Октомври
Недела, 1 октомври
Среќен е оној што, поради мене, нема да се поколеба во верата (Мат. 11:6)
Нашите учења и верувања се темелат на Божјата Реч. И покрај сето ова, многумина денес не ја прифаќаат нашата порака затоа што ние немаме некои посебни обичаи и ритуали. Исто така, она за кое поучуваме не е тоа што тие би сакале да го слушнат. Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? На христијаните кои живееле во Рим, апостол Павле им напишал: „Верата се стекнува од слушање на пораката, а пораката се шири кога се зборува за Христос“ (Рим. 10:17). Значи, нашата вера ја градиме со тоа што ја проучуваме Библијата, а не со тоа што учествуваме во небиблиски верски обичаи и ритуали, без разлика колку убави и интересни ни изгледаат тие. Мора да стекнеме силна вера која се темели на точно познавање на Божјата Реч бидејќи „без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евр. 11:1, 6). Според тоа, не е потребно да видиме некаков спектакуларен знак од небото за да се увериме дека сме ја нашле вистината. Тоа што темелно ќе ги проучуваме библиските учења кои ни ја зајакнуваат верата ќе ни помогне да ги отстраниме сите сомнежи кои можеби ги имаме (w21.05 4-5, пас. 11-12).
Понеделник, 2 октомври
Ова што ми се случува, всушност, помага да се шири добрата вест (Фил. 1:12)
Апостол Павле доживеал многу тешкотии. Особено му била потребна сила кога бил тепан, каменуван и затворан (2. Кор. 11:23-25). Тој отворено признал дека понекогаш се борел и со негативни чувства (Рим. 7:18, 19, 24). Исто така, го измачувал некаков „трн во телото“, односно здравствен проблем за кој очајно го молел Бог да му го отстрани (2. Кор. 12:7, 8). Јехова му давал сила на Павле за да може да ја врши својата служба и покрај сите тешкотии со кои се соочувал. Размисли што сѐ постигнал тој. На пример, додека бил во куќен притвор во Рим, Павле ревносно ја бранел добрата вест пред еврејските верски водачи, а можеби и пред властите (Дела 28:17; Фил. 4:21, 22). Исто така, тој им проповедал на многумина од царската стража и на сите што доаѓале кај него (Дела 28:30, 31; Фил. 1:13). Во истиот тој период, под водство на светиот дух, Павле напишал писма кои им користат на вистинските христијани до ден-денес (w21.05 21, пас. 4-5).
Вторник, 3 октомври
„Не одете преку она што е напишано“, за никој од вас да не се гордее (1. Кор. 4:6)
Озија, царот на Јуда, бил многу способен човек. Тој победил во многу војни, изградил многу градови и имал многу земјоделски поседи. Во Библијата пишува: „Вистинскиот Бог... го благословуваше“ (2. Лет. 26:3-7, 10). Но, со текот на времето цар Озија станал горд. Поради тоа, не го послушал советот на другите и во една ситуација постапил многу дрско. Библијата вели: „Кога стана моќен, срцето толку му се возгордеа што самиот себеси си направи зло“. Јехова претходно заповедал само свештениците да принесуваат темјан во храмот. Но, цар Озија отишол во храмот за да принесе темјан иако немал право на тоа. На Јехова не му се допаднало тоа, и го удрил овој горд човек со лепра (2. Лет. 26:16-21). Дали би можела гордоста и нас да нѐ наведе да паднеме во истата замка во која што паднал Озија? Да, тоа би можело да се случи доколку имаме превисоко мислење за себеси. Да не заборавиме дека сите наши способности и одговорностите што ги имаме во собранието сме ги добиле од Јехова (1. Кор. 4:7). Ако сме горди, Јехова нема да нѐ користи (w21.06 16, пас. 7-8).
Среда, 4 октомври
Не радувајте се на тоа што духовите ви се покоруваат, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата (Лука 10:20)
Исус знаел дека неговите ученици нема секогаш да имаат убави искуства во службата. Всушност, не знаеме колкумина од оние на кои учениците им проповедале подоцна станале христијани. Значи, учениците не требало да се радуваат само затоа што луѓето ги слушале. Пред сѐ, требало да се радуваат затоа што Јехова бил задоволен од нивниот труд. Ако истраеме во нашата служба, ќе добиеме вечен живот. Кога даваме сѐ од себе да ја проповедаме добрата вест и да ги поучуваме луѓето за неа, ние сееме „во духот“. Зошто може да го кажеме ова? Бидејќи со тоа што ја извршуваме службата покажуваме дека сакаме да нѐ води светиот дух. Ако „не се откажеме“ и „не се умориме“, Јехова ни ветува дека ќе добиеме вечен живот — без оглед на тоа дали сме помогнале некому да се крсти или не (Гал. 6:7-9; w21.10 26, пас. 8-9).
Четврток, 5 октомври
Се сожали на нив. И почна да ги поучува за многу работи (Мар. 6:34)
Во една прилика, откако долго проповедале, Исус и неговите ученици биле многу уморни. Тие сакале да се одморат на едно осамено место, но големо мноштво луѓе тргнале по нив. На Исус му паднало жал за луѓето и почнал „да ги поучува за многу работи“. Тој бил свесен како се чувствуваат тие луѓе. Знаел дека им е многу тешко и дека очајно им е потребна надеж, и затоа сакал да им помогне. И луѓето денес се во слична ситуација. Иако можеби навидум изгледаат среќни и задоволни, тие се како беспомошни овци кои немаат пастир да ги води. Апостол Павле рекол дека таквите луѓе не го познаваат Бог и се без надеж (Еф. 2:12). Имајќи на ум во каква духовна состојба се наоѓаат луѓето на нашето подрачје, љубовта и сочувството нѐ поттикнуваат да им помогнеме. А најдобар начин да им помогнеме е така што ќе им понудиме да ја проучуваат Библијата со нас (w21.07 5, пас. 8).
Петок, 6 октомври
Да не бидеме суетни, да не си завидуваме еден на друг (Гал. 5:26)
Оној што е суетен е горд и себичен. Оној што е завидлив не само што го посакува она што го има некој друг туку и сака да му го земе. Кога некој завидува некому, всушност, го мрази. Суетата и зависта може да ги споредиме со нечистотии во горивото на еден авион. Можеби авионот ќе полета, но нечистотиите можат да запушат некое од цревата за гориво, и како последица на тоа авионот може да се сруши. Слично на тоа, можеби некој му служи на Јехова одредено време. Но, ако е суетен и завидлив, ќе доживее пад (Изр. 16:18). Тој ќе престане да му служи на Јехова, и така ќе си нанесе штета и себеси и на другите. Можеме да се бориме со суетата ако го имаме на ум советот на апостол Павле: „Не правете ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе“ (Фил. 2:3; w21.07 15-16, пас. 6-8).
Сабота, 7 октомври
Добрата вест што ја проповедаме не дојде кај вас само со зборови, туку и со моќ и со свет дух и со длабоко уверување (1. Сол. 1:5)
Некои сметаат дека вистинската религија треба да има одговор на секое прашање, дури и на прашања за кои нема директен одговор во Библијата. Но, дали тоа е разумно очекување? Размисли за примерот на апостол Павле. Тој ги поттикнал своите соверници: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа“ (1. Сол. 5:21). Но, исто така, признал дека има многу работи кои не ги разбира. „Нашето знаење е делумно“, напишал тој. А потоа додал: „Гледаме одраз во метално огледало кое не дава јасна слика“ (1. Кор. 13:9, 12, фус.). Павле не ги разбирал сите работи, а не ги разбираме ни ние. Сепак, тој ги сфаќал основните вистини за Јехова и за неговите намери. Павле знаел сосема доволно за да биде уверен дека ја пронашол вистината! Една работа што може да ни помогне да си ја зајакнеме увереноста дека сме ја пронашле вистината е тоа што ќе го споредиме начинот на кој Исус го обожавал Јехова со начинот на кој Јеховините сведоци го прават тоа денес (w21.10 18-19, пас. 2-4).
Недела, 8 октомври
Кога ќе наполни педесет години, нека истапи (4. Мој. 8:25)
Вие, постари, можете многу да правите за другите сеедно дали сте во полновремена служба или не. Што ќе ви помогне во тоа? Приспособете се на променетите околности, поставете си нови цели и концентрирајте се на она што можете да го правите, наместо на она што не можете. Цар Давид имал силна желба да му изгради дом на Јехова. Но, кога Јехова му кажал дека таа задача ќе му биде доверена на младиот Соломон, Давид ја прифатил Јеховината одлука и со сето срце го поддржал овој проект (1. Лет. 17:4; 22:5). Тој не сметал дека е посоодветен за таа задача затоа што Соломон бил „млад и неискусен“ (1. Лет. 29:1). Давид знаел дека успехот на градежниот проект зависи од Јеховиниот благослов, а не од возраста или искуството на оние што предводат. Слично на него, и постарите денес продолжуваат да прават сѐ што можат во службата за Јехова дури и кога нивните задачи се менуваат. Исто така, знаат дека Јехова ќе ги благослови помладите кои ги извршуваат задачите што тие порано ги извршувале (w21.09 9, пас. 4; 10, пас. 5, 8).
Понеделник, 9 октомври
Кротките ќе ги упати за да живеат по неговиот закон, ќе ги учи кротките за својот пат (Пс. 25:9)
Кога си поставуваме духовни цели, водиме исполнет и смисловен живот. Но, важно е да си поставуваме цели во склад со нашите способности и околности. Во спротивно, би можеле да се разочараме и обесхрабриме (Лука 14:28). Како слуги на Јехова, ние сме скапоцени членови на неговото семејство и се разликуваме едни од други. Јехова не те привлекол кон себе затоа што си подобар од другите луѓе. Тој те привлекол затоа што видел дека имаш меко срце кое може да го поучува и обликува. Биди уверен дека тој се радува кога му служиш најдобро што можеш. Твојата истрајност и верност покажуваат дека имаш „чисто и добро срце“ (Лука 8:15). Затоа, продолжи да му го даваш на Јехова твоето најдобро. Така ќе имаш „причина за задоволство во самиот себе“ (Гал. 6:4; w21.07 24, пас. 15; 25, пас. 20).
Вторник, 10 октомври
Оној што вратил грешник од неговиот крив пат, ќе ја спаси неговата душа (Јак. 5:20)
Можеби ќе треба да бидеме стрпливи додека чекаме да се задоволи правдата. На пример, кога ќе дознаат дека некој направил сериозен грев, старешините го молат Јехова да им ја даде „мудроста одозгора“ за да можат да гледаат на ситуацијата онака како што гледа Тој (Јак. 3:17). Нивна цел е, доколку е можно, да му помогнат на оној што згрешил да се врати „од неговиот крив пат“ (Јак. 5:19, 20). Исто така, тие сакаат да направат сѐ што е во нивна моќ за да го заштитат собранието и да им пружат утеха на оние што се повредени (2. Кор. 1:3, 4). Кога станува збор за сериозен грев, старешините мора најпрво да ги дознаат сите факти, а за тоа можеби ќе биде потребно време. Потоа тие се молат и му даваат на тоа лице промислен совет на темел на Библијата и соодветна дисциплинска мерка (Ерем. 30:11). Старешините нема да донесат избрзана одлука. Кога тие постапуваат онака како што сака Јехова, тоа е за доброто на целото собрание (w21.08 11, пас. 12-13).
Среда, 11 октомври
Каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас. Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог (Рут 1:16)
Бидејќи во Израел завладеал глад, Ноемина, нејзиниот маж и нивните двајца синови отишле да живеат во Моав. Таму умрел мажот на Ноемина. По некое време, нејзините двајца синови се ожениле, но, за жал, умреле и тие (Рут 1:3-5). Поради трагедиите што ја снашле, Ноемина сѐ подлабоко тонела во очај. Била толку потиштена што мислела дека Јехова се свртел против неа. Забележи како таа ги изразила своите чувства: „Раката Јеховина се подигна на мене“. „Семоќниот ме исполни со голема горчина.“ Исто така, рекла: „Јехова ме понижи... Семоќниот ми нанесе неволја“ (Рут 1:13, 20, 21). Јехова знае дека „угнетувањето може да го наведе мудриот да постапува лудо“ (Проп. 7:7). Тој ја поттикнал Рут да ѝ покажува лојална љубов на својата свекрва. Рут спремно го правела тоа, и така ѝ помогнала да не биде толку обесхрабрена и да се увери дека Јехова сѐ уште ја сака (w21.11 9, пас. 9; 10, пас. 10, 13).
Четврток, 12 октомври
Нека бара од Бог (Јак. 1:5)
Дали тоа што се концентрираме на задачите што моментално ги извршуваме значи дека не треба да бараме начини да си ја зголемиме службата за Јехова? Воопшто не! Ние треба да си поставуваме духовни цели кои ќе ни овозможат подобро да си ја извршуваме службата и повеќе да им помагаме на нашите браќа и сестри. Ќе успееме да ги постигнеме тие цели ако не се концентрираме на себеси, туку мудро и скромно се трудиме да им служиме на другите (Изр. 11:2; Дела 20:35). Моли го Јехова да ти помогне да увидиш кои цели реално би можел да ги оствариш (Изр. 16:3). Дали би можел да си поставиш за цел да бидеш помошен или општ пионер, да служиш во Бетел или да учествуваш во изградба на теократски објекти? Дали би можел да научиш нов јазик, па дури и да се преселиш на друго место со цел да ја проповедаш добрата вест? (w21.08 23, пас. 14-15).
Петок, 13 октомври
[Јеховината] лојална љубов трае довека (Пс. 136:1, фус.)
Лојалната љубов му е многу важна на Јехова (Оси. 6:6). Преку пророкот Михеј, тој нѐ поттикнува да ја сакаме лојалната љубов (Мих. 6:8, фус.). Но, за да може да го правиме тоа, најпрво треба да дознаеме што е лојална љубов. Што е лојална љубов? Тоа е особина која ја покажуваме кога некого толку многу го сакаме што сме му силно приврзани, верно остануваме покрај него и никогаш не престануваме да му покажуваме љубов. Јехова ја покажува оваа особина на најдобар начин. Затоа цар Давид бил поттикнат да каже: „Јехова, твојата лојална љубов е до небесата... Колку е драгоцена твојата лојална љубов, о Боже!“ (Пс. 36:5, 7, фус.). Дали и ние како Давид длабоко ја цениме Божјата лојална љубов? (w21.11 2, пас. 1-2, 4).
Сабота, 14 октомври
Значи, молете се вака: „Татко наш, кој си на небесата“ (Мат. 6:9)
Во Јеховиното семејство од верни слуги спаѓаат Исус, кој е „првороден од сѐ што е создадено“, и голем број ангели (Кол. 1:15; Пс. 103:20). Кога бил на Земјата, Исус им помогнал на луѓето да сфатат дека можат да го сметаат Јехова за свој Татко. Во една прилика, додека зборувал со своите ученици, Исус го нарекол Јехова „мојот Татко и вашиот Татко“ (Јован 20:17). Кога му го заветуваме нашиот живот на Јехова и се крштаваме, ние стануваме дел од едно семејство составено од браќа и сестри меѓу кои владее љубов (Мар. 10:29, 30). Јехова е Татко полн со љубов. Исус сака да гледаме на Јехова онака како што гледа тој — како на добар и грижлив родител со кого можеме да зборуваме во секое време, а не како на некоја строга личност која само ни кажува што треба да правиме. Молитвата што ја дал како пример тој ја започнал со зборовите: „Татко наш“. Исус можел да каже да му се обраќаме на Јехова со зборовите „Семоќен“, „Творец“ или „Цар на вечноста“. Се разбира, ова не би било погрешно бидејќи од Библијата гледаме дека тие титули му припаѓаат на Јехова (1. Мој. 49:25; Иса. 40:28; 1. Тим. 1:17). Сепак, Исус го употребил изразот „Татко“, кој одразува блискост и топлина (w21.09 20, пас. 1, 3).
Недела, 15 октомври
Манасија созна дека Јехова е вистинскиот Бог (2. Лет. 33:13)
Цар Манасија тврдоглаво одбивал да ги слуша предупредувањата што Јехова му ги давал преку своите пророци. На крајот, Јехова ги довел против Јуда воените заповедници на асирскиот цар, и тие го фатиле Манасија, го оковале во двојни бакарни окови и го одвеле во Вавилон. Додека бил затворен таму, Манасија очигледно сериозно размислувал за сето она што го направил. Тој многу се понизил „пред Богот на своите прататковци“. Но, не останал само на тоа. Тој се трудел „да го смилостиви лицето на Јехова, својот Бог“. Всушност, извештајот вели дека Манасија му се молел на Јехова, што покажува дека го правел тоа повеќе пати (2. Лет. 33:10-12). По некое време, Јехова ги услишил молитвите на Манасија. Тој ги забележал промените во неговото срце, кои можеле да се видат и од неговите молитви. Кога видел дека Манасија сесрдно се моли, Јехова му простил и му дозволил повторно да стане цар. Манасија дал сѐ од себе за да покаже дека вистински се кае (w21.10 4, пас. 10-11).
Понеделник, 16 октомври
Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто имаат добра плата за својот труд (Проп. 4:9)
Акила и Прискила требало да си заминат од местото што го познавале, да најдат нов дом и да започнат да работат на ново место. Во Коринт, нивното ново место на живеење, Акила и Прискила се вклучиле во активностите на собранието и соработувале со апостол Павле за да ги зајакнуваат тамошните браќа. Подоцна, тие се преселиле и во други градови каде што имало поголема потреба од проповедници (Дела 18:18-21; Рим. 16:3-5). Тие навистина имале среќен и исполнет живот! Денешните брачни парови можат да го следат примерот на Прискила и Акила така што ќе го ставаат Царството на прво место. Всушност, најдоброто време да зборуваат за своите духовни цели е уште пред да стапат во брак. Ако си поставуваат цели во врска со службата за Јехова и вложуваат заеднички напори за да ги остварат, ќе имаат многу можности да видат како Јехова им помага во животот (Проп. 4:12; w21.11 17, пас. 11-12).
Вторник, 17 октомври
Секој од вас треба да ги почитува својата мајка и својот татко. Јас сум Јехова, вашиот Бог (3. Мој. 19:3, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)
Многу е важно да бидеме послушни на Божјата заповед да ги почитуваме нашите родители. Да имаме на ум дека заповедта од 3. Мојсеева 19:3 — да ги почитуваме родителите — доаѓа веднаш по изјавата: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог“ (3. Мој. 19:2). Во склад со Јеховината заповед да ги почитуваме родителите, би можеле да се прашаме: „Како стојам јас во овој поглед?“ Ако сметаш дека не си направил доволно во минатото, би можел да направиш некои подобрувања сега. Не можеш да го смениш минатото, но отсега натаму можеш да се трудиш да поминуваш повеќе време со твоите родители и повеќе да им помагаш. За да успееш во тоа, можеби ќе треба да направиш некои промени. Освен тоа, размисли дали би можел да им пружиш поголема поддршка во материјален, духовен или емоционален поглед. Ако го правиш тоа, тогаш си послушен на заповедта од 3. Мојсеева 19:3 (w21.12 4-5, пас. 10-12).
Среда, 18 октомври
Не судете (Мат. 7:1)
Цар Давид направил сериозни грешки. На пример, тој извршил прељуба со Витсавеа, па дури и го убил нејзиниот сопруг (2. Сам. 11:2-4, 14, 15, 24). Поради тоа, не само што страдал Давид туку страдало и целото негово семејство, вклучувајќи ги и другите негови жени (2. Сам. 12:10, 11). Во друга прилика, тој не покажал потполна доверба во Јехова, и направил нешто што Јехова не му го заповедал — наредил да се избројат мажите во израелската војска. Кој бил исходот од неговата постапка? Дури 70.000 Израелци умреле од помор! (2. Сам. 24:1-4, 10-15). Дали сметаш дека Давид не ја заслужувал Јеховината милост? Јехова не мислел така. Тој се концентрирал на тоа колку верен му бил Давид во текот на целиот свој живот и на тоа дека искрено се покајал. Затоа, му ги простил тешките гревови што ги направил. Тој знаел дека Давид многу го сака и дека сака да го прави она што е исправно. Зарем не си благодарен што Бог се концентрира на доброто во нас? (1. Цар. 9:4; 1. Лет. 29:10, 17; w21.12 19, пас. 11-13).
Четврток, 19 октомври
Веднаш прогледа и тргна по него, славејќи го Бог (Лука 18:43)
Исус покажувал сочувство кон оние што имале телесни ограничувања. Сети се што им рекол на двајца ученици да му пренесат на Јован Крстител: „На слепите им се враќа видот, сакатите одат, лепрозните се исчистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат“. Откако ги виделе чудата на Исус, луѓето почнале да го слават Бог (Лука 7:20-22). Како христијани, сакаме да го следиме примерот на Исус и да покажуваме сочувство кон оние што имаат некаков хендикеп. Затоа сме љубезни, обѕирни и стрпливи со тие лица. Се разбира, Јехова не ни дал моќ да правиме чуда. Сепак, и на оние што се дословно слепи и на оние што се духовно слепи имаме чест да им ја пренесуваме добрата вест за рајот во кој сите ќе имаат совршено здравје и добар однос со Бог (Лука 4:18). Благодарение на оваа добра вест, многумина веќе го слават Бог (w21.12 9, пас. 5).
Петок, 20 октомври
Чувте за истрајноста на Јов и видовте до каков исход Јехова го доведе неговото искушение (Јак. 5:11)
Јаков ја темелел својата поука на Божјата Реч. Така им помогнал на своите слушатели да сфатат дека Јехова секогаш ги наградува оние што му се верни, исто како што бил Јов. Јаков ја истакнал таа поука со едноставни зборови и на логичен начин. Така го насочил вниманието кон Јехова, а не кон себеси. Поука за нас: Треба да поучуваме на едноставен начин и на темел на Божјата Реч. Целта не треба да ни биде да им покажеме на другите колку ние знаеме, туку колку многу Јехова знае и се грижи за нив (Рим. 11:33). Тоа може да го постигнеме ако секогаш поучуваме на темел на Божјата Реч. На пример, наместо да им кажуваме на нашите интересенти што би направиле ние да сме на нивно место, треба да им помогнеме да размислуваат за соодветни библиски примери и да сфатат каков став и какви чувства има Јехова за некоја работа. Така ќе го применат она што го учат од желба да му угодат на Јехова, а не нам (w22.01 10-11, пас. 9-10).
Сабота, 21 октомври
Сакај го својот ближен како самиот себе (3. Мој. 19:18)
Бог очекува од нас многу повеќе отколку само да не им нанесуваме штета на другите. Ако сакаме да му угодиме, неопходно е да го сакаме својот ближен како самите себе. Да видиме како Исус покажал дека заповедта од 3. Мојсеева 19:18 е многу важна. Кога еден фарисеј го прашал: „Која е најголемата заповед во Законот?“, тој му одговорил дека „најголемата и прва заповед“ е да го сакаме Јехова „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“. Потоа Исус цитирал од 3. Мојсеева 19:18, велејќи: „Втората, слична на неа, е оваа: ’Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:35-40). Има многу начини како да им покажеме љубов на другите. Еден начин на кој може да покажеме дека ги сакаме другите е така што ќе го применуваме советот од 3. Мојсеева 19:18. Таму пишува: „Не одмаздувај се и не држи лутина“ (w21.12 10-11, пас. 11-13).
Недела, 22 октомври
Кога го виде бурниот ветар, се исплаши и почна да тоне, па извика: „Господару, спаси ме!“ (Мат. 14:30)
Исус ја испружил раката и го спасил апостол Петар. Очигледно е дека Петар можел да оди по разбрануваните води сѐ додека го држел погледот вперен кон Исус. Но, кога го свртел погледот кон бурата, се исплашил и почнал да тоне (Мат. 14:24-31). Може да извлечеме поука од примерот на Петар. Кога излегол од чамецот и почнал да оди по водата, тој не очекувал дека вниманието ќе му биде одвлечено и дека ќе почне да тоне. Петар сакал да стигне до својот Господар одејќи по водата. Но, наместо да продолжи да гледа во Исус, тој се загрижил поради бурата. Се разбира, ние не можеме да одиме по вода, но се соочуваме со испити на верата. Ако погледот не ни е вперен во Јехова и во неговите ветувања, ќе почнеме да тонеме во духовен поглед. Затоа, сеедно какви симболични бури ќе се појават во нашиот живот, погледот мора и понатаму да ни остане насочен кон Јехова и да имаме доверба дека тој може да ни помогне (w21.12 17-18, пас. 6-7).
Понеделник, 23 октомври
Поради изобилството на твојата голема милост, ќе дојдам во твојот дом (Пс. 5:7)
Молитвата, проучувањето и длабокото размислување се дел од нашето обожавање. Кога се молиме, ние разговараме со нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака. Кога ја проучуваме Библијата, ние стекнуваме знаење за Бог, кој е изворот на сета мудрост (Изр. 2:1-5). А кога длабоко размислуваме, умот го насочуваме на Јеховините убави особини, како и на прекрасните работи што во иднина тој ќе ги направи за нас лично и за целото човештво. Зарем има подобар начин да го користиме нашето време? Но, како да извлечеме најголема корист од времето што го одвојуваме за овие духовни активности? Ако е можно, избери тивко место. Размисли за примерот на Исус. Пред да започне со својата служба на Земјата, тој поминал 40 дена во пустината (Лука 4:1, 2). На тоа мирно место, Исус можел да се моли и да размислува за Јеховината волја во врска со него. Тоа му помогнало да се подготви за искушенијата кои наскоро го очекувале (w22.01 27-28, пас. 7-8).
Вторник, 24 октомври
Успехот лежи во мноштвото советници (Изр. 15:22)
Некој старешина или друг зрел брат можеби ќе ни укаже на нешто на кое треба да работиме. Ако некој од љубов ни пристапи за да ни даде совет што се темели на Библијата, треба да го примениме она што ни го кажал. Може да ни биде особено тешко да прифатиме директен совет. Би можеле дури и да се навредиме. Зошто? Иако си признаваме дека сме несовршени, може да ни биде тешко да прифатиме совет кога некој ќе ни укаже на некоја наша негативна особина (Проп. 7:9). Можеби ќе почнеме да се оправдуваме. Можеби ќе ги доведеме во прашање неговите мотиви или ќе се навредиме поради начинот на кој ни го дал советот. Дури би можеле да почнеме да му наоѓаме маани на тоа лице, размислувајќи: „Со кое право ми дава совет? Тој не е ништо подобар од мене!“ И на крај, ако советот што ни го дал не ни се допаѓа, може да се случи да го игнорираме или, пак, да одиме кај некој друг што ќе ни каже нешто што повеќе ќе ни одговара (w22.02 8-9, пас. 2-4).
Среда, 25 октомври
Зачувајте ги мирот и довербата, тоа ќе биде вашата сила! (Иса. 30:15)
Можно ли е во Божјиот нов свет да се соочиме со некои предизвици кои ќе ја стават на испит нашата доверба во начинот на кој Јехова ги води работите? Размисли што се случило со Израелците кратко откако биле ослободени од ропството во Египет. Некои почнале да се жалат затоа што им недостасувала свежата храна што ја јаделе таму, и покажале презир кон маната што Јехова им ја давал (4. Мој. 11:4-6; 21:5). Можно ли е и нам да ни се случи нешто слично откако ќе заврши големата неволја? Не знаеме колку работа ќе нѐ чека за да се расчистат остатоците од уништувањето и за постепено да се претвори Земјата во рај. Веројатно ќе има многу работа, и животот на почетокот можеби нема да биде лесен. Дали ќе се жалиме за она што Јехова ќе ни го дава тогаш? Едно е сигурно: Колку повеќе го цениме она што Јехова ни го дава сега, толку поверојатно е дека ќе го цениме и она што ќе ни го дава тогаш (w22.02 7, пас. 18-19).
Четврток, 26 октомври
Ќе фатат за скут еден Евреин, велејќи: „Ќе одиме со вас“ (Зах. 8:23)
Во пророштвото од Захарија 8:23, изразите „Евреин“ и „вас“ се однесуваат на една иста група луѓе — помазаните христијани кои сѐ уште се живи на Земјата (Рим. 2:28, 29). Изразот „десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите“ се однесува на другите овци. Тие ги „фаќаат за скут“ помазаниците во таа смисла што верно ги поддржуваат и заедно со нив му служат на Јехова на исправен начин. На сличен начин, во склад со пророштвото од Езекиел 37:15-19, 24, 25, Јехова се погрижил помазаниците и другите овци многу тесно да соработуваат. Во пророштвото се спомнати две прачки. Оние што имаат небесна надеж се како прачката „за Јуда“ (племето од кое се избирале царевите на Израел), а оние што имаат земна надеж се како прачката „на Ефрем“. Јехова ги обединил овие две групи, и тие станале „една прачка“. Ова значи дека тие служат обединето под водството на нивниот Цар, Христос Исус (Јован 10:16; w22.01 22, пас. 9-10).
Петок, 27 октомври
Внимавајте да не правите праведни дела пред луѓето за да ве видат (Мат. 6:1)
Исус зборувал за оние кои им давале милостина на сиромашните со цел другите да ги видат. Иако тие дела биле добри, сепак во очите на Јехова имале многу мала вредност (Мат. 6:2-4). За да бидеме добри во вистинска смисла на зборот, треба да правиме добри дела од несебични мотиви. Затоа, треба да се прашаме: „Освен што знам што е добро и исправно, дали и го правам тоа? Од кој мотив правам добри дела?“ Светиот дух, силата со која Бог дејствува, нѐ поттикнува и нас да дејствуваме (1. Мој. 1:2). Значи, секој плод на светиот дух може и треба да нѐ поттикне на дела. На пример, ученикот Јаков напишал: „Верата без дела е мртва“ (Јак. 2:26). Истото може да се каже и за другите плодови на светиот дух. Секојпат кога ги покажуваме плодовите на духот, докажуваме дека тој дејствува во нас и дека ни помага (w22.03 11, пас. 14-16).
Сабота, 28 октомври
Како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите (1. Пет. 1:15)
Можеби сме зафатени со различни духовни активности и им правиме добро на другите. Но, апостол Петар истакнал дека треба да правиме уште нешто што е многу важно. Пред да нѐ поттикне да бидеме свети во сѐ што правиме, тој рекол: „Подгответе го умот за напорна работа“ (1. Пет. 1:13). На каква работа мислел? Петар рекол дека Христовите помазани браќа ќе ги објавуваат „доблестите на оној што [ги] повикал“ (1. Пет. 2:9). Всушност, сите христијани денес имаат чест да учествуваат во ова многу важно дело од кое луѓето можат да извлечат најголема корист. Како Божји свет народ, колку голема чест имаме редовно и ревносно да учествуваме во делото на проповедање и поучување! (Мар. 13:10). Кога даваме сѐ од себе во ова дело, покажуваме дека ги сакаме Бог и ближните и дека сакаме да бидеме свети во сѐ што правиме (w21.12 13, пас. 18).
Недела, 29 октомври
Кому вие спремно ќе му простите, нему му простувам и јас (2. Кор. 2:10)
Апостол Павле секогаш гледал позитивно на браќата и сестрите. Тој знаел дека, ако некој направи некаква грешка, тоа не значи дека е лош човек. Павле ги сакал соверниците и се концентрирал на нивните добри особини. Ако на некој брат или сестра не му било лесно да го прави она што е исправно, Павле свесно избирал да мисли дека има добри мотиви и дека едноставно му е потребна помош. Да разгледаме како тој им помогнал на две сестри во собранието во Филипи (Фил. 4:1-3). Еводија и Синтихија можеби имале некакво несогласување меѓу себе и повеќе не биле пријателки. Павле не бил груб со нив и не ги критикувал, туку се концентрирал на нивните добри особини. Тие биле верни сестри кои долго време му служеле на Јехова. Павле знаел дека Јехова ги сака. Тој имал позитивно гледиште за нив и затоа ги поттикнал да го решат меѓусебното несогласување. Бидејќи се концентрирал на добрите особини кај другите, Павле можел да ја зачува радоста и да остане во добри пријателски односи со браќата и сестрите во тоа собрание (w22.03 30, пас. 16-18).
Понеделник, 30 октомври
Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух (Пс. 34:18)
Мирот што го дава Јехова го смирува нашето срце и ни помага појасно да ги гледаме работите. Тоа го почувствувала една сестра по име Луз. Таа вели: „Се борам со чувства на осаменост, поради кои понекогаш мислам дека Јехова не ме сака. Во тие моменти, веднаш му кажувам на Јехова како се чувствувам. Молитвата ми помага да се изборам со таквите чувства“. Како што покажува искуството на оваа сестра, молитвата може да ни помогне да си го вратиме мирот (Фил. 4:6, 7). Имаме доверба дека Јехова и Исус ќе ни помагаат доколку ни почине некој близок. Сакаме да покажуваме сочувство кон другите додека им проповедаме и ги поучуваме бидејќи Јехова Бог и Исус Христос ја покажуваат оваа извонредна особина. А голема утеха ни носи тоа што знаеме дека Јехова и неговиот мил Син сочувствуваат со нас во нашите слабости и сакаат да ни помогнат да истраеме. Едвај чекаме да дојде денот кога Јехова „ќе ја избрише секоја солза“ од нашите очи! (Отк. 21:4; w22.01 15, пас. 7; 19, пас. 19-20).
Вторник, 31 октомври
Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него (Мат. 7:13)
Исус спомнал два различни пата — едниот „широк“, а другиот „тесен“ (Мат. 7:14). Не постои трет пат. Мора сами да избереме по кој пат ќе одиме. Ова е најважната одлука што треба да ја донесеме бидејќи од тоа зависи дали ќе имаме вечен живот. Многу луѓе се наоѓаат на широкиот пат бидејќи е полесно да се оди по него. За жал, многумина одлучуваат да останат на тој пат и да го следат мноштвото. Тие не сфаќаат дека токму Сатана Ѓаволот ги наведува луѓето да одат по тој пат, водејќи ги во пропаст (1. Кор. 6:9, 10; 1. Јов. 5:19). За разлика од едниот пат кој е широк, другиот пат е тесен, и Исус рекол дека само малкумина го наоѓаат. Зошто? Забележи дека во следниот стих, Исус ги предупредил своите следбеници да се пазат од лажните пророци (Мат. 7:15; w21.12 22-23, пас. 3-5).