Што се случува со младите?
ДОБРАТА или лошата вест — која сакаш првин да ја чуеш? Кога ќе им се постави ова прашање, мнозина избираат првин да ја чујат лошата вест, со надеж дека добрата вест ќе се задржи во умот.
Кога испитуваме што се случува со младите, разгледај ја прво сегашнава состојба. Постарите луѓе главно коментираат дека денешните млади не се како младите од минатото. Младите, од друга страна, се лутат на каква и да е импликација дека не се дораснати на мерилата од минатото. Меѓутоа, остроумните набљудувачи на човештвото се сложуваат дека денешните млади се поинакви.
На кој начин поинакви?
Иако луѓето, општо земено, мислат дека младите луѓе треба да имаат добри манири, чувство за одговорност, како и почит спрема другите, реалноста честопати е далеку од овие идеали. Според една анкета објавена во весникот The Independent од Лондон, младите луѓе „развиваат еден ‚нов дух на бунт‘ против еден свет за кој тие сметаат дека во голема мера ги изневерил“. Овој „нов дух на бунт“ се одразува во заклучокот дека сѐ помал број современи млади сакаат себеси да се сметаат за „разумни и одговорни“. Тие порадо би сакале да бидат сметани за „диви и непредвидливи“.
На пример, во Британија, пријавените злосторства — од кои повеќето биле извршени од млади луѓе — помеѓу 1950 и 1993 се зголемиле за десетпати. Зголемената злоупотреба на дрога и алкохол оди паралелно со трендот. Истовремено, забележува The Times од Лондон, „од Втората светска војна па наваму“ скоро сите развиени земји доживеале „значителен пораст во психосоцијалните пореметувања меѓу младите“. Според Дејвид Џ. Смит, професор по криминологија, овие пореметувања „едноставно не се поврзани со оскудица или со растечко богатство“. Истражувањето покажува дека сега е евидентна поголема разлика меѓу младите луѓе и постарите.
Децата и младите тинејџери денес се соочуваат со сѐ поголем стрес. Случаите на самоубиство, во обид или успешни, станале секојдневие. Обидите за самоубиство кај децата под 12 години се удвоиле за помалку од десет години, известува глазговски Herald од Шкотска. Постарите деца дозволуваат очајот да ги одведе на истиот пат. „Тие се екстремниот крај од една растечка плима од психијатриски проблеми кај младите, кои се закануваат да ги надраснат службите што се понудени за да им помогнат“ — коментира весникот.
Кој е за обвинување?
На возрасните им е лесно да ги обвинат младите за нивните „девијантни“ гледишта. Сепак, во сета вистинитост, зарем возрасните не сносат голем дел од вината за она што сега се случува меѓу младите? Како објаснување, честопати се наведуваат тиранизирањето од врсниците, родителското занемарување, како и недостигот од примери во кои младите можат да имаат доверба. „Депресијата кај општото население не е ништо повообичаена отколку што беше пред 30 години“ — тврди професор сер Мајкл Ратер, шеф на британскиот Медицински истражувачки совет при одделението за детска психијатрија. „Но“ — додава тој — „нејзиното појавување меѓу тинејџери и млади возрасни многу се зголеми . . . Нема сомнение дека сломот на семејството игра улога; не само разводот туку и општите нивоа на неслога и конфликт меѓу возрасните.“
Еден истражувач тврди дека младите луѓе „ја отфрлаат конвенционалноста“. Зошто? „Затоа што конвенциите повеќе не постојат за нив.“ Земи ги како пример променливите гледишта за улогата на половите. Многу млади жени ги усвојуваат помашките обележја на агресивност и насилство додека, пак, младите мажи стануваат феминизирани. Колку само поинаку од нормите од минатото!
Но, зошто гледаме такви радикални промени сега? И каква добра вест постои во врска со младите денес? Како можат тие да имаат сигурна иднина? Нашата следна статија ги разгледува одговорите на овие прашања.