ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w95 1/1 стр. 5-10
  • Победа над Сатана и неговите дела

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Победа над Сатана и неговите дела
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Беспрекорност под прогонство
  • Во завојуваната Руанда
  • Млади чувари на беспрекорноста
  • Други подмолни средства на Сатана
  • Ќе го задржиш ли својот интегритет?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2002
  • Зачувај ја својата беспрекорност!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
  • Јов го возвишувал името на Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Радувај го Бог со својот живот
    Што навистина учи Библијата?
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
w95 1/1 стр. 5-10

Победа над Сатана и неговите дела

„Покорете Му се на Бога; а противете се на ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (ЈАКОВ 4:7).

1. Какво влијание извршиле „рацете на нечестивите“ врз денешното човештво?

ЈОВ исправно изјавил: „Земјата е препуштена во рацете на нечестивите“ (Јов 9:24). А ние сега сме соочени со најкритичните времиња во сета човечка историја. Зошто? Затоа што ова се „последните денови“ на Сатановата демонска доминација со Земјата. Не е ни чудо што под Сатанова контрола, ‚лошите луѓе и лажливците напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси‘ (2. Тимотеј 3:1, 13). Освен тоа, прогонства, неправди, свирепости, злосторства, економски тешкотии, хронични болести, тегоби на староста, емоционални депресии — сево ова и многу други работи можат силно да нѐ притискаат.

2. Како можеме денес да излеземе на крај со Сатановите напади?

2 Големиот противник, Сатана Ѓаволот, врши концентриран напад врз човештвото, а особено врз вистинските Божји обожаватели. Цел му е да ги одврати од Бог сите потенцијални чувари на беспрекорноста и да ги одведе во пропаст заедно со себе и со своите демонски ангели. Сепак, уверени сме дека ако истраеме во беспрекорноста, Ѓаволот ќе побегне од нас. Како Исус, можеме и ние да се ‚научиме на послушност‘ спрема Бог преку работите од коишто страдаме и преку Неговата незаслужена доброљубивост да постигнеме вечен живот (Евреите 5:7, 8; Јаков 4:7; 1. Петрово 5:8-10).

3, 4. а) Со какви надворешни искушенија морал да се бори Павле? б) За што бил заинтересиран Павле како христијански старешина?

3 И апостол Павле бил испитан на многу начини. Наведувајќи ги своите препораки како Христов слуга, напишал: „Јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање. Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар; трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустињи, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија“.

4 „Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви. Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?“ (2. Коринтјаните 11:23-29). На тој начин, Павле ја сочувал беспрекорноста кога се соочувал со прогонство и искушенија однадвор, а како христијански старешина, бил длабоко заинтересиран да ги зајакнува послабите браќа и сестри во собранието, да им помага да ја сочуваат беспрекорноста. Каков извонреден пример за денешните христијански старешини!

Беспрекорност под прогонство

5. Кој е одговорот на директното прогонство?

5 Какви средства користи Сатана за да ја скрши беспрекорноста? Како што е покажано погоре, една од Сатановите најзлобни стратегии е директното прогонство, но може да се успее. Ефесјаните 6:10, 11 нѐ советува: „Потсилувајте се во Господа и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство [или „лукави дела“, НС, фуснота]“.

6. Што докажува дека Јеховините сведоци ‚победувале‘?

6 Во текот на овие последни денови, Јеховините сведоци морале честопати да се судираат со искушенија. Затоа, заедно со Павле можеме да речеме: „Во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби“ (Римјаните 8:37). Тоа го докажува извештајот за беспрекорноста на Јеховините сведоци во концентрационите логори во Германија, Австрија, Полска и Југославија за време на нацизмот помеѓу 1933 и 1945, за време на комунистичкото угнетување во Источна Европа помеѓу 1945 и 1989 и за време на прогонствата кои во поново време погодија некои делови од Африка и од Латинска Америка.

7. За кои подбудувачки примери на беспрекорност се известува од Етиопија?

7 Помеѓу 1974 и 1991, Јеховините сведоци во Етиопија дадоа трогателен пример за беспрекорност. Некој политички настроен прогонител му рекол на еден затворен брат: „Подобро човек да пушти лавови од зоолошка градина, отколку да ве ослободи вас!“ Овие свирепи прогонители ги мачеле Јеховините слуги и, по неколку години, еден апелационен суд наредил да бидат погубени. Телото на еден брат било јавно изложено како предупредувачки пример. Други браќа, кои поднеле жалба против смртната казна, биле ослободени од еден полиберален суд, и некои од овие верни ‚победници‘ имаа учество во програмата на Обласниот конгрес „Божествена поука“ што се одржа во Адис Абеба на почетокот од 1994a (Јован 16:33; спореди 1. Коринтјаните 4:9).

8. Како се обидел Сатана да профитира од „етничкото чистење“?

8 Сатана не успеал да ја скрши беспрекорноста на таквите лојални браќа и сестри преку директен фронтален напад. Тогаш, какви други лукави средства користи тој? За овие последни денови Откровение 12:12 вели: „Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ Бидејќи не успеал да го уништи Божјиот лојален народ преку прогонства, во својот гнев тој се обидува да масакрира и цели народи, без сомнение, со цел да го уништи и Јеховиниот народ заедно со останатите. На тој начин, во некои делови од поранешна Југославија е извршено т. н. етничко чистење, а се прават обиди за геноциди и во Либерија, Бурунди и Руанда.

9. Зошто Сатановите тактики честопати не успеваат? Наведи примери.

9 Меѓутоа, Сатановите тактики честопати му се враќаат нему како бумеранг, бидејќи сатанските неволји ги освестуваат лицата со искрени срца да увидат дека нивната единствена надеж се темели на Божјето Царство коешто Јеховините сведоци ревносно го проповедаат (Матеј 12:21). Навистина, заинтересираните се собираат во јата, упатувајќи се кон Царството! На пример, на 26 март 1994, во завојуваната Босна и Херцеговина на прославата на Исусовата смрт присуствуваа 1.307 лица — за 291 повеќе од претходната година. Најголем број на присутни е забележан во Сараево (414), Зеница (223), Тузла (339), Бања Лука (255) и во други градови. Во соседната Хрватска имаше нов највисок број од 8.326 присутни. Насилството што се случува околу нив не ги спречи Јеховините сведоци во овие земји да ја послушаат заповедта да ‚ја објавуваат смртта на Господа, додека Он не дојде‘ (1. Коринтјаните 11:26).

Во завојуваната Руанда

10, 11. а) Што се случило во т.н. христијанска Руанда? б) Како се изразиле верните мисионери?

10 Во 1994, Руанда со 2.080 објавители на Царството имаше 4.075 присутни на Обласниот конгрес „Божествена поука“, од кои 230 се крстија. Од нив, 142 веднаш се пријавија во помошна пионерска служба. Библиските студии што се водат по домовите, пораснаа на 7.655 во 1994, што претставува просек од 2,7 по објавител — очигледно премногу за Сатана! Иако големо мнозинство од населението се изјаснуваат како христијани, избувнаа меѓуплеменски масакри. Ватиканскиот весник L’Osservatore Romano признава: „Ова претставува чист геноцид, за кој, за жал, се одговорни дури и католиците“. Се проценува дека умреле околу половина милион мажи, жени и деца, а околу два милиона останале без своите домови или биле присилени да побегнат. Задржувајќи ја својата ненасилна христијанска неутралност, Јеховините сведоци се трудеа да останат заедно. Стотици наши браќа и сестри беа убиени. А во едно собрание од 65 објавители на Царството, каде што беа убиени 13 лица, бројот на присутните на состаноците до август 1993 порасна на 170 лица. Сведоците од други земји беа меѓу првите кои испратија хуманитарна помош. Ние се молиме за преживеаните (Римјаните 12:12; 2. Солунјаните 3:1, 2; Евреите 10:23-25).

11 Среде сиот тој ужас, тројцата мисионери коишто беа во Руанда, се спасија. Тие пишуваат: „Сфаќаме дека нашите браќа по целиот свет морале да се соочат со слични или полоши ситуации, и знаеме дека сето тоа е дел од знакот за последните денови на овој зол систем. Сепак, кога си лично погоден, тоа те прави многу посвесен за реалноста на работите и те тера да сфатиш колку е скапоцен животот. Некои библиски стихови добија ново значење за нас, и желно го очекуваме времето кога поранешните работи повеќе нема да доаѓаат на ум. Во меѓувреме, сакаме да останеме активни во Јеховината служба“.

Млади чувари на беспрекорноста

12, 13. а) Каков правец на чување на беспрекорноста зазела една младинка? б) Каде можат да најдат охрабрување нашите денешни млади?

12 Исус покажал дека оние кои се отфрлени од своите семејства заради вистината, ќе бидат наградени „стопати повеќе“ (Марко 10:29, 30). Тоа било случај со десетгодишната Ентелија од Северна Африка, која го засакала Божјето име, Јехова, веднаш штом го чула. Таа проучувала со Јеховините сведоци и одела на состаноците пеш по 90 минути во еден правец, иако нејзиното противнички настроено семејство честопати ја исфрлувало од дома кога ќе се вратела. На 13-годишна возраст почнала да проповеда од куќа до куќа, така што противењето од страна на семејството се засилило. Еден ден, роднините ѝ ги врзале рацете и нозете и ја оставиле да лежи седум часа на жешкото сонце, повремено полевајќи ја со валкана вода. Сурово ја испретепале и ѝ го упропастиле едното око, а на крајот ја исфрлиле од дома. Меѓутоа, таа нашла работа во една болница и на крајот станала медицинска сестра. На 20 години се крстила и веднаш стапила во помошна пионерска служба. Импресионирани од нејзината беспрекорност, семејството повторно ја примило во домот, а деветмина од нив прифатиле домашна библиска студија.

13 Ентелија добила големо охрабрување од Псалм 114, особено од Псалм 114 стиховите 1-4, кои ги читала секогаш одново: „Се радувам, дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење, зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го призивам преку сите мои дни. Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака. Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја!“ Јехова ги услишува таквите молитви!

14. Каков истакнат пример на беспрекорност дале полските Сведоци?

14 Како во времето на Исус, Сатана често го користи религиозниот фанатизам за да го разгори пламенот на прогонството — но без успех. Во тој поглед се истакнува примерот на нашите браќа во Полска, раскажан во Годишникот на Јеховините сведоци за 1994. Дури и од младите се барало да се докажат како чувари на беспрекорноста. Во 1946, меѓу тие млади било и едно 15-годишно девојче на кое му рекле: „Прекрсти се на католички начин, или те чека куршум!“ Бидејќи ја чувало својата беспрекорност, го одвеле во една шума, ужасно го тепале и го стрелале. (Спореди Матеј 4:9, 10.)

Други подмолни средства на Сатана

15, 16. а) Која е Сатановата демонска политика, и како можеме да му се спротивставиме? б) Зошто нема потреба нашите млади да се спрепнуваат?

15 Сатановата демонска политика всушност гласи: „Владеј или уништи“! Во неговиот арсенал тој има многубројни свирепи оружја. Затоа, не е чудно што апостол Павле предупредува: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите“ (Ефесјаните 6:12, 13). Материјалистичките желби, расипаната забава и пропаганда, сатанската музика, притисокот од врсниците во училиште, злоупотребата на дрога и пијанството — било која од овие работи може да го упропасти нашиот живот. Затоа, апостолот понатаму советува: „А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефесјаните 6:16).

16 Ова се чини неопходно особено денес, ако се земе предвид бизарната музика со која Сатана го опсипува овој свет. Во некои случаи, постои директна врска со сатанизмот. Еден извештај од канцеларијата на шерифот на околијата Сан Диего (САД) наведува: „Овде, во Сан Диего, беше одржан еден концерт на кој 15.000 деца заедно со групата пееја ‚Натас‘, односно Сатан, изговорено наопаку“. Сатанизмот се опишува како дупка од која се спрепнуваат адолесцентите, „затоа што талкаат очајни, гневни и осамени“. Вие младите во христијанското собрание, нема потреба да се спрепнувате! Јехова ве опремува со духовно оружје коешто Сатановите стрели никогаш не можат да го пробијат (Псалм 15:8, 9).

17. Како можат да се надвладеат емоционалните депресии?

17 Сатановите запалени стрели се наменети да си играат со нашите емоции. Преку притисоците на животот, како што се телесни болести или состојба на длабока депресија, нашиот противник може да натера некои да се чувствуваат безвредни. Некој може да се обесхрабри затоа што не е во состојба да помине повеќе часови во Божјата служба или затоа што пропушта некои собраниски состаноци. Љубезната грижа од страна на старешините и останатите добродушни браќа и сестри може да му помогне да ги преброди тешките трауми. Секогаш имај на ум дека Јехова ги сака своите верни слуги (1. Јованово 4:16, 19). Псалм 55:22 (НС) наведува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој самиот ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се поколеба“.

18. Со какви сатански сплетки мораат да се борат некои?

18 Сатановите подмолни „лукавства“ неодамна се појавија и во друг облик. Во некои земји, многумина возрасни доживеале агресивни мисли кои создаваат силен впечаток дека како деца биле садистички злоупотребувани од страна на сатанистички култови. Од каде такви идеи? И покрај обемните истражувања, сфаќањата на световните специјалисти многу варираат. Некои луѓе ги сметаат таквите мисли за вистински сеќавања, други, пак, за фантазии — можеби наметнати преку некаква сомнителна терапија, а трети за некаков вид халуцинации предизвикани од трауми во детството.

19. а) Со какви мисли морал да се бори Јов? б) Како можат старешините да го следат примерот на Елијуј?

19 Интересно е дека Божјиот слуга Јов морал да се бори со „[вознемирувачки, НС] размислувања“ коишто Сатана му ги пренел преку Елифаз и Софар (Јов 4:13-18; 20:2, 3). Затоа, Јов страдал од ‚маки‘ кои го навеле да се впушти во ‚жестоки зборови‘ во врска со „ужасите“ кои го измачувале неговиот ум (Јов 6:2-4; 30:15, 16). Елијуј мирно го сослушал Јов и искрено му помогнал да го види Јеховиното семудро гледиште за работите. На сличен начин и денес, разборитите старешини покажуваат грижа за ожалостените така што на таквите не им додаваат уште поголема ‚тежина‘. Наместо тоа, како Елијуј, стрпливо ги слушаат, а потоа го применуваат ублажувачкото масло од Божјата Реч (Јов 33:1-3, 7; Јаков 5:13-15). На тој начин, сите оние чиишто емоции се вознемирени поради трауми, било вистински или вообразени, или коишто се ‚уплашени со соништа и привиденија‘ како што бил Јов, можат да најдат во собранието библиска утеха што ќе ги смири (Јов 7:14; Јаков 4:7).

20. Како може да им се помогне на ожалостените христијани да задржат духовна рамнотежа?

20 Денес, како христијани можеме да бидеме уверени дека на еден или на друг начин, зад овие ужасни мисли стои Сатана. Ако некои од собранието страдаат на ваков начин, ќе биде мудро таквите застрашувачки умствени впечатоци да ги сметаат за директен обид на Сатана да ги исфрли од нивната духовна рамнотежа. Ним им треба стрплива и разборита библиска поддршка. Ако во молитва му се обраќаат на Јехова и ако извлекуваат корист од духовното пастирење, оние коишто доживуваат неволја ќе добијат сила која е над нормалната (Исаија 32:2; 2. Коринтјаните 4:7, 8). На тој начин ќе бидат во состојба верно да истраат и да ги спречат злите наметливи мисли да не влијаат врз мирот во собранието (Јаков 3:17, 18). Да, ќе бидат во состојба да му се спротивстават на Ѓаволот и да го покажат истиот дух што го покажал Исус, кога рекол: „Бегај од Мене, сатано“ (Матеј 4:10; Јаков 4:7).

21. Како нѐ предупредува Библијата на Сатановите лукави патишта?

21 Знаеме дека Сатанова цел е на некој начин да ни ги расипе мислите, како што предупредил апостол Павле во 2. Коринтјаните 11:3: „Се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа“. Сегашниот распад на сето тело, односно човечкото општество отуѓено од Бог, нѐ потсетува на понижувањето што го извршиле расипаните и насилни хибридни „Соборувачи“ од времето на Ное (1. Мојсеева 6:4, 12, 13, НС, фуснота; Лука 17:26). Според тоа, не изненадува фактот што Сатана прибегнува кон подмолни дела и лукави средства за да го истури својот бес, особено врз Божјиот народ (1. Петрово 5:8; Откровение 12:17).

22. Какви благослови можат да се очекуваат кога Сатана ќе биде отстранет?

22 Во завршните поглавја од библиската книга Јов, Сатана дури не е ни спомнат. Со Јововата беспрекорност, неговиот зол предизвик дека луѓето не можат да ја задржат беспрекорноста спрема Бог, се покажал како лажен. Слично на тоа, во блиска иднина, кога едно „големо мноштво“ од чувари на беспрекорноста ќе ‚излезат од големата неволја‘ (НС), Сатана ќе биде фрлен в бездна. Верни мажи и жени, вклучувајќи го и верниот Јов, ќе му се придружат на тоа „големо мноштво“ за да се радуваат на рајски благослови, уште поголеми од оние со коишто бил награден Јов! (Откровение 7:9-17; 20:1-3, 11-13; Јов 14:13).

[Фуснота]

a Види 1992 Yearbook of Jehovah’s Witnesses (Годишник на Јеховините сведоци за 1992), страница 177.

Прашања за повторување

◻ Какви извонредни примери за беспрекорност дале Јов, Исус и Павле?

◻ Како чуварите на беспрекорноста се соочиле со Сатана?

◻ Како можат младите да се спротивстават на Сатановите лукави средства?

◻ Што можеме да сториме за да излеземе на крај со сатанските сплетки?

[Слика на страница 7]

Месват и Јоалан од Етиопија сега му служат полновремено на Јехова, следејќи го примерот на нивниот татко кој беше погубен

[Слика на страница 7]

Ентелија, млад чувар на беспрекорноста од Северна Африка

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели