слушал молитвите кои Исус му ги упатувал додека бил под силен притисок. Кратко пред да биде предаден, Исус сесрдно му се молел на својот Татко во врска со она што требало да му се случи. Јехова не само што ја слушнал молитвата на својот сакан Син туку и испратил ангел за да го зајакне (Лука 22:41-44). Јехова и денес ги слуша молитвите на своите слуги и одговара на нив во вистинско време и на најдобар можен начин (Пс. 116:1, 2). Една сестра од Индија лично го доживеала ова. Таа се борела со силни чувства на загриженост и вознемиреност, и сесрдно го молела Јехова во врска со тоа. Оваа сестра напишала: „Емисијата на JW Broadcasting® за мај 2019, во која се зборуваше за тоа што може да правиме кога ќе нѐ обземат грижи, беше токму она што ми требаше. Тоа беше одговор на моите молитви“ (w21.09 21-22, пас. 6-7).
Среда, 20 декември
Нека бегаат во планините (Лука 21:21)
Можеш ли да си замислиш колку им било тешко на христијаните од првиот век да остават сѐ што имаат и да започнат нов живот на друго место? Им била потребна вера за да се потпираат на Јехова за нивните основни потреби. Но, не биле оставени без помош. Пет години пред Римјаните да го опколат Ерусалим, апостол Павле им дал на Евреите некои корисни совети: „Во вашиот живот нека нема љубов кон парите, туку бидете задоволни со она што го имате. Зашто, тој рекол: ’Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам’. Затоа, исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?’“ (Евр. 13:5, 6). Без сомнение, на оние што ги зеле при срце зборовите на Павле пред да започне опсадата на Римјаните, им било полесно да се навикнат на скромниот начин на живот во новото место. Тие биле уверени дека Јехова ќе се грижи за нивните основни потреби (w22.01 4, пас. 7, 9).
Четврток, 21 декември
[Јеховиното] милосрдие почива над сите негови суштества (Пс. 145:9)
Ако сакаме да опишеме некој што е милосрден, можеби ќе кажеме дека е добар, срдечен, сочувствителен и великодушен. А можеби ќе помислиме и на добриот Самарјанин, за кого зборувал Исус во една споредба. Тој човек од друга нација покажал милосрдие кон еден Евреин кој бил нападнат од крадци. Самарјанинот се сожалил на повредениот Евреин и направил сѐ што може за да му помогне (Лука 10:29-37). Од оваа споредба учиме за една прекрасна особина на нашиот Бог — милоста. Таа е тесно поврзана со неговата љубов, и тој ја покажува кон нас секој ден на разни начини. Има уште еден начин како некој може да покаже милост. Една милосрдна личност може да одлучи да не казни некој што би требало да биде казнет. Во тој поглед, Јехова навистина е милосрден кон нас. Псалмистот напишал дека тој „не постапува со нас според нашите гревови“ (Пс. 103:10). Сепак, понекогаш Јехова може да одлучи строго да укори некој што направил грев (w21.10 8, пас. 1-2).
Петок, 22 декември
Мојата лојална љубов нема да отстапи од тебе (Иса. 54:10, фус.)
Јехова им покажува лојална љубов само на оние што имаат близок однос со него, односно неговите слуги. Ова може да го видиме од она што го кажале цар Давид и пророкот Даниел. На пример, Давид рекол: „Твојата лојална љубов нека биде врз оние што те познаваат“. „Милоста [лојалната љубов] на Јехова е од век до век над оние што се бојат од него“. А Даниел кажал: „О Јехова, Боже вистински, ти... им покажуваш лојална љубов на оние што те сакаат и ги држат твоите заповеди“ (Пс. 36:10, фус.; 103:17; Дан. 9:4, фус.). Од овие зборови гледаме дека Јехова им покажува лојална љубов на своите слуги бидејќи го познаваат, се бојат од него, го сакаат и ги држат неговите заповеди. Тој ја чува својата лојална љубов само за оние што му служат на исправен начин. Кога не му служевме на Јехова, тој ни ја покажувал љубовта што му ја покажува на целото човештво (Пс. 104:14). Меѓутоа, сега, како негови слуги, ние ја чувствуваме и неговата лојална љубов (w21.11 3-4, пас. 8-9).
Сабота, 23 декември
Јехова, својот Бог, обожавај го (Мат. 4:10)
Сеедно под каков притисок ќе се најдеме, решени сме да останеме послушни на зборовите на Исус кои се запишани во денешниот стих. Многу луѓе денес се импресионирани од некои харизматични црковни водачи и уживаат да ги слушаат. Тие толку многу им се восхитуваат што речиси ги идолизираат. Ги посетуваат нивните цркви, ги купуваат нивните книги и донираат огромни суми за нив и за нивните организации. Некои луѓе веруваат на секој нивен збор. Толку им се восхитуваат што тешко е да се замисли дека би биле повоодушевени дури и да им се појави самиот Исус! За разлика од нив, оние што му служат на Јехова на исправен начин немаат свештенство. Иако ги почитуваме оние што предводат, го прифаќаме она што го кажал Исус: „Сите вие сте браќа“ (Мат. 23:8-10). Ние не идолизираме луѓе, сеедно дали станува збор за верски или за политички водачи. Освен тоа, не ги поддржуваме нивните планови и идеи. Напротив, остануваме неутрални и одвоени од светот. Во сите овие работи ние се разликуваме од многуте религии кои тврдат дека се христијански (Јован 18:36; w21.10 20, пас. 6-7).
Недела, 24 декември
Јас сум Јехова, твојот Бог. Немој да имаш други богови освен мене (2. Мој. 20:2, 3)
Доколку сакаме да бидеме свети, нашето пријателство со Бог мора да ни биде поважно од било кого и од било што. А бидејќи го носиме името Јеховини сведоци, решени сме да не направиме ништо со кое би му нанеле срам на Божјето свето име (3. Мој. 19:12; Иса. 57:15). Израелците покажувале дека го прифаќаат Јехова како свој Бог со тоа што ги држеле неговите закони. Во 3. Мојсеева 18:4 пишува: „Постапувајте според моите закони, држете ги моите одредби и живејте по нив. Јас сум Јехова, вашиот Бог“. Во поглавје 19 се запишани некои од одредбите што Израелците требало да ги држат. На пример, во стихови 5-8, 21 и 22 се спомнуваат животински жртви. Тие требало да се пренесуваат на начин со кој не би се обесветило „она што му е свето на Јехова“. Овие стихови треба да ни ја разгорат желбата да го радуваме Јехова и да му принесуваме жртви на фалба кои се прифатливи во негови очи, како што сме поттикнати во Евреите 13:15 (w21.12 5, пас. 14-15).
Понеделник, 25 декември
Радувај се со жената на својата младост (Изр. 5:18)
На младите брачни парови може да им користи искуството на оние кои научиле да се потпираат на Јехова. Некои брачни парови со децении се во полновремена служба. Доколку размислувате за тоа какви цели да си поставите, зошто не ги прашате нив за совет? Тоа е еден начин на кој може да покажете дека имате доверба во Јехова (Изр. 22:17, 19). Имајте на ум дека бракот е дар од Јехова (Мат. 19:5, 6). Тој сака брачните другари да уживаат во овој дар. Млади брачни парови, добро е да размислите во кој правец оди вашиот живот. Дали правите сѐ што можете за да му покажете на Јехова дека сте благодарни за сето она што ви го дава? Зборувајте со него во молитва. Барајте начела во неговата Реч кои се однесуваат на околностите во кои се наоѓате. А потоа следете ги советите што доаѓаат од Бог. Може да бидете уверени дека ќе имате среќен и исполнет живот ако на прво место ја ставите службата за Јехова! (w21.11 19, пас. 16, 18).
Вторник, 26 декември
Сите ние честопати грешиме (Јак. 3:2)
Јаков задржал исправно гледиште за себеси. Тој не сметал дека е поважен од другите христијани поради тоа што му бил брат на Исус или поради тоа што имал важни одговорности. Јаков им се обратил на соверниците со зборовите „браќа мои сакани“ (Јак. 1:16, 19; 2:5). Тој не се обидувал да остави впечаток дека е совршен. Поука за нас: Да имаме на ум дека сите грешиме. Не треба да си мислиме дека ние сме далеку подобри од оние што ги поучуваме. Зошто? Ако на нашиот интересент му оставаме впечаток дека сме совршени, тој можеби ќе заклучи дека никогаш не би можел да живее според Божјите барања. Но, ако искрено му кажеме дека не ни било секогаш лесно да ги применуваме библиските начела и му објасниме како Јехова ни помогнал да ги направиме потребните промени, ќе му помогнеме да се увери дека и тој може да му служи на Јехова (w22.01 11, пас. 13-14).
Среда, 27 декември
Размислувајте така како што размислуваше и Христос Исус (Фил. 2:5)
Колку повеќе размислуваме како Исус толку повеќе ќе постапуваме како него и ќе можеме во поголема мера да ја одразуваме неговата личност (Евр. 1:3). Можеби си мислиме: „Исус е совршен, јас никогаш нема да бидам ист како него!“ Ако ова е случај и со тебе, имај ги на ум следниве работи. Прво, ти си создаден да бидеш како Јехова и Исус. Затоа, можеш да избереш да го следиш нивниот пример, и можеш да успееш во тоа, барем до одредена мера (1. Мој. 1:26). Второ, Божјиот свет дух е најмоќната сила во вселената. Со негова помош, можеш да постигнеш работи кои самиот никогаш не би можел да ги постигнеш. Трето, Јехова не очекува совршено да ги покажуваш плодовите на светиот дух. Всушност, нашиот грижлив Татко ќе им даде илјада години на оние што имаат надеж да живеат на Земјата за да станат совршени (Отк. 20:1-3). Она што Јехова го очекува од нас денес е да се трудиме да го даваме нашето најдобро и да бараме помош од него (w22.03 9, пас. 5-6).
Четврток, 28 декември
Уште не ми дошле зборовите на јазикот, а ти, Јехова, веќе сите ги знаеш (Пс. 139:4)
Молитвата не е единствениот начин што ни помага да си го зајакнеме пријателството со Јехова. Проучувањето на Божјата Реч и присуството на собраниските состаноци исто така ни помагаат да се зближиме со Бог. Што може да ти помогне најдобро да го искористиш времето што го одвојуваш за да ја проучуваш Библијата и да присуствуваш на состаноците? Прашај се: „Што ми го одвлекува вниманието кога сум на состанок или кога проучувам?“ Дали можеби тоа се повици, имејлови или пораки што ги добиваш на твојот телефон или на некој друг електронски уред? Ако забележиш дека мислите ти лутаат додека проучуваш или додека си на состанок, моли го Јехова да ти помогне да се концентрираш. Доколку нешто те загрижува или те вознемирува, можеби нема да ти биде лесно да ги тргнеш тие мисли на страна и да се концентрираш на духовните работи, но многу е важно да го сториш тоа. Моли го Јехова да ти даде мир, кој ќе го чува не само твоето срце туку и твојот ум (Фил. 4:6, 7; w22.01 29-30, пас. 12-14).
Петок, 29 декември
Приклони го увото и чуј ги зборовите на мудрите (Изр. 22:17)
Цар Озија отфрлил совет. Тој влегол во еден дел од Јеховиниот храм во кој смееле да влегуваат само свештениците и се обидел да принесе темјан. Свештениците му рекле: „Озија, не смееш ти да му палиш темјан на Јехова, туку свештениците... треба да палат темјан!“ Како реагирал Озија? Ако понизно го прифател советот и веднаш излезел од храмот, Јехова можеби ќе му простел. Наместо тоа, Озија се разгневил. Зошто го отфрлил советот? Тој очигледно си мислел дека, затоа што е цар, има право да прави што сака. Но, Јехова не мислел така. Поради тој дрзок чин, Јехова го удрил со лепра, и Озија останал „лепрозен до својата смрт“ (2. Лет. 26:16-21). Од неговиот пример учиме дека, сеедно кои сме, ако отфрлиме библиски совет, ќе ја изгубиме Јеховината наклоност (w22.02 9, пас. 7).
Сабота, 30 декември
Според тоа, покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова (Дела 3:19)
Оној што не ја соблекол „старата личност” главно размислува и постапува на телесен начин (Кол. 3:9). Тој можеби е себичен, неблагодарен, горд и лесно се лути и разгневува. Можеби сака да гледа порнографски материјали и неморални или насилни филмови. Се разбира дека тој има некои убави особини и можеби чувствува грижа на совест поради лошите работи што ги кажува или прави. Но, неговата желба да ги смени своето размислување и постапување не е доволно силна (Гал. 5:19-21; 2. Тим. 3:2-5). Бидејќи сме несовршени, никој од нас не може потполно да ги отстрани сите лоши мисли и желби од своето срце и од својот ум. Понекогаш ќе направиме или ќе кажеме нешто за кое подоцна ќе ни биде жал (Ерем. 17:9; Јак. 3:2). Но, со тоа што сме ја соблекле старата личност, повеќе не им робуваме на телесните ставови и навики, и сме станале поинакви личности (Иса. 55:7; w22.03 3, пас. 4-5).
Недела, 31 декември
Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе (Фил. 2:3)
Старешини, трудете се да ги гледате добрите особини на вашите браќа и сестри. Секој е несовршен, но секој има некоја особина на којашто може да се восхитуваме. Точно е дека понекогаш старешините треба да му помогнат на некој брат или сестра да го исправи своето размислување. Но, исто како апостол Павле, старешините треба да дадат сѐ од себе да не се концентрираат на зборовите и постапките со кои некој брат или сестра ги нервира. Наместо тоа, добро би било да се концентрираат на љубовта што тоа лице ја има кон Јехова, на неговата истрајност во службата за Бог и на неговиот потенцијал да прави добро. Старешините кои имаат позитивно гледиште за другите придонесуваат во собранието да владее топла и срдечна атмосфера. Не заборавајте дека Јехова не очекува од вас да бидете совршени, туку да бидете верни (1. Кор. 4:2). Можете да бидете уверени дека Бог го цени сето она што го правите во службата за него. Јехова никогаш нема да го заборави „вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“ (Евр. 6:10; w22.03 31, пас. 19, 21).