ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es23 стр. 67-77
  • Јули

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јули
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2023
  • Поднаслови
  • Сабота, 1 јули
  • Недела, 2 јули
  • Понеделник, 3 јули
  • Вторник, 4 јули
  • Среда, 5 јули
  • Четврток, 6 јули
  • Петок, 7 јули
  • Сабота, 8 јули
  • Недела, 9 јули
  • Понеделник, 10 јули
  • Вторник, 11 јули
  • Среда, 12 јули
  • Четврток, 13 јули
  • Петок, 14 јули
  • Сабота, 15 јули
  • Недела, 16 јули
  • Понеделник, 17 јули
  • Вторник, 18 јули
  • Среда, 19 јули
  • Четврток, 20 јули
  • Петок, 21 јули
  • Сабота, 22 јули
  • Недела, 23 јули
  • Понеделник, 24 јули
  • Вторник, 25 јули
  • Среда, 26 јули
  • Четврток, 27 јули
  • Петок, 28 јули
  • Сабота, 29 јули
  • Недела, 30 јули
  • Понеделник, 31 јули
Секојдневно истражување на Писмото — 2023
es23 стр. 67-77

Јули

Сабота, 1 јули

Ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, но на оние што преку него се поучени, подоцна им донесува плод полн со мир — праведност (Евр. 12:11)

Исклучувањето е еден начин на кој Јехова со љубов исправа некого. Тоа е за доброто на сите, вклучувајќи го и оној што направил грев. Некои од собранието можеби зборуваат дека старешините не донеле исправна одлука во врска со нечие исклучување. Но, имај на ум дека тие што зборуваат така обично не сакаат да ги спомнат негативните работи за исклучениот. Да не заборавиме дека ние едноставно ги немаме сите факти. Затоа, мудро е да имаме доверба дека старешините кои учествувале во правниот одбор се труделе многу внимателно да ги следат библиските начела и да судат „во името на Јехова“ (2. Лет. 19:6). Со тоа што ќе ја поддржуваш одлуката на старешините, дури можеш да му помогнеш на некој твој близок кој е исклучен да се врати кај Јехова. Елизабет вели: „Ни беше многу тешко тоа што немавме никаков контакт со нашиот возрасен син. Но, откако се врати кај Јехова, тој призна дека заслужил да биде исклучен. Подоцна, тој кажа дека извлекол важни поуки“ (w21.09 28-29, пас. 11-12).

Недела, 2 јули

Здогледа една сиромашна вдовица како пушта во нив две парички (Лука 21:2)

Размисли за сиромашната вдовица. Нема сомнеж дека таа сакала да даде повеќе за Јехова. Сепак, оваа вдовица му го дала на Јехова она што можела да му го даде, своето најдобро. И, Исус знаел дека нејзиниот прилог е скапоцен за неговиот Татко. Од ова можеме да извлечеме една важна поука: Јехова се радува кога му го даваме нашето најдобро, кога му служиме со сето срце и со сета душа (Мат. 22:37; Кол. 3:23). Тој е задоволен од нас кога гледа дека правиме сѐ што можеме! Ова се однесува и на времето и силата што ги трошиме на духовните активности, во што спаѓаат и службата на проповедање и состаноците. Како можеш со она што го научи од извештајот за вдовицата да им помогнеш на другите? Размисли кои соверници би можел да ги охрабриш така што ќе им кажеш дека Јехова се радува поради она што го прават за него. На пример, можеш да охрабриш некоја постара сестра која можеби се обвинува или се чувствува бескорисно затоа што поради слабото здравје повеќе не може да прави во службата онолку колку што правела порано (w21.04 6, пас. 17, 19-20).

Понеделник, 3 јули

Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот (Јак. 1:12)

Јехова знае кога е најдоброто време да му стави крај на овој злобен свет. Поради неговата стрпливост, многу луѓе имале можност да го запознаат и да почнат да му служат, и сега големото мноштво брои милиони. Сите тие се радуваат што, благодарение на Јеховината истрајност, можеле да се родат, да го засакаат и да му го заветуваат својот живот. Кога милионите лица што истрајале до крајот ќе ја добијат својата награда, ќе биде очигледно дека Јехова донел исправна одлука со тоа што решил да биде стрплив. Тој и понатаму е „среќниот Бог“, и покрај сета болка и страдања што Сатана ги предизвикува (1. Тим. 1:11). И ние може да останеме радосни додека стрпливо чекаме Јехова да го посвети своето име, да го оправда своето право да владее, да го отстрани сето зло и да им стави крај на сите проблеми што ги имаме денес. Затоа, да бидеме решени да истраеме, имајќи на ум дека и нашиот небесен Татко истрајува (w21.07 13, пас. 18-19).

Вторник, 4 јули

Може ли нешто добро да излезе од Назарет? (Јован 1:46)

Во првиот век, многумина не поверувале во Исус. За нив, тој бил само син на еден сиромашен дрводелец. Освен тоа, Исус бил од Назарет, град кој за другите немал некое големо значење. Дури и Натанаел, кој станал ученик на Исус, на почетокот рекол: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Можеби тој го имал на ум пророштвото од Михеј 5:2, каде што било претскажано дека Месијата ќе се роди во Витлеем, а не во Назарет. Пророкот Исаија претскажал дека непријателите на Исус нема да се интересираат за деталите поврзани со потеклото на Месијата (Иса. 53:8). Доколку овие луѓе си одвоеле време за да ги испитаат сите факти, ќе дознаеле дека Исус е роден во Витлеем и дека е потомок на цар Давид (Лука 2:4-7). Значи, Исус се родил во Витлеем, токму како што било проречено во Михеј 5:2. Тогаш, во што бил проблемот? Луѓето пребрзо донеле одлука, без да ги имаат сите факти. Поради тоа, тие не го прифатиле Исус (w21.05 2-3, пас. 4-6).

Среда, 5 јули

Ако ме укори праведник, тоа е масло за мојата глава (Пс. 141:5)

Во Библијата се спомнати добри примери на луѓе кои биле благословени затоа што прифатиле совет. Еден таков човек бил Јов. Иако го сакал Бог и сакал да го радува, тој не бил совршен. Кога бил под голем притисок, кажал некои погрешни работи. Поради тоа, добил директен совет — и од Елиу и од Јехова. Како реагирал Јов? Тој понизно го прифатил советот и рекол: „Зборував, но не го разбирав... повлекувам сѐ што реков и се каам во прав и пепел“ (Јов 42:3-6, 12-17). Тој покажал дека е понизен со тоа што го прифатил советот на Елиу, и покрај тоа што Елиу бил многу помлад од него (Јов 32:6, 7). Исто така, понизноста може да ни помогне да прифатиме совет дури и ако сметаме дека не сме направиле ништо погрешно или ако ни го даде некој што е помлад од нас. Зарем има некој меѓу нас што не треба во поголема мера да ги покажува плодовите на духот и повешто да ја извршува својата служба? (w22.02 11, пас. 8; 12, пас. 12).

Четврток, 6 јули

По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг (Јован 13:35)

Сите ние имаме одговорност да придонесеме собранието да биде место во кое ќе владее љубов и мир и никој нема да се чувствува потполно осамено. Со нашите зборови и постапки можеме многу да ги охрабриме другите. Како можеме да им помогнеме на оние што се сами во вистината да чувствуваат дека се дел од собранието? Преземи чекори за да се спријателиш со новите во собранието. Би можел да почнеш така што ќе им изразиш срдечно добредојде (Рим. 15:7). Сепак, не е доволно само пријателски да ги поздравиме. Сакаме со текот на времето да изградиме цврсти пријателства со нив. Покажи дека си искрено заинтересиран за нив. Обиди се да сфатиш со какви проблеми се соочуваат, но притоа почитувај ја нивната приватност. На некои можеби нема да им биде лесно да зборуваат за своите чувства, и затоа внимавај да не им вршиш притисок да го прават тоа. Наместо тоа, со ненаметливи прашања и на обѕирен начин поттикни ги да кажат како се чувствуваат, а потоа стрпливо сослушај ги. На пример, би можел да ги прашаш како ја запознале вистината (w21.06 11, пас. 13-14).

Петок, 7 јули

Тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир (Јован 10:16)

Многу ја цениме честа што можеме да му служиме на Јехова обединето како „едно стадо со еден пастир“! Во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, на страница 165, пишува: „Секој од нас има одговорност да го чува ова единство“. Затоа треба да „се трудиме да гледаме на нашите браќа и сестри како што гледа Јехова“. За него, секој од нас е скапоцен. Дали и ти така гледаш на твоите браќа и сестри? Јехова го забележува и многу го цени сето она што го правиме за нив (Мат. 10:42). Многу ги сакаме нашите браќа и сестри. Затоа решени сме да не ставаме „пред братот нешто поради кое би можел да се спрепне“ (Рим. 14:13). Ги сметаме нашите соверници за поголеми од себе и сакаме да им простуваме од срце. Исто така, да не дозволиме никој и ништо да нѐ спрепне. Наместо тоа, „да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19; w21.06 24, пас. 16-17).

Сабота, 8 јули

Бог дава да расте (1. Кор. 3:7)

Ако марливо ја проучуваме Божјата Реч и го применуваме она што го учиме од неа и од Божјата организација, постепено ќе ги развиваме особините што ги има Христос. Исто така, подобро ќе го запознаеме Бог. Во една споредба, Исус објаснил дека пораката за Царството што ја проповедаме е како мало семе што постепено расте во срцето на оние што се искрени. Тој рекол: „Семето никнува и расте, а тој [сејачот] и не знае како. Земјата сама од себе постепено донесува плод — прво стебленце, потоа клас и, на крајот, полно зрно во класот“ (Мар. 4:27, 28). Што сакал да каже Исус со ова? Исто како што едно растение постепено расте, така и оној што ја прифаќа пораката за Царството постепено расте во духовен поглед. На пример, како што нашите интересенти стануваат сѐ поблиски со Јехова, почнуваме да ги забележуваме убавите промени што ги прават (Еф. 4:22-24). Но, мора да имаме на ум дека Јехова е тој што дава тоа мало семе да расте (w21.08 8-9, пас. 4-5).

Недела, 9 јули

Подобро е да гледаш со очите отколку да се поведуваш по желбите на душата (Проп. 6:9)

Овој стих ни открива што може да ни помогне да бидеме радосни. Оној што се концентрира на она што го гледа со очите е задоволен со она што го има, а во тоа спаѓаат и неговите моментални околности. За разлика од него, оној што се поведува по своите желби копнее по нешто што не може да го има. Која поука може да ја извлечеме? За да бидеме радосни, треба да се концентрираме на она што го имаме и да си поставуваме достижни цели. Можно ли е човек да биде задоволен со она што веќе го прави? Многумина мислат дека тоа не е можно затоа што ние постојано сакаме да учиме нови работи. Сепак, можеме да најдеме радост во она што околностите ни дозволуваат да го правиме. Како? Тоа може да го дознаеме од споредбата на Исус за талантите, која е запишана во Матеј 25:14-30. Од неа учиме како да бидеме радосни, па дури и како да си ја зголемиме радоста во околностите во кои се наоѓаме (w21.08 21, пас. 5-6).

Понеделник, 10 јули

Јас живеам во висините и на свето место, а јас сум и со оние што имаат скршен и понизен дух (Иса. 57:15)

Јехова покажува голема грижа кон оние што имаат „скршен и понизен дух“. Сите ние, а не само старешините, може да ги храбриме нашите драги браќа и сестри. Еден начин да го правиме тоа е така што ќе покажеме дека искрено се грижиме за нив. Јехова сака да им покажеме дека тој многу ги сака (Изр. 19:17). Исто така, може да им помогнеме на овие браќа и сестри со нашата понизност и скромност. Не би сакале да го свртуваме вниманието кон себеси, и така да предизвикаме љубомора кај другите. Наместо тоа, сакаме со она што го зборуваме и правиме меѓусебно да се охрабруваме (1. Пет. 4:10, 11). Можеме многу да научиме како да се однесуваме со другите од начинот на кој Исус постапувал со своите следбеници. Тој бил најголемиот човек кој некогаш живеел, а сепак бил „благ и со понизно срце“ (Мат. 11:28-30). Кога поучувал, Исус се изразувал на едноставен начин и користел споредби од секојдневниот живот, и така допирал до срцето на понизните (Лука 10:21; w21.07 23, пас. 11-12).

Вторник, 11 јули

Прашај ги своите старци, и ќе ти раскажат (5. Мој. 32:7)

Преземи иницијатива за да зборуваш со постарите. Можеби тие повеќе не гледаат добро, побавно се движат или отежнато зборуваат. Но, тие сѐ уште се млади во срцето и си стекнале „добро име“ кај Јехова (Проп. 7:1). Имај на ум зошто Јехова ги смета за скапоцени и продолжи и понатаму да им покажуваш ценење. Биди како Елисеј, кој упорно настојувал да остане со Илија во текот на последниот ден што можеле да бидат заедно. Елисеј трипати му рекол на Илија: „Нема да те оставам“ (2. Цар. 2:2, 4, 6). Покажи искрен интерес кон постарите така што ќе им поставуваш прашања (Изр. 1:5; 20:5; 1. Тим. 5:1, 2). Би можел да ги прашаш: „Кога беше помлад, што те увери дека си ја пронашол вистината? Како она што си го доживеал ти помогнало да станеш поблизок со Јехова? Што ти помогнало да останеш радосен во службата?“ (1. Тим. 6:6-8). Потоа внимателно слушај што имаат да ти кажат (w21.09 5, пас. 14; 7, пас. 15).

Среда, 12 јули

Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)

Кога даваме сѐ од себе да бидеме послушни на заповедта да го извршуваме ова важно дело, ние ја покажуваме нашата љубов кон Бог (1. Јов. 5:3). Размисли за следново: Љубовта кон Јехова веќе те поттикнала да проповедаш од куќа до куќа. Дали ти беше лесно да бидеш послушен на таа заповед? Веројатно, не. Дали имаше трема кога првпат сведочеше од врата до врата? Сигурно си имал. Но, си знаел дека Исус сака да го правиш тоа, и затоа си бил послушен на неговата заповед. И, со текот на времето, веројатно ти станало полесно да учествуваш во проповедањето. А како се чувствуваш во врска со водењето библиски курсеви? Можеби те загрижува дури и самата помисла да го правиш тоа. Но, ако го молиш Јехова да ти помогне да бидеш храбар и да понудиш библиски курс, тој ќе ти помогне да развиеш желба да ги поучуваш луѓето (w21.07 3, пас. 7).

Четврток, 13 јули

Да примат жиг на десната рака или на челото (Отк. 13:16)

Во минатото, робовите биле обележувани со жиг за да се знае на кого му припаѓаат. Слично на тоа, и во нашево време од секого се очекува да прими симболичен жиг на раката или на челото, односно да покаже со своите постапки и со своите мисли дека ги поддржува владите на овој свет. Дали ќе го прифатиме овој симболичен жиг и ќе ги поддржиме политичките влади? Оние што одбиваат да го примат се соочуваат со тешкотии и опасности. Книгата Откровение ни кажува дека никој нема да може „ниту да купува ниту да продава освен оној што го има жигот“ (Отк. 13:17). Но, ние како Божји народ знаеме што ќе им направи Бог на оние што ќе го примат жигот (Отк. 14:9, 10). Наместо тој жиг, ние во симболична смисла ќе имаме напишано на раката „Јеховин“ (Иса. 44:5). Сега е вистинското време цврсто да стоиме на страната на Јехова. Ако му останеме верни, тој со радост ќе потврди дека му припаѓаме нему! (w21.09 18, пас. 15-16).

Петок, 14 јули

Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек (Изр. 27:17)

За да може да ја извршиме нашата служба, потребно е да побараме помош од другите. Апостол Павле го поучил Тимотеј како да проповеда и да поучува и го поттикнал и самиот да им помага на другите на ист начин (1. Кор. 4:17). Слично како Тимотеј, и ние можеме да учиме од поискусните во нашето собрание. Исто така, треба да го молиме Јехова за помош. Моли го Јехова да те води секојпат кога проповедаш. Без помошта од неговиот моќен свет дух, никој од нас не би можел ништо да направи (Пс. 127:1; Лука 11:13). Кога му се молиш на Јехова, биди конкретен. На пример, моли го да ти помогне да ги најдеш оние што сакаат да учат за него и што сакаат да ја слушаат нашата порака. Треба да си одвоиме и време за лично проучување. Божјата Реч вели дека треба да утврдиме „која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:2). Кога проучуваме, расте нашата увереност дека ја знаеме вистината за Бог, а тоа ни помага со уште поголема увереност да им зборуваме на другите во службата (w21.05 18, пас. 14-16).

Сабота, 15 јули

Вашиот труд во Господарот не е залуден (1. Кор. 15:58)

Што ако многу се трудиш околу некој интересент и се молиш за него, но тој не напредува, и сфаќаш дека би требало да прекинеш да проучуваш со него? Или, што ако никогаш не си проучувал со некој што на крајот се крстил? Дали треба да чувствуваш вина и да си мислиш дека Јехова не ја благословува твојата служба? Јехова ги забележува нашиот труд и нашата истрајност. За него, ние сме успешни во службата кога ја извршуваме трудољубиво и од срце, сеедно дали луѓето нѐ слушаат или не. Павле напишал: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“ (Евр. 6:10). Јехова нема да ги заборави нашата љубов и трудот што го вложуваме дури и ако нема видливи резултати од нашата служба. Според тоа, зборовите на апостол Павле запишани во стихот за денес важат и за нас (w21.10 25, пас. 4-6).

Недела, 16 јули

Сѐ што ми дава Таткото, ќе дојде кај мене, и оној што ќе дојде кај мене, нема да го истерам (Јован 6:37)

Добрината и љубовта на Исус можеле да се видат од начинот на кој постапувал со своите ученици. Тој знаел дека секој од нив има различни способности и околности. Затоа, не очекувал сите да извршуваат исти задачи, ниту пак во ист обем да учествуваат во службата. Сепак, Исус ценел кога секој го давал своето најдобро. Тоа се гледа од неговата споредба за талантите. Во споредбата, на секој роб господарот му доверил задача „според неговата способност“. Иако едниот од двајцата вредни робови се вратил со повеќе пари, господарот и двајцата ги пофалил со истите зборови: „Одлично, добар и верен робу!“ (Мат. 25:14-23). Исус и нам денес ни покажува добрина и љубов. Тој знае дека сите ние имаме различни способности и околности, и се радува кога го даваме нашето најдобро. И ние треба да го следиме неговиот пример (w21.07 23, пас. 12-14).

Понеделник, 17 јули

Нема да кренам рака на својот господар (1. Сам. 24:10)

Цар Давид не бил секогаш милостив. На пример, кога Навал, кој бил многу груб човек, во една прилика го навредил и одбил да даде храна за него и за неговите луѓе, Давид многу се разгневил и одлучил да ги убие и Навал и сите машки во неговиот дом. Но сопругата на Навал, Авигеја, која била добра и стрплива, реагирала брзо и спречила Давид да стане виновен за крв (1. Сам. 25:9-22, 32-35). Забележи дека, кога бил многу гневен, Давид рекол дека Навал и сите мажи во неговиот дом заслужуваат смрт. А подоцна бил спремен да го осуди на смрт и богатиот човек од споредбата на Натан. Во врска со вториот случај, можеби се прашуваме зошто еден сочувствителен човек како Давид би изрекол толку строга пресуда. Размисли за она што му се случувало во тој период. Тој имал нечиста совест. Ако некој строго им суди на другите, тоа е знак дека не се наоѓа во добра духовна состојба (w21.10 12, пас. 17-18; 13, пас. 20).

Вторник, 18 јули

Бидете свети, зашто јас сум свет (1. Пет. 1:16)

Од зборовите од денешниот стих учиме дека можеме да се угледаме на Јехова, кој е најдобриот пример во поглед на светоста. Ние мора да бидеме свети во нашето однесување. Можеби такво нешто ни изгледа невозможно бидејќи сме несовршени. Самиот апостол Петар направил некои грешки, но од неговиот пример гледаме дека можеме да бидеме свети. За повеќето луѓе, свет човек е некој што носи религиозна облека и секогаш има тажен и сериозен израз на лицето. Но, всушност, оние кои се свети воопшто не се такви. За Јехова, кој е свет, во Библијата се вели дека е „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11). И оние што му служат се наречени среќни (Пс. 144:15). Исус ги осудил оние што носеле посебни облеки и правеле добри дела само за да ги видат другите (Мат. 6:1; Мар. 12:38). Како христијани, ние знаеме што значи да се биде свет од она што го учиме од Библијата. Уверени сме дека нашиот грижлив Бог никогаш не би побарал од нас нешто што не можеме да го направиме (w21.12 2, пас. 1, 3).

Среда, 19 јули

Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце (Мар. 12:30)

Од сето она што Бог со љубов ни го дал, еден од најголемите дарови е способноста да го обожаваме. Ние му покажуваме на Јехова дека го сакаме така што ги држиме „неговите заповеди“ (1. Јов. 5:3). Една од заповедите која Јехова сака да ја држиме е запишана во Матеј 28:19, каде што Исус рекол да правиме ученици, крштавајќи ги. Друга заповед е да се сакаме „еден со друг“ (Јован 13:35). Оние што му се послушни на Јехова стануваат дел од неговото меѓународно семејство од верни слуги (Пс. 15:1, 2). Покажувај љубов кон другите. Најистакнатата особина на Јехова е љубовта (1. Јов. 4:8). Јехова нѐ сакал дури и пред да го запознаеме (1. Јов. 4:9, 10). Кога покажуваме љубов кон другите, ние го следиме неговиот пример (Еф. 5:1). Најдобар начин да им покажеме љубов на луѓето е да им помогнеме да дознаат за Јехова додека сѐ уште има време (Мат. 9:36-38). Кога го правиме тоа, им даваме можност еден ден да станат дел од Божјето семејство (w21.08 5-6, пас. 13-14).

Четврток, 20 јули

Никој нема поголема љубов од оваа (Јован 15:13)

Огромната љубов што Исус ја чувствувал кон Јехова го поттикнала да прави жртви за својот Татко и за нас (Јован 14:31). Исус покажал колку многу ги сака луѓето со начинот на кој живеел додека бил на Земјата. Тој секој ден покажувал љубов и сочувство кон другите, дури и кога некои му се противеле. Еден важен начин на кој покажувал дека ги сака луѓето е така што ги поучувал за Божјето Царство (Лука 4:43, 44). Исто така, Исус ја покажал својата самопожртвувана љубов кон Бог и кон луѓето со тоа што бил спремен да страда и да биде погубен од грешници. Така, на сите нас ни овозможил да добиеме вечен живот. Ние сме му го заветувале животот на нашиот небесен Татко Јехова и сме се крстиле затоа што го сакаме. Затоа, исто како Исус, и ние треба да покажеме дека го сакаме Јехова со начинот на кој постапуваме со другите. Апостол Јован напишал: „Кој не го сака својот брат, кого го гледа, не може да го сака Бог, кого не го гледа“ (1. Јов. 4:20; w22.03 10, пас. 8-9).

Петок, 21 јули

Внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Откупувајте си време (Еф. 5:15, 16)

Иако многу сакаме да поминуваме време со Јехова, тоа не ни е секогаш лесно. Бидејќи сме многу зафатени, може да ни биде тешко да одвојуваме време за духовните активности. Работата, семејните одговорности и другите неопходни работи можеби ни одземаат толку многу време што сметаме дека сме премногу зафатени за да се молиме, да проучуваме и длабоко да размислуваме. И нешто друго може да ни го одзема времето. Ако не сме внимателни, може да ни биде тешко да се зближуваме со Јехова затоа што сме зафатени со активности кои сами по себе не се погрешни, но ни одземаат премногу време. На пример, важно е да одвојуваме време за одмор и рекреација. Но, дури и ако се рекреираме на исправен начин, доколку трошиме премногу време на тоа, ќе ни страдаат духовните активности. Треба да ја ставиме рекреацијата на исправно место (Изр. 25:27; 1. Тим. 4:8; w22.01 26, пас. 2-3).

Сабота, 22 јули

Дојденецот што живее меѓу вас нека ви биде како роден Израелец. Сакајте го како самите себе (3. Мој. 19:34)

Кога Јехова им заповедал на Израелците да ги сакаат своите ближни како самите себе, тој не мислел дека требало да им покажуваат љубов само на оние што биле од истата раса или националност како нив. Тој им рекол дека требало да ги сакаат и дојденците. Тоа јасно се гледа од она што стои во 3. Мојсеева 19:33, 34. Тие требало да постапуваат со дојденецот како со „роден Израелец“ и да го сакаат „како самите себе“. На пример, според Законот, Израелците требало да им дозволат и на сиромашните и на дојденците да доприбираат на нивите (3. Мој. 19:9, 10). Начелото дека треба да им се покажува љубов на дојденците важи и за христијаните денес (Лука 10:30-37). Во светот има милиони имигранти и, веројатно, некои живеат во твојата близина. Многу е важно да се однесуваме со овие мажи, жени и деца со почит и достоинство (w21.12 12, пас. 16).

Недела, 23 јули

На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро (Пс. 34:10)

Колку повеќе се потпираме на Јеховиното водство сега, толку поуверени ќе бидеме во неговата способност да нѐ заштити во иднина. Ни треба вера и спремност да се потпираме на Јехова за да побараме слободни денови од нашиот работодавец со цел да присуствуваме на некој собир или конгрес или, пак, за да побараме промена во работното време со цел да присуствуваме на сите наши состаноци и да поминуваме повеќе време во служба. Да речеме дека нашиот работодавец не го прифатил нашето барање и сме ја изгубиле работата. Дали ќе имаме вера дека Јехова никогаш нема да нѐ напушти и дека секогаш ќе се грижи за нашите основни потреби? (Евр. 13:5). Многумина кои се во полновремена служба на своја кожа почувствувале како Јехова им помагал кога тоа им било најпотребно. Јехова навистина е верен. Штом Јехова е на наша страна, немаме причина да се плашиме од она што ни претстои. Сѐ додека го ставаме Царството на прво место, нашиот Бог никогаш нема да нѐ напушти (w22.01 7, пас. 16-17).

Понеделник, 24 јули

Не судите во името на некој човек, туку во името на Јехова (2. Лет. 19:6)

Како може да биде ставена на испит нашата доверба во старешините? Да речеме дека некое лице кое било исклучено ни е близок пријател. Можеби ќе сметаме дека старешините не ги зеле предвид сите факти или можеби ќе се прашуваме дали навистина одлучиле онака како што би одлучил Јехова. Што ќе ни помогне да задржиме исправен став кон донесената одлука? Треба да имаме на ум дека исклучувањето е мерка од Јехова која му користи на собранието, а може да му користи и на престапникот. Ако на некој што згрешил и не се кае му е дозволено да остане во собранието, тој би можел лошо да влијае врз другите (Гал. 5:9). Освен тоа, така можеби нема да сфати колку е сериозен гревот што го направил и можеби нема да биде поттикнат да ги промени своите ставови и постапки со цел да ја стекне Јеховината милост (Проп. 8:11). Може да бидеме сигурни дека, кога одлучуваат дали некој треба да биде исклучен, старешините многу сериозно гледаат на таа одговорност (w22.02 5-6, пас. 13-14).

Вторник, 25 јули

Згмечена трска нема да здроби и фитилот што тлее нема да го угасне (Мат. 12:20)

Стрпливоста и љубезноста се особено потребни кога некој во почетокот одбива да го прифати библискиот совет. Еден старешина треба да внимава да не се лути ако братот или сестрата не го прифати и не го примени добиениот совет. Затоа, кога се моли насамо, старешината може да побара од Јехова да му помогне на објавителот да разбере зошто му е потребен советот и да може да го примени. На оној што бил советуван можеби ќе му треба време да размисли за она што му било кажано. Ако старешината е љубезен и стрплив, на братот ќе му биде полесно да го прифати советот. Се разбира, советите секогаш треба да се темелат на Божјата Реч. Ние сакаме нашите совети не само да бидат корисни туку и да го „веселат срцето“ на нашите соверници (Изр. 27:9; w22.02 18, пас. 17; 19, пас. 19).

Среда, 26 јули

Од предолго исчекување се разболува срцето (Изр. 13:12)

Можеби го молиме Јехова да ни даде сила да се справиме со некој проблем или да ни помогне да надминеме некоја наша слабост, но ни се чини дека поминува доста време, а сѐ уште нема никаква промена. Зошто Јехова не ни одговара веднаш на сите наши молитви? Кога искрено му се молиме, за него тоа е доказ дека имаме вера во него (Евр. 11:6). Исто така, тој сака да види колку сме решени да постапуваме во склад со нашите молитви и да ја вршиме неговата волја (1. Јов. 3:22). Затоа, кога го молиме Јехова да ни помогне да надминеме некоја лоша навика или слабост, можеби ќе треба да бидеме стрпливи и да вложуваме труд да ги правиме потребните промени. Исус укажал дека некои наши молитви можеби нема да бидат одговорени веднаш. Тој рекол: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори. Зашто, секој што моли, добива. Секој што бара, наоѓа. И на секој што чука, ќе му се отвори“ (Мат. 7:7, 8; w21.08 8, пас. 1; 10, пас. 9-10).

Четврток, 27 јули

Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него (Пс. 119:97)

За да си ја зајакнеш верата во нашиот Творец, треба да продолжиш да ја проучуваш Божјата Реч (Ис. Нав. 1:8). Размисли за нејзините пророштва и за тоа колку таа е складна. Така ќе ти се зацврсти верата дека нѐ создал еден мудар и грижлив Творец и дека Библијата е негова Реч (2. Тим. 3:14; 2. Пет. 1:21). Кога ја проучуваш Божјата Реч, размислувај за тоа колку се корисни нејзините совети. На пример, уште многу одамна Библијата предупредила дека љубовта кон парите е штетна и дека може да ни нанесе „многу маки“ (1. Тим. 6:9, 10; Изр. 28:20; Мат. 6:24). Навистина е соодветно тоа што Библијата нѐ предупредува да не развиеме љубов кон парите! Можеш ли да се сетиш и на други библиски начела кои ти биле од корист? Колку повеќе ги цениме советите од Библијата толку повеќе ќе се потпираме на мудроста од нашиот грижлив Творец (Јак. 1:5). Како резултат на тоа, ќе имаме поисполнет и порадосен живот (Иса. 48:17, 18; w21.08 17-18, пас. 12-13).

Петок, 28 јули

Зашто, Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име (Евр. 6:10)

Ако си навлегол во поодминати години, биди уверен дека Јехова го памти сето она што си го правел за него во минатото. Ревносно си учествувал во делото на проповедање, си покажал истрајност и покрај проблемите, вклучувајќи ги и оние кои ти нанеле голема болка. Цврсто си се држел за библиските праведни мерила, верно си извршувал важни задачи во Јеховината организација и си обучувал други. Си давал сѐ од себе да останеш во чекор со многуте промени кои ги направила Божјата организација. Си ги поддржувал и си ги храбрел оние што се во полновремена служба. Јехова Бог многу те сака затоа што си му верен. Тој ветува дека „нема да ги остави оние што му се лојални“ (Пс. 37:28). Исто така, тој го дал следново уверување: „И кога ќе ви побели косата ќе ве поддржувам“ (Иса. 46:4). Затоа, немој да мислиш дека поради тоа што си во поодминати години повеќе немаш важна улога во Јеховината организација. Биди уверен дека твојата улога е многу важна! (w21.09 3, пас. 4).

Сабота, 29 јули

Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него (Пс. 103:13)

Јехова покажува милост поради својата неизмерна мудрост. Библијата вели дека „мудроста одозгора“ е „полна со милосрдие и со добри плодови“ (Јак. 3:17). Како родител полн со љубов, Јехова е свесен дека тоа што покажува милост е за доброто на неговите деца (Иса. 49:15). Благодарение на Божјата милост, ние имаме надеж за иднината и покрај тоа што сме несовршени. Затоа што е многу мудар, Јехова секогаш покажува милост кога гледа дека има основа за тоа. Во исто време, Јехова ја покажува својата милост на совршено урамнотежен начин. Тој знае каде точно да повлече граница за да покаже милост, а да не биде попустлив. Да речеме дека еден Божји слуга намерно одлучува да живее неморално. Што треба да правиме? „Престанете да се дружите“ со таквото лице, напишал Павле под водство на светиот дух (1. Кор. 5:11). Кога некој прави грев и не се кае поради тоа, ќе биде исклучен од собранието. Таквата мерка е неопходна за да се заштитат верните браќа и сестри, и за да се поддржат Јеховините високи мерила (w21.10 9-10, пас. 7-8).

Недела, 30 јули

Бог го сака веселиот дарител (2. Кор. 9:7)

Го обожаваме Јехова кога го поддржуваме делото за Царството со нашите прилози. Израелците не требало да доаѓаат пред Јехова со празни раце (5. Мој. 16:16). Тие требало да приложат нешто во склад со своите можности. На тој начин покажувале дека се благодарни за сето она што Јехова го правел за нив. Како можеме ние да ја покажеме нашата љубов кон Јехова и нашата благодарност за сето она што тој го прави за нас? Еден начин е така што во склад со нашите можности ќе даваме доброволни прилози за нашето собрание и за меѓународното дело. Во врска со тоа, апостол Павле рекол: „Давањето е особено добредојдено ако човек има желба да даде. Од секого се очекува да го даде она што го има, а не она што го нема“ (2. Кор. 8:4, 12). Јехова го цени секој наш прилог, дури и ако е многу мал (Мар. 12:42-44; w22.03 24, пас. 13).

Понеделник, 31 јули

Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите (1. Сол. 5:14)

Старешините не можат да ги отстранат сите неволји со кои се соочуваат Јеховините слуги. Сепак, Јехова сака тие да прават сѐ што можат за да го храбрат и да го штитат неговиот народ. И покрај тоа што се многу зафатени, како можат старешините да најдат време за да им ја дадат потребната помош на браќата и сестрите? Така што ќе го следат примерот на апостол Павле. Тој барал начини за да ги пофали и да ги охрабри своите соверници. Добро е старешините да го следат неговиот пример така што со браќата и сестрите ќе постапуваат љубезно и обѕирно (1. Сол. 2:7). Павле отворено им кажувал на браќата и сестрите дека ги сака, а и дека Јехова ги сака (2. Кор. 2:4; Еф. 2:4, 5). Тој им бил пријател и поминувал време со нив. Покажувал дека има доверба во нив така што отворено зборувал за своите стравови и слабости (2. Кор. 7:5; 1. Тим. 1:15). Но, со тоа не сакал да го насочи вниманието кон своите проблеми, туку сакал да им помогне на соверниците (w22.03 28, пас. 9-10).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели