Мај
Понеделник, 1 мај
Добро погледнете го оној што поднесе такво противење (Евр. 12:3)
За да ни помогне да го запознаеме неговиот Син, Јехова се погрижил во неговата Реч да бидат запишани четирите евангелија. Во нив се зборува за животот и за службата на Исус. Од нив дознаваме што кажувал, што правел и како се чувствувал Исус. Овие четири книги ни помагаат подобро да видиме каков пример ни оставил тој. Во нив, на некој начин, како да се наоѓаат стапките што Исус ги оставил зад себе. Значи, со тоа што ќе ги проучуваме евангелијата, ќе можеме сѐ подобро да го запознаваме Исус. Така ќе можеме во сѐ да одиме по неговите стапки. За да извлечеме потполна корист од евангелијата, не е доволно само да ги читаме. Мора и да си одвоиме време за да ги проучуваме и длабоко да размислуваме за нив. (Спореди Исус Навин 1:8, фуснота.) Додека читаш нешто од евангелијата, оживеј си ги настаните. Користи ја својата фантазија за да си го претставиш настанот, како и самиот да си таму. Што гледаш? Што слушаш? Обиди се да разбереш како се чувствуваат ликовите за кои читаш. Истражувај во публикациите од Јеховината организација (w21.04 4-5, пас. 11-13).
Вторник, 2 мај
Ние го проповедаме Христос прикован на столб, кој за Евреите е камен за спрепнување (1. Кор. 1:23)
Со векови пред Исус да дојде на Земјата, Јехова открил во својата Реч дека Месијата ќе биде предаден за 30 сребреници (Зах. 11:12, 13). Било проречено дека предавникот ќе биде еден од блиските пријатели на Исус (Пс. 41:9). Исто така, пророкот Захарија напишал: „Удри го пастирот, нека се разбегаат овците од стадото!“ (Зах. 13:7). Оние што биле искрени, не се спрепнале поради овие настани. Напротив, нивната вера била зајакната кога виделе како се исполнуваат пророштвата во врска со Исус. Дали денес постои истиот проблем? Да. Во нашево време, некои Јеховини сведоци кои им биле познати на многу браќа и сестри ја напуштиле вистината, станале отпадници и се обиделе да повлечат и други по себе. Тие ширеле негативни извештаи, полувистини и отворени лаги против Јеховините сведоци, во медиумите и на интернет. Но, искрените лица не се спрепнуваат поради тоа. Напротив, тие знаат дека овие работи се проречени во Библијата (Мат. 24:24; 2. Пет. 2:18-22; w21.05 11, пас. 12; 12, пас. 18-19).
Среда, 3 мај
Патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени (Изр. 4:18)
Библијата јасно кажува дека нашето знаење за Бог со текот на времето се зголемува (Кол. 1:9, 10). Јехова постепено ја открива вистината, и затоа мора стрпливо да чекаме светлината на вистината да почне сѐ посилно да свети. Многу цркви ги менуваат своите учења за да им угодат на верниците или за да бидат поприфатливи од светот. За разлика од нив, Јеховината организација прави промени со цел да ни помогне да стануваме поблиски со Бог и сѐ потесно да го следиме примерот на Исус во поглед на тоа како да го обожаваме Бог (Јак. 4:4). Промените што ние ги правиме не се под влијание на популарните трендови или општоприфатените ставови, туку поради тоа што подобро ја разбираме Библијата. Ние ја сакаме вистината! (1. Сол. 2:3, 4; w21.10 22, пас. 12).
Четврток, 4 мај
Сите свои грижи фрлете ги на него (1. Пет. 5:7)
Што можеш да правиш ако се чувствуваш осамено? Мисли на тоа како Јехова те поддржува (Пс. 55:22). Ова ќе ти помогне да имаш урамнотежено гледиште за својата ситуација. Размислувај и за тоа како Јехова им помага на други браќа и сестри кои се чувствуваат осамено (1. Пет. 5:9, 10). Еден брат по име Хироши, кој многу години бил единствениот Сведок во семејството, вели: „Тоа што знаеме дека сите даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова може да ги охрабри оние меѓу нас кои се сами во вистината“. Исто така, редовно учествувај во духовните активности. Многу е важно отворено да зборуваш со Јехова за тоа како се чувствуваш. Освен тоа, многу е важно редовно да ја читаш Божјата Реч и да размислуваш за конкретни извештаи од кои се гледа дека Јехова те сака. Некои браќа и сестри учат напамет стихови кои се особено утешни, како што се Псалм 27:10 и Исаија 41:10. Други слушаат аудиоснимки од нашата интернет-страница. Тоа им помага да не се чувствуваат толку осамено (w21.06 9-10, пас. 5-8).
Петок, 5 мај
Нема да се плашиш од ненадејна стравотија (Изр. 3:25)
Дали жалиш поради смртта на некој близок? Одвојувај време да си ја зајакнеш верата во воскресение така што ќе ги читаш извештаите од Библијата за луѓе кои воскреснале. Дали ти е тешко затоа што некој од твоето семејство е исклучен? Проучувај за да се увериш дека начинот на кој Бог нѐ укорува е секогаш најдобар. Сеедно со каков проблем се соочуваш, гледај на него како на можност да си ја зајакнеш верата. Излеј му го срцето на Јехова во молитва. Немој да се изолираш, туку остани близок со твоите браќа и сестри (Изр. 18:1). Учествувај во активности кои ќе ти помогнат да истраеш, дури и ако притоа чувствуваш голема болка и ти навираат солзи (Пс. 126:5, 6). Продолжи да одиш на состаноците, да учествуваш во службата и да ја читаш Библијата. И, размислувај за прекрасните благослови кои Јехова ветил дека ќе ти ги даде во иднина. Додека гледаш како тој ти помага, твојата вера во него ќе станува сѐ поцврста (w21.11 23, пас. 11; 24, пас. 17).
Сабота, 6 мај
Така и мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе (Мат. 18:14)
Во која смисла учениците на Исус се „мали“? Па, кои луѓе се важни во очите на светот? Богатите, познатите и оние што се на власт. Но, учениците на Исус обично не се такви. Затоа во очите на светот тие се „мали“, односно неважни и незначителни (1. Кор. 1:26-29). Сепак, Јехова не гледа на нив на таков начин. Зошто Исус зборувал за „овие мали“? Неговите ученици го прашале: „Кој е, всушност, најголем во царството небесно?“ (Мат. 18:1). За многу Евреи во тоа време, положбата и статусот биле нешто многу важно. Еден изучувач вели: „Луѓето живееле за да стекнат чест, углед, слава, признание и почит, па дури биле спремни и да умрат за тоа“. Исус знаел дека натпреварувачкиот дух е вкоренет во еврејската култура, и дека затоа неговите ученици ќе мора да вложат многу труд за да го сменат својот начин на размислување (w21.06 20, пас. 2; 21, пас. 6, 8-9).
Недела, 7 мај
Маслото и темјанот го веселат срцето, а исто и пријателот кој е мил, зашто дава совет од душа (Изр. 27:9)
Апостол Павле оставил добар пример како старешина. На пример, тој им дал совет на браќата во Солун кога тоа било потребно. Но, во писмата што им ги испратил, Павле најпрво ги пофалил за нивните дела поттикнати од вера, за нивниот труд поттикнат од љубов и за нивната истрајност. Исто така, тој ги зел предвид нивните околности и спомнал дека е свесен какви неволји и прогонства поднесуваат (1. Сол. 1:3; 2. Сол. 1:4). Тој дури им кажал дека се одличен пример за другите христијани (1. Сол. 1:8, 9). Тие сигурно многу се радувале што добиле таква срдечна пофалба од Павле. Нема сомнеж дека тој многу ги сакал своите браќа. Затоа можел да им даде корисни совети на Солуњаните и во двете писма што им ги испратил (1. Сол. 4:1, 3-5, 11; 2. Сол. 3:11, 12; w22.02 15, пас. 6).
Понеделник, 8 мај
Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе (Отк. 21:4)
Преку верските водачи од лажната религија, Сатана ја шири лагата дека Јехова е суров и дека е виновен за страдањата на луѓето. Некои дури тврдат дека, кога едно дете ќе умре, Бог е тој што го зел бидејќи на небото му требаат повеќе ангели. Колку одвратна лага! Но, ние знаеме дека Јехова е Татко полн со љубов. Ако се разболиме од некоја тешка болест или ни почине некој близок, ние никогаш не би го обвиниле нашиот Бог. Напротив, имаме вера дека еден ден тој ќе ја поправи сета штета. Затоа, на сите луѓе што се спремни да нѐ слушаат сакаме да им кажеме дека Јехова Бог е полн со љубов. Така Јехова ќе може да му одговори на оној што му се подбива (Изр. 27:11). Тој е сочувствителен Бог. Нему му е многу тешко кога гледа дека страдаме, можеби поради прогонство, болест или поради нашата несовршеност (Пс. 22:23, 24). Јехова ја чувствува нашата болка. Тој сака да ѝ стави крај, и ќе го направи тоа. (Спореди со 2. Мој. 3:7, 8; Иса. 63:9; w21.07 9-10, пас. 9-10.)
Вторник, 9 мај
Со слава и со сјај си го овенчал (Пс. 8:5)
Наскоро, послушните луѓе ќе ја добијат најголемата можна чест — да го сакаат и да го обожаваат Јехова во сета вечност! Исус ќе ја поправи сета штета која настанала поради одлуката на Адам и на Ева да го напуштат Божјето семејство. Јехова ќе воскресне милиони луѓе и ќе им даде можност да живеат вечно во рајот на Земјата и да имаат совршено здравје (Лука 23:42, 43). Кога луѓето што му служат на Јехова ќе станат совршени, сите ќе ја одразуваат славата за која пишувал Давид. Ако си дел од големото мноштво, имаш прекрасна надеж (Отк. 7:9). Бог те сака, и сака да бидеш дел од неговото семејство. Затоа давај сѐ од себе за да го радуваш неговото срце. Секој ден имај ги на ум Божјите ветувања. Цени ја честа што ја имаш да го обожаваш нашиот мил небесен Татко и да го славиш во сета вечност! (w21.08 7, пас. 18-19).
Среда, 10 мај
Ако не се умориме, ќе жнееме (Гал. 6:9)
Пророкот Еремија проповедал со децении и покрај тоа што луѓето не го слушале и му се противеле. Поради тоа што неговите противници го навредувале и му се потсмевале, тој толку се обесхрабрил што сакал да се откаже од својата задача (Ерем. 20:8, 9). Но, Еремија не се откажал! Што му помогнало да се избори со негативните мисли и да најде радост во службата? Тој се концентрирал на две важни работи. Прво, пораката што тој им ја пренесувал на луѓето била дека Бог ќе им даде „иднина и надеж“ (Ерем. 29:11). Второ, Јехова го избрал Еремија да зборува во Негово име (Ерем. 15:16). Слично на тоа, и ние им пренесуваме на луѓето порака која влева надеж и го носиме Јеховиното име како негови Сведоци. Ако се концентрираме на овие работи, ќе бидеме радосни без оглед на тоа како реагираат луѓето. Затоа, не се обесхрабрувај и не се откажувај ако интересентот не напредува онолку брзо колку што ти си очекувал. Треба да бидеме стрпливи додека помагаме некому да донесе одлука да се крсти (Јак. 5:7, 8; w21.10 27, пас. 12-13).
Четврток, 11 мај
Да го симнеме и ние секој товар и гревот, кој лесно може да нѐ намами во замка (Евр. 12:1)
Без оглед на тоа колку долго му служиме на Јехова, мора и понатаму да ја одржуваме цврста нашата вера. Зошто? Бидејќи таа може да ослабне ако не внимаваме. Како што видовме, верата се темели на докази за она што не се гледа, а она што не го гледаме, лесно може да го заборавиме. Затоа, Павле го нарекол недостигот на вера грев кој „лесно може да нѐ намами во замка“. Што ќе ни помогне да не паднеме во таа замка? (2. Сол. 1:3). Прво, треба често да го молиме Јехова да ни дава свет дух. Зошто? Бидејќи верата е еден од плодовите на духот (Гал. 5:22, 23). Не можеме да задржиме цврста вера во нашиот Творец без помошта од неговиот свет дух. Јехова ќе ни даде свет дух ако го молиме за тоа (Лука 11:13). Дури можеме конкретно да го молиме да ни даде „уште вера“ (Лука 17:5). Освен тоа, треба редовно да ја проучуваме Божјата Реч (Пс. 1:2, 3; w21.08 18-19, пас. 16-18).
Петок, 12 мај
Седата коса е прекрасна круна (Изр. 16:31)
Постарите можат да бидат корисни во Јеховината организација на многу начини. Иако можеби ја немаат истата сила како порано, тие имаат големо искуство кое го стекнале со текот на годините. Јехова може и понатаму да ги користи на разни начини. Во Библијата се зборува за луѓе кои верно му служеле на Јехова и во својата старост. На пример, Мојсеј имал околу 80 години кога почнал да служи како Јеховин пророк и како водач на израелскиот народ. Кога Даниел веројатно имал преку 90 години, Јехова сѐ уште го користел како пророк. А и апостол Јован веројатно имал повеќе од 90 години кога под водство на светиот дух ја напишал книгата Откровение. Симеон, кој бил „праведен и богобојазлив“, само кратко се спомнува во Библијата. Но, Јехова добро го познавал и му укажал чест така што му дозволил да го види Исус како бебе и да каже пророштво во врска со него и со неговата мајка (Лука 2:22, 25-35; w21.09 3-4, пас. 5-7).
Сабота, 13 мај
Јехова, моето срце не е горделиво. Не одам по преголеми работи (Пс. 131:1)
Родителите треба да внимаваат да не ги споредуваат децата едно со друго ниту, пак, да очекуваат од нив повеќе отколку што можат да направат. Поради таквите споредби и неразумни барања, детето може да стане исфрустрирано и очајно (Еф. 6:4). Една сестра по име Сачико вели: „Мајка ми очекуваше да ги решавам тестовите без никаква грешка, но тоа беше невозможно. Иако поминаа многу години откако завршив училиште, понекогаш сѐ уште се прашувам дали моето најдобро е доволно добро за Јехова“. Цар Давид рекол дека тој не одел по „преголеми работи“, односно не правел работи кои биле надвор од неговите способности. Бидејќи бил понизен и скромен, тој чувствувал внатрешен мир и задоволство (Пс. 131:2). Што може да научат родителите од зборовите на Давид? Тие ќе покажат дека се понизни и скромни ако немаат преголеми очекувања ниту од себе ниту од своите деца. Родителите можат да им влеат самодоверба на децата така што ќе им помогнат да си поставуваат разумни цели во склад со нивните можности и способности (w21.07 21, пас. 5-6).
Недела, 14 мај
Секој ќе го носи својот товар (Гал. 6:5)
Јехова му дал слободна волја на секого од нас. Тоа значи дека сами избираме дали ќе му бидеме послушни или не. Некои деца, чии родители не биле добар пример, одлучиле да му служат на Јехова и верно го прават тоа. Од друга страна, некои деца, чии родители давале сѐ од себе да им помогнат да го засакаат Јехова, подоцна одлучиле да ја напуштат вистината. Од ова гледаме дека секој од нас мора самиот да одлучи дали ќе му служи на Јехова (Ис. Нав. 24:15). Затоа, родители, ако вашето дете ја напуштило вистината, немојте да се обвинувате себеси! Понекогаш, може да случи еден од родителите да ја напушти вистината, па дури и своето семејство (Пс. 27:10). Тоа може да биде многу болно за децата, кои својот родител го сметале за најдобар пример. Драги млади, ако еден од вашите родители е исклучен, бидете уверени дека Јехова е свесен колкава болка чувствувате. Тој ве сака и многу го цени тоа што продолжувате верно да му служите. Исто така, имајте на ум дека вие не сте виновни за одлуките на вашите родители (w21.09 27, пас. 5-7).
Понеделник, 15 мај
Кого Јехова го сака, него и го укорува (Евр. 12:6)
Некој христијанин што е исклучен може да го споредиме со болна овца која би можела да ги зарази и другите. Тој е болен во духовен поглед (Јак. 5:14). Тоа може да биде заразно, како што е случај и со некои дословни болести. Затоа, понекогаш е неопходно оној што е духовно болен да биде одвоен, односно исклучен од собранието. Со ваквата дисциплинска мерка, Јехова покажува љубов кон останатите во собранието што верно му служат. Исто така, со тоа може да му се помогне на оној што згрешил да сфати што направил и да се покае. Додека е исклучен, тој може да присуствува на состаноците, каде што ќе добива духовна храна која ќе му помогне повторно да си ја зајакне верата. Исто така, тој може да добива литература за своја лична употреба и да ги гледа емисиите на JW Broadcasting®. И, кога ќе видат дека тој прави промени, старешините може одвреме-навреме да му даваат совети за да му помогнат да си го поправи односот со Јехова и повторно да стане дел од собранието (w21.10 10, пас. 9, 11).
Вторник, 16 мај
Не секој што ми вели: „Господару, Господару“, ќе влезе во небесното царство (Мат. 7:21)
Во поглед на начинот како му служиме на Бог, ние денес го следиме примерот на христијаните од првиот век. На пример, ние сме организирани исто како тие христијани — имаме патувачки надгледници, старешини и слуга-помошници (Фил. 1:1; Тит 1:5). Освен тоа, покажуваме почит кон Јеховините закони во врска со сексуалните односи, бракот и светоста на крвта, и го штитиме собранието од оние што му грешат на Јехова и не се каат поради тоа (Дела 15:28, 29; 1. Кор. 5:11-13; 6:9, 10; Евр. 13:4). Во Библијата јасно стои дека има само „една вера“, односно религија, која Бог ја одобрува (Еф. 4:4-6). Колку голема чест имаме што сме дел од Јеховиниот народ и што ја знаеме вистината за Јехова и за неговите намери! Затоа сакаме да правиме сѐ што можеме за цврсто да се држиме за вистината (w21.10 23, пас. 15-17).
Среда, 17 мај
Само наредете се, стојте и гледајте како Јехова ќе ве спаси! (2. Лет. 20:17)
Цар Јосафат се соочил со еден голем предизвик. Нему, на неговото семејство и на неговиот народ им се заканила опасност од бројна војска составена од Амонци, Моавци и луѓе од сеирските планини (2. Лет. 20:1, 2). Што направил Јосафат? Тој побарал помош и сила од Јехова. Понизната молитва на Јосафат, запишана во 2. Летописи 20:5-12, открива колку голема доверба имал во својот грижлив небесен Татко. Јехова му се обратил на Јосафат преку еден левит кој се викал Јазиел, и му ги кажал зборовите од денешниот стих. Со потполна доверба во својот Бог, Јосафат постапил онака како што му било кажано. Кога со својот народ тргнал да се соочи со непријателот, тој во првите борбени редови не ги поставил највештите војници, туку поставил невооружени мажи кои пееле фалбени песни. Јехова го исполнил ветувањето што му го дал на Јосафат — ја поразил непријателската војска (2. Лет. 20:18-23; w21.11 15-16, пас. 6-7).
Четврток, 18 мај
Поради Јеховината лојална љубов не загинавме сосема, бидејќи неговите милосрдија никако не престануваат (Плач 3:22, фус.)
Кога се соочуваме со неволји, може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни ја дава потребната помош за да му останеме верни (2. Кор. 4:7-9). Може да бидеме уверени дека Јехова ќе продолжи да ни покажува лојална љубов затоа што Библијата вели: „Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него, кон оние што ја чекаат неговата лојална љубов“ (Пс. 33:18-22, фус.). Кога не му служевме на Јехова, тој ни ја покажувал љубовта што му ја покажува на целото човештво. Меѓутоа, сега, како негови слуги, ние ја чувствуваме и неговата лојална љубов. Таа љубов го поттикнува да нѐ штити и да нѐ чува во неговата прегратка. Тој секогаш ќе ни помага да бидеме блиски со него и ќе ја исполни својата намера со нас луѓето. Тој сака засекогаш да бидеме негови пријатели! (Пс. 46:1, 2, 7). Затоа, сеедно со каква неволја ќе се соочиме, Јехова ќе ни ја дава силата што ни е потребна за да му останеме верни (w21.11 7, пас. 17-18).
Петок, 19 мај
Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг (Кол. 3:13)
Повеќето од нас познаваат луѓе кои држат лутина кон некој колега, соученик, роднина или член на семејството, и тоа можеби со години! Сети се дека десетте полубраќа на Јосиф долго време чувствувале лутина кон него, што водело до тоа еден ден да му нанесат зло (1. Мој. 37:2-8, 25-28). Но, колку само Јосиф се разликувал од нив! Кога бил на висока положба и можел лесно да им се одмазди, тој им покажал милост. Јосиф не држел лутина. Наместо тоа, постапил во склад со советот кој подоцна бил запишан во 3. Мојсеева 19:18 (1. Мој. 50:19-21). Христијаните кои сакаат да го радуваат Бог треба да го следат примерот на Јосиф, кој не држел лутина кон своите браќа и не им се одмаздил, туку им простил. Исус рекол дека треба да им простуваме на оние што ни грешат (Мат. 6:9, 12). Исто така, апостол Павле ги советувал своите соверници: „Не одмаздувајте се, сакани“ (Рим. 12:19; w21.12 11, пас. 13-14).
Сабота, 20 мај
Ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик и ќе ги спаси (Пс. 145:19)
Доцна вечерта на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус отишол во градината Гетсиманија. Таму му го излеал своето срце на Јехова во молитва (Лука 22:39-44). Во тие тешки моменти сесрдно се молел „со силни извици и солзи“ (Евр. 5:7). За што се молел Исус ноќта пред да биде погубен? Се молел Јехова да го зајакне за да му остане верен и да ја изврши Неговата волја. Јехова видел колку голема душевна болка чувствувал неговиот Син, и испратил ангел да го зајакне. Исус чувствувал огромна одговорност — да го посвети името на својот Татко. Јехова го услишил Исус кога сесрдно се молел. Зошто? Затоа што на Исус му било најважно да му остане верен на својот Татко и да го посвети Неговото име. Ако и нам ни е најважно да го правиме истото, Јехова ќе одговори и на нашите молитви (Пс. 145:18; w22.01 18, пас. 15-17).
Недела, 21 мај
Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги и учејќи ги (Мат. 28:19, 20)
Денес, многумина ги спрепнува тоа што ние сме неутрални и не сакаме да се мешаме во политика. Тие мислат дека треба да гласаме на политички избори. Но, ние сме свесни дека, ако избереме некој човечки владетел, всушност, ќе го отфрлиме Јехова (1. Сам. 8:4-7). Исто така, луѓето можеби си мислат дека треба да градиме училишта, болници и да правиме други корисни работи за општеството. Тие не ја прифаќаат нашата порака бидејќи ние сме посветени на проповедањето на добрата вест, а не на решавањето на светските проблеми. Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? (Мат. 7:21-23). Најважно треба да ни биде да ја вршиме задачата што ни ја дал Исус. Никогаш не треба да ги трошиме нашето време и сила за да ги решаваме политичките и општествените проблеми на овој свет. Ние ги сакаме луѓето и ни е жал што имаат проблеми. Но, знаеме дека најголемото добро што можеме да им го направиме е тоа што ќе ги поучиме за Божјето Царство и ќе им помогнеме да стекнат пријателство со Јехова (w21.05 7, пас. 19-20).
Понеделник, 22 мај
Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња (2. Тим. 3:1)
Иако мнозина од владетелите на народите тврдат дека му служат на Бог, тие не сакаат да се откажат од својата власт. Исто како во времето на Исус, и владетелите денес му се противат на Јеховиниот помазаник така што ги напаѓаат неговите верни следбеници (Дела 4:25-28). Како реагира Јехова? Псалм 2:10-12 ни го дава одговорот. Таму стои: „Затоа, цареви, постапете разборито! Прифатете го укорот, вие судии на земјата! Служете му на Јехова со страв и радувајте се со трепет! Поздравете го синот за Бог да не се разгневи и пропаста да не ве тргне од патот, зашто Божјата лутина лесно пламнува. Среќни се сите на кои Бог им е засолниште“. На оние што му се противат, Јехова од љубов им дава време да ја донесат исправната одлука. Тие сѐ уште можат да се сменат и да го прифатат Јеховиното Царство. Но, преостанува уште малку време (Иса. 61:2). Никогаш не било поитно луѓето да ја дознаат вистината и да почнат да му служат на Јехова (w21.09 15-16, пас. 8-9).
Вторник, 23 мај
Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни (1. Тим. 6:8)
Павле сакал да истакне дека треба да бидеме задоволни со што и да имаме во материјален поглед (Фил. 4:12). Најскапоценото нешто што го имаме е нашиот однос со Бог, а не материјалните работи што ги поседуваме (Авак. 3:17, 18). Размисли за зборовите што Мојсеј му ги кажал на израелскиот народ откако 40 години биле во пустината: „Јехова, твојот Бог, те благослови во секое дело на твоите раце... Овие четириесет години Јехова, твојот Бог, беше со тебе. Ништо не ти недостасуваше“ (5. Мој. 2:7). Во текот на целиот тој период, Јехова се грижел Израелците да имаат мана за јадење. Нивната облека — истата облека со која го напуштиле Египет — никогаш не изветвила (5. Мој. 8:3, 4). Јехова ќе се радува ако научиме да бидеме задоволни. Тој сака да бидеме благодарни дури и за најмалите работи што ни ги дава и да гледаме на нив како на дар од него (w22.01 5, пас. 10-11).
Среда, 24 мај
Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум (Изр. 3:5)
Сопрузи, вие имате одговорност да се грижите за членовите на вашето семејство, и затоа работите напорно за да ги имаат неопходните работи и да се чувствуваат сигурно. Кога имате проблеми, можеби сметате дека вие самите можете да ги решите. Меѓутоа, внимавајте да не се потпирате на својата сила. Наместо тоа, насамо молете му се на Јехова за помош. Исто така, сесрдно молете се со својата сопруга. Барајте водство од Јехова така што ќе ја проучувате Библијата и публикациите од Божјата организација, а потоа применувајте ги тие совети. На другите можеби нема да им се допаднат одлуките што сте ги донеле на темел на Библијата. Можеби ќе велат дека најдобрата заштита за вашето семејство се парите и она што може да се купи со нив. Но, имајте го на ум примерот на цар Јосафат (2. Лет. 20:1-30). Тој имал доверба во Јехова, и тоа го покажал со своите постапки. Јехова не го оставил тој верен човек, а нема да ве остави ни вас (Пс. 37:28; Евр. 13:5; w21.11 15, пас. 6; 16, пас. 8).
Четврток, 25 мај
Тој е верен Бог, без неправда (5. Мој. 32:4)
Ние сме создадени според Божјиот лик, и затоа сакаме со нас и со другите луѓе да се постапува праведно (1. Мој. 1:26). Сепак, бидејќи сме несовршени, може погрешно да ги процениме работите дури и кога мислиме дека ги имаме сите факти. На пример, сети се колку Јона се разочарал кога Јехова им покажал милост на Ниневијците (Јона 3:10 — 4:1). Но, кој бил исходот од Јеховината одлука? Биле спасени повеќе од 120.000 Ниневијци кои се покајале! Според тоа, Јона бил тој што требало да си го смени ставот, а не Јехова. Бог не е должен да им ги објаснува на луѓето причините за своите одлуки. Точно е дека тој им дозволувал на своите слуги од минатото да ги изразат своите грижи за одлуките што ги донел или што планирал да ги донесе (1. Мој. 18:25; Јона 4:2, 3). И, понекогаш објаснувал зошто донел некоја одлука (Јона 4:10, 11). Сепак, на Јехова не му е потребно нашето одобрување — ниту пред ниту откако ќе постапи на одреден начин (Иса. 40:13, 14; 55:9; w22.02 3-4, пас. 5-6).
Петок, 26 мај
Најголемиот меѓу вас нека биде како најмладиот, а оној што предводи нека биде како оној што служи! (Лука 22:26)
Се однесуваме како помали кога ги сметаме другите „за поголеми од себе“ (Фил. 2:3). Колку повеќе се трудиме да имаме ваков став, толку помала е веројатноста дека ќе повредиме некого. Сите наши браќа и сестри во некој поглед се поголеми од нас. Не ни е тешко да го забележиме ова ако се концентрираме на нивните позитивни особини. Треба да го земеме при срце советот кој апостол Павле им го дал на Коринќаните: „Кој ти дава предност тебе во однос на некој друг? И што е тоа што го имаш, а не си го примил? А ако си го примил, зошто се фалиш како да не си го примил?“ (1. Кор. 4:7). Секогаш треба да внимаваме да не паднеме во искушение да привлекуваме внимание кон себеси или да мислиме дека сме поголеми од другите. Ако некој брат е добар говорник или ако некоја сестра лесно започнува библиски курсеви, сета заслуга за тоа треба да му ја припише на Јехова (w21.06 21-22, пас. 9-10).
Сабота, 27 мај
Сеј го семето свое и нека не ти почива раката (Проп. 11:6)
На многу Сведоци им е сѐ потешко да ги најдат луѓето дома. Некои објавители живеат на места каде што има голем број згради со високо обезбедување или населби од затворен тип. Можеби има чувар кој не пушта никого да влезе без да има дозвола од некој од станарите. На други места, објавителите наоѓаат малку луѓе дома или нивните подрачја се ретко населени. Објавителите понекогаш минуваат големи растојанија за да стапат во контакт само со еден станар, но кога ќе дојдат до неговата куќа, него го нема. Ако проповедаме на вакви подрачја, не треба да се откажуваме. Пробај да проповедаш во друго време. Ќе најдеме повеќе луѓе ако проповедаме во време кога постои поголема веројатност да бидат дома. Кога-тогаш, секој се враќа дома. Многу браќа и сестри проповедаат попладне или навечер, бидејќи тогаш наоѓаат повеќе луѓе. Освен тоа, станарите можат да бидат поопуштени и порасположени за разговор во тоа време (w21.05 15, пас. 5, 7).
Недела, 28 мај
Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди (Мар. 7:7)
Дали денес постои истиот проблем? Да. Многумина се лутат бидејќи Јеховините сведоци не ги држат нивните традиции, односно не учествуваат заедно со нив во небиблиски празници и прослави, како што се родендените и Божиќ. Други се гневни поради тоа што Јеховините сведоци не учествуваат во патриотски прослави или не следат погребни обичаи кои не се во склад со Божјата Реч. Оние кои се спрепнуваат поради ваквите причини можеби искрено веруваат дека му служат на Бог на прифатлив начин. Но, тие не можат да му угодат на Бог ако световните традиции им се поважни од јасните учења кои се наоѓаат во Библијата (Мар. 7:8, 9). Што ќе ни помогне да не се спрепнеме? Треба да развиеме силна љубов кон Јеховините закони и начела (Пс. 119:97, 113, 163-165). Ако го сакаме Јехова, ќе ги отфрлиме сите традиции кои не му се допаѓаат. Нема да дозволиме ништо да ни биде поважно од нашата љубов кон Јехова (w21.05 6, пас. 15-16).
Понеделник, 29 мај
Биди трезвен во сѐ, трпи зло, проповедај ја добрата вест (2. Тим. 4:5)
Како може да го примениме советот на апостол Павле? Треба да ја зачуваме цврста нашата вера така што редовно ќе проучуваме, постојано ќе се молиме и ќе бидеме зафатени со задачата која ни ја дал Јехова (2. Тим. 4:4). Ако имаме вера, нема премногу да се вознемириме кога ќе слушнеме негативни извештаи за Јеховините сведоци (Иса. 28:16). Љубовта кон Јехова, кон неговата Реч и кон нашите браќа ќе ни помогне да не се спрепнеме поради оние кои ја напуштиле вистината. Во првиот век, многумина се спрепнале и го отфрлиле Исус. Но, голем број луѓе го прифатиле како Месија. Меѓу нив бил најмалку еден член на еврејскиот Судски совет, па дури и „многу свештеници“ (Дела 6:7; Мат. 27:57-60; Мар. 15:43). Слично на тоа, и денес милиони луѓе решиле да го следат Исус. Зошто? Бидејќи ги познаваат и ги сакаат вистините кои се наоѓаат во Библијата. Во Божјата Реч пишува: „Голем мир имаат оние што го сакаат твојот закон, за нив не постои камен за спрепнување“ (Пс. 119:165; w21.05 13, пас. 20-21).
Вторник, 30 мај
Мојата сила се покажува во потполност кога си слаб (2. Кор. 12:9)
Апостол Павле сфатил дека сѐ што направил во службата за Јехова не било благодарение на неговата сила, туку на силата што му ја давал Бог. Преку својот свет дух, Јехова му ја дал силата што му била потребна за потполно да ја изврши својата служба и покрај тоа што бил прогонуван, затворан и доживеал други тешкотии. Младиот Тимотеј, кој му бил соработник на Павле, исто така морал да се потпира на Божјата сила за да ја изврши својата служба. Тимотеј го придружувал Павле на долги мисионерски патувања. Освен тоа, Павле го испратил на други патувања за да посети некои собранија и да ги охрабри тамошните браќа (1. Кор. 4:17). Тимотеј можеби не се чувствувал доволно способен за таа задача. Можеби затоа Павле му рекол: „Никој нека не те потценува поради твојата младост“ (1. Тим. 4:12). Исто така, во текот на тој период, Тимотеј се борел со свој трн во телото — честите болести (1. Тим. 5:23). Но, Тимотеј знаел дека Јехова преку својот моќен свет дух ќе му ја даде силата која му е потребна за да ја проповеда добрата вест и за да им служи на своите браќа (2. Тим. 1:7; w21.05 21, пас. 6-7).
Среда, 31 мај
Грижи се со сето срце за своите стада (Изр. 27:23)
Начелото запишано во Јаков 1:19 важи за оние што даваат совет. Јаков напишал: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“. Еден старешина можеби си мисли дека ги знае сите факти, но дали навистина е така? Изреки 18:13 нѐ потсетува: „Кој одговара пред да сослуша, тоа е за него глупост и срам“. Најдобро е да се дознаат информациите од самиот објавител. Затоа, старешината треба да слуша пред да зборува. Би можел да праша: „Низ што минуваш во овој период? Можам ли некако да помогнам?“ Доколку старешините одвојуваат време да се запознаат со ситуацијата во која се наоѓаат нивните браќа и сестри, поверојатно е дека ќе можат да им помогнат и да ги охрабрат. За да може твојот совет да биде корисен, не е доволно само да прочиташ неколку стихови или да дадеш некој предлог. Нашите браќа и сестри треба да чувствуваат дека се грижиме за нив, дека ги разбираме и дека сакаме да им помогнеме (w22.02 17, пас. 14-15).