ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es23 стр. 108-118
  • Ноември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ноември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2023
  • Поднаслови
  • Среда, 1 ноември
  • Четврток, 2 ноември
  • Петок, 3 ноември
  • Сабота, 4 ноември
  • Недела, 5 ноември
  • Понеделник, 6 ноември
  • Вторник, 7 ноември
  • Среда, 8 ноември
  • Четврток, 9 ноември
  • Петок, 10 ноември
  • Сабота, 11 ноември
  • Недела, 12 ноември
  • Понеделник, 13 ноември
  • Вторник, 14 ноември
  • Среда, 15 ноември
  • Четврток, 16 ноември
  • Петок, 17 ноември
  • Сабота, 18 ноември
  • Недела, 19 ноември
  • Понеделник, 20 ноември
  • Вторник, 21 ноември
  • Среда, 22 ноември
  • Четврток, 23 ноември
  • Петок, 24 ноември
  • Сабота, 25 ноември
  • Недела, 26 ноември
  • Понеделник, 27 ноември
  • Вторник, 28 ноември
  • Среда, 29 ноември
  • Четврток, 30 ноември
Секојдневно истражување на Писмото — 2023
es23 стр. 108-118

Ноември

Среда, 1 ноември

Сите ќе бидат поучени од Јехова (Јован 6:45)

Јехова ни помага на многу начини. На пример, тој може да ти помогне да останеш смирен кога некој станар е груб со тебе. Исто така, може да ти помогне да се сетиш на вистинскиот стих кога зборуваш со некое лице кое покажува интерес. И, ти дава сила да продолжиш да проповедаш кога луѓето на подрачјето не сакаат да те слушаат (Ерем. 20:7-9). Јехова ни ја покажува својата добрина и со тоа што нѐ обучува да бидеме повешти во службата. На состанокот Нашиот живот и служба слушаме добро осмислени предлози за разговор, и поттикнати сме да ги применуваме тие идеи во службата. Можеби на почетокот нема да ни биде лесно да пробаме нешто ново. Но, кога ќе почнеме да ги применуваме предлозите, ќе видиме дека даваат добри резултати. Освен тоа, на состаноците и на конгресите сме поттикнати да учествуваме во некои гранки од службата во кои можеби никогаш претходно не сме учествувале. Можеби и ова нема да ни биде лесно да го правиме, но ако вложуваме труд, Јехова ќе нѐ благослови (w21.08 27, пас. 5-6).

Четврток, 2 ноември

Откупувајте си време, зашто деновите се зли (Еф. 5:16)

Во едно од писмата до Коринќаните, апостол Павле им дал строг совет. Откако го напишал писмото, кај нив го испратил Тит. Павле бил многу среќен кога дознал дека Коринќаните го прифатиле неговиот совет (2. Кор. 7:6, 7). Старешините може да го следат примерот на Павле така што ќе минуваат време со соверниците. Еден начин како може да го прават ова е така што ќе доаѓаат порано на состаноците со цел да водат охрабрувачки разговори со другите. Честопати, потребно е само неколку минути за на некој брат или сестра да му се даде потребното охрабрување (Рим. 1:12). Исто така, еден старешина кој го следи примерот на Павле, ја користи Божјата Реч за да им ја зајакне верата на соверниците и за да ги увери дека Бог ги сака. Освен тоа, бара прилики да ги пофали. А кога треба да даде совет, тоа го прави на темел на Божјата Реч. Тој дава конкретен совет, но го прави тоа на љубезен начин затоа што сака братот или сестрата да го примени советот (Гал. 6:1; w22.03 28-29, пас. 11-12).

Петок, 3 ноември

Тоа богатство го имаме во земјени садови, за да биде очигледно дека нашата сила, која ја надминува нормалната, потекнува од Бог, а не од нас (2. Кор. 4:7)

Денес, Јехова им дава на своите слуги „сила, која ја надминува нормалната“ за да можат да продолжат верно да му служат. Еден начин на кој добиваме сила е преку молитвата. Во Ефешаните 6:18, апостол Павле нѐ поттикнал да му се молиме на Бог „во секоја пригода“. Јехова ќе ни одговори на молитвите така што ќе ни даде сила. Понекогаш се чувствуваме премногу оптоварени од проблемите или не знаеме за што да се молиме. Но, Јехова нѐ повикува да му се молиме дури и кога ни е тешко нашите мисли и чувства да ги изразиме со зборови (Рим. 8:26, 27). Јехова ни дава сила и преку Библијата. Павле црпел сила и утеха од Божјата Реч. А и ние можеме да го правиме истото (Рим. 15:4). Додека ја читаме Библијата и длабоко размислуваме за неа, Јехова може преку својот свет дух да ни помогне подобро да разбереме како нејзините совети можат да се применат во нашата ситуација (Евр. 4:12; w21.05 22, пас. 8-10).

Сабота, 4 ноември

Бог дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)

Ние сфаќаме колку е важно да ги поучуваме луѓето за вистината. Но, можеби се соочуваме со некои предизвици кои ни отежнуваат да правиме онолку колку што би сакале. Можеби нѐ ограничуваат нашите околности. На пример, некои објавители се постари или имаат нарушено здравје. Дали тоа е случај и со тебе? Ако да, не заборавај дека можеме успешно да водиме библиски курсеви со луѓето користејќи ги нашите електронски уреди. Тоа ни дава можност да започнеме и да водиме библиски курс без да мора да излегуваме од дома. Освен тоа, некои интересенти сакаат да проучуваат, но не се слободни во времето што браќата обично го одвојуваат за служба. Меѓутоа, можеби им одговара да проучуваат рано наутро или доцна навечер. Дали би можел да ја проучуваш Библијата со некого во овие периоди од денот? Исус го поучувал Никодим ноќе бидејќи тоа било најповолното време за Никодим (Јован 3:1, 2; w21.07 5, пас. 10-11).

Недела, 5 ноември

Овој народ ми се приближува со устата и ме слави само со усните, а срцето му е далеку од мене (Иса. 29:13)

Учениците на Јован Крстител биле збунети и се прашувале зошто учениците на Исус не постат. Исус им објаснил дека тие немаат причина да постат додека тој сѐ уште е жив (Мат. 9:14-17). И покрај тоа, фарисеите и другите противници на Исус го осудиле затоа што не ги држел нивните традиции. Тие се разгневиле поради тоа што Исус лекувал луѓе на сабат (Мар. 3:1-6; Јован 9:16). Од една страна, гордо тврделе дека го почитуваат сабатот. Но, од друга страна, воопшто не им пречело да тргуваат во храмот. Тие се разбесниле кога Исус ги осудил за тоа (Мат. 21:12, 13, 15). А оние на кои тој им проповедал во синагогата во Назарет многу се налутиле бидејќи користел примери од историјата на Израел за да им покаже дека се себични и дека немаат вера (Лука 4:16, 25-30). Многу луѓе го отфрлиле Исус затоа што не постапувал на начин на кој тие очекувале (Мат. 11:16-19; w21.05 5-6, пас. 13-14).

Понеделник, 6 ноември

Неговите намери не ни се непознати (2.  Кор. 2:11)

Еден начин на кој Јехова нѐ предупредува колку се опасни гордоста и лакомоста е така што ни кажува што им се случило на некои негови слуги. Кога ќе ја спомнеме лакомоста, веројатно веднаш помислуваме на Сатана Ѓаволот. Како еден од Јеховините ангели, Сатана сигурно имал посебни задачи и одговорности. Но, тој сакал уште повеќе. Сакал другите да го обожаваат него — нешто што само Јехова со право го заслужува. Сатана сака да бидеме како него и затоа се обидува да нѐ наведе да не бидеме задоволни со она што го имаме. Тој првпат се обидел да го направи тоа кога зборувал со Ева. Јехова со љубов им обезбедил на Ева и на нејзиниот маж изобилство убава и вкусна храна. Тие можеле да јадат од „секое дрво во градината“ освен од едно (1. Мој. 2:16). Сепак, Сатана ја навел Ева да мисли дека таа треба да јаде токму од дрвото што било забрането. Ева не била задоволна со тоа што го имала, туку сакала уште повеќе. Знаеме што се случило потоа. Ева направила грев и на крајот умрела (1. Мој. 3:6, 19; w21.06 14, пас. 2-3; 17, пас. 9).

Вторник, 7 ноември

Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја (1. Мој. 1:28)

Адам и Ева требало да имаат свои потомци и да се грижат за Земјата. Ако биле послушни на она што Бог го барал од нив, тие и нивните потомци ќе можеле засекогаш да бидат дел од неговото семејство. Адам и Ева имале значајно место во Јеховиното семејство. Во врска со создавањето на човекот, псалмистот Давид рекол: „Си го направил малку помал од ангелите, со слава и со сјај си го овенчал“ (Пс. 8:5, фус.). Се разбира, Јехова не ги создал луѓето со иста моќ, интелигенција и способности како ангелите (Пс. 103:20). Сепак, човекот е само „малку помал“ од тие моќни духовни суштества. За жал, Адам и Ева му биле непослушни на Јехова, и така ја изгубиле честа да бидат дел од неговото семејство. Ова имало катастрофални последици за нивните потомци. Но, Јеховината намера не се сменила. Тој сака луѓето што му се послушни да бидат негови деца засекогаш (w21.08 2-3, пас. 2-4).

Среда, 8 ноември

„Не со воена сила, ниту со моќ, туку со мојот дух“, вели Јехова (Зах. 4:6)

Денес, многу Јеховини слуги се соочуваат со противење. На пример, некои живеат во земји во кои нашето дело е ограничено и може да бидат уапсени и изведени „пред управители и цареви“, и со тоа да се даде сведоштво (Мат. 10:17, 18). Други сведоци се соочуваат со поинакво противење. Тие живеат во земји каде што можат слободно да го обожаваат Јехова, но сепак се соочуваат со противење од членови на семејството кои се решени да ги спречат да му служат на Бог (Мат. 10:32-36). Во многу случаи, членовите на семејството престануваат да им се противат кога ќе сфатат дека нивните обиди да ги спречат да му служат на Јехова се безуспешни. Всушност, некои што силно се противеле подоцна станале ревносни Сведоци. Кога се соочуваш со противење, не се откажувај! Биди храбар! Немаш причина да се плашиш бидејќи со тебе е Јехова, кој ти помага со својот моќен свет дух (w22.03 16, пас. 8).

Четврток, 9 ноември

Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото! (Пс. 97:10)

Од Библијата дознаваме дека Јехова мрази „горделиви очи, лажлив јазик и раце што пролеваат невина крв“ (Изр. 6:16, 17). Исто така, тој „се гади од човек што пролева крв и мами” (Пс. 5:6). Јехова толку многу ги мрази овие ставови и постапки што решил да ги уништи злобните луѓе во времето на Ное бидејќи ја исполниле Земјата со насилство (1. Мој. 6:13). Освен тоа, преку пророкот Малахија, Јехова рекол дека ги мрази оние што подмолно смислуваат план да се разведат од својот невин брачен другар. Бог не ја прифаќа нивната служба, и тие ќе положат сметка пред него за она што го сториле (Мал. 2:13-16; Евр. 13:4). Во Римјаните 12:9, Јехова ни заповедал: „Мразете го злото”. Грчкиот збор кој овде е преведен со „мразете” укажува на силно чувство, односно ја пренесува мислата да мразиме нешто од дното на душата, дури и да се гадиме од тоа. Затоа, треба да ни биде одвратна дури и самата помисла да направиме нешто што Јехова го мрази (w22.03 4-5, пас. 11-12).

Петок, 10 ноември

Среќни се сите што го чекаат него (Иса. 30:18)

Наскоро, под власта на Царството, нашиот небесен Татко ќе ни излее богати благослови. Оние што стрпливо чекаат на Јехова ќе добијат многу благослови — и сега и во новиот свет. Кога ќе дојде новиот свет, Божјите слуги никогаш повеќе нема да се измачуваат со проблемите што постојат денес. Повеќе нема да има неправди, ниту болка (Отк. 21:4). Никој нема да чека да бидат задоволени неговите потреби, бидејќи ќе имаме сѐ во изобилство (Пс. 72:16; Иса. 54:13). Колку прекрасна иднина нѐ очекува! Во меѓувреме, Јехова ни помага да се избориме со лошите навики и да стекнеме убави особини. Со тоа, всушност, уште денес нѐ подготвува за живот под власта на неговото Царство. Затоа, продолжи да му служиш на Јехова и не се обесхрабрувај. Најдоброто допрва доаѓа! А додека да дојде тоа прекрасно време, да продолжиме радосно и стрпливо да чекаме Јехова да го доврши она што го започнал! (w21.08 13, пас. 17-19).

Сабота, 11 ноември

Не заборавајте да правите добро и да делите со другите, зашто со таквите жртви му се угодува на Бог (Евр. 13:16)

Само неколку години откако го добиле писмото на апостол Павле, христијаните кои живееле во Јудеја морале да ги напуштат своите домови, работата и роднините кои не биле христијани и да побегнат во планините (Мат. 24:16). Во тоа време било особено важно да си помагаат еден на друг. Доколку претходно го применувале советот на Павле и меѓусебно си го делеле она што го имале, сигурно ќе им било полесно да се навикнат на новите околности. Нашите браќа и сестри можеби нема секогаш да ни кажат кога имаат некоја потреба. Затоа биди пристаплив. Сигурно познаваш некои браќа и сестри од твоето собрание кои секогаш спремно им помагаат на другите. Тие никогаш не ни оставаат впечаток дека им пречиме. Знаеме дека секогаш може да се потпреме на нив кога нешто ни е потребно, и би сакале и самите да бидеме такви личности (w22.02 23-24, пас. 13-15).

Недела, 12 ноември

Одржете го единството на духот, во мирот кој ве поврзува (Еф. 4:3)

Во изминативе години многу собранија и покраини беа реорганизирани. Ако ние сме замолени да се префрлиме во друго собрание, можеби ќе ни биде тешко да се одвоиме од некои наши пријатели или од фамилијата. Дали Јехова им кажува на старешините каде да го доделат секој објавител? Не. И токму поради тоа може да ни биде предизвик да го следиме водството што го добиваме. Но, Јехова има доверба во старешините кога носат такви одлуки, а треба да имаме доверба и ние. Зошто треба да соработуваме со старешините и да ги поддржуваме нивните одлуки дури и кога повеќе би ни одговарала некоја друга одлука? Бидејќи така придонесуваме да се зачува единството меѓу Божјиот народ. Собранието напредува кога сите понизно ги поддржуваат одлуките што ги донело старешинството (Евр. 13:17). Што е уште поважно, кога соработуваме со оние на кои Јехова им ја доверил грижата за нас, му покажуваме на нашиот Бог дека имаме доверба во него (Дела 20:28; w22.02 4-5, пас. 9-10).

Понеделник, 13 ноември

Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето (1. Тим. 4:13)

Ако си крстен брат, би можел да се трудиш да станеш подобар говорник и подобро да ги поучуваш другите. Зошто? Бидејќи ако подобро читаш, се изразуваш и поучуваш, тоа ќе биде од корист за оние што те слушаат (1. Тим. 4:15). Би можел да си поставиш за цел да ги проучиш сите лекции од брошурата Посвети се на читањето и поучувањето и потоа да ги примениш предлозите во пракса. Избери една лекција, одвој доволно време да го вежбаш она што го пишува во неа и применувај го тоа кога имаш точки на состаноците. Замоли го помошниот советник или некој друг старешина кој е вешт во поучувањето да ти даде некои предлози како да се подобриш (1. Тим. 5:17). Не се концентрирај само на методата на која работиш. Труди се да им помогнеш на твоите слушатели да си ја зајакнат верата и да ги мотивираш да го применат она што го учат. Така ќе ја зголемиш и својата радост и радоста на оние што те слушаат (w21.08 24, пас. 17).

Вторник, 14 ноември

Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе (Фил. 2:3)

Ако ги сметаме другите за поголеми од себе, нема да се натпреваруваме со оние чии таленти или способности можеби се поголеми од нашите. Напротив, ќе ни биде мило за нив, особено ако ги користат своите таленти во службата за Јехова. На тој начин сите ќе придонесуваме да има мир и единство во собранието. Една особина што може да ни помогне да не бидеме завидливи е скромноста, а тоа значи да бидеме свесни за своите ограничувања. Ако сме скромни, нема да се трудиме да докажеме дека сме поталентирани и поспособни од другите. Наместо тоа, ќе се трудиме да учиме од оние што се поспособни од нас. На пример, ако еден брат во собранието држи одлични говори, би можеле да го прашаме како ги подготвува. Ако една сестра добро готви, би можеле да ја прашаме за предлози кои ќе ни помогнат да се подобриме во тој поглед (w21.07 16, пас. 8-9).

Среда, 15 ноември

[Јехова] е верен Бог, без неправда (5. Мој. 32:4)

Во 4. Мојсеева читаме дека Јехова му изрекол смртна казна на еден Израелец затоа што собирал дрва на ден за одмор. А во 2. Самоилова читаме дека, со векови подоцна, Јехова му простил на цар Давид иако извршил прељуба и убиство (4. Мој. 15:32, 35; 2. Сам. 12:9, 13). Можеби се прашуваме: „Зошто Јехова му простил на Давид иако извршил убиство и прељуба, но го осудил на смрт другиот човек за навидум помалку сериозен грев?“ Во Библијата не се секогаш запишани сите детали за некој извештај. На пример, знаеме дека Давид искрено се каел за она што го направил (Пс. 51:2-4). Но, каков човек бил оној што не го држел денот за одмор? Дали му било жал за она што го направил? Дали и порано ги прекршувал Јеховините закони? Дали претходно добивал предупредувања, но не обрнувал внимание на нив, па дури и ги отфрлал? Библијата не ни кажува. Сепак, ние знаеме доволно за нашиот Бог за да бидеме уверени дека тој е „праведен на сите свои патишта“ (Пс. 145:17; w22.02 3, пас. 3-4).

Четврток, 16 ноември

Мудроста е кај скромните (Изр. 11:2)

Оној што е скромен не очекува од себе повеќе од она што може да го прави. Како резултат на тоа, ќе остане радосен и ќе продолжи да го дава своето најдобро. Оној што е скромен може да го споредиме со некој што вози кола по угорнина. Возачот треба да смени во помала брзина за да може да продолжи да вози по угорнината. Веројатно ќе се движи побавно, но сепак ќе продолжи да се движи. На сличен начин, оној што е скромен знае кога треба „да смени во помала брзина“ за да може да продолжи да го дава своето најдобро во службата за Јехова и да им помага на другите (Фил. 4:5). Размисли за примерот на Варзелај, кој имал 80 години кога цар Давид го поканил да живее во царскиот дворец. Бидејќи бил скромен, Варзелај ја одбил понудата на царот. Тој бил свесен за ограничувањата кои му ги наметнувале годините, па затоа предложил наместо него да оди Химам, кој бил помлад (2. Сам. 19:35-37). Слично на Варзелај, на постарите браќа им е мило што можат да им препуштат на помладите некои од задачите во службата за Јехова (w21.09 10, пас. 6-7).

Петок, 17 ноември

Никој не знае кој е Синот, освен Таткото, и никој не знае кој е Таткото, освен Синот и оној кому Синот сака да му го открие (Лука 10:22)

Дали ти е тешко да гледаш на Јехова како на Татко полн со љубов? Тоа е случај со некои од нас. Можеби сме имале тешко детство и не ни е лесно да си замислиме како изгледа еден грижлив родител. Но, тоа што знаеме дека Јехова потполно разбира како се чувствуваме може многу да нѐ утеши. Тој сака да биде близок со нас. Затоа, неговата Реч нѐ поттикнува: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јак. 4:8). Јехова нѐ сака и ни кажува дека за нас ќе биде најдобриот Татко што може да го имаме. Исус може да ни помогне да станеме поблиски со Јехова. Тој го познава Јехова многу добро и совршено ги одразува неговите особини. Затоа рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Исто како еден постар брат, Исус нѐ поучува како да го почитуваме и слушаме нашиот Татко и што треба да правиме за да не го разочараме, туку да биде задоволен од нас. Освен тоа, од неговиот живот на Земјата, особено учиме колку добар и грижлив Татко е Јехова (w21.09 21, пас. 4-5).

Сабота, 18 ноември

Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено (1. Пет. 5:2)

Јеховиниот народ обединето го обожава единствениот вистински Бог. Јехова им доверил на старешините сериозна одговорност да се грижат собранието да биде чисто. Ако некој христијанин направил тежок грев, Јехова очекува од старешините да одлучат дали може да остане во собранието. Меѓу другото, тие треба да откријат дали навистина му е жал за она што го направил. Тој може да тврди дека се кае, но дали навистина го мрази она што го сторил? Дали е решен да не го повтори гревот? Ако една од причините за неговиот грев е лошото друштво, дали е спремен да престане да се дружи со таквите пријатели? Старешините се молат, ги разгледуваат фактите и она што го вели Библијата, и земаат предвид каков став има престапникот кон она што го направил. Потоа одлучуваат дали тој може да остане во собранието. Во некои случаи престапникот мора да биде исклучен (1. Кор. 5:11-13; w22.02 5, пас. 11-12).

Недела, 19 ноември

Облечете ја новата личност (Кол. 3:10)

Сеедно дали сме крстени пред само неколку дена или пред многу години, секој од нас сака да биде личност каква што му се допаѓа на Јехова. За да успееме во тоа, треба да ги контролираме нашите мисли. Зошто? Затоа што нашата личност главно е обликувана од нашите мисли. Ако постојано размислуваме како да ги задоволиме нашите телесни желби, ќе кажуваме и ќе правиме лоши работи (Еф. 4:17-19). Но, ако размислуваме за она што е добро и исправно, поголема е веројатноста дека ќе зборуваме и постапуваме на начин со кој ќе го радуваме нашиот Татко, Јехова (Гал. 5:16). Меѓутоа, не е можно воопшто да не ни се појават погрешни мисли. Сепак, можеме да одлучиме да не постапиме според таквите мисли. Уште пред да се крстиме, треба да престанеме да зборуваме и да постапуваме на начин што Јехова го мрази. Тоа е првиот и најважниот чекор кога ја соблекуваме старата личност. Но, за потполно да му угодиме на Јехова, мора и да ја облечеме новата личност (w22.03 8, пас. 1-2).

Понеделник, 20 ноември

Во секој поглед покажавте дека сте чисти во тоа (2. Кор. 7:11)

Не е лесно за старешините да проценат дали некој што направил сериозен грев искрено се кае. Зошто? Старешините не можат да ги читаат срцата, па затоа мора да се потпрат на видливи докази за да проценат дали братот навистина го сменил својот став кон гревот што го направил. Тие треба да видат докази дека грешникот навистина го променил своето размислување и однесување и дека му е тешко што го повредил Јехова. За да ги направи таквите промени, можеби ќе биде потребно подолго време. За да покаже дека искрено се кае, некој што е исклучен треба редовно да доаѓа на состаноците и да го применува советот на старешините редовно да се моли и да ја проучува Библијата. Исто така, треба совесно да се труди да ги избегнува работите кои би можеле да го наведат повторно да направи грев. Ако дава сѐ од себе да си го поправи пријателството со Јехова, може да биде уверен дека Јехова потполно ќе му прости и дека старешините ќе му помогнат повторно да биде дел од собранието (w21.10 6, пас. 16-18).

Вторник, 21 ноември

Немој да си правиш режан лик, ниту што и да е друго што личи на она што е горе на небото, или долу на земјата. Немој да им се клањаш (2. Мој. 20:4, 5)

Поттикнат од силна љубов кон Јехова, Исус го обожавал само него — и кога бил на небото и кога бил на Земјата (Лука 4:8). Тој ги поучил своите ученици да го прават истото. Ниту Исус ниту неговите верни ученици не го обожавале Јехова користејќи слики или кипови. Бидејќи Бог е духовна личност, луѓето не можат дури ни приближно да направат нешто што би ја одразувало неговата слава! (Иса. 46:5). Но, дали е во ред луѓето да прават слики и кипови на „светци“ и да се молат на нив? Во втората од Десетте заповеди, Јехова ги кажал зборовите од денешниот стих. Овие зборови им се многу јасни на оние што сакаат да го радуваат Бог. Историчарите потврдуваат дека христијаните од првиот век му биле исклучително оддадени само на Бог. Денес, Јеховините сведоци го следат примерот на тие христијани (w21.10 19-20, пас. 5-6).

Среда, 22 ноември

Кој ќе биде на покривот, нека не слегува да земе нешто од куќата (Мат. 24:17)

Исус ги предупредил христијаните од првиот век кои живееле во Јудеја дека ќе дојде време кога Ерусалим ќе биде „опколен од улогорени војски“ (Лука 21:20-24). Кога тоа ќе се случело, тие требало да „бегаат во планините“. Со тоа ќе си го спаселе животот, но ќе изгубеле многу работи. Во врска со ова, во една Стражарска кула пишуваше: „Ги напуштиле нивите и домовите, не собирајќи го дури ни она што го поседувале во своите куќи. Уверени во заштитата и поддршката од Јехова, тие го ставиле неговото обожавање пред сѐ друго што можеби им изгледало важно“. Понатаму го пишуваше и следново: „Можеби пред нас лежат испити што се однесува до тоа како гледаме на материјалните работи; дали тие ни се најважното нешто или ни е поважно спасението кое ќе дојде за сите кои се на Божјата страна? Да, нашето бегање може да вклучува некои тешкотии и загуби. Ќе мораме да бидеме спремни да сториме сѐ што ќе биде потребно“ (w22.01 4, пас. 7-8).

Четврток, 23 ноември

Колку е драгоцена твојата лојална љубов, о Боже! (Пс. 36:7, фус.)

Кратко откако Израелците излегле од Египет, Јехова му открил на Мојсеј нешто во врска со своето име и своите особини. Тој рекол: „Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со лојална љубов и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“ (2. Мој. 34:6, 7, фус.). Опишувајќи ги своите прекрасни особини, Јехова му открил на Мојсеј едно посебно обележје на неговата лојална љубов. За што станува збор? Во описот што го дал за себеси, Јехова не само што открил дека има лојална љубов туку рекол дека е „полн со лојална љубов“. И други библиски стихови ни откриваат дека Јехова изобилува со лојална љубов. Ваквиот опис се однесува само на него, а никогаш на луѓето. Зарем не е впечатливо тоа што Јехова многу пати се опишал себеси на ваков начин во Библијата? (w21.11 2, пас. 3-4).

Петок, 24 ноември

Не бидете загрижени за својот живот (Мат. 6:25)

Брачните парови можат да учат од примерот на апостол Петар и на неговата жена. Петар требало да донесе важна одлука откако поминале околу шест месеци до една година по неговата прва средба со Исус. За да може да си го издржува семејството, тој се занимавал со рибарење. Затоа, кога Исус го повикал да го следи и да го посвети својот живот на проповедањето, Петар требало да ја земе предвид својата семејна ситуација пред да ја донесе одлуката (Лука 5:1-11). Тој решил да му се придружи на Исус во проповедничкото дело. И, очигледно, неговата жена го поддржала. Од Библијата дознаваме дека, по воскресението на Исус, барем некое време таа патувала со Петар (1. Кор. 9:5). Без сомнение, поради нејзиниот добар пример како сопруга, Петар можел со слобода на говорот да им даде совет на сопрузите и сопругите (1. Пет. 3:1-7). Очигледно, и Петар и неговата жена имале доверба во ветувањето дека Јехова ќе се грижи за нивните потреби ако го ставаат Царството на прво место во својот живот (Мат. 6:31-34; w21.11 18, пас. 14).

Сабота, 25 ноември

Угледајте се на мене (1. Кор. 11:1)

Апостол Павле ги сакал своите браќа и затоа давал сѐ од себе за да им помага (Дела 20:31). За возврат, и неговите соверници многу го сакале него. Во една прилика, старешините од Ефес силно заплакале кога дознале дека никогаш повторно нема да го видат (Дела 20:37). И нашите трудољубиви старешини многу ги сакаат браќата и сестрите, и прават сѐ што можат за да им помогнат (Фил. 2:16, 17). Но, понекогаш старешините се соочуваат со некои предизвици. Што може да им помогне да ги надминат? Примерот на Павле може многу да им помогне на нашите трудољубиви старешини. Тој немал натчовечки способности. Павле бил несовршен човек на кој понекогаш не му било лесно да го прави она што е исправно (Рим. 7:18-20). Освен тоа, морал да се бори со неколку проблеми. Но, Павле не се откажал и не ја изгубил својата радост. Кога го следат примерот на Павле, старешините можат да продолжат да му служат на Јехова со радост дури и кога имаат проблеми (w22.03 26, пас. 1-2).

Недела, 26 ноември

Држете ги моите денови за одмор. Јас сум Јехова, вашиот Бог (3. Мој. 19:3)

Во 3. Мојсеева 19:3 се спомнува дека Израелците требало да ги држат деновите за одмор. Бидејќи ние како христијани не сме под Законот, не треба да го држиме седмичниот ден за одмор, познат како сабат. Сепак, може многу да научиме од тоа како Израелците го држеле сабатот и како им користело тоа. Тој ден, Израелците не требало да извршуваат никаква работа, туку требало да го посветат на духовни активности. Токму затоа, на денот за одмор Исус имал обичај да оди во синагогата во неговиот град и да чита од Божјата Реч (2. Мој. 31:12-15; Лука 4:16-18). Божјата заповед: „Држете ги моите денови за одмор“, запишана во 3. Мојсеева 19:3, треба да нѐ поттикне да одвојуваме време од нашите секојдневни активности за да посветиме поголемо внимание на духовните работи. Дали сметаш дека треба да направиш некои промени во овој поглед? Ако редовно одвојуваш време за духовните работи, ќе стекнеш близок однос со Јехова — нешто што е неопходно за да бидеш свет (w21.12 5, пас. 13).

Понеделник, 27 ноември

Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците (Лука 5:32)

Додека бил на Земјата, Исус поминувал време со најразлични луѓе. Тој јадел со богати и влијателни луѓе, но исто така голем дел од своето време бил заедно со сиромашните и угнетените. Освен тоа, Исус покажувал сочувство кон оние кои другите ги сметале за „грешници“. Некои горди и самоправедни поединци се спрепнале поради она што го правел Исус. Тие ги прашале неговите ученици: „Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?“ Исус им одговорил со зборовите од денешниот стих (Лука 5:29-31). Уште долго пред да дојде Месијата, пророкот Исаија претскажал дека тој нема да биде прифатен од светот. Исаија напишал: „Беше презрен и избегнуван од луѓето... Ја свртувавме главата за да не му го гледаме лицето. За нас беше презрен и безвреден“ (Иса. 53:3). Значи, било проречено дека Месијата ќе биде избегнуван „од луѓето“. Затоа, Евреите од првиот век требало да очекуваат Исус да биде отфрлен (w21.05 8-9, пас. 3-4).

Вторник, 28 ноември

Јехова ќе го подигне (Јак. 5:15)

Некои христијани од првиот век не ги применувале веднаш советите од Божјата Реч (Јак. 1:22). Други биле пристрасни кон богатите (Јак. 2:1-3). А на некои, пак, им било тешко да си го контролираат јазикот (Јак. 3:8-10). Иако тие христијани имале сериозни проблеми, Јаков не се откажал од нив. Тој им дал љубезни, но директни совети и ги поттикнал оние што биле во лоша духовна состојба да побараат дополнителна помош од старешините (Јак. 5:13, 14). Поука за нас: Да бидеме реални, но и да задржиме позитивен став кон другите. На многумина со кои ја проучуваме Библијата можеби им е тешко да ги применат нејзините совети (Јак. 4:1-4). Можеби им е потребно повеќе време да ги искоренат лошите навики и да стекнат христијански особини. Треба да имаме храброст за да им кажеме на нашите интересенти во што треба да се подобрат. Освен тоа, треба да задржиме позитивен став кон нив, имајќи доверба дека Јехова ќе ги привлече понизните кон себе и ќе им ја даде потребната сила за да прават промени во животот (Јак. 4:10; w22.01 11, пас. 11-12).

Среда, 29 ноември

Кој си ги затвора ушите кога бедниот се жали и офка, и самиот ќе вика, но нема да биде услишен (Изр. 21:13)

Сите христијани се трудат да бидат милостиви како Јехова. Зошто? Една причина е тоа што Јехова нема да ги слуша оние кои не им покажуваат милост на другите. Никој од нас не би сакал Јехова да одбие да ни ги слуша молитвите, и затоа внимаваме да не станеме крути и немилосрдни. Наместо да ги затвораме ушите кога некој наш соверник страда и вика за помош, мора секогаш да сме спремни да слушаме „кога бедниот се жали и офка“. Ние сериозно го сфаќаме овој библиски совет: „Оној што не е милосрден кон другите, него го чека немилосрден суд“ (Јак. 2:13). Ако сме понизни и задржиме на ум колку нам ни е потребна милост, веројатно ќе бидеме поспремни да им покажуваме милост на другите. Особено сакаме да покажуваме милост кон некој што направил грев, но се покајал и е вратен во собранието. Библиските примери можат да ни помогнат да покажуваме милост и да не бидеме крути и бесчувствителни (w21.10 12, пас. 16-17).

Четврток, 30 ноември

Седнете овде додека јас да појдам онаму и да се помолам (Мат. 26:36)

Последната ноќ од животот на Исус на Земјата, кога неговата служба привршувала, тој побарал тивко место каде што ќе може длабоко да размислува и да се моли. Такво место нашол во градината Гетсиманија. Во таа прилика, Исус им дал на своите ученици важен совет за молитвата. Кога пристигнале во градината Гетсиманија, било многу доцна, можеби по полноќ. Тој им кажал на апостолите да бдеат и отишол да се моли (Мат. 26:37-39). Но, додека се молел, тие заспале. Кога дошол кај нив и видел дека спијат, Исус уште еднаш ги поттикнал да бдеат и да се молат (Мат. 26:40, 41). Тој знаел дека тие биле под голем притисок и дека чувствувале умор. Затоа, сочувствително рекол дека „телото е слабо“. Исус уште два пати отишол да се моли, но и во двете прилики кога се вратил, тие спиеле наместо да се молат (Мат. 26:42-45; w22.01 28, пас. 10-11).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели