Септември
Петок, 1 септември
Побараа од него да им покаже знак од небото (Мат. 16:1)
На некои луѓе од времето на Исус не им било доволно тоа што тој поучувал на извонреден начин. Тие сакале нешто повеќе. Но, кога Исус одбил да им го покаже знакот што го барале, тие го отфрлиле (Мат. 16:4). Што вели Библијата? Во врска со Месијата, пророкот Исаија напишал: „Нема ниту да вика ниту да го подига својот глас, неговиот глас нема да се слуша по улиците“ (Иса. 42:1, 2). Исус ја извршувал својата служба без да привлекува внимание кон себеси. Тој не градел величествени храмови, не носел впечатлива верска облека и не барал од другите да му се обраќаат со некои посебни верски титули. Во текот на своето судење, Исус одбил да направи чудо за да го воодушеви цар Ирод, иако животот му бил во опасност (Лука 23:8-11). Знаеме дека Исус направил некои чуда, но најважно му било да ја проповеда добрата вест. Тој им рекол на своите ученици: „За тоа и дојдов“ (Мар. 1:38; w21.05 4, пас. 9-10).
Сабота, 2 септември
А за да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос (Јован 17:3)
Ние ги бараме оние што исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). За да станат Христови ученици, треба да им помогнеме на таквите лица 1) да го разберат, 2) да го прифатат и 3) да го применат она што го учат од Библијата (Кол. 2:6, 7; 1. Сол. 2:13). Сите во собранието можат да им помагаат на интересентите духовно да напредуваат, така што ќе им покажуваат љубов и ќе бидат срдечни кон нив кога ќе дојдат на состанок (Јован 13:35). Освен тоа, оној што го води библискиот курс можеби ќе треба да вложи многу време и труд за да му помогне на интересентот да го урне „она што е цврсто утврдено“, односно погрешните верувања и лошите навики (2. Кор. 10:4, 5). Можеби ќе бидат потребни повеќе месеци за да му помогнеме на некој да ги направи овие промени во својот живот и еден ден да се крсти. Но, трудот што ќе го вложиме сигурно вреди (w21.07 3, пас. 6).
Недела, 3 септември
Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро (1. Сол. 5:21)
Дали сме цврсто уверени дека ние како Јеховини сведоци поучуваме за вистината и дека начинот на кој го обожаваме Јехова е единствениот што тој го одобрува? Апостол Павле бил длабоко уверен во вистината (1. Сол. 1:5). Таа увереност не се темелела на емоции. Напротив, тој темелно ја проучувал Божјата Реч и верувал дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тим. 3:16). Што открил додека проучувал? Во светите списи тој нашол непобитни докази дека Исус бил ветениот Месија — докази кои еврејските верски водачи намерно ги отфрлиле. Овие лицемерни верски водачи тврделе дека го застапуваат Бог, но правеле работи што тој ги мрази (Тит 1:16). За разлика од нив, Павле не избирал во кои делови од Божјата Реч ќе верува, а во кои не. Тој поучувал и живеел според Божјата волја „во потполност“ (Дела 20:27; w21.10 18, пас. 1-2).
Понеделник, 4 септември
Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати (Јован 6:44)
Иако ние проповедаме и поучуваме, не смееме да заборавиме дека Бог е оној што ги привлекува луѓето кон себе (1. Кор. 3:6, 7). За Јехова, животот на секој човек е скапоцен. Тој ни ја дава честа да соработуваме со неговиот Син додека им помагаме на луѓето од сите народи да почнат да му служат пред да дојде крајот на овој свет (Агеј 2:7). Нашето проповедничко дело би можело да се спореди со акција за спасување, а ние сме како членови на еден спасувачки тим кои се испратени да ги извлечат луѓето кои се заробени под земја во еден рудник. Иако само неколку спасувачи можеби ќе најдат некој рудар, трудот на секој член од спасувачкиот тим е многу важен. Истото може да се каже и за службата на проповедање. Ние не знаеме уште колку луѓе ќе бидат спасени од светот на Сатана. Но, Јехова може да употреби кој и да било од нас за да им помогне. Андреас, кој живее во Боливија, вели: „Знам дека, кога некој ќе ја дознае вистината за Бог и ќе се крсти, тоа е затоа што многумина соработувале за да му помогнат“. Да се трудиме и ние да задржиме ваков позитивен став кон нашата служба. Тогаш Јехова ќе нѐ благослови и службата на проповедање ќе ни причинува голема радост (w21.05 19, пас. 19-20).
Вторник, 5 септември
Извлечи се од замката на Ѓаволот (2. Тим. 2:26)
Ловецот има само една цел — да го улови или да го убие својот плен. Тој може да употреби различни замки или стапици, токму како што кажал и еден од лажните тешители на Јов (Јов 18:8-10). Како може ловецот да го намами животното во својата стапица? Тој го набљудува животното за да види каде оди, што го интересира и со која стапица може да го фати на препад. Сатана е како еден таков ловец. Тој нѐ набљудува, гледа каде одиме и што нѐ интересира. Потоа, поставува стапица со која се надева дека ќе нѐ улови тогаш кога најмалку очекуваме. Сепак, Библијата нѐ уверува дека дури и ако се фатиме во некоја од неговите замки, ќе можеме да се извлечеме. Исто така, од неа дознаваме што треба да правиме за воопшто да не паднеме во тие стапици. Две од најуспешните замки на Сатана се гордоста и лакомоста. Тој со илјадници години вешто ги користи овие негативни особини. Сатана е како птичар кој го намамува својот плен во стапица или го лови во мрежа (Пс. 91:3). Но, ние не мора да паднеме во неговите замки. Зошто? Бидејќи Јехова ни открил какви тактики користи Сатана (2. Кор. 2:11; w21.06 14, пас. 1-2).
Среда, 6 септември
Седата коса е прекрасна круна кога се наоѓа на патот на праведноста (Изр. 16:31)
Постарите браќа и сестри се како скапоцено богатство. Божјата Реч ја споредува нивната седа коса со круна (Изр. 20:29). Сепак, лесно може да се случи да не ги забележиме овие скапоцени браќа и сестри. Помладите кои ќе ја препознаат вредноста на постарите можат да добијат нешто многу повредно од дословно богатство. Јехова Бог ги смета за скапоцени постарите браќа и сестри кои верно му служат. Тој ја познава нивната внатрешна личност и ги цени нивните прекрасни особини. Тој се радува кога постарите ја споделуваат со помладите мудроста која ја стекнале во текот на долгите години верна служба (Јов 12:12; Изр. 1:1-4). Јехова многу ја цени и нивната истрајност (Мал. 3:16). Иако се соочувале со проблеми во животот, тие сепак задржале цврста вера во него. Нивната надеж за иднината сега е посилна отколку што била кога ја запознале вистината. Јехова ги сака и затоа што продолжуваат да го објавуваат неговото име дури и во староста (Пс. 92:12-15; w21.09 2, пас. 2-3).
Четврток, 7 септември
Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе (Гал. 6:4)
Добро е одвреме-навреме да си ги преиспитаме мотивите. Би можеле да се прашаме: „Дали ја мерам својата вредност споредувајќи се со другите? Дали главниот мотив зошто толку се трудам во собранието е желбата да бидам најдобар, или барем подобар од некој друг? Или, пак, мојот мотив е желбата да му го дадам своето најдобро на Јехова?“ Библијата нѐ поттикнува да не се споредуваме со другите. Зошто? Од една страна, ако сметаме дека сме подобри од некој друг, би можеле да се возгордееме. Од друга страна, ако сметаме дека другите се подобри од нас, би можеле да се разочараме (Рим. 12:3). Важно е да имаме на ум дека Јехова не нѐ привлекол кон себе затоа што изгледаме убаво, добро се изразуваме или затоа што им се допаѓаме на многу луѓе, туку затоа што го сакаме и затоа што спремно го слушаме неговиот Син (Јован 6:44; 1. Кор. 1:26-31; w21.07 14-15, пас. 3-4).
Петок, 8 септември
Да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум (Еф. 4:23)
За да го смениме начинот на кој размислуваме, потребно е да се молиме, да ја проучуваме Божјата Реч и длабоко да размислуваме. Продолжи да ги правиш овие работи и барај сила од Јехова. Неговиот свет дух ќе ти помогне да ја надминеш склоноста да се споредуваш со другите. Исто така, ако во твоето срце се појави љубомора или гордост, Јехова ќе ти помогне да станеш свесен за тоа и брзо да ги направиш потребните промени (2. Лет. 6:29, 30). Јехова го познава нашето срце. Исто така, тој знае каква борба води секој од нас, односно дека се бориме против духот на овој свет и против нашата несовршеност. Кога Јехова гледа колку се трудиме да се спротивставиме на овие негативни влијанија, неговата љубов кон нас сѐ повеќе расте. Јехова ја споредува љубовта што ја има кон нас со љубовта што една мајка ја има кон своето бебе (Иса. 49:15). Колку е утешно што знаеме дека Јехова чувствува таква љубов кон нас кога гледа колку силно се бориме да му служиме со сета душа! (w21.07 24-25, пас. 17-19).
Сабота, 9 септември
Радувајте се со оние што се радуваат (Рим. 12:15)
Можеме да ја зголемиме нашата радост ако со сета душа ја извршуваме секоја задача што ќе ја добиеме во службата за Јехова. Биди посветен на проповедањето и потполно вклучен во активностите на собранието (Дела 18:5; Евр. 10:24, 25). Добро подготвувај се за состаноците за да можеш да даваш охрабрувачки коментари. Гледај сериозно на секоја точка што ја имаш на состанокот Нашиот живот и служба. Совесно и навремено извршувај ја секоја задача што ќе ја добиеш во собранието. Ниту една задача немој да ја сметаш за неважна и да мислиш дека не вреди да вложиш време за неа. Труди се да ги подобриш своите вештини (Изр. 22:29). Колку повеќе труд вложуваш во духовните активности и во задачите што ги добиваш толку повеќе ќе напредуваш во духовен поглед и ќе бидеш порадосен (Гал. 6:4). Исто така, ќе ти биде полесно да се радуваш кога некој друг ќе добие одредена задача што ти си ја посакувал (Гал. 5:26; w21.08 22, пас. 11).
Недела, 10 септември
Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови, непристрасна, нелицемерна (Јак. 3:17)
Не смееме да бидеме горди, туку треба да му дозволиме на Јехова да нѐ поучува. Исто како што некоја болест може да ги стврдне артериите на срцето и да ја наруши неговата работа, така и гордоста може да го стврдне нашето симболично срце и да ни отежни да бидеме послушни на Јеховиното водство. Фарисеите дозволиле нивното срце толку многу да се стврдне што ги отфрлиле јасните докази дека Исус е воден од Божјиот дух и дека е Божји Син (Јован 12:37-40). Тоа било многу опасно за нив бидејќи на тој начин ја изгубиле можноста да живеат вечно (Мат. 23:13, 33). Навистина е многу важно и понатаму да им дозволуваме на Божјата Реч и на Божјиот дух да нѐ обликуваат и да влијаат врз нашето размислување и врз нашите одлуки! Бидејќи бил понизен, Јаков му дозволил на Јехова да го поучува. И токму поради неговата понизност тој станал вешт учител (w22.01 10, пас. 7).
Понеделник, 11 септември
Молете, и ќе ви се даде (Мат. 7:7)
Кога истрајуваме во молитвата, можеме да бидеме уверени дека нашиот небесен Татко нѐ слуша (Кол. 4:2). Можеби си мислиме дека Јехова премногу чека за да одговори на некоја наша молитва. Но, тој ветува дека ќе ни одговори на молитвите во вистинското време (Евр. 4:16). Затоа, ако немаме одговор онолку брзо колку што ние сме очекувале, никогаш не треба да го обвинуваме Јехова. На пример, многумина со години се молат Божјето Царство да му стави крај на овој свет. И Исус нѐ поттикнал да го правиме тоа (Мат. 6:10). Но, колку неразумно би било да дозволиме да ни ослаби верата затоа што крајот не дошол во времето кога ние сме очекувале дека треба да дојде (Авак. 2:3; Мат. 24:44). Мудро е и понатаму да чекаме на Јехова и да продолжиме да се молиме со вера. Крајот ќе дојде во вистинското време, бидејќи Јехова го одредил точниот „ден и час“. Нема сомнение дека за сите нас тоа ќе биде најдоброто време што Јехова можел да го избере (Мат. 24:36; 2. Пет. 3:15; w21.08 10, пас. 10-11).
Вторник, 12 септември
Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе (Фил. 2:3)
Постарите кои се понизни сфаќаат дека со текот на годините не можат да прават онолку колку што правеле порано. Да ги земеме за пример нашите покраински надгледници. Штом ќе наполнат 70 години, тие се замолени да започнат со некоја нова задача. Тоа може да биде предизвик за нив. Тие биле многу радосни додека им служеле на своите браќа. Но, свесни се дека подобро е таквата одговорност да ја преземат помлади браќа. Со тоа покажуваат сличен став како левитите во древниот Израел, кои прекинувале со својата служба во светиот шатор на возраст од 50 години. Радоста на тие постари левити не зависела од некоја конкретна служба што ја извршувале. Тие со сета душа го правеле она што можеле и им помагале на помладите (4. Мој. 8:25, 26). Денес, кога ќе наполнат 70 години, покраинските надгледници престануваат да ги посетуваат собранијата, но се вистински благослов за нивното собрание (w21.09 8-9, пас. 3-4).
Среда, 13 септември
Татко, му згрешив на небото и тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син (Лука 15:21)
Исус раскажал трогателна приказна за еден изгубен син, запишана во Лука 15:11-32. Еден млад човек се побунил против својот татко, си заминал од дома и отпатувал „во далечна земја“. Таму живеел неморално и распуштено. Но, кога се нашол во многу тешки околности, почнал да размислува за она што го направил. Тој сфатил колку му било подобро додека живеел со својот татко. Како што рекол Исус, младиот човек се вразумил. Тој решил да се врати дома и да бара прошка од својот татко. Било многу важно тоа што синот сфатил колку ниско паднал. Тој морал да направи некои промени. Изгубениот син покажал дека искрено се кае за она што го направил. Оваа споредба не е само една трогателна приказна. Начелата во неа можат многу да им помогнат на старешините кога се трудат да проценат дали некој соверник кој направил сериозен грев вистински се кае (w21.10 5, пас. 14-15).
Четврток, 14 септември
Ќе ги затресам небото и земјата (Агеј 2:6)
Што нема да се затресе, односно отстрани? Апостол Павле напишал: „Бидејќи треба да добиеме царство кое не може да се затресе... да му служиме на Бог така како што е по негова волја, со страв и со страхопочит“ (Евр. 12:28). Откако ќе заврши тоа последно и разорно тресење, само Божјето Царство ќе остане незатресено (Пс. 110:5, 6; Дан. 2:44). Нема време за губење. Луѓето мора да одлучат: или ќе продолжат да го поддржуваат овој свет и ќе бидат уништени, или ќе изберат да живеат во склад со Божјата волја и ќе добијат вечен живот (Евр. 12:25). Со нашето проповедање можеме да им помогнеме на луѓето да ја донесат исправната одлука во однос на ова важно прашање. Постојано да ги имаме на ум зборовите на нашиот Господар, Исус: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14; w21.09 19, пас. 18-20).
Петок, 15 септември
Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам (Евр. 13:5)
Старешини, вие имате посебна одговорност да ги тешите соверниците на кои им е исклучен некој близок (1. Сол. 5:14). Преземајте иницијатива да ги охрабрите така што ќе зборувате со нив пред и по состаноците. Посетувајте ги и молете се за нив. Одете заедно во служба, а понекогаш поканете ги на вашата Семејна вечер. Духовните пастири треба да се грижат за Јеховините овчички кои тажат и да им покажуваат сочувство, љубов и внимание (1. Сол. 2:7, 8). Јехова „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Дури и некој да направил сериозен грев, неговиот живот сѐ уште е скапоцен за Бог. Не заборавај дека Јехова платил висока цена — откупната жртва на својот сакан Син — за секого од нас. Јехова со љубов се обидува да им помогне на оние што го напуштиле повторно да се вратат кај него. Тој се надева дека ќе го направат тоа, како што се гледа од споредбата на Исус за изгубениот син (Лука 15:11-32; w21.09 30-31, пас. 17-19).
Сабота, 16 септември
Вие имате корист од нивниот труд (Јован 4:38)
Можеби не можеш да учествуваш во делото на проповедање и поучување како порано затоа што здравјето ти е нарушено. Но, ти сепак можеш да се радуваш додека учествуваш во жетвата. Размисли за она што се случило кога цар Давид и неговите луѓе успеале да ги избават од Амаличаните своите семејства и работите што ги поседувале. Двесте од луѓето на Давид биле премногу исцрпени за да се борат, па затоа останале да го чуваат товарот. Откако извојувале победа, Давид наредил пленот да се подели еднакво на сите луѓе (1. Сам. 30:21-25). Од овој извештај може да извлечеме важна поука во врска со делото на поучување во кое учествуваме денес. Можеби во службата не можеш да правиш онолку колку што би сакал. Но, ако го даваш своето најдобро, можеш да се радуваш секогаш кога некој ќе зачекори по патот кој води во живот. Јехова забележува колку многу се трудиме и колку многу го сакаме, и нѐ благословува поради тоа. Исто така, тој нѐ поучува како да бидеме радосни додека го даваме својот дел во жетвата (Јован 14:12). Можеме да бидеме уверени дека Бог ќе биде задоволен од нас ако истраеме во службата и не се откажеме! (w21.10 27-28, пас. 15-17).
Недела, 17 септември
Убавината на младичите е нивната сила (Изр. 20:29)
Како што старееме, можеби се плашиме дека нема да бидеме толку корисни за Јехова како што сме биле порано. Иако можеби повеќе ја немаме истата сила како некогаш, можеме да ги користиме мудроста и искуството што сме ги стекнале за да им помагаме на помладите да го даваат своето најдобро за Јеховината организација и да преземаат поголеми одговорности. За да можат да им помагаат на помладите, постарите треба да бидат понизни. Оној што е понизен ги смета другите за поголеми од себе (Фил. 2:3, 4). Постарите кои ја покажуваат оваа особина сфаќаат дека честопати една задача може успешно да се заврши на повеќе начини кои се во склад со библиските начела. Затоа, тие имаат објективно гледиште за начинот на кој ги правеле работите во минатото (Проп. 7:10). Од една страна, постарите можат многу да им помагаат на помладите така што ќе го споделуваат своето искуство со нив. Но од друга страна, свесни се дека „се менува сцената на овој свет“, и затоа можеби ќе биде потребно да научат да ги прават работите на нови начини (1. Кор. 7:31, фус.; w21.09 8, пас. 1, 3).
Понеделник, 18 септември
Кој меѓу боговите е како тебе, о Јехова? Кој е како тебе, кого го краси голема светост? (2. Мој. 15:11)
Јехова никогаш не би побарал од своите слуги да направат нешто што би ги понижило и би им нанело штета. Тој е потполно свет. За Израелците да не го заборават тоа, на турбанот на првосвештеникот имало златна плочка на која пишувало: „Јехова е свет“ (2. Мој. 28:36-38). Секој што ќе го прочитал тој натпис ќе можел да се увери дека Јехова навистина е свет. Но, што ако некој Израелец никогаш не ја видел таа плочка бидејќи немал можност да биде во близина на првосвештеникот? Дали сепак ќе знаел дека Јехова е свет? Да! Секој Израелец можел да ја слушне таа вистина кога Законот се читал пред мажите, жените и децата (5. Мој. 31:9-12). Да си бил и ти меѓу нив, ќе си ги чул следниве зборови: „Јас сум Јехова, вашиот Бог... Бидете свети, зашто јас сум свет!“ „Бидете свети за мене, зашто јас, Јехова, сум свет“ (3. Мој. 11:44, 45; 20:7, 26; w21.12 3, пас. 6-7).
Вторник, 19 септември
Не бидете загрижени (Лука 12:29)
Некои можеби се загрижени за своите материјални потреби. Тие можеби живеат во земја каде што владее тешка економска ситуација. Поради тоа, може да им е тешко да заработат доволно пари за да се грижат за своето семејство. Или, можеби починал оној што го издржувал семејството, оставајќи ги другите членови без финансиска поддршка. Наместо претерано да се грижиме за нашите проблеми, треба да имаме доверба во Јехова. Да задржиме на ум дека Јехова ветува дека ќе се грижи за нашите материјални потреби ако ги ставиме духовните работи на прво место (Мат. 6:32, 33). Тој секогаш го исполнува ова ветување! (5. Мој. 8:4, 15, 16; Пс. 37:25). Штом Јехова се грижи за птиците и за цвеќињата, немаме причина да бидеме загрижени за тоа што ќе јадеме или што ќе облечеме (Мат. 6:26-30; Фил. 4:6, 7). Исто како што грижливите родители од љубов им го обезбедуваат на своите деца она што им е потребно за живот, така и нашиот небесен Татко од љубов им го обезбедува на своите слуги она што им е потребно во материјален поглед (w21.12 16-17, пас. 4-5; 18, пас. 8).
Среда, 20 септември
Јехова и понатаму беше со Јосиф и беше милостив кон него (1. Мој. 39:21)
Дали ти се случило некој многу да те повреди, можеби дури и некој соверник? Размисли за примерот на Јосиф. Тој доживеал голема неправда од своите браќа, но продолжил да му служи на Јехова најдобро што може и бил награден за својата стрпливост и истрајност. Со текот на времето, Јосиф можел да им прости на своите браќа кои го повредиле и да увиди како Јехова го благословил (1. Мој. 45:5). Слично на него, и ние ќе бидеме утешени ако останеме блиски со Јехова и ако ја оставиме правдата во негови раце (Пс. 7:17; 73:28). Ако страдаш поради некоја неправда или поради нешто друго, не заборавај дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето“ (Пс. 34:18). Тој те сака затоа што си стрплив и затоа што му ги доверуваш своите грижи (Пс. 55:22, фус.). Тој е Судијата на целата Земја, и ништо не е скриено од неговиот поглед (1. Пет. 3:12). Затоа, кога се соочуваш со сериозни проблеми кои не можеш да ги решиш, дали си спремен да чекаш на Јехова? (w21.08 12, пас. 14, 16).
Четврток, 21 септември
Трудете се да разберете што е Јеховината волја (Еф. 5:17)
Мудро е да го користиме животот на начин со кој ќе го радуваме Јехова. Мора да си поставуваме исправни приоритети. За да можеме да го користиме времето на најдобар начин, понекогаш треба да бираме меѓу две работи што не се погрешни. Тоа може да го видиме од она што се случило кога Исус ги посетил Марија и Марта. Бидејќи била многу среќна што Исус им дошол на гости, Марта почнала да подготвува разни јадења. Но, Марија седнала крај својот Господар и ги слушала неговите поуки. Иако она што го направила Марта не било погрешно, сепак Исус рекол дека Марија го избрала „подобриот дел“ (Лука 10:38-42). Со текот на времето, Марија можеби заборавила што јаделе во таа прилика, но може да бидеме сигурни дека никогаш не го заборавила она што го научила од Исус. Исто како што таа го ценела времето што го поминала со Исус, така и ние го цениме времето што го поминуваме со Јехова (w22.01 27, пас. 5-6).
Петок, 22 септември
Виде ли како се понизи Ахав пред мене? (1. Цар. 21:29)
Иако се понизил пред Јехова, Ахав не се каел вистински, а тоа можело да се види од она што го правел подоцна. Тој не се обидел да го отстрани обожавањето на Ваал од неговото царство. Освен тоа, не ги поттикнувал Израелците да го обожаваат Јехова. Откако Ахав умрел, Јехова открил какво мислење имал за него. Божјиот пророк Јуј за Ахав рекол дека е зол (2. Лет. 19:1, 2). Размисли за следново: Ако Ахав искрено се каел, дали пророкот ќе го опишел како зол човек кој го мрази Јехова? Иако до одредена мера му било жал, Ахав никогаш вистински не се покајал. Што може да научиме од примерот на Ахав? Кога ја слушнал пораката на Илија дека неговото семејство ќе биде казнето, Ахав се понизил. Тоа било добар почеток. Но, со она што понатаму го правел покажал дека не се кае од длабочината на своето срце. Значи, за да покажеме дека се каеме, не е доволно само да кажеме дека ни е жал за она што сме го направиле (w21.10 3, пас. 4-5, 7-8).
Сабота, 23 септември
Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана (Мат. 24:14)
Исаија бил пророк, а веројатно и неговата жена извршувала пророчки задачи бидејќи е наречена „пророчицата“ (Иса. 8:1-4). Како брачен пар, тие очигледно давале сѐ од себе за да ја задржат службата за Јехова на прво место во својот живот. Брачните парови денес можат да го следат примерот на Исаија и на неговата жена така што ќе го даваат своето најдобро во службата за Јехова. Тие можат да си ја зајакнат довербата во Јехова ако ги проучуваат библиските пророштва и размислуваат за тоа како тие секогаш се исполнуваат (Тит 1:2). Брачните парови може да размислуваат за уделот што можат да го имаат во исполнувањето на некои библиски пророштва. На пример, тие може да имаат свој придонес во исполнувањето на пророштвото на Исус дека добрата вест ќе се проповеда по целиот свет пред да дојде крајот. Колку поуверени се брачните парови дека библиските пророштва се исполнуваат толку порешени ќе бидат да прават колку што е можно повеќе за Јехова (w21.11 16, пас. 9-10).
Недела, 24 септември
Му рече на ученикот: „Еве ти мајка!“ (Јован 19:27)
На Исус му било важно неговата мајка, која веројатно била вдовица, да биде згрижена во секој поглед. Поттикнат од љубов кон својата мајка, тој побарал од Јован да се грижи за неа, бидејќи знаел дека ќе се грижи и за нејзините духовни потреби. Од тој ден, Јован ѝ бил на Марија како син, и се грижел за неа како за своја мајка. Исус покажал колку многу му значи неговата мајка, која со толку љубов се грижела за него кога се родил и останала покрај него дури и кога умирал на маченички столб. Што учиме од зборовите на Исус? Со нашите духовни браќа и сестри може да бидеме поблиски отколку со членовите на нашето семејство. Можеби некои од семејството ќе ни се противат или дури и ќе нѐ отфрлат, но како што Исус ветил, ако останеме блиски со Јехова и со неговата организација, ќе добиеме 100 пати повеќе од она што сме го изгубиле. Многумина ќе ни станат како сакани синови, ќерки, мајки или татковци (Мар. 10:29, 30). Зарем не се радуваш што си дел од едно духовно семејство чии членови се обединети затоа што го сакаат Јехова и се сакаат меѓу себе? (Кол. 3:14; 1. Пет. 2:17; w21.04 9-11, пас. 7-8).
Понеделник, 25 септември
Не заборавајте да правите добро и да делите со другите (Евр. 13:16)
Лојалната љубов нѐ поттикнува да се жртвуваме за другите. Исто како во минатото, и денес многу наши браќа и сестри им покажуваат лојална љубов на своите соверници, дури и на оние што не ги познаваат лично. На пример, кога ќе дознаат дека некаде се случила природна катастрофа, тие веднаш бараат начин да помогнат. Кога некој во собранието е во тешка финансиска состојба, тие брзо преземаат чекори за да пружат практична помош. Исто како Македонците од првиот век, тие се жртвуваат така што даваат дури и повеќе отколку што се во можност за да им помогнат на своите браќа кои се во тешка ситуација (2. Кор. 8:3). Кога ќе видат дека од љубов им помагаат на другите, старешините ги пофалуваат ваквите браќа и сестри. Нивните навремени и искрени пофалби ќе им ја дадат потребната сила да продолжат понатаму (Иса. 32:1, 2; w21.11 11, пас. 14; 12, пас. 21).
Вторник, 26 септември
Приклони го увото и чуј ги зборовите на мудрите (Изр. 22:17)
Секому од нас одвреме-навреме му е потребен совет. Понекогаш, можеби самите ќе побараме совет од некој што го почитуваме. Во друг случај, некој брат кој е загрижен за нас можеби ќе ни пристапи и ќе ни укаже дека сме во опасност да згрешиме, односно да направиме нешто за кое подоцна ќе се каеме (Гал. 6:1). Или, пак, некој можеби ќе нѐ советува откако сме направиле некоја сериозна грешка. Сеедно која е причината зошто добиваме совет, треба да го послушаме. Тоа ќе биде за наше добро и може да ни го спаси животот! (Изр. 6:23). Денешниот стих нѐ поттикнува да ги слушаме „зборовите на мудрите“. Нема човек што знае сѐ; секогаш има некој со поголемо знаење или искуство од нас (Изр. 12:15). Кога слушаме совет, покажуваме дека сме понизни и свесни за нашите ограничувања. Исто така, тоа е показател дека сме свесни дека ни е потребна помош за да ги постигнеме нашите цели. Под водство на светиот дух, мудриот цар Соломон запишал: „Успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22; w22.02 8, пас. 1-2).
Среда, 27 септември
Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван (Изр. 28:13)
Вистинското каење вклучува многу повеќе отколку само некој да каже дека му е жал за направениот грев. Потребно е да направи промени во умот и во срцето. Тоа значи дека треба да престане со своето неисправно постапување и да почне повторно да живее според Јеховините мерила (Езек. 33:14-16). На оној што направил грев, најважно нешто треба да му биде да си го поправи својот нарушен однос со Јехова. Што треба да направиме ако дознаеме дека некој наш близок пријател направил сериозен грев? Ќе му нанесеме штета на нашиот пријател доколку го криеме неговиот грев. Всушност, ниту еден грев не може да се скрие бидејќи Јехова гледа сѐ (Изр. 5:21, 22). Можеме да му помогнеме на нашиот пријател ако го потсетиме дека старешините се спремни да пружат помош. Ако тој не сака да им го признае својот грев на старешините, ние треба да им кажеме за тоа. Така ќе покажеме дека навистина сакаме да му помогнеме (w21.10 7, пас. 19-21).
Четврток, 28 септември
И не грижете се само за себе туку и за другите (Фил. 2:4)
Сите ние треба да се трудиме да бидеме самопожртвувани како што бил Исус. Библијата вели дека тој зел „облик на роб“ (Фил. 2:7). Еден корисен роб, или слуга, бара начини да му угоди на својот господар. Бидејќи сме робови на Јехова и им служиме на нашите браќа, без сомнение, сакаме да им бидеме уште покорисни — и на Јехова и на соверниците. Би можел да си поставиш прашања како следниве: „Колку сум спремен да се жртвувам за другите? Дали сум спремен да помагам кога има потреба од доброволци за чистење на конгресната локација или за одржување на салата за состаноци?“ Можеби си увидел дека треба да се подобриш во некој поглед, но немаш мотивација да ги направиш потребните промени. Во таков случај, помоли му се на Јехова. Кажи му како се чувствуваш и моли го да ти даде и желба и сила за да можеш во поголема мера да бидеш самопожртвуван (Фил. 2:13; w22.02 23, пас. 9-11).
Петок, 29 септември
Јас ќе ве закрепнам (Мат. 11:28)
Исус покажувал љубезност така што бил обѕирен и разумен (Мат. 11:29, 30). На пример, кога една Феничанка го молела да ѝ ја излекува ќеркичката, отпрвин Исус го одбил нејзиното барање. Но откако видел колкава вера има оваа жена, покажал љубезност така што го излекувал девојчето (Мат. 15:22-28). Иако бил љубезен, Исус не се воздржувал да даде совет кога било потребно. Во некои ситуации, тој им покажал љубезност на оние што ги сакал така што отворено и одлучно им кажал што е исправно. На пример, кога Петар се обидел да го спречи Исус да ја врши Јеховината волја, тој строго го прекорил пред другите ученици (Мар. 8:32, 33). Тој го направил тоа не за да го понижи Петар, туку за да го поучи и да ги предупреди другите ученици да внимаваат да не си ги преминуваат границите. Петар сигурно се чувствувал непријатно, но таквата исправка многу му користела. Да бидеш љубезен кон оние што ги сакаш значи дека понекогаш можеби ќе треба да им дадеш совет. Кога го правиш тоа, следи го примерот на Исус така што твоите совети ќе ги темелиш на начелата од Божјата Реч (w22.03 11, пас. 12-13).
Сабота, 30 септември
Секогаш му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име (Евр. 13:15)
Ние го обожаваме Јехова кога го фалиме (Пс. 34:1). Го фалиме Јехова така што со благодарност зборуваме за неговите прекрасни особини и за неговите дела. Пофалбата извира од благодарно срце. Ако одвојуваме време да размислуваме за Јеховината добрина — за сето она што го направил за нас — ќе имаме многу причини за да го фалиме. Особено проповедањето ни дава можност да „му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните“. Исто како што треба внимателно да размислиме што ќе му кажеме на Јехова во молитва, добро е внимателно да размислиме што ќе им кажеме на оние на кои ќе им проповедаме. Сакаме на Јехова да му ја дадеме нашата најдобра „жртва на фалба“. Затоа, кога им ја објавуваме добрата вест на другите, зборуваме со воодушевеност (w22.03 21, пас. 8).