Јеховините сведоци ширум светот — Шведска
ШВЕДСКА ја зафаќа источната страна на Скандинавскиот полуостров и се протега над северниот поларен круг. Позната ширум светот по својата бујна покривка од зимзелени шуми, како и по своите езера и планини, Шведска е една од најретко населените земји во Европа. Сепак, уште од доцните 1800-ти, Јеховините сведоци таму успешно ги пронаоѓаат љубителите на вистината. Разгледај еден неодамнешен пример.
Една жена ја проучувала Библијата со Сведоците, но тоа не му се допаѓало на нејзиниот сопруг. Тој ѝ рекол да прекине со проучувањето и таа го сторила тоа. Овој човек работел во складиштето на некоја пивара. Еден ден, еден возач на камион дошол во складиштето со својот десетгодишен внук. Дедото го замолил човекот да го причува детето додека тој го товари камионот. Едноставно, за да започне разговор, човекот го прашал детето какви подароци примило за својот последен роденден. На негово изненадување, детето му рекло дека тоа и неговото семејство не слават родендени бидејќи се Јеховини сведоци. Му рекло и тоа дека дека добива подароци во друго време од годината и дека ништо не му недостига, бидејќи има многу срдечно и љубезно семејство. Детето додало дека ниту еден подарок не е повреден од тоа.
Детето навратило уште неколку пати, заедно со својот дедо. Секојпат човекот му поставувал многу прашања и бил длабоко импресиониран од начинот на кој тоа му давало искрени, директни одговори, без колебање. Исто така, тој бил поттикнат и од ценењето на детето за вистинските вредности. Една вечер, откако човекот гледал некоја телевизиска емисија која ги прикажувала бедните услови во светот, сфатил дека ќе треба посериозно да ги испита духовните работи. Ѝ телефонирал на сестрата која проучувала со неговата сопруга и ја замолил да наврати. Наскоро, тој почнал да проучува со еден Сведок, и бргу напредувал. Бил крстен на 10 април 1994. Неговата сопруга сега исто така е крстена.
Порастот бара градење
Шведска е дом на многу бегалци од други земји, а шведските Сведоци имале добри резултати кога им проповедале. Општо земено, делото наишло на таков успех што биле потребни нови Сали на Царството за да се биде во чекор со порастот. Од 1986 до 1993, биле изградени 37 Сали на Царството со метод на брза градба, додека 8 сали биле проширени и реновирани. Само во 1994 беа изградени седум додатни Сали на Царството, а три беа реновирани.
Моментално, таму има 65 собранија кои чекаат помош за да градат нова Сала на Царството или да ја прошират, односно реновираат постоечката. Во таквите градежни проекти помагаат околу 2.500 волонтери, а собранијата мошне ја ценат нивната љубезна помош.
Северниот дел од Шведска, кој се протега над северниот поларен круг, понекогаш го нарекуваат земја на полноќното сонце. Ова е поради тоа што таму во еден дел од летото сонцето никогаш не заоѓа. Меѓутоа, низ цела Шведска продолжува јасно да светли и светлото на вистината. Со Јеховин благослов, тоа духовно светло никогаш нема да се замрачи, туку ќе продолжи сѐ појасно и појасно да светли.
[Рамка на страница 8]
ИЗВЕШТАЈ ОД ЗЕМЈАТА
за 1994 службена година
НАЈВИСОК БРОЈ НА ОБЈАВИТЕЛИ: 24.246
ОДНОС: 1 Сведок на 362
ПРИСУТНИ НА СПОМЕНОТ: 40.372
ПРОСЕК НА ОБЈАВИТЕЛИ КОИ СЕ ПИОНЕРИ: 2.509
ПРОСЕК НА БИБЛИСКИ СТУДИИ: 11.306
БРОЈ НА КРСТЕНИ: 850
БРОЈ НА СОБРАНИЈА: 358
ПОДРУЖНИЦА: АРБОГА
[Слика на страница 9]
Подружницата и бетелскиот дом во Арбога
[Слика на страница 9]
Првите Сведоци во Хјо го користеле овој минибус за да обработат подрачје од околу 5.000 квадратни километри