Колку е радосно да седиш на Јеховината трпеза!
Раскажал Ернст Вауер
Денес за мене не претставува посебна тешкотија да присуствувам на состаноците на Јеховините сведоци, да ја проучувам Библијата и да ја проповедам добрата вест за Царството. Меѓутоа, тоа не беше така секогаш овде во Германија. Додека траеше диктатурата на Адолф Хитлер, од 1933 до 1945, учествувањето во таквите христијански активности бараше да се ризикува животот.
ВО годината пред Хитлер да дојде на власт, кога имав 30 години, за првпат сретнав Јеховини сведоци во Дрезден. Во јануари 1935, му се предадов на Јехова и изразив желба да бидам крстен. Нашето дело штотуку беше забрането во 1933, па бев запрашан: ”Дали увидуваш што значи твојата одлука? Го ставаш на коцка своето семејство, здравјето, работата, слободата, па дури и својот живот!“
”Ги пресметав трошоците, и спремен сум да ја вршам Божјата волја и да умрам за неа“, одговорив.
Уште пред моето крштение почнав да проповедам од куќа до куќа. На една врата сретнав еден млад униформиран есесовец (припадник на Хитлеровата елитна гарда Црни кошули) кој се развика: ”Зарем не знаеш дека тоа е забрането? Ќе викнам полиција!“
”Само повелете. Јас само зборувам за Библијата, и не постои закон против тоа“, одговорив мирно. Потоа се свртев кон следната врата и веднаш бев поканет од еден љубезен господин. Ништо не ми се случи.
Наскоро ми беше доверена задача да се грижам за една студиска група од пет до седум Сведоци кои се среќаваа седмично. Студиравме изданија на Стражарска кула која беше шверцувана во Германија од соседните земји. Така, и покрај забраната, редовно се собиравме околу ”Јеховината трпеза“ за да се зајакнуваме духовно (1. Коринтјаните 10:21, NW).
Поднесување на прогонства
Во 1936 година, Џ. Ф. Ратерфорд, претседателот на Друштвото Стражарска кула, посети еден конгрес во Лусерн, Швајцарија, и ги покани браќата кои беа на положаи за теократско надгледување во Германија да присуствуваат. Бидејќи на многумина им беа одземени пасошите и голем број од браќата беа внимателно надгледувани од полицијата, можеа да присуствуваат само неколкумина од нив. Братот кој беше надгледник во Дрезден ме замоли да го застапувам во Луцерн.
”Но зарем не сум премлад и неискусен?“, прашав.
”Она што е важно сега“, ме уверуваше тој, ”е да бидеш верен. Тоа е главно.“
Наскоро по враќањето од Луцерн бев уапсен и неочекувано одвоен од мојата жена Ева и нашите две мали деца. На патот кон полициската команда во Дрезден се напрегав да се сетам на некој библиски стих за да ме води. На ум ми дојде Изреките 3:5, 6: ”Имај доверба во Јехова со сето свое срце, и не потпирај се на својот сопствен разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој самиот ќе ги исправи твоите патеки.“ Сеќавањето на овој стих ме зајакна за почетното испрашување. Потоа бев затворен во една тесна ќелија, и за во еден момент имав очајничко чувство на напуштеност. Но, горливата молитва до Јехова ме исполни со мир.
Судот ме осуди на затвор од 27 месеци. Ме држеа во самица една година во затворот во Бауцен. Еднаш, еден пензиониран судски офицер (кој заменуваше некого) ја отвори вратата од мојата ќелија и сочувствително забележа: ”Знам дека не ви е допуштено да читате ништо, но можеби ви треба нешто да се опуштите од сѐ.“ Потоа скришум ми остави неколку семејни списанија и рече: ”Вечер ќе дојдам по нив.“
Всушност, не ми требаше ништо ’да ме опушти‘. Додека бев во самица, се присетував на библиски стихови кои ги бев запомнил и составував проповеди и гласно ги кажував. Но, ги прелистав набрзина списанијата за да видам дали содржат некои библиски стихови — и пронајдов неколку! Еден беше од Филипјаните 1:6, кој делумно гласеше: ”Уверен сум (...) дека оној кој го започнал ова доброто дело во вас и ќе го доврши.“ Му благодарав на Јехова за тоа охрабрување.
Подоцна бев префрлен во еден логор за принудна работа. Потоа, пролетта 1939, кога требаше да заврши мојата казна со затвор, логорскиот надзорник ме праша дали моите гледишта се промениле. ”Имам намера да останам лојален на мојата вера“, беше мојот одговор. Потоа ме извести дека ќе бидам префрлен во концентрациониот логор Заксенхаузен.
Таму ја предадов мојата лична облека, се истуширав, ми ја остригоа сета коса и ми дадоа затворска униформа. Потоа пак ме ставија под туш, овој пат сосе облеката — процес кој есесовците го нарекуваа ”крштевање“. По тоа ме присилија да стојам надвор сиот мокар, сѐ до вечерта.
Во логорите Јеховините сведоци беа изложени на посебна бруталност од страна на есесовците. Во многу прилики моравме да стоиме со часови на местото за смотра, а тие ни изгледаа бескрајни. Понекогаш некој од нас ќе воздивнеше: ”Како би било сега да имавме еден добар ручек?“ Друг ќе возвратеше: ”Немојте да ги полните мислите со такви работи. Само помислете колкава чест е да го браниме Јеховиното име и неговото Царство.“ А некој трет ќе додадеше: ”Јехова ќе нѐ зајакне!“ На тој начин се храбревме еден со друг. Понекогаш само пријателското кимање со главата беше доволно да се рече: ”Сакам да останам лојален; ти исто, нели!“
Духовна храна во логорот
Поединци го преземаа водството во духовното прехранување на браќата, а јас бев избран да им помагам. Дебелата Лутерова Библија беше сѐ што имавме. Се разбира, тоа беше забрането. Така ова богатство го криевме, и во секој логорски блок само одредениот брат имаше пристап до неа на кратко време. Кога беше редот на мене, ќе отползев под креветот со џебната лампа и читав по 15-тина минути. Учев напамет стихови кои подоцна можев да ги дискутирам со браќата во нашиот блок. Така, распределбата на духовна храна беше организирана до извесен степен.
Сите браќа беа охрабрени да го молат Јехова во молитва за натамошна духовна храна, и тој ги слушна нашите преколнувања. Зимата 1939/40 еден скоро затворен брат успеа да прошверцува неколку изданија на Стражарска кула во логорот и тоа внатре во својата дрвена нога. Тоа изгледаше како чудо, бидејќи сите затвореници беа грижливо претресувани.
Овие списанија, поради сигурносни причини, се делеа меѓу поставените браќа по ред, за цел ден. Еднаш додека се градеше една гаража, се сокрив во еден ендек и читав додека еден брат надвор чуваше стража. Во друга прилика ја ставив Стражарската кула во скутот за време на ”часот по шиење“ (навечер кога седевме во бараката и ги поправавме ракавиците и другите работи), додека на секоја страна по еден брат чуваше стража. Кога дојде еден есесовец, бргу ја сокрив Стражарската кула. Можеа да ме убијат ако ме фатеа!
Јехова ни помогна на чудесен начин да запомниме зајакнувачки мисли од статиите. Потполната исцрпеност ноќе ме соборуваше во длабок сон. Но, откако ќе ја прочитав Стражарска кула, се будев ноќе по неколку пати и се присеќавав на мислите доста јасно. Одредените браќа од другите блокови имаа слични искуства. Така Јехова ја изоструваше нашата меморија па можевме да ја делиме духовната храна. Тоа го правевме така што му се приближувавме на секој брат поединечно и го зајакнувавме.
Верни до смрт
На 15. септември 1939, нашиот работен одред мораше да се врати назад во логорот порано отколку обично. Што се случуваше? Требаше јавно да биде погубен Август Дикман, еден од нашите млади браќа. Нацистите беа уверени дека тоа ќе наведе голем број од Сведоците да се откажат од својата вера. После погубувањето, на сите затвореници им беше дадено ’волно‘, но нас, Јеховините сведоци, нѐ тераа горе-долу на местото за смотра, нѐ клоцаа и нѐ тепаа со стапови додека можевме да мрдаме. Ни беше заповедано да потпишеме изјава дека се откажуваме од верата; инаку и ние ќе бидеме стрелани.
Но следниот ден никој не потпиша. Всушност, еден нов затвореник кој беше потпишал при пристигнувањето, сега се одрече од својот потпис. Повеќе сакаше да умре со своите браќа отколку да го напушти логорот како предавник. Следните месеци бевме казнети со тешка принудна работа со постојано малтретирање и скусување од храната. Преку стотина наши браќа умреа во текот на острата зима 1939/40. Тие ја сочуваа својата беспрекорност спрема Јехова и неговото Царство до самиот крај.
Тогаш Јехова обезбеди извесно олеснување. Многу браќа беа преселени да работат во скоро изградените логори, каде добиваа повеќе храна. Освен тоа, малтретирањето донекаде се намали. Пролетта 1940, бев префрлен во концентрациониот логор Нојенгаме.
Духовна храна во Нојенгаме
Кога пристигнав, постоеше група од околу 20 Сведоци, без Библија или други публикации. Го молев Јехова да ми помогне да ги употребам работите кои ги имав научено во Заксенхаузен за да ги зајакнам браќата во Нојенгаме. Како прво, си приспомнував библиски стихови и ги селектирав како дневни стихови. Потоа беа направени подготовки за состаноци на кои можев да објаснам мисли од статиите од Стражарска кула кои ги бев прочитал во Заксенхаузен. Кога пристигнаа нови браќа, известуваа за работите кои ги научиле од новите Стражарски кули.
Во 1943 година бројот на Јеховините сведоци во Нојенгаме порасна на 70. Јеховините сведоци беа избирани да работат вон логорот, како на пример чистење после воздушни напади. Како резлутат на тоа, бевме во состојба тајно да внесеме во логорот Библии, копии на Стражарска кула и некои книги и брошури од Друштвото. Исто така добивавме пакети по пошта кои содржеа дополнителна литература како и црвено вино и бесквасен леб за годишната Спомен-свеченост. Јехова очигледно ги заслепи оние кои ги контролираа пакетите.
Бидејќи бевме расфрлени по различни бараки, формиравме седум групи за студирање на Стражарска кула, секоја со по еден водител и заменик. Копии од Стражарска кула се правеа тајно во логорот, во заповедничката канцеларија каде што работев привремено. Затоа секоја студиска група добиваше барем по едно комплетно издание за седмичната студија. Ниеден состанок не беше откажан. И плус тоа, секое утро на местото за смотра, групите добиваа копија од дневниот стих, заедно со коментар од Стражарска кула.
Еднаш есесовците имаа празник, така што бевме во состојба да одржиме полудневен конгрес и да продискутираме како да проповедаме во логорот. Го поделивме логорот на подрачја и се трудевме систематски да допреме до затворениците со ”добрата вест за царството“ (Матеј 24:14, NW). Бидејќи затворениците доаѓаа од разни земји, направивме повеќејазични картички за сведочење во кои беше објаснето нашето дело и Царството. Проповедавме толку ревносно што политичките затвореници се жалеа: ”Каде и да појдеш, насекаде се зборува само за Јехова!“ Извештајот за служба на проповедање за нашата активност стигна дури до подружницата во Берн, Швајцарија.
Сѐ одеше добро додека Гестапо во 1944 не направи претрес на сите концентрациони логори. Нашето складиште со литература во Нојенгаме не беше откриено, но кај мене и кај Карл Шварцер најдоа неколку работи. Три дена нѐ испрашуваа и нѐ тепаа. Кога тешкото искушение заврши, обајцата бевме целите со модрини. Меѓутоа, со Јеховина помош, преживеавме.
Духовни благослови во изобилство
Сојузничките трупи ме ослободија во мај 1945. Дента откако бев ослободен, тргнав на пат заедно со една мала група браќа и интересенти. Уморни, застанавме кај еден бунар во првото село на кое наидовме и се напивме вода. Откако се освеживме, тргнав од куќа до куќа со Библија под рака. Една млада жена беше прилично трогната кога слушна дека Јеховините сведоци биле во концентрациони логори заради својата вера. Исчезна во кујната и се врати со свежо млеко и сендвичи за нашата група.
Потоа, сѐ уште облечени во нашите логорски униформи, ја објавувавме пораката за Царството низ целото село. Еден друг селанец нѐ покани на обилен оброк. Нѐ послужи со работи кои не ги бевме виделе со години. Глетка од која ни се воденеше устата! Сепак, ние не бевме лакоми по храната. Изговоривме молитва и јадевме на мирен и пристоен начин. Тоа остави толкав впечаток кај посматрачите што потоа кога почнавме со состанокот, тие го сослушаа библискиот говор. Една жена ја прифати вистината и денес е наша духовна сестра.
Одевме понатаму и ја почуствувавме Јеховината грижа на восхитувачки начин. Колку величествено чувство е да продолжиш на слобода да уживаш во сета духовна храна која ја издаваше Јеховината организација и да ја споделуваш со другите! Во наредните години нашата апсолутна доверба во Јехова беше наградувана секогаш одново.
Од 1945 до 1950 имав предност да служам во Бетелот во Магдебург, а потоа, до 1955, во канцеларијата на Друштвото Стражарска кула во Берлин. Потоа служев како патувачки надгледник до 1963, кога мојата жена, Хилда, објави дека очекува бебе. (Ева, мојата прва жена, умре додека бев во притвор, и во 1958 се оженив повторно.) Нашата ќерка подоцна стана ревносен Сведок.
А што стана со децата од мојот прв брак? За жал, синот не покажа интересирање за вистината. Но ќерката Гизела покажа, и ја посетуваше мисионерската школа Гилеад во 1953 година. Сега, заедно со својот сопруг, служи во една од Конгресните сали во Германија. Со Јеховина помош успеав да останам во општата пионерска служба од 1963 и да служам каде е потребно, првин во Франкфурт, а потоа во Тибинген.
До денденес уживам во сета духовна храна што ја дава Јеховината организација на своето домаќинство од верни (1. Тимотеј 3:15). Денес е толку лесно да се добие духовна храна, но дали ние секогаш ја цениме? Уверен сум дека Јехова има подготвено во иднина богати благослови за оние кои имаат доверба во него, кои остануваат лојални и се хранат на неговата трпеза.
[Графикон на страници 26 и 27]
(Види во публикацијата)
КОНЦЕНТРАЦИОНИОТ ЛОГОР ЗАКСЕНХАУЗЕН
А. СС-бараки
Б. Двориште за прозивка
В. Зграда со ќелии
Г. Самица
Д. Станица за дезинфекција
Ѓ. Место за погубување
Е. Гасна комора