Исполнување на една основна човекова потреба преку оддавање признание
ЕДНО искрено: „Одлично си ја извршил работата!“, „Алал да ти е!“ или „Навистина добро го направи тоа; се гордееме со тебе“, е од голема помош за да се зголеми самопочитувањето, особено кога доаѓа од некој кого многу го почитуваш. На луѓето многу им годи признанието. Со признание работат подобро и се посреќни. Да, заслуженото признание е подеднакво животоважно за умот и срцето како што е важна здравата храна за телото.
Според еден речник, зборот признание се дефинира како „прифаќање на фактот дека некој поединец има право да биде почитуван или да му се укаже внимание“ и како „посебен интерес или внимание“. Тоа е тесно поврзано со почитувањето, чувството на важност кое, кога ќе се даде, подразбира една промислена процена или вреднување на некоја личност и на степенот на признание што таа го заслужува.
Признанието — основна потреба
Разумно и чесно е да се оддаде потребното признание. Исус оставил пример во неговата споредба со робовите чиј господар им го доверил својот посед. Кога оддал признание за исправното ракување со неговите средства, тој рекол: „Убаво, добри и верни слуго!“ (Матеј 25:19-23). Но, доста често, оваа заслужена учтивост се занемарува. Пропустот да се оддаде признание ја задушува одушевеноста и иницијативноста. Во врска со тоа, Ајона се изразува на следниов начин: „Признанието прави да се чувствуваш потребен, сакан и ценет . . . Ти дава иницијативност. Ако си занемарен, се чувствуваш потиштено и разочарано“. Патрик додава: „Тогаш е тешко да задржиш висок степен на квалитет и енергија“. Затоа, колку животоважно е да научиме како и кога да оддаваме признание. Сите ние копнееме по чувството на сигурност поради спознанието дека сме прифатени. Тоа е основна човекова потреба.
Еден збор на пофалба, додатна одговорност или дури материјален подарок нѐ стимулира и понатаму да го даваме најдоброто од себе. Тоа е вистинито без разлика дали си родител, сопруг, сопруга, дете, член во собранието или надгледник. „Кога ќе ми се даде признание“, вели Маргарет, „се чувствувам среќна, потребна и имам желба да бидам уште подобра“. Ендрју се согласува со тоа и вели: „Ми го подобрува расположението и ми дава стимул да работам уште повеќе“. Меѓутоа, за да се оддаде признание и почитување некому, потребно е внимателно промислување и добро расудување.
Имитирај го Јеховиниот пример кога оддаваш признание
Најистакнатиот пример на признавање на вредноста на другите е Јехова Бог. Тој им оддава признание на оние кои го заслужуваат тоа. Тој им покажал внимание на мажите како Авел, Енох и Ное (1. Мојсеева 4:4; 6:8; Јуда 14). Јехова го признал Давид поради неговата извонредна верност (2. Царства 7:16). Самуил, кој со години како пророк му оддавал чест на Јехова, бил почитуван од Бог, кој брзо одговорил на Самуиловата молитва за помош за да ги поразат Филистејците (1. Царства 7:7-13). Зарем ти не би се чувствувал почестен да добиеш такво божествено признание?
Благодарноста и ценењето се тесно поврзани со признанието. Библијата нѐ поттикнува да ‚бидеме благодарни‘ и да благодариме за она што е направено во наша корист (Колосјаните 3:15; 1. Солунјаните 5:18). Иако ова посебно се однесува на благодарноста спрема Јехова, истото важи и за секојдневните работи од животот. Апостол Павле го сфатил тоа. Тој ѝ оддал признание на Фива како „помошница на мнозина“, како и на Прискила и Акила кои ја ‚положиле својата глава‘ во негова корист и во корист на другите (Римјаните 16:1-4). Претстави си како се чувствувале тие кога добиле толку искрени изрази на благодарност. А Павле, пак, бил среќен да даде признание, чест и охрабрување. И ние можеме да го имитираме Јехова и неговите благодарни обожаватели ако покажуваме исправно признание спрема оние кои го заслужуваат (Дела 20:35).
Признание во семејниот круг
„Мало признание многу значи за животот да биде поубав“, вели Мичел, сопруг и христијански старешина. „Можеби те прави за цел живот да го сакаш оној кој ти оддал признание.“ На пример, еден христијански сопруг носи голем товар на одговорност и донесува важни одлуки кои се однесуваат на доброто на семејството. Тој мора да се грижи за духовните, материјалните и емоционалните потреби на семејството (1. Тимотеј 5:8). Тој е многу благодарен кога ќе му се оддаде право признание за неговата од Бог дадена задача како семеен поглавар и кога неговата сопруга ќе му покаже „длабоко почитување“! (Ефесјаните 5:33, НС).
Не треба да се заборави и работата на домаќинката, чија работа многумина не ја забележуваат. Современите сфаќања ја омаловажуваат таквата работа и ја сметаат за недостоинствена и невредна. Сепак, на Бог му е угодна (Тит 2:4, 5). Колку е освежувачки кога еден мудар сопруг ја пофалува својата сопруга, посебно во сите аспекти од животот каде што таа се истакнува, оддавајќи ѝ такво признание под негово поглаварство! (Изреки 31:28). Ровена за својот сопруг вели: „Кога ќе ме пофали за она што го правам, полесно ми е да му се подложувам, да му оддавам чест и да го почитувам“.
Американскиот воспитувач Кристијан Бови во една прилика рекол: „Промислената пофалба за детето е како сонцето за цвеќето“. Да, дури и на малото дете му е потребно постојано уверување дека тој е ценет член на семејството. Во текот на тинејџерските години, кога се изградува личноста и кога се исполнети со нови емоционални и физички промени, постои зголемена самосвест за личниот изглед со копнеж за независност и признание. Посебно во тие години, тинејџерот треба да ја осети љубовта од неговите родители и да биде третиран со разбирање и човечка љубезност. На остарените родители и на бабите и дедовците, исто така, им треба охрабрување дека сѐ уште се корисни и сакани, дека не ‚се отфрлени на старост‘ (Псалм 70:9; 3. Мојсеева 19:32; Изреки 23:22). Ако потребата од признание се задоволи на исправен начин, тоа донесува повеќе среќа и успех за семејниот круг.
Признание во христијанското собрание
Од непроценлива вредност е да се развива искрена заинтересираност за другите во христијанското собрание и слободно да се изразува ценење за нивните дела и напори. Христијанските старешини треба да преземат водство во признавањето на достигнувањата и трудот на другите во собранието. „Дури после неколку пастирски посети сфатив колку тие зборови на признание претставуваа охрабрување, задоволство и среќа“, вели Маргарет. „Сфатив што се губи кога нема да се даде општо признание.“ Каква одлична причина за да се покажува вистински, љубезен, личен интерес за сите во собранието! Признај ја нивната добро извршена работа. Слободно пофалувај ги и охрабрувај ги. Во многу собранија има родители кои се сами и кои вложуваат голем труд за да всадат духовни вредности во своите деца. Таквите заслужуваат посебна пофалба. Истакнувај ги позитивните, а не негативните страни. Другите нека ја увидат твојата братска наклоност кон нив. Нека видат дека ти се грижиш за нив. На тој начин љубезните надгледници работат на изградувањето на собранието (2. Коринтјаните 10:8). Поединечните членови возвраќаат на тоа така што даваат заслужено признание и почит спрема таквите верни кои многу се трудат во нивна корист (1. Тимотеј 5:17; Евреите 13:17).
Но постои и една друга страна во сето тоа. Мора да се признае, желбата за признание е многу јака. Во времето на Исус, таа станала преокупација меѓу религиозните водачи. Исус морал да го поправи погрешното гледиште на неговите ученици во овој поглед (Марко 9:33-37; Лука 20:46). На христијаните им се потребни разумност и урамнотеженост. Ако не се заузда, желбата за признание може да биде опасна по духовноста (Јаков 3:14-16). Колку би било трагично, на пример, некој старешина да стане арогантен и да почне да бара од другите да го прифаќаат неговото високо мислење што го има тој за себе! (Римјаните 12:3).
Апостол Павле мудро ги советувал сохристијаните во Рим: „Еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Овие зборови првенствено се однесуваат на христијанските старешини, кои во секое време мораат да го признаваат Христос како Глава на собранието. Подложност спрема неговиот авторитет се покажува ако се бара Христово водство преку светиот дух, библиските начела и водството што го дава преку Водечкото тело на „верниот и разумен роб“ (Матеј 24:45-47, НС; види и Откровение 1:16, 20; 2:1).
Според тоа, кога старешините се состануваат и се молат за Јеховино водство за да го пасат Божјето стадо, тие ќе се стремат да донесуваат одлуки кои се библиски здрави. Христијанската скромност, кроткост и понизност ќе го спречат секој старешина во обидот да се воздигнува, да владее над неговите браќа и да го наметнува своето мислење на тие состаноци (Матеј 20:25-27; Колосјаните 3:12). Секогаш кога е тоа можно, добро е претседавачот на старешинството однапред да ги повика другите старешини да го дадат своето мислење, а потоа доволно рано да напише дневен ред за да може внимателно и во молитва да се размисли за секоја наведена точка. За време на старешинскиот состанок, тој ќе се труди да не го обликува мислењето на стрешините, туку, напротив, да ги охрабрува да покажуваат ‚слобода на говор‘ за работите за кои се дискутира (1. Тимотеј 3:13, НС). Од друга страна, пак, другите старешини треба внимателно меѓу себе да се сослушуваат и спремно да извлекуваат корист од увидот на старешините кои имаат многу години христијанско искуство (2. Мојсеева 18:21, 22).
Меѓутоа, надгледниците сфаќаат дека Христос може да користи било кој друг старешина за да дава библиски начела кои се потребни за да се реши некоја ситуација или да се донесе некоја важна одлука. Во старешинството ќе владее добар дух кога на секој старешина ќе му се оддаде должно признание за неговиот придонес во грижата за духовните интереси на собранието (Дела 15:6-15; Филипјаните 2:19, 20).
Труди се да даваш и да стекнуваш заслужено признание
Признанието изградува. Тоа е охрабрувачко и наведува на љубов. „Дури и да мислиме дека сме обични луѓе“, вели Мери, „потребно ни е охрабрување за нашето сопствено самопочитување.“ Искрено признавај ги секојдневните напори на другите. Тоа им го прави животот вреден и пријатен. Родители, деца, надгледници и членови на христијанското собрание, вие можете да стекнете признание со вашиот говор и со вашите постапки. Библијата поволно зборува за вредни, скромни и понизни луѓе (Изреки 11:2; 29:23; Евреите 6:1-12). Научи се дарежливо да ја признаваш вредноста на другите. Земи ги во обѕир чувствата на другите додека работиш со нив. Апостол Петар ја дал следнава опомена: „Бидете сите еднодушни, жалостиви, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни“ (1. Петрово 3:8). Тоа бара да им се оддава признание на другите, а со тоа се исполнува една основна човекова потреба.