Август
Вторник, 1 август
Татко, прости им (Лука 23:34)
Веројатно, Исус мислел на римските војници кои му заковале клинови во рацете и нозете. Тој не дозволил да стане лут и огорчен поради неправдите што ги доживеал (1. Пет. 2:23). Исто како Исус, треба спремно да им простуваме на другите (Кол. 3:13). Можеби некои, вклучувајќи ги и членовите на нашето семејство и роднините, ни се противат бидејќи не ги разбираат нашите верувања и не сфаќаат зошто живееме според библиските начела. Тие можеби кажуваат лаги за нас, нѐ понижуваат пред другите, ги уништуваат нашите публикации, а можеби дури и ни се закануваат дека ќе ни нанесат физички повреди. Наместо да собираме лутина во себе и да станеме огорчени, може да го молиме Јехова да им помогне на оние што ни се противат да ја прифатат вистината (Мат. 5:44, 45). Понекогаш, можеби воопшто не ни е лесно да простиме, особено ако некој постапувал многу лошо со нас. Но, ако дозволиме огорченоста да пушти корен во нашето срце, ќе си наштетиме себеси (Пс. 37:8). Кога им простуваме на другите, не дозволуваме да станеме огорчени поради лошите работи што ни ги направиле (Еф. 4:31, 32; w21.04 8-9, пас. 3-4).
Среда, 2 август
Колку пати го жалостеа (Пс. 78:40)
Дали некој од твоите најблиски е исклучен од собранието? Тоа може да биде многу болно. Помисли колку тешко му било на Јехова кога некои ангели кои биле дел од неговото семејство го напуштиле (Јуда 6). И замисли колкава болка чувствувал кога Израелците, кои многу ги сакал, одново и одново се бунеле против него (Пс. 78:41). Биди уверен дека на нашиот небесен Татко му е тешко и кога некој твој близок ќе го напушти. Тој е свесен за твојата тага и сочувствува со тебе. Затоа ќе се погрижи да ги добиеш охрабрувањето и поддршката кои ти се потребни. Ако нивното сакано дете е исклучено, родителите честопати се измачуваат со мислата дека не направиле доволно за да му помогнат да остане во вистината. Еден брат рекол: „Се обвинував себеси. Дури имав и кошмари“. Една сестра чиј син исто така бил исклучен, честопати се прашувала: „Каде згрешив како мајка?“ Освен тоа, таа рекла: „Сметав дека не направив доволно за да ја всадам вистината во срцето на мојот син“ (w21.09 26, пас. 1-2, 4).
Четврток, 3 август
Сфатија дека тоа се луѓе неуки и обични (Дела 4:13)
Некои сметаат дека Божјите слуги не можат да поучуваат за Библијата бидејќи не завршиле познати теолошки школи. Но, треба да ги испитаат фактите. Тоа го направил и Лука, писателот на едно од евангелијата. Тој вложил голем труд за внимателно да испита сѐ од почетокот. Лука сакал оние што ќе го читаат неговото евангелие да се уверат дека она што го чуле за Исус е точно и достојно за доверба (Лука 1:1-4). Евреите од древниот град Верија постапиле слично како Лука. Кога ја чуле добрата вест за Исус, тие ги истражувале хебрејските списи за да проверат дали она што им било кажано е точно (Дела 17:11). Исто како нив, и луѓето денес треба да ги испитаат фактите. Треба да ги споредат учењата на Јеховините сведоци со она што го пишува во Библијата. Исто така, треба да ги проучуваат историјата и активностите на Јеховиниот народ во поново време. Ако направат таква проверка на фактите, нема да дозволат предрасудите или гласините да ги заслепат (w21.05 3, пас. 7-8).
Петок, 4 август
Широко отворете ги своите срца (2. Кор. 6:13)
Има ли некој во твоето собрание на кого би можел да му покажеш гостопримство? На нашите браќа и сестри понекогаш може посебно да им значи тоа што ќе поминеме време со нив. На некои можеби им е тешко во период кога членовите на семејството кои не се во вистината слават празници. На други можеби им е многу тешко на некои датуми, како што е годишнината од смртта на некој близок. Кога одвојуваме време за браќата и сестрите кои минуваат низ вакви тешки мигови, покажуваме дека вистински се грижиме за нив (Фил. 2:20). Има повеќе причини зошто еден Божји слуга понекогаш може да се чувствува осамено. Сепак, никогаш не треба да заборавиме дека Јехова е потполно свесен за таквите чувства. Тој честопати ги користи нашите браќа и сестри за да ни го даде она што ни е потребно (Мат. 12:48-50). А ние му покажуваме на Јехова дека сме благодарни за нашето духовно семејство така што даваме сѐ од себе за да им помагаме на нашите браќа и сестри. Без разлика со какви чувства се бориме одвреме-навреме, никогаш не сме сами затоа што Јехова секогаш е покрај нас! (w21.06 12-13, пас. 18-20).
Сабота, 5 август
Живејте примерно меѓу луѓето во светот. Макар што ве обвинуваат дека правите зло, кога ќе ги видат вашите добри дела, ќе го слават Бог (1. Пет. 2:12)
Исус останал позитивен и продолжил да проповеда иако некои не сакале да ја слушаат неговата порака. Зошто? Тој знаел колку многу на другите им е потребна вистината и сакал да им помогне на колку што е можно повеќе луѓе да ја прифатат добрата вест. Исто така, тој знаел дека некои што на почетокот не биле заинтересирани, подоцна ќе сакаат да ја прифатат пораката за Царството. Размисли што се случило со некои членови од неговото семејство. Во текот на неговата служба која траела три и пол години, ниту еден од неговите браќа не станал негов ученик (Јован 7:5). Но, откако Исус воскреснал, тие станале христијани (Дела 1:14). Ние не знаеме кој од оние на кои им проповедаме ќе ја прифати вистината од Библијата. На некои луѓе им треба повеќе време. Дури и оние кои не сакаат да нѐ слушаат го гледаат нашето добро однесување и нашиот позитивен став, и можеби еден ден ќе почнат да го „слават Бог“ (w21.05 18, пас. 17-18).
Недела, 6 август
Додека одите, проповедајте: „Се приближи царството небесно“ (Мат. 10:7)
Кога бил на Земјата, Исус им дал на своите следбеници заповед во која биле вклучени две работи. Тој им рекол да ја проповедаат добрата вест за Царството и им покажал како да го прават тоа (Лука 8:1). На пример, Исус ги поучил своите ученици како да постапат кога луѓето ја слушаат добрата вест, но и како да постапат кога не ја слушаат (Лука 9:2-5). Освен тоа, прорекол во колкава мера ќе се одвива проповедничкото дело со тоа што рекол дека неговите следбеници ќе даваат „сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14; Дела 1:8). Исто така, им рекол на своите следбеници да ги поучуваат луѓето да држат сѐ што заповедал. Од зборовите на Исус се гледа дека тоа важно дело требало да продолжи сѐ до нашево време, односно „до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:18-20). А од откровението што му го дал на Јован јасно се гледа дека тој очекува сите негови ученици да им помагаат на другите да го запознаат Јехова (Отк. 22:17; w21.07 2-3, пас. 3-4).
Понеделник, 7 август
Да не бидеме суетни, да не се натпреваруваме еден со друг, да не си завидуваме еден на друг (Гал. 5:26)
Во светот денес многу луѓе се себични и покажуваат натпреварувачки дух. Еден бизнисмен сака да биде поуспешен од другите и не бира средства за да го постигне тоа. Еден спортист намерно повредува играч од спротивниот тим за да може неговиот тим да победи. Еден студент мами на приемниот испит за да биде примен на некој познат универзитет. Како христијани, сфаќаме дека тие работи се погрешни и дека спаѓаат во „делата на телото“ (Гал. 5:19-21). Сепак, можно ли е некои слуги на Јехова да покажуваат натпреварувачки дух во собранието, без воопшто да се свесни за тоа? Ова е важно прашање бидејќи таквото однесување може да го наруши единството на собранието. Затоа би било добро да размислуваме за примерот на некои верни мажи и жени од минатото кои не дозволиле кај нив да се развие натпреварувачки дух (w21.07 14, пас. 1-2).
Вторник, 8 август
Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот, Јехова ќе го избави во денот на неволја (Пс. 41:1)
Лојалната љубов нѐ поттикнува да им помагаме на оние што се потиштени. Денес, многу браќа и сестри грижливо им помагаат на оние во собранието кои се обесхрабрени или потиштени. Тие ги сакаат своите браќа и сестри и спремни се да направат сѐ што можат за да им помогнат (Изр. 12:25; 24:10). Тоа е во склад со советот на апостол Павле: „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“ (1. Сол. 5:14). Честопати, најдобриот начин да му помогнеме на некој соверник кој е обесхрабрен е да го слушаме и да му покажеме дека го сакаме. Јехова го забележува и многу го цени она што го правиш за неговите скапоцени овчички. Во Изреки 19:17 стои: „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“ (w21.11 10, пас. 11-12).
Среда, 9 август
Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште! (Пс. 34:8)
Што може да правиме уште сега за да се подготвиме за иднината? Треба да бидеме задоволни со она што го имаме и најголема радост да ни носи нашето пријателство со Јехова. Колку подобро го запознаваме нашиот Бог толку поуверени ќе бидеме дека тој ќе нѐ заштити кога Гог од Магог ќе нѐ нападне. Од зборовите од денешниот стих дознаваме зошто Давид знаел дека може да се потпре на Јехова. Тој честопати ја полагал својата доверба во Бог, кој никогаш не го разочарал. Кога бил млад, се соочил со филистејскиот џин Голијат, и во таа прилика му рекол на овој застрашувачки воин: „Денес Јехова ќе те предаде во мои раце“ (1. Сам. 17:46). Подоцна, Давид му служел на цар Саул, кој повеќе пати се обидел да го убие. Но, Јехова бил со Давид (1. Сам. 18:12). Бидејќи во минатото видел како Јехова му помага, Давид знаел дека може и понатаму да смета на неговата помош сеедно со какви неволји ќе се соочи (w22.01 6, пас. 14-15).
Четврток, 10 август
Сите Божји синови воскликнуваа од радост (Јов 38:7)
Јехова секогаш стрпливо одвојува онолку време колку што е потребно за да го заврши она што го започнал. Тој го прави тоа и за да го прослави своето име и за корист на другите. На пример, размисли за тоа како Јехова постепено ја подготвувал Земјата за луѓето. Кога опишува како Јехова ја создал Земјата, Библијата вели дека тој ѝ ги одредил „мерките“, ги поставил „нејзините подножја“ и ѝ го положил „аголниот камен“ (Јов 38:5, 6). Јехова дури си одвоил време да го провери она што го направил (1. Мој. 1:10, 12). Можеш ли да си замислиш како се чувствувале ангелите додека гледале како Јехова постепено го оформува секое ново создание? Тие биле толку восхитени што воскликнувале од радост. Што може да научиме ние? Биле потребни илјадници години за Јехова да ги создаде сите прекрасни творби. Но, кога го погледнал сето она што толку внимателно го создал, рекол дека е „многу добро“ (1. Мој. 1:31; w21.08 9, пас. 6-7 ).
Петок, 11 август
Одлично, добар и верен робу! (Мат. 25:23)
Во споредбата на Исус, еден човек требало да замине на пат. Пред да тргне, ги повикал своите робови и им дал таланти со кои требало да тргуваат. Тој знаел дека тие имаат различни способности, и затоа на едниот му дал пет таланти, на другиот два, а на третиот роб еден талант. Првите двајца робови вложиле голем труд за да тргуваат со парите што ги добиле. Но третиот роб не направил ништо со парите, и неговиот господар го отпуштил. Првиот и вториот роб сериозно ја сфатиле задачата што им била доверена и напорно работеле за својот господар. Како резултат на тоа, двојно ги зголемиле парите што ги добиле. Нивниот труд бил богато награден. Господарот не само што се израдувал туку и сметал дека заслужуваат да им даде уште поголеми одговорности! (w21.08 21, пас. 7; 22, пас. 9-10).
Сабота, 12 август
Уште еднаш ќе ги затресам небото и земјата (Агеј 2:6)
Во текот на овие последни денови, Јехова покажува голема стрпливост. Тој не сака никој да биде уништен (2. Пет. 3:9). Бог на сите им дава можност да се покаат. Но, неговата стрпливост има граници. Оние што ја отфрлаат ваквата можност ќе се најдат во ситуација слична на онаа во која се нашол фараонот во времето на Мојсеј. Јехова му рекол на фараонот: „Досега веќе можев да ја испружам раката и да испратам чума врз тебе и врз твојот народ за да те снема од земјата. Но те оставив жив за да ти ја покажам својата моќ и да се објави моето име по целата земја“ (2. Мој. 9:15, 16). На крајот, сите народи ќе дознаат дека Јехова е единствениот вистински Бог (Езек. 38:23). Тресењето кое се спомнува во денешниот стих ќе значи вечно уништување за оние кои, исто како фараонот, одбиваат да го прифатат Јехова како Владетел (w21.09 18-19, пас. 17-18).
Недела, 13 август
Радувајте се со оние што се радуваат, плачете со оние што плачат (Рим. 12:15)
Дали чувствуваш болка во срцето затоа што некој твој близок е исклучен? И, што ако некој во собранието ти каже нешто поради кое ќе се чувствуваш уште полошо? Не можеме да очекуваме дека секој ќе го каже исправното нешто во секоја ситуација (Јак. 3:2). Сите сме несовршени, и затоа немој да бидеш изненаден ако некој не знае што да каже или, пак, дури каже нешто со кое ненамерно ќе те повреди. Имај го на ум советот на апостол Павле: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Кол. 3:13). Кога некој во собранието е исклучен, продолжи да ги поддржуваш членовите на семејството кои верно му служат на Јехова. На нив им се потребни твојата љубов и охрабрување повеќе од кога и да било порано (Евр. 10:24, 25). Понекогаш, членовите на семејството на некој што е исклучен забележуваат дека некои од собранието ги избегнуваат и се однесуваат со нив како и тие да се исклучени. Воопшто не би сакале да им оставаме таков впечаток! Особено младите чии родители ја напуштиле вистината имаат потреба да ги охрабруваме и пофалуваме (w21.09 29, пас. 13-14; 30, пас. 16).
Понеделник, 14 август
Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи (Изр. 1:5)
Кога зборуваш со некое постаро лице, и двајцата ќе се охрабрите (Рим. 1:12). Ти ќе бидеш уште поуверен дека Јехова се грижи за своите верни слуги, а постариот брат или сестра ќе се чувствува ценето и со задоволство ќе ти раскажува како Јехова го благословувал низ годините. Со текот на годините физичката убавина обично се губи, но оние што му се верни на Јехова стануваат сѐ поубави во негови очи (1. Сол. 1:2, 3). Зошто? Затоа што низ годините му дозволиле на Божјиот дух да ги обликува во личности со прекрасни особини. Колку повеќе ги запознаваме нашите постари браќа и сестри и учиме од нив, толку повеќе ќе ги цениме и ќе ги сметаме за скапоцени. Собранијата се зацврстуваат не само кога помладите покажуваат почит и ценење кон постарите туку и кога постарите го прават тоа кон помладите (w21.09 7, пас. 15-18).
Вторник, 15 август
Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди (Мат. 7:1, 2)
Мора да внимаваме да не станеме престроги и да се трудиме да бидеме богати со милосрдие како нашиот Бог (Еф. 2:4). Милоста не се сведува само на чувства. Оној што е милостив е поттикнат да прави нешто за другите. Сите ние може да бараме прилики да им помагаме на членовите на нашето семејство, на браќата и сестрите од собранието и на другите луѓе околу нас. Сигурно има многу прилики да покажеме милост! Дали некому му е потребна утеха? Дали некому можеме да му пружиме практична помош, можеби така што ќе му однесеме храна или ќе направиме нешто друго за него? Дали некој христијанин што повторно е примен во собранието има потреба од добар пријател кој ќе го храбри? Освен тоа, можеме да ја споделуваме со другите добрата вест која носи утеха (Јов 29:12, 13; Рим. 10:14, 15; Јак. 1:27). Ако сме свесни за ваквите потреби на луѓето околу нас, ќе забележиме дека има многу прилики да покажеме милост. Кога ние сме милосрдни, го радуваме нашиот небесен Татко, кој е „богат со милосрдие“! (w21.10 13, пас. 20-22).
Среда, 16 август
Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува (Пс. 23:1)
Во Псалм 23, Давид спомнал некои работи што имаат трајна вредност — изобилството духовни благослови кои Јехова му ги дал затоа што го прифатил како свој Пастир. Јехова го водел „по праведни патеки“ и верно го поддржувал и во добро и во лошо. Давид знаел дека, иако Јехова го водел „на зелени пасишта“, неговиот живот нема да биде без проблеми. Тој бил свесен дека понекогаш можеби ќе се обесхрабри и ќе се чувствува како да оди „низ долината на густата темнина“. Исто така, знаел дека ќе има непријатели. Но, бидејќи Јехова бил неговиот Пастир, Давид напишал дека нема да се плаши од зло. Во која смисла на Давид ништо не му недостасувало? Тој имал сѐ што му било потребно во духовен поглед. Неговата среќа не зависела од материјалните работи. Давид бил задоволен со она што Јехова му го обезбедувал, и најважно му било тоа што Тој го благословувал и го штител. Од зборовите на Давид гледаме колку е важно да имаме исправен став кон материјалните работи (w22.01 3-4, пас. 5-7).
Четврток, 17 август
Секој ќе добие награда според својот труд (1. Кор. 3:8)
Низ историјата, многу слуги на Јехова им проповедале на луѓе кои не сакале да слушаат. На пример, Ное, кого Библијата го нарекува „проповедникот на праведноста“, веројатно проповедал со децении (2. Пет. 2:5). Без сомнение, тој се надевал дека луѓето ќе реагираат позитивно на неговата порака, но Јехова со ништо не покажал дека такво нешто ќе се случи. Наместо тоа, кога му кажал да ја изгради арката, му рекол: „Влези во арката ти, и со тебе твоите синови и твојата жена и жените на твоите синови“ (1. Мој. 6:18). И, ако се земе предвид големината на арката што Јехова му рекол да ја изгради, Ное можеби сфатил дека многу луѓе нема позитивно да реагираат на неговата порака, бидејќи во арката не би имало место за сите нив (1. Мој. 6:15). Како што знаеме, ниту еден човек од тој насилен свет не обрнал внимание на проповедањето на Ное (1. Мој. 7:7). Дали Јехова сметал дека тој не проповедал доволно добро? Се разбира дека не! Јехова бил многу задоволен од Ное затоа што направил сѐ онака како што тој му заповедал (1. Мој. 6:22; w21.10 26, пас. 10-11).
Петок, 18 август
Заминав со полни раце, а Јехова ме врати со празни раце (Рут 1:21)
Замисли како се чувствувала Рут кога ги слушнала тие зборови. Таа направила толку многу за Ноемина. Плачела со неа, ја тешела и со денови пешачела заедно со неа. И покрај сето тоа, Ноемина рекла: „Јехова ме врати со празни раце“. Овие зборови, кои ги кажала во присуство на Рут, звучеле како воопшто да не ја цени нејзината помош. Тоа веројатно ѝ паднало многу тешко на Рут. Сепак, таа останала покрај неа (Рут 1:3-18). Можеби многу се трудиме да ѝ помогнеме на некоја сестра која е потиштена. И покрај тоа, можеби ќе каже нешто со кое ќе нѐ повреди. Во таков случај, се трудиме да не го сфаќаме тоа лично. И понатаму остануваме покрај нашата сестра и го молиме Јехова да ни помогне да најдеме начин да ја утешиме (Изр. 17:17). Една сестра која се бори со такви чувства можеби отпрвин ќе ја одбие нашата помош. Сепак, лојалната љубов ќе нѐ поттикне да не се откажеме лесно од неа (Гал. 6:2; w21.11 11, пас. 17-19).
Сабота, 19 август
Бидете свети во сѐ што правите (1. Пет. 1:15)
Во Библијата, зборовите „свет“ и „светост“ главно се однесуваат на неизвалканост во морален и во религиозен поглед. Освен тоа, овие изрази ја пренесуваат смислата некој да биде одвоен за да му служи на Бог. Со други зборови, ќе бидеме свети ако сме морално чисти, ако го обожаваме Јехова на исправен начин и ако имаме близок личен однос со него. Помислата дека Јехова, кој е потполно свет, сака да биде близок пријател со нас иако сме несовршени, нѐ исполнува со восхит. Јехова е чист во секој поглед. Тоа го дознаваме од она што го рекле серафимите — ангели кои се близу до Јеховиниот престол. Некои од нив објавувале: „Свет, свет, свет е Јехова над војските!“ (Иса. 6:3). Ангелите можат да имаат близок однос со Бог, кој е свет, бидејќи и тие се свети (w21.12 3, пас. 4-5).
Недела, 20 август
Внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Добро користете го времето што го имате (Еф. 5:15, 16, фус.)
Младите честопати размислуваат за тоа кој правец да го изберат во животот. Од една страна, професорите и членовите на семејството кои не се Сведоци можеби ги насочуваат кон високо образование кое би им овозможило угледна кариера во светот, што веројатно би им одзело многу време. Од друга страна, родителите и пријателите во собранието можеби ги поттикнуваат да го посветат својот живот на службата за Јехова. Што може да им помогне на младите кои го сакаат Јехова да ја донесат најдобрата одлука? Многу може да им користи ако ги прочитаат стиховите од Ефешаните 5:15-17 и ако размислуваат за нив. Откако ќе ги прочитаат овие стихови, би можеле да се прашаат: „Што е ’Јеховината волја‘? Со која одлука ќе го израдувам Јехова? Која одлука ќе ми овозможи најдобро да го користам моето време?“ Млади, имајте на ум дека „деновите се зли“ и дека овој свет со кој владее Сатана наскоро ќе биде уништен (w22.01 27, пас. 5).
Понеделник, 21 август
Всушност, неговите браќа не веруваа во него (Јован 7:5)
Кога Јаков станал верен следбеник на Исус? Откако воскреснал, Исус му се појавил „на Јаков, а потоа на сите апостоли“ (1. Кор. 15:7). Таа средба со Исус била пресвртница во животот на Јаков. Тој бил присутен во една горна соба во Ерусалим додека апостолите го очекувале ветениот свет дух (Дела 1:13, 14). Подоцна, Јаков имал чест да служи како член на водечкото тело во првиот век (Дела 15:6, 13-22; Гал. 2:9). А некое време пред 62 год. од н.е., под водство на светиот дух им напишал писмо на помазаните христијани. Ова писмо ни користи и нам денес, без оглед на тоа дали имаме надеж за живот на небото или на Земјата (Јак. 1:1). Според Јосиф Флавиј, историчар од првиот век, Јаков бил погубен по наредба на еврејскиот првосвештеник Ана (Ананија). Јаков му останал верен на Јехова сѐ до крајот на својот живот на Земјата (w22.01 8, пас. 3; 9, пас. 5).
Вторник, 22 август
Боже мој, Боже мој, зошто ме остави? (Мат. 27:46)
Што може да научиме од денешниот стих? Не треба да очекуваме дека Јехова ќе нѐ заштити од сите неволји кои се испит за нашата вера. Исто како Исус, кој бил искушан до смрт, и ние треба да му останеме верни на Јехова дури и по цена на нашиот живот (Мат. 16:24, 25). Сепак, може да бидеме уверени дека Бог нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што можеме да поднесеме (1. Кор. 10:13). Освен тоа, учиме дека можеби и ние неправедно ќе страдаме исто како Исус (1. Пет. 2:19, 20). Нашите противници ни нанесуваат страдања затоа што не сме дел од светот и затоа што сведочиме за вистината, а не затоа што правиме нешто лошо (Јован 17:14; 1. Пет. 4:15, 16). Исус знаел зошто Јехова дозволил тој да страда. За разлика од него, некои верни Божји слуги, кои поминуваат низ тешки ситуации, понекогаш се прашуваат зошто Јехова дозволил да им се случат некои работи (Авак. 1:3). Нашиот милостив и стрплив Бог знае дека тие не се чувствуваат така поради тоа што имаат слаба вера. Всушност, ним им е потребна утехата која само тој може да им ја даде (2. Кор. 1:3, 4; w21.04 11, пас. 9-10).
Среда, 23 август
Мојата молитва нека биде подготвена како темјан пред тебе (Пс. 141:2)
Јехова ќе го прифати нашето обожавање ако е во склад со неговата намера и ако го правиме тоа од љубов и од почит кон него. Знаеме дека тој заслужува да го обожаваме и сакаме да го правиме тоа најдобро што можеме. Еден начин на кој го обожаваме Јехова е кога му се молиме. Библијата ги споредува нашите молитви со внимателно подготвениот темјан кој се принесувал во светиот шатор, а подоцна и во храмот. Темјанот му бил пријатен на Бог. Слично на тоа, нашите искрени молитви му се допаѓаат на Бог дури и ако користиме едноставни зборови (Изр. 15:8; 5. Мој. 33:10). На Јехова му е многу мило кога слуша како ги изразуваме нашите љубов и благодарност кон него. Тој сака да му ги кажеме нашите грижи, нашите надежи и нашите желби. Пред да почнеш да му се молиш на Јехова, добро е внимателно да размислиш што ќе му кажеш. На тој начин, ќе му го принесеш најдобриот „темјан“ на својот небесен Татко (w22.03 20, пас. 2; 21, пас. 7).
Четврток, 24 август
Вам, кои трпите неволја, да ви донесе олеснување, како и нам, кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели (2. Сол. 1:7)
Во Армагедон, нема ние да одлучиме кому Јехова ќе му покаже милост, а кому не (Мат. 25:34, 41, 46). Дали ќе имаме доверба во Јеховините пресуди или, пак, ќе престанеме да му служиме затоа што нема да се согласиме со неговите одлуки? Очигледно, уште сега треба да си ја зајакнуваме довербата во Јехова за да можеме во иднина да имаме потполна доверба во него. Замисли како ќе се чувствуваме во Божјиот нов свет. Повеќе нема да постои лажната религија ниту, пак, алчниот трговски систем и политичкиот систем кои со векови ги угнетуваат луѓето и им нанесуваат многу страдања. Болестите, староста, како и смртта на нашите најблиски повеќе нема да бидат дел од нашето секојдневие. Сатана и демоните нема да имаат никакво влијание врз луѓето во период од илјада години. Последиците од нивната побуна ќе бидат отстранети (Отк. 20:2, 3). Колку само благодарни ќе бидеме тогаш што сме имале доверба во Јеховините одлуки! (w22.02 6-7, пас. 16-17).
Петок, 25 август
Среќни се миротворците (Мат. 5:9)
Исус преземал чекори да биде во мир со другите и ги поттикнувал оние што имале некакво несогласување да го решат. Тој ги поучил дека треба да се помират со својот брат доколку сакаат Јехова да го прифати она што го прават за Него (Мат. 5:23, 24). И, неколку пати им помогнал на апостолите да престанат да се расправаат за тоа кој од нив е најголем (Лука 9:46-48; 22:24-27). За да бидеме миротворци, не е доволно само да не започнуваме расправии. Треба да преземаме иницијатива за да бидеме во мир со другите и да ги поттикнуваме браќата и сестрите да ги решаваат своите несогласувања (Фил. 4:2, 3; Јак. 3:17, 18). Може да се прашаме: „На какви жртви сум спремен за да бидам во мир со другите? Кога некој брат или сестра ќе ме повреди, дали држам лутина? Дали чекам другиот да го преземе првиот чекор за да се помириме или јас го правам тоа, дури и ако сметам дека тој е крив?“ (w22.03 10, пас. 10-11).
Сабота, 26 август
Повеќе усреќува давањето отколку примањето (Дела 20:35)
Уште многу одамна, Библијата прорекла дека Божјиот народ „спремно ќе се понуди“ да ја извршува службата за Јехова под водство на неговиот Син (Пс. 110:3). Ова пророштво навистина се исполнува денес. Секоја година, Јеховините ревносни слуги поминуваат стотици милиони часови во проповедничкото дело. Тие го прават тоа доброволно и на свој трошок. Исто така, тие одвојуваат време за да им помагаат на своите соверници во физички, емоционален и духовен поглед. Именуваните браќа одвојуваат многу време за да ги подготват точките што ги имаат на состаноците и за да прават пастирски посети кај браќата и сестрите. Што ги мотивира Божјите слуги да го прават сето ова? Тоа е љубовта — љубовта кон Јехова и љубовта кон ближниот (Мат. 22:37-39). Исус ни оставил извонреден пример со тоа што ги ставал потребите на другите пред своите потреби. Ние даваме сѐ од себе за да одиме по неговите стапки. (Рим. 15:1-3) Оние што се трудат да го следат неговиот пример ќе имаат многу благослови (w22.02 20, пас. 1-2).
Недела, 27 август
Платата на наемникот да не остане кај тебе преку ноќта до изутрина (3. Мој. 19:13)
Повеќето луѓе во Израел се занимавале со земјоделство, и на наемниците им се исплаќале заработените пари на крајот од денот. Ако некој работник не ги добиел тие пари, можеби тој ден немало да може да ја обезбеди потребната храна за своето семејство. Јехова објаснил: „Тој е во неволја и душата негова желно ја исчекува својата плата“ (5. Мој. 24:14, 15; Мат. 20:8). Денес, на многу вработени платата им се исплаќа еднаш или двапати месечно, а не секој ден. Сепак, начелото од 3. Мојсеева 19:13 сѐ уште важи. Некои работодавци ги искористуваат своите вработени така што им плаќаат многу помалку од она што им следува. Тие знаат дека нивните работници скоро и да немаат друг избор освен да продолжат да работат кај нив за бедна плата. Може да се каже дека во таков случај „платата на наемникот“ останува кај работодавецот. Еден христијанин кој има свои вработени мора да размисли дали постапува чесно и праведно со нив (w21.12 10, пас. 9-10).
Понеделник, 28 август
Жеден сум (Јован 19:28)
Исус сигурно бил многу жеден после сите страдања што ги доживеал тој ден. Му била потребна помош за да ја згасне својата жед. Тој не сметал дека е знак на слабост да каже како се чувствува. И нам не треба да ни биде непријатно да го правиме тоа. Можеби не сакаме да им кажуваме на другите кога имаме потреба од нешто. Но, ако се најдеме во ситуација кога ни е потребна помош, не треба да се колебаме да им кажеме на другите. На пример, ако сме во поодминати години или имаме слабо здравје, можеби ќе треба да замолиме некој пријател да нѐ однесе во продавница или на лекар. Ако сме обесхрабрени или потиштени, можеби ќе треба да побараме помош од некој старешина или од некој друг зрел христијанин кој ќе нѐ сослуша или ќе ни каже некој убав збор за да нѐ охрабри (Изр. 12:25). Не заборавај дека браќата и сестрите те сакаат и спремни се да ти ја пружат потребната помош кога си во неволја (Изр. 17:17). Но, тие не можат да знаат за што размислуваш и како се чувствуваш. Можеби нема да бидат свесни дека ти е потребна помош доколку ти самиот не им кажеш (w21.04 11-12, пас. 11-12).
Вторник, 29 август
Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила (Изр. 24:10)
На многумина од нас ни е тешко кога ќе ни се сменат околностите. Некои кои долго време служеле во некој вид специјална полновремена служба добиле нова задача. Други, пак, поради својата возраст, морале да прекинат со задачата која многу им значела. Нормално е да се чувствуваме разочарано ако ни се случат вакви промени. Полесно ќе се справиме со некоја промена доколку на нашата ситуација гледаме онака како што гледа Јехова. Тој прави извонредни работи денес, а ние имаме голема чест да бидеме негови соработници (1. Кор. 3:9). Божјата љубов кон нас нема да се смени. Затоа, ако ти лично си засегнат од некоја промена во Јеховината организација, немој да трошиш премногу време размислувајќи од кои сѐ причини дошло до промената. Наместо да копнееш по „поранешните времиња“, моли го Јехова да ти помогне да ги гледаш добрите страни на промената (Проп. 7:10). Задржи позитивен став. Така ќе може да останеме радосни и верни дури и кога ќе ни се сменат околностите (w22.03 17, пас. 11-12).
Среда, 30 август
Јехова! Јехова! Бог кој ја чува својата [лојална љубов] за илјадници (2. Мој. 34:6, 7)
Кон кого Јехова покажува лојална љубов? Библијата кажува дека може да сакаме разни работи како, на пример, „земјоделството“, „виното и маслото“, „опомените“, „знаењето“, „мудроста“ (2. Лет. 26:10; Изр. 12:1; 21:17; 29:3). Меѓутоа, лојална љубов никогаш не може да се покаже кон материјални или апстрактни работи — таа се покажува само кон луѓе. Но, Јехова не ја покажува оваа особина кон секого, туку само кон оние што имаат близок однос со него. Нашиот Бог им е лојален на своите пријатели. Тој има прекрасна намера за нив и никогаш нема да престане да ги сака. Јехова покажал љубов кон целото човештво. Тоа го потврдил и Исус кога на еден човек по име Никодим му рекол: „Бог толку многу го сакаше светот [човештвото] што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:1, 16; Мат. 5:44, 45; w21.11 2, пас. 3; 3, пас. 6-7).
Четврток, 31 август
Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души (Лука 21:19)
Иако животот во овој свет е тежок, можеби во иднина ќе се соочиме со уште поголеми проблеми (Мат. 24:21). Со душа го чекаме денот кога сите овие проблеми ќе бидат минато — ќе бидат заборавени и никогаш повторно нема да се случат! (Иса. 65:16, 17). Очигледно, многу е важно и понатаму да ја зајакнуваме нашата решеност да бидеме истрајни. Зошто? Бидејќи Исус рекол: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19). Тоа што ќе размислуваме како некои други истрајуваат и покрај тоа што се соочуваат со проблеми слични на нашите, може да нѐ поттикне да бидеме уште поистрајни. Кој е најдобриот пример за истрајност? Јехова Бог. Можеби ова те изненадува. Но, размисли за следново. Овој свет е под власта на Ѓаволот, и затоа е преполн со проблеми. Јехова може веднаш да му стави крај на овој свет, но стрпливо го чека денот што го одредил за тоа (Рим. 9:22). Сѐ дотогаш, нашиот Бог ќе покажува истрајност (w21.07 8, пас. 2-4).