Поделена црква — колку сериозно е тоа?
„КАКО едно големо и преплашено семејство кое живее во трошлива стара куќа чиј преден ѕид ненедејно се срушил, а изгледа дека се слуша врева од скоро секоја соба — Исусовите деца, трескајќи по дајре, врескаат по елегантните англо-католички хомосексуалци во црни свилени костуми“ (The Sunday Times, Лондон, 1. април 1993).
Ова семејство е Англиканската црква. Вревата е околу примањето на жените во свештеничките редови. Сликовитиот опис на длабоко неединство се однесува и на целото христијанство. Бидејќи патријарсите на Православната црква и папата се спротивставуваат на одлуката да се дозволи жените да бидат свештеници, конечниот резултат, заклучува еден извештај, е дека „сонот за обединување со останатото христијанство е подалеку од своето остварување отколку било кога порано“.
Колку поделена е црквата?
Како што читаме во Матеј 7:21, Исус Христос рекол дека многумина ќе покажуваат вера во него како Господ, но сепак ќе пропуштат да ‚ја исполнуваат волјата на неговиот Отец‘. Списанието Maclean’s забележува: „На читателите на Матеј кои се во потрага по спасение може да им се прости со оглед на збрката која постои околу тоа што всушност претставува Божја волја, бидејќи христијаните и нивните цркви толку драстично се разликуваат по ова прашање“. Следејќи една анкета помеѓу Канаѓаните, доаѓаме до заклучок дека „постои ужасна разединетост во канадските христијански верувања и обичаи — таа е поголема отколку поделеноста помеѓу членовите на било која деноминација, односно помеѓу самите деноминации“.
Според анкетата, 91 отсто од католиците се согласуваат со примената на вештачка контрола на раѓање иако нивната црква истото го осудува; 78 отсто мислат дека би требало да им се дозволи на жените да станат свештеници, а 41 отсто го прифаќаат абортусот „во посебни случаи“. Неслогата внатре во самите деноминации „околу мноштво теолошки прашања“, вели Maclean’s, „изгледа ги нагласува поделбите кои предизвикуваат распаѓање на водечките цркви“.
Двојни мерила
Постојат двојни, а исто така и противречни мерила во моралот. Додека некои отворено признаваат дека се придржуваат на библиските мерила, други ги исмејуваат. Дали „брачната“ церемонија, изведена за две лезбејки во Метрополитската црква во Торонто, беше во согласност со Божјата волја? Учесниците очигледно мислеле дека да. „Сакаме да ја прославиме нашата љубов јавно и пред Бог“, рекле тие.
Еден колумнист запрашал како е можно „еден католички архиепископ против кого биле изнесувани само жалби и обвинувања, да преместува свештеници кои биле педофили, во друга црква каде што ќе има на располагање нова постава на олтарски деца“. Свештеникот Ендру Грили претпоставува дека изгледа од 2.000 до 4.000 свештеници злоупотребиле 100.000 малолетни жртви, а честопати не било преземено скоро ништо во врска со тоа.
Разединета црква создава разединети луѓе. На Балканот, и српските и хрватските „христијани“ мислат дека Христос е со нив во нивната „праведна“ војна. Многумина од нив носат распетија во битката; се известува за еден кој, „секогаш кога битката беше најжестока, го држеше својот крст в уста“.
„Помеѓу вас да нема делење“
Вистина е дека Библијата некои работи ги остава на совеста, но ова не треба да биде причина за таков раздор. Апостол Павле јасно вели: „Сите вие да зборувате [и постапувате] едно и исто, и помеѓу вас да нема делење“ (1. Коринтјаните 1:10; Ефесјаните 4:15, 16).
Еден искрен поглед на „христијанството“ по отприлика две илјади години откако апостол Павле ги напишал овие зборови, покренува некои многу сериозни прашања. Зошто „христијаните“ се толку разделени? Може ли да опстане една толку поделена црква? Ќе постои ли некогаш обединето христијанство? Следната статија ќе ги разгледа овие прашања.
[Слика на страница 3]
Свештениците демонстрираат против абортусот
[Извор на слика]
Насловна страна и горе: Eleftherios/Sipa Press