”Од куќа до куќа“
”И СЕКОЈ ден во храмот и по куќите не престануваа да поучуваат и да го проповедаат Евангелието за Исуса Христа“ (Дела на светите апостоли 5:42, Свето писмо на македонски јазик). Јеховините сведоци честопати го употребуваат овој стих и оној во Дела на апостолите 20:20 за да ја докажат библиската основа за своето проповедничко дело од врата до врата. Меѓутоа, некои критичари на Јеховините сведоци во Германија го предизвикале начинот на кој Преводот Нов свет (The New World Translation) ги преведува овие стихови, тврдејќи дека тој погрешно го прикажува оригиналниот грчки јазик.
Дали таквите тврдења се оправдани? Воопшто не. Како прво, барем шест други германски библиски преведувачи ги преведуваат овие стихови на сличен начин. Меѓу нив се ревидираната Циришка Библија (Zürcher Bibel) и Книгите на Новиот Завет (Die Bücher des neuen Bundes) од Руперт Штор, Франц Зиге и Јакоб Шефер (ревидирана од Н. Адлер). Многу англиски преводи се согласуваат со тоа.
Германскиот научник Ханс Брунз го оправдува својот превод ”од куќа до куќа“ во Дела на апостолите 5:42, велејќи: ”Според оригиналниот текст, се чини дека оделе од куќа до куќа.“ Да, кат’ оикон, оригиналниот израз во овој стих, не е употребен во прилошка смисла (”дома“), туку во дистрибутивна (распределувачка) смисла, кој буквално значи ”по куќите“ (множинската форма кат’ оикус, која значи ”според, по куќите“, се наоѓа во Дела на апостолите 20:20). Други научници, како на пр. Хајнц Шурман, го потврдуваат дистрибутивниот превод на овие изрази. Хорст Балц и Герхард Шнајдер, издавачи на еден речник со толкувања на Новиот Завет, велат дека овој израз може да биде преведен со ”куќа по куќа“. Бројни англиски прирачници слично ги објаснуваат овие стихови.
Затоа, New World Translation уште еднаш ги издржа нападите на критиката. Што е уште поважно, јасно е дека постои солидна библиска основа за службата од куќа до куќа. (Спореди Матеј 10:11-14; 24:14.) Јеховините сведоци имаат предност да ги имитираат своите примери од првиот век во тој поглед.