Јуни
Четврток, 1 јуни
Дојде една сиромашна вдовица и пушти две парички (Мар. 12:42)
Животот на вдовицата воопшто не ѝ бил лесен, едвај врзувала крај со крај. Сепак, таа отишла до еден од садовите за прилози и незабележливо пуштила две мали парички, кои едвај можеле да се слушнат додека паѓале внатре. Исус знаел колку пари ставила — две лепти, најмалите парички кои се користеле во тоа време. Со нив не можело да се купи дури ниту едно врапче, кое било една од најевтините птици што се продавале за храна. Исус бил восхитен од оваа вдовица. Затоа ги викнал учениците кај себе, им ја покажал вдовицата и им рекол: „Оваа сиромашна вдовица пушти повеќе од сите“. А потоа додал: „Тие [особено богатите] пуштија од својот вишок, а таа од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот“ (Мар. 12:43, 44). Со тоа што ги пуштила последните пари кои ги имала тој ден, оваа вдовица покажала доверба дека Јехова ќе се грижи за неа (Пс. 26:3; w21.04 6, пас. 17-18).
Петок, 2 јуни
Еве, го наполнивте Ерусалим со своето учење (Дела 5:28)
Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус без престан проповедал и се надевал дека луѓето ќе ја прифатат неговата порака. Тој сака и неговите следбеници да задржат позитивен став кон службата (Јован 4:35, 36). Додека Исус бил со своите ученици, тие ревносно ја проповедале добрата вест (Лука 10:1, 5-11, 17). Но, откако бил уапсен и потоа убиен, неговите ученици некое време немале желба да проповедаат (Јован 16:32). По своето воскресение, Исус ги поттикнал да се посветат на проповедањето. Откако се вознел на небото, тие проповедале со толку голема ревност што нивните непријатели почнале да се жалат, како што читаме во денешниот стих. Исус го водел проповедничкото дело што го извршувале христијаните во првиот век, и Јехова ги благословил со пораст. На пример, на Педесетница 33 год. од н.е. се крстиле околу 3.000 луѓе (Дела 2:41). И, бројот на ученици сѐ повеќе растел (Дела 6:7). Сепак, Исус прорекол дека во последните денови проповедничкото дело ќе доживее уште поголем пораст (Јован 14:12; Дела 1:8; w21.05 14, пас. 1-2).
Сабота, 3 јуни
Среќен е оној што нема да се спрепне од мене (Мат. 11:6, фус.)
Дали се сеќаваш на моментот кога сфати дека си ја нашол вистината? Си мислеше дека секој ќе сака да ги дознае работите во кои ти си почнал да веруваш. Беше уверен дека пораката од Библијата ќе им помогне на другите да имаат посреќен живот уште сега и прекрасна надеж за иднината (Пс. 119:105). Затоа, со голема воодушевеност им зборуваше на сите твои пријатели и роднини за вистините кои си ги научил. Но, што се случи? На твое големо изненадување, многумина не го прифатија она што им го кажуваше. Никој од нас не треба да се изненади ако другите не ја прифатат пораката која ја проповедаме. Во времето на Исус, повеќето луѓе не го прифатиле, иако тој правел чуда кои биле доказ дека е испратен од Бог. На пример, Исус го воскреснал Лазар — чудо кое не можеле да го оспорат оние што му се противеле. И покрај тоа, еврејските водачи не го прифатиле Исус како Месија. Тие дури сакале да ги убијат и Исус и Лазар (Јован 11:47, 48, 53; 12:9-11; w21.05 2, пас. 1-2).
Недела, 4 јуни
Да не ги пропуштаме нашите состаноци, туку да се храбриме еден со друг (Евр. 10:25)
Давај сѐ од себе за редовно да присуствуваш на состаноците. Ќе бидеш охрабрен од програмата која се изнесува и подобро ќе се запознаеш со браќата и сестрите. Стекнувај пријатели во собранието од кои можеш да учиш. Тие можат да бидат на различна возраст или да имаат поинакво потекло од тебе. Од Библијата дознаваме дека постарите лица имаат мудрост (Јов 12:12). Од друга страна, и постарите можат многу да научат од помладите во собранието. Иако Давид бил многу помлад од Јонатан, тоа не било пречка да бидат блиски пријатели (1. Сам. 18:1). Давид и Јонатан си помагале еден на друг да му останат верни на Јехова и покрај неволјите со кои се соочувале (1. Сам. 23:16-18). Една сестра по име Ирина, која е сама во вистината, вели: „Нашите соверници можат да ни станат како вистинско семејство. Преку нив Јехова може да ни го даде она што ни недостасува“. Твоите пријатели сакаат да те охрабрат и да те зајакнат, но потребно е ти да им кажеш како да го направат тоа (w21.06 10-11, пас. 9-11).
Понеделник, 5 јуни
Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат (Мат. 18:35)
Исус кажал споредба за еден цар и за неговиот роб. Царот му поништил на робот еден огромен долг кој никогаш не би можел да го отплати. Подоцна, истиот тој роб не сакал на еден друг роб да му поништи долг кој бил многу помал од неговиот. На крајот, царот го фрлил овој немилосрден роб во затвор. Со она што го направил, овој роб си наштетил себеси, но и на другите. Прво, тој не покажал милост кон другиот роб, така што го фрлил во затвор додека не му го вратил она што му го должел. Второ, ги повредил другите робови кои виделе што направил. Во Библијата пишува: „Кога другите робови видоа што се случи, многу се нажалија“ (Мат. 18:30, 31). Слично на тоа, нашите постапки влијаат врз другите. Што ако некој лошо постапува со нас, а ние не сакаме да му простиме? Прво, го повредуваме тоа лице така што не му простуваме, го игнорираме и не му покажуваме љубов. Второ, и другите во собранието се чувствуваат непријатно бидејќи гледаат дека ние не сме во мир со тоа лице (w21.06 22, пас. 11-12).
Вторник, 6 јуни
[Ќе] бидат уништени оние што ја уништуваат земјата (Отк. 11:18)
Сатана ужива кога луѓето, кои се создадени според Божјиот лик, прават изопачени работи. Кога во времето на Ное видел дека „лошотијата на човекот на земјата е голема“, Јехова зажалил што го направил човекот, и го доболело во срцето (1. Мој. 6:5, 6, 11). Дали ситуацијата денес е подобра? Воопшто не! Колку мора да е среќен Ѓаволот кога гледа дека луѓето се впуштаат во најразличен сексуален неморал, и тоа не само со лица од спротивниот туку и со лица од истиот пол (Еф. 4:18, 19). Тој особено се радува ако успее да наведе некој Божји слуга да направи сериозен грев. Под власта на Сатана не само што луѓето владеат едни над други на своја штета туку и не ја извршуваат задачата што Јехова им ја доверил — да се грижат за Земјата и за животните (1. Мој. 1:28; Проп. 8:9). Кој е резултатот од тоа? Некои научници предупредуваат дека во следните неколку години, поради човечки фактор, можат да исчезнат уште еден милион видови растенија и животни (w21.07 12, пас. 13-14).
Среда, 7 јуни
Јехова ќе му прости великодушно! (Иса. 55:7)
Некои Божји слуги се преплавени од чувства на вина поради грешките што ги направиле во минатото. Нивното срце толку многу ги осудува што мислат дека Јехова никогаш не би можел да им прости — иако се покајале и се промениле. Ако и ти се чувствуваш така, тоа што ќе дознаеш колку многу Јехова сака да им покажува лојална љубов на своите слуги ќе ти помогне да му служиш радосно и со чиста совест. Ова е возможно бидејќи „крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:7). Кога се чувствуваш потиштено поради своите слабости, имај на ум дека Јехова има голема желба да му прости на секој што вистински се кае. Забележи како псалмистот Давид ја поврзал лојалната љубов со простувањето. Тој напишал: „Како што се небесата повисоки од земјата така и неговата милост [лојална љубов] ги надвишува оние што се бојат од него. Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Пс. 103:11, 12; w21.11 5, пас. 12-13).
Четврток, 8 јуни
Нејзините синови стануваат и ја нарекуваат среќна, мажот нејзин станува и ја фали (Изр. 31:28)
Јехова очекува од сопрузите да ги почитуваат своите сопруги (1. Пет. 3:7). Тоа значи да им укажуваат посебно внимание и чест. На пример, еден сопруг кој ја почитува својата сопруга ѝ покажува колку таа му значи и не бара од неа повеќе од она што може да го даде. И, се разбира, не ја споредува со други жени. Како би се чувствувала сопругата доколку сопругот го прави тоа? Мажот на една наша сестра која се вика Роза не е Јеховин сведок. Тој често ја споредува со други жени, и поради неговите груби зборови таа има ниска самодоверба и чувства на безвредност. Роза вели: „Постојано треба да се уверувам дека Јехова ме цени“. Но, еден сопруг кој му служи на Јехова ѝ покажува почит на својата жена. Тој знае дека ова влијае не само врз неговиот однос со неа туку и врз неговиот однос со Јехова. Еден сопруг кој ја почитува својата сопруга ја пофалува, ѝ кажува дека ја сака и пред другите зборува убаво за неа (w21.07 22, пас. 7-8).
Петок, 9 јуни
Готов сум да го чекам Богот на моето спасение (Мих. 7:7)
Замисли дека некој твој пријател треба да ти донесе нешто што ти е многу потребно. Како ќе се чувствуваш ако не пристигне во договореното време? Дали ќе бидеш разочаран? Но, како ќе се чувствуваш ако дознаеш дека има добри причини зошто пријателот не пристигнал во договореното време? Во тој случај, веројатно ќе ти биде полесно да бидеш стрплив и спремно да чекаш. Едно начело кое ни покажува зошто треба да бидеме стрпливи е запишано во Изреки 13:11. Таму стои: „Богатството кое брзо се стекнува, брзо го снемува, но богатството на оној што собира малку по малку, ќе се зголемува“ (Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Која е поуката од овој стих? Мудро е да бидеме стрпливи и да ги правиме работите чекор по чекор. Во Изреки 4:18 пишува дека „патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“. Овие зборови јасно покажуваат дека Јехова на своите слуги постепено им ја открива својата намера. Овој стих може да се примени и на начинот на кој еден христијанин напредува во духовен поглед. Таквиот напредок не се случува преку ноќ. За тоа е потребно време (w21.08 8, пас. 1, 3-4).
Сабота, 10 јуни
Еве ме мене, испрати ме мене! (Иса. 6:8)
Додека се приближува крајот на овој свет, има уште многу работа (Мат. 24:14; Лука 10:2; 1. Пет. 5:2). Сите сакаме да му служиме на Јехова најдобро што можеме. Многумина се трудат да ја зголемат својата служба. Некои си поставиле за цел да служат како пионери. Други имаат желба да служат во Бетел или да помагаат при изградба на теократски објекти. А многу браќа се трудат да ги исполнат условите да служат како слуга-помошници или старешини (1. Тим. 3:1, 8). Јехова многу се радува кога гледа дека неговиот народ покажува ваков спремен дух! (Пс. 110:3). Но, дали си обесхрабрен затоа што сѐ уште не си постигнал некоја духовна цел? Ако да, кажи му на Јехова како се чувствуваш (Пс. 37:5-7). Исто така, можеш да побараш совет од некои поискусни браќа во врска со тоа на кое поле би можел да се подобриш, а потоа труди се да го примениш она што ти го кажале. На тој начин, можеби ќе успееш да ја постигнеш својата цел (w21.08 20, пас. 1; 21, пас. 4).
Недела, 11 јуни
Јехова нема да ги остави оние што му се лојални (Пс. 37:28)
Пророчицата Ана била вдовица и имала 84 години, но никогаш не изостанувала од храмот. Бидејќи покажала верност со тоа што редовно одела во храмот, Јехова богато ја наградил. Таа имала можност да го види Исус како бебе (Лука 2:36-38). И во поново време, многу од постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова се одличен пример за помладите. Ако одвојуваме време за нив, им поставуваме прашања и стрпливо слушаме додека ни раскажуваат за убавите искуства што ги имале во службата за Јехова, ќе бидеме многу охрабрени. Нашите постари браќа и сестри се многу важни за Јехова и за неговата организација. Низ годините тие виделе како Бог на разни начини ја благословил својата организација, а и нив лично. Од грешките што ги направиле во животот, тие извлекле важни поуки. Гледај на постарите како на извор на мудрост и учи од нивното искуство (Изр. 18:4). Ако одвојуваш време за да ги запознаеш, твојата вера ќе се зајакне (w21.09 3, пас. 4; 4, пас. 7-8; 5, пас. 11, 13).
Понеделник, 12 јуни
Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ (Иса. 60:22)
Јеховиниот народ има корист од она што Исаија го нарекол „млекото на народите“ (Иса. 60:5, 16). Благодарение на најразличните вештини и способности што ги имаат оние што ја прифаќаат вистината, добрата вест се проповеда во 240 земји, а нашата литература се издава на преку 1.000 јазици. Во ова време на крајот, проповедањето на пораката со која се тресат народите ги принудува луѓето да донесат една одлука — дали ќе го поддржат Божјето Царство или ќе ја положат својата доверба во владите на овој свет. Тоа е одлука која секој ќе мора да ја донесе. Јеховините слуги се послушни на законите што ги носат властите во нивната земја, но остануваат потполно неутрални во поглед на политичките работи на овој свет (Рим. 13:1-7). Тие знаат дека Царството е единственото вистинско решение за проблемите на луѓето. Тоа Царство не е дел од овој свет (Јован 18:36, 37; w21.09 17-18, пас. 13-14).
Вторник, 13 јуни
Излевајте го срцето пред него! (Пс. 62:8)
Ако некој што го сакаш ја напуштил вистината, многу е важно да продолжиш да се зајакнуваш и себеси и другите во семејството. Како можеш да го правиш тоа? Црпи сила од Јехова така што секојдневно ќе ја читаш Божјата Реч и ќе размислуваш за неа и така што редовно ќе присуствуваш на христијанските состаноци. Јоана, чиј татко и чија сестра ја напуштиле вистината, вели: „Многу ме смирува кога читам за некои библиски личности, како што се Авигеја, Естира, Јов, Јосиф и Исус. Нивниот пример ме исполнува со позитивни мисли кои ми ја ублажуваат болката“. Кога се чувствуваш потиштено или вознемирено, не престанувај да му се молиш на Јехова. Сесрдно моли го нашиот грижлив Бог да ти помогне да гледаш на ситуацијата од негова гледна точка, како и да ти даде разборитост и да те поучи за „патот по кој треба да одиш“ (Пс. 32:6-8). Се разбира, може да биде многу болно да му кажеш на Јехова како навистина се чувствуваш. Но, тој потполно ја разбира болката во твоето срце. Јехова те поттикнува да му го излееш срцето (2. Мој. 34:6; Пс. 62:7; w21.09 27-28, пас. 9-10).
Среда, 14 јуни
Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го! (Мат. 17:5)
По Пасхата 32 год. од н.е., апостолите Петар, Јаков и Јован биле сведоци на едно впечатливо видение. На една висока планина, веројатно на некој дел од планината Хермон, Исус се преобразил пред нив. Извештајот вели: „Лицето му светна како сонце, а облеката му стана бела како светлина“ (Мат. 17:1-4). Апостолите го чуле гласот на Бог како вели: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ Со својот начин на живот, овие тројца апостоли покажале дека навистина го слушале Исус. Ние сакаме да го следиме нивниот пример. Колку сме благодарни што Јехова со љубов ни дава водство преку Исус Христос, кој е „глава на собранието“! (Еф. 5:23). Да бидеме решени да го слушаме Исус, исто како што го слушале апостолите Петар, Јаков и Јован. Ако го правиме тоа, ќе добиеме многу благослови и ќе уживаме во бескрајна среќа во иднина (w21.12 22, пас. 1; 27, пас. 19).
Четврток, 15 јуни
Ќе те казнам колку што е потребно (Ерем. 30:11)
Еден христијанин од Коринт живеел неморално со жената на својот татко. Апостол Павле им кажал на Коринќаните да го исклучат. Неморалното однесување на тој човек лошо влијаело врз другите во собранието; некои дури не ни сметале дека станувало збор за сериозен грев! (1. Кор. 5:1, 2, 13). По некое време, Павле дознал дека грешникот вистински се покајал! Тој им рекол на старешините: „Спремно простете му и утешете го“. Причината за тоа ја навел самиот Павле: „За да не го скрши преголемата жалост“. На Павле му било жал за грешникот кој се каел и не сакал тој човек да биде толку разжалостен и скршен од тага што ќе престане да бара простување (2. Кор. 2:5-8, 11). По примерот на Јехова, старешините сакаат да покажуваат милост. Тие покажуваат цврстина секогаш кога е неопходно, но покажуваат милост секогаш кога е возможно, односно кога има основа за тоа. Во спротивно, тоа не би било милост, туку попустливост (w21.10 11-12, пас. 12-15).
Петок, 16 јуни
Не одмаздувај се и не држи лутина (3. Мој. 19:18)
Повредените чувства може да ги споредиме со дословни рани — некои се помали, а некои посериозни. На пример, кога отвараме плик, може да се случи острата хартија малку да ни го исече прстот. Тоа може да нѐ здоболи, но по неколку дена можеби нема ни да се сеќаваме каде сме се пресекле. Слично на тоа, некој може да ни нанесе мала болка во емоционален поглед. На пример, некој пријател можеби ќе каже или ќе направи нешто непромислено што ќе нѐ здоболи, но нема да ни биде тешко брзо да му простиме. Од друга страна, ако имаме подлабока рана, можеби докторот ќе треба да ја сошие и да ја преврзе со завој. Ако постојано ја чепкаме раната, само ќе си наштетиме. За жал, нешто слично би можел да прави и некој што е длабоко повреден од некого. Тој можеби постојано ќе размислува за емоционалната болка што ја доживеал и за тоа колку е повреден. Но, оние што држат лутина си наштетуваат себеси. Колку само е подобро да бидеме послушни на советот запишан во денешниот стих! (w21.12 12, пас. 15).
Сабота, 17 јуни
Зошто го осудуваш својот брат? (Рим. 14:10)
Да речеме дека еден старешина е загрижен за изборот на облека и изгледот на некој соверник. Тој би можел да се праша: „Дали има библиска основа за да дадам совет?“ Бидејќи е свесен дека не треба да дава свое мислење, тој би можел да праша некој друг старешина или зрел објавител што мисли за тоа. Тие можат заедно да го разгледаат советот на Павле во врска со тоа како треба христијаните да се облекуваат и изгледаат (1. Тим. 2: 9, 10). Павле навел некои општи начела и рекол дека христијаните треба да покажуваат скромност и разборитост при изборот на облека. Но, тој не навел список за тоа што е прифатливо, а што е забрането. Павле бил свесен дека христијаните имаат право сами да изберат како ќе се облекуваат сѐ додека тоа е во склад со библиските начела. Затоа, старешините треба да размислат дали објавителот покажува скромност и разборитост со својот начин на облекување. Треба да имаме на ум дека двајца зрели христијани може да донесат различни одлуки, а сепак и двете да се прифатливи. Не треба да им ги наметнуваме на другите објавители нашите мерила за исправно и погрешно (w22.02 16, пас. 9-10).
Недела, 18 јуни
Покажувајте си еден на друг лојална љубов и милосрдие (Зах. 7:9, фус.)
Имаме добри причини за да си покажуваме лојална љубов еден на друг. Кои се некои од нив? Одговорот го наоѓаме во следните изреки од Библијата: „Лојалната љубов и вистината нека не те оставаат... па ќе стекнеш наклоност и кај Бог и кај луѓето“. „Човекот кој покажува лојална љубов ѝ прави добро на својата душа.“ „Кој оди по праведност и по лојална љубов, наоѓа живот“ (Изр. 3:3, 4, фус.; 11:17, фус.; 21:21, фус.). Во овие изреки се спомнати три причини зошто треба да покажуваме лојална љубов. Прво, со тоа што покажуваме лојална љубов ние сме скапоцени за Бог. Второ, тоа што покажуваме лојална љубов ни користи нам лично, на пример, ни помага да имаме трајни пријателства. Трето, поради тоа што покажуваме лојална љубов, ќе добиеме благослови во иднина, во што спаѓа и вечен живот. Навистина имаме добри причини да бидеме послушни на Јеховините зборови: „Покажувајте си еден на друг лојална љубов и милосрдие“ (w21.11 8, пас. 1-2).
Понеделник, 19 јуни
Дај ни уште вера! (Лука 17:5)
Ако од неволјите со кои си се соочил во минатото или од оние со кои сега се соочуваш сфаќаш дека твојата вера не е доволно силна, не се обесхрабрувај. Гледај на тоа како на можност да си ја зајакнеш верата. Сесрдно моли го Јехова, особено кога се соочуваш со неволји. Имај на ум дека Јехова може да ти ја даде потребната помош преку семејството или пријателите. Ако сега му дозволуваш на Јехова да ти помага во неволјите што ги имаш, ќе станеш поуверен дека, сеедно со каков испит на верата ќе се соочиш во иднина, тој ќе ти помогне да го издржиш. Исус им помогнал на своите ученици да сфатат на кои подрачја треба да си ја зајакнат верата. Но, никогаш не се сомневал дека Јехова ќе им помогне да ги надминат идните испити на верата (Јован 14:1; 16:33). Тој бил уверен дека силната вера ќе им помогне на едно „големо мноштво луѓе“ да ја преживеат големата неволја (Отк. 7:9, 14). И ти ќе бидеш меѓу нив доколку уште сега правиш сѐ што можеш за да си ја зајакнеш верата (Евр. 10:39; w21.11 25, пас. 18-19).
Вторник, 20 јуни
Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог (Пс. 34:7)
Ние не очекуваме Јехова со чудо да нѐ штити. Но, знаеме дека на оној што има доверба во Јехова никогаш нема да му биде нанесена трајна штета. Наскоро, нашата доверба во Јеховината способност да нѐ заштити ќе биде ставена на испит. Кога Гог од Магог — коалицијата составена од сите народи — ќе ги нападне Божјите слуги, ќе изгледа дека нашите животи се во опасност. Тогаш ќе биде многу важно да сме уверени дека Јехова може да нѐ избави и дека ќе го стори тоа. На народите ќе им изгледаме како беспомошни овци кои нема кој да ги заштити (Езек. 38:10-12). Ќе бидеме без оружје и без воена обука. Народите ќе нѐ сметаат за лесен плен. Тие нема да го видат она што ние го гледаме со очите на верата — огромна војска ангели улогорени околу Божјиот народ, спремни да нѐ заштитат. Народите нема да можат да го видат тоа бидејќи немаат вера во Бог. Колку ли само ќе се изненадат кога небесните војски ќе почнат да се борат за нас! (Отк. 19:11, 14, 15; w22.01 6, пас. 12-13).
Среда, 21 јуни
Сите браќа сакајте ги (1. Пет. 2:17)
Сите наши соверници му се важни на Јехова, и затоа треба да ни бидат важни и нам. Треба да правиме сѐ што можеме за да се чувствуваат сакано, и да внимаваме да не ги повредиме. Ако дознаеме дека сме навредиле некого, не треба да се правиме како ништо да не се случило и да мислиме дека тоа лице е пречувствително и дека едноставно треба да премине преку тоа. Зошто некој би можел да се навреди? Поради начинот на кој пораснале, некои браќа и сестри имаат многу ниска самодоверба. А некои се нови во вистината и сѐ уште не научиле дека треба да им простуваат на другите кога ќе згрешат. Без разлика зошто ние или некој друг се чувствува повредено, треба да направиме сѐ што можеме за да ги исправиме работите. Освен тоа, оној што често се навредува треба да сфати дека тоа е една негативна особина која треба да се труди да ја смени. Тоа ќе биде и за негово добро и за доброто на другите (w21.06 21, пас. 7).
Четврток, 22 јуни
Јехова е близу до сите што го повикуваат, до сите што го повикуваат во вистина (Пс. 145:18)
Исус разбира како се чувствуваш. Кога сме вознемирени, многу ни значи да добиеме утеха од некој сочувствителен пријател, особено ако и тој поминал низ нешто слично. Исус е таков пријател. Тој знае како е да се чувствуваш слаб и да имаш потреба од помош. Тој е свесен дека имаме слабости, и ќе се погрижи да добиеме помош во вистинско време (Евр. 4:15, 16). Исто како што Исус прифатил помош од еден ангел во градината Гетсиманија, и ние треба да бидеме спремни да ја прифатиме помошта што Јехова ни ја дава, сеедно дали тоа е преку некоја публикација, видеоклип, говор или, пак, преку некој старешина или зрел пријател (Лука 22:39-44). Кога се молиме, тој ни го дава „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7; w22.01 18-19, пас. 17-19).
Петок, 23 јуни
Им ги предаваа одредбите што ги донесоа апостолите (Дела 16:4)
Јехова секогаш постапува исправно. Сепак, можеби ни е предизвик да имаме доверба во луѓето што ги поставил да предводат. Можеби се прашуваме дали браќата кои имаат одредени одговорности во Јеховината организација навистина го следат Јеховиното водство или, пак, постапуваат по свое. Очигледно е дека не можеме да кажеме дека имаме доверба во Јехова ако немаме доверба во браќата што предводат — оние во кои тој има доверба. Денес Јехова го води земниот дел на својата организација преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Исто како водечкото тело од првиот век, овој роб го надгледува Божјиот народ низ целиот свет и им дава упатства на собраниските старешини. Потоа, старешините ги спроведуваат тие упатства во собранијата. Покажуваме дека имаме доверба во Јеховиното водство така што ги следиме упатствата што ги добиваме од организацијата и од старешините (w22.02 4, пас. 7-8).
Сабота, 24 јуни
Да не се откажеме од правење добро (Гал. 6:9)
Колку се радуваме што имаме чест да бидеме Јеховини сведоци! Многу сме радосни кога ќе му помогнеме на некој што исправно гледа „на вечниот живот“ да стане ученик на Христос (Дела 13:48). Се чувствуваме како Исус, кој бил многу радосен кога неговите ученици му раскажале за убавите искуства што ги доживеале додека проповедале (Лука 10:1, 17, 21). Апостол Павле го поттикнал Тимотеј: „Добро внимавај како живееш и како поучуваш“. Потоа додал: „Правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16). Значи, во прашање се животи. Ние внимаваме на себе бидејќи сме поданици на Божјето Царство. Сакаме секогаш да живееме во склад со добрата вест која ја проповедаме и да му носиме слава на Јехова со нашите постапки (Фил. 1:27). А на кој начин покажуваме дека внимаваме како поучуваме? Така што добро се подготвуваме за службата и го молиме Јехова за помош пред да им сведочиме на другите (w21.10 24, пас. 1-2).
Недела, 25 јуни
Облечете ја новата личност (Кол. 3:10)
Оној што ја облекол „новата личност“ размислува и постапува како Јехова. А како некој ја облекува новата личност? Така што ги покажува плодовите на Божјиот свет дух и му дозволува да влијае врз неговите мисли, чувства и постапки. На пример, тој го сака Јехова и неговиот народ (Мат. 22:36-39). Останува радосен дури и кога се соочува со тешкотии (Јак. 1:2-4). Тој е миротворец (Мат. 5:9). Тој е стрплив и љубезен со другите (Кол. 3:13). Го сака она што е добро и прави добро (Лука 6:35). Со своите постапки покажува дека има силна вера во својот небесен Татко (Јак. 2:18). Тој останува благ и смирен кога некој го провоцира, и покажува самосовладување кога се наоѓа во искушение (1. Кор. 9:25, 27; Тит 3:2). За да ја облечеме новата личност, треба да ги развиеме сите особини кои се спомнати во Галатите 5:22, 23, како и особините кои се спомнуваат во други библиски стихови (w22.03 8-9, пас. 3-4).
Понеделник, 26 јуни
Угледајте се на мене (1. Кор. 11:1)
Старешините можат да се угледаат на апостол Павле така што ќе проповедаат од врата до врата, но и така што спремно ќе сведочат во секоја прилика (Еф. 6:14, 15). Исто како Павле, тие може да го користат времето додека се во служба за да ги обучуваат другите, вклучувајќи ги и слуга-помошниците (1. Пет. 5:1, 2). Но, старешините не треба да бидат толку многу зафатени со задачите што ќе немаат време за проповедање (Мат. 28:19, 20). За да останат урамнотежени, понекогаш можеби ќе треба да одбијат некои задачи. Откако ќе размислат и ќе се молат за тоа, можеби ќе сфатат дека, ако прифатат некоја задача, ќе ги запостават поважните работи. На пример, можеби ќе немаат време да ја одржуваат Семејната вечер, ревносно да сведочат или да ги поучуваат своите деца да проповедаат. Тие може да бидат сигурни дека Јехова ја разбира нивната желба да бидат урамнотежени во сѐ (w22.03 27, пас. 4, 7; 28, пас. 8).
Вторник, 27 јуни
Не плашете се од оние што го убиваат телото, но не можат да ја убијат душата (Мат. 10:28)
Сети се на времето пред да станеш Јеховин сведок. Можеби се плашеше да проповедаш од куќа до куќа, и си мислеше дека никогаш нема да можеш да го правиш тоа. Можеби ти беше страв дека семејството или пријателите ќе ти се противат. Ако е така, тогаш можеш да го разбереш твојот интересент доколку и тој се бори со слични чувства. Исус рекол дека некои луѓе ќе имаат такви стравови. Сепак, тој ги поттикнал своите следбеници да не дозволат стравот да ги спречи да му служат на Јехова (Мат. 10:16, 17, 27). Постепено учи го интересентот како да зборува со другите за своите верувања. Учениците на Исус можеби чувствувале одреден страв кога тој ги испратил да проповедаат. Но, Исус им помогнал така што им кажал кому и што да проповедаат (Мат. 10:5-7). Како можеш да го следиш примерот на Исус? Помогни му на интересентот да размисли кому може да му проповеда. На пример, прашај го дали познава некого на кого може многу да му значи тоа што ќе дознае одредена библиска вистина. Потоа помогни му да се подготви за да знае што да каже така што ќе му покажеш како може на едноставен начин да ја објасни таа вистина (w21.06 6-7, пас. 15-16).
Среда, 28 јуни
Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи (Агеј 2:7)
„Одеднаш, продавниците и старите згради почнаа да се рушат.“ „Сите беа испаничени... Многу луѓе рекоа дека траеше околу две минути, но мене ми се чинеше како цела вечност.“ Ова го кажале некои што го преживеале земјотресот кој го погоди Непал во 2015 год. Меѓутоа, во нашево време се одвива едно поинакво тресење кое го чувствуваат сите народи. Пророкот Агеј напишал: „Вака вели Јехова над војските: ’Уште еднаш — и тоа скоро — ќе ги затресам небото и земјата‘“ (Агеј 2:6). Тресењето за кое зборувал Агеј не е како дословен земјотрес кој носи само уништување. Напротив, тоа тресење дава добри резултати. Самиот Јехова рекол: „Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи, и ќе го наполнам овој дом со слава“ (w21.09 14, пас. 1-3).
Четврток, 29 јуни
Вие останавте со мене во моите искушенија (Лука 22:28)
За да изградиме цврсто пријателство со некое лице, неопходно е да имаме редовна и искрена комуникација. Истото важи и за нашето пријателство со Јехова. Кога во молитва му кажуваме како се чувствуваме, за што размислуваме и какви грижи имаме, покажуваме дека имаме доверба во него и дека знаеме колку многу нѐ сака (Пс. 94:17-19; 1. Јов. 5:14, 15). Дружи се со соверниците — тие се дар од Јехова (Јак. 1:17). Нашиот небесен Татко покажал дека се грижи за нас така што ни дал духовно семејство од браќа и сестри кои нѐ сакаат „во секое време“ (Изр. 17:17). Во своето писмо до Колошаните, апостол Павле спомнал некои христијани кои му помагале и го зајакнувале (Кол. 4:10, 11). Дури и на Исус му била потребна поддршката од неговите пријатели — и ангели и луѓе. Тој несомнено бил благодарен за нивната помош (Лука 22:43). Тоа што ќе ги споделиме нашите грижи со некој зрел христијанин не значи дека сме духовно слаби. Напротив, тоа може да нѐ заштити (w21.04 24-25, пас. 14-16).
Петок, 30 јуни
[Љубовта] сѐ поднесува, сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ трпи (1. Кор. 13:7)
Што треба да направиш ако некој соверник направил нешто што многу те вознемирува? Дај сѐ од себе за да останеш во мир со него. Отворено кажи му на Јехова како се чувствуваш. Моли го и понатаму да го благословува оној што те повредил и да ти помогне да ги гледаш добрите особини кај него — особините поради кои Јехова го сака (Лука 6:28). Ако не можеш да преминеш преку она што се случило, размисли кој би бил најдобриот начин да зборуваш со твојот брат. Секогаш е добро да пристапиш со мислата дека не сакал намерно да те повреди (Мат. 5:23, 24). Додека зборуваш со него, немој да му припишуваш лоши мотиви. Но, што ако тој не сака да се помирите? Тогаш биди стрплив со твојот брат и примени го библискиот совет: „Поднесувајте се еден со друг“ (Кол. 3:13). Што е уште поважно, никогаш немој да држиш лутина, затоа што тоа може да те оддалечи од Јехова. Не дозволувај ништо да те спрепне. На тој начин ќе докажеш дека го сакаш Јехова најмногу од сѐ (Пс. 119:165; w21.06 23, пас. 15).