Зошто некои ја менуваат својата религија
За многумина, религијата не е ништо друго освен една етикета. Таа може да индицира каде повремено оди некое лице в недела, каде се венчава и каде ќе биде погребано. Но, таа не кажува какво е тоа лице ниту, пак, што тоа знае и верува. На пример, една анкета открила дека 50 проценти од оние кои се исповедуваат како христијани не знаат кој ја одржал Проповедта на гората. Па, дури и прочуениот индиски водач Махатма Ганди — Хиндус — го знаел тоа!
ЗАРЕМ изненадува тоа што луѓето се оддалечуваат од религијата кога толку многу од нив знаат толку малку за својата вера? Не. Меѓутоа, тоа и не е неминовно. Оние кои прифатиле помош да научат нешто за Библијата честопати се изненадени кога откриваат колку многу таа им користи. Самата Библија вели: „Јас сум Господ, Бог твој, Кој те учи на добро [за твоја корист, NW], Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17).
Што би требало да прават оние со незадоволен духовен глад? Тие не треба да се откажат од служењето на Бог! Наместо тоа, треба да ја истражуваат Библијата и да видат што им става на располагање самиот Бог.
Одговори на тешки прашања
На седумгодишна возраст, Бернт гледал како умира мајка му.a Низ остатокот од своето детство, тој се прашувал: ‚Каде е мајка ми? Зошто морам да растам без неа?‘ Како тинејџер, Бернт бил активен член на црквата. Загрижен поради страдањето на човештвото, тој се надевал да помага како работник во земјите во развој. Сепак, бил вознемируван од прашања за кои неговата црква немала задоволителни одговори.
Потоа, Бернт разговарал со еден школски другар кој случајно бил Јеховин сведок. Овој младич му покажал на Бернт од Библијата дека неговата мајка не е свесна, дека спие во смрт. Бернт научил многу библиски стихови кои го објаснуваат тоа, како што е Проповедник 9:5: „Мртвите ништо не знаат“. Така, Бернт веќе немал причина да се секира за тоа дали мајка му пати во некакво чистилиште — или нешто полошо. Иако доктрината за бесмртна душа се научува во повеќето религии, Бернт увидел во Библијата дека човечката душа е самата личност. Кога личноста умира, умира и душата. „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4).
Бернт научил и за прекрасниот изглед за мртвите. Тој самиот прочитал во библиската книга Дела: „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Колку само бил возбуден кога открил дека тоа воскресение ќе се случи тука на Земјата, која Бог ќе ја обнови во рај! (Псалм 36:29; Откровение 21:3, 4).
Набрзо духовните потреби на Бернт биле задоволени преку вистинското библиско спознание. Бернт не се откажал од религијата. Наместо тоа, тој ја напуштил црквата која не можела да го задоволи неговиот глад и усвоил еден облик на обожавање кој е цврсто темелен на Библијата. Тој вели: „Тоа беше пред 14 години, и никогаш не зажалив заради тој чекор. Сега знам дека Творецот не предизвикува страдање. Сатана е богот на овој систем, и тој е виновен за околностите кои нѐ опкружуваат. Но, наскоро Бог ќе ја исправи сета штета што ја направил сатанскиот свет. При воскресението ќе се врати и мајка ми. Колкава само радост ќе биде тоа!“
Патем речено, Бернт ја постигнал својата цел да работи во странство за да им помага на другите. Тој работи во една странска земја помагајќи им на другите да научат за Божјето Царство — вистинското решение за нивната беда. Слично на Бернт, милиони други научиле дека наскоро Бог ќе му стави крај на човековото страдање. Тие се возбудени кога увидуваат дека постои религија која ја задоволува нивната духовна потреба (Матеј 5:3, NW).
Која е смислата на животот?
Како што Западниот свет станува сѐ посекуларизиран, многумина прашуваат: ‚Која е смислата на животот?‘ Одговорот се наоѓа во Библијата, како што открил Мајкл. Кон средината на 1970-тите, Мајкл сакал да ѝ се придружи на една терористичка група. Тој имал само една цел во животот — да нишани на оние луѓе кои ги сметал одговорни за неправдите во капиталистичкиот систем. „Никогаш не го напуштав домот без пиштол“, вели тој. „Мојот план беше да убијам колку што е можно повеќе врвни политичари и капиталисти. Ќе си го дадев животот заради тоа.“
Мајкл бил човек кој одел в црква, но никој во неговата црква не можел да му ја објасни вистинската смисла на животот. Затоа, кога Јеховините сведоци го посетиле во неговиот дом и му ги покажале библиските одговори на неговите прашања, Мајкл внимателно слушал. Почнал да присуствува на состаноците за обожавање во локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци.
Пријателите на Мајкл биле љубопитни околу неговиот новопронајден интерес за Библијата. „Дојдете на состанок оваа недела“, ги поттикнал Мајкл. „Останете малку. Ако не ви се допаѓа она што ќе го чуете, тогаш одете си.“ И навистина, после еден 45-минутен говор темелен на Библијата, повеќето од неговите пријатели ја напуштиле салата. Но, една од нив — Сузан — останала. Оваа млада жена била фасцинирана од она што го чула. Подоцна, Мајкл и Сузан се венчале и се крстиле како Јеховини сведоци. „Сега знам зошто сме тука на Земјата“, вели Мајкл. „Јехова нѐ создал нас. Нашата вистинска цел во животот е да го запознаеме него и да ја вршиме неговата волја. Тоа е она што ти донесува вистинско задоволство!“
Милиони го споделуваат уверувањето на Мајкл. Тие ги земаат при срце библиските зборови: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зашто сето тоа е [целата обврска, NW] за човекот“ (Проповедник 12:13).
Справување со животните проблеми
Сите ние го доживуваме исполнувањето на пророштвото кое се наоѓа во 2. Тимотеј 3:1: „Во последните денови ќе настанат времиња тешки [критични, NW]“. Никој не може да ги избегне проблемите на овие „критични времиња“. Но, Библијата ни помага да се справиме со нив.
Размисли за Стивен и Олив, брачна двојка. Кога почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци, тие, како и многу други, имале брачни проблеми. „Ние се разидувавме“, објаснува Стивен. „Имавме различни цели и интереси.“ Што им помогнало да останат заедно? „Јеховините сведоци ни покажаа како би можеле да ги примениме библиските начела во нашиот живот“, продолжува Стивен. „За првпат научивме што значи да се биде несебичен и грижлив. Применувањето на библиските начела нѐ зацементира заедно. Сега уживаме еден среќен, стабилен брак.“
Близок однос со Бог
Според една неодамнешна Галупова анкета, 96 проценти од Американците веруваат во Бог, и повеќето од нив му се молат. Сепак, една засебна анкета покажа дека сега, после половина век, присутноста во црквите и синагогите е на најниско ниво. Околу 58 проценти од Американците велат дека одат в црква еднаш месечно или помалку. Јасно, религијата не ги приближила кон Бог. А овој проблем не е ограничен само на Соединетите Држави.
Линда пораснала во Баварија. Таа била активна католичка и редовно се молела. Истовремено, се плашела од иднината. Не знаела ништо за Божјата намера со човекот. Кога имала само 14 години, Линда сретнала Јеховини сведоци, и известува: „Она што го рекоа беше интересно, па така прифатив две помагала за библиска студија и веднаш ги прочитав“. После две години, Линда почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. „Сѐ што дознав за Бог од Библијата имаше смисла“, вели таа. Линда се повлекла од нејзината црква и се крстила како Сведок на Јехова на 18 годишна возраст.
Што ја трогнало Линда да ја промени својата религија? Таа објаснува: „Мојата црква ми помогна да увидам дека постои Бог, и научив да верувам во него. Но, тој беше безличен и далечен. Мојата студија на Библијата не само што го потврди моето верување во Бог туку ми помогна и да го запознаам и да го љубам. Сега имам еден драгоцен личен однос со Бог, нешто што е повредно од што и да е друго“.
Вистинската религија е исплатлива
Дали твојата религија ти дава духовно водство и ти покажува како Библијата може да ти помогне да излезеш на крај со животните проблеми? Дали таа учи за библиската надеж за иднината? Дали те доведува до еден близок, личен однос со Творецот, темелен на точно библиско спознание? Ако не, не се откажувај. Наместо да ја напушташ религијата, трагај по обликот на обожавање кој цврсто се темели на Библијата. Тогаш ќе бидеш како оние за кои е проречено во библиската книга Исаија: „Слугите Мои ќе јадат . . . слугите Мои ќе пијат . . . слугите Мои ќе се веселат . . . слугите Мои ќе пеат од срдечна радост“ (Исаија 65:13, 14).
[Фуснота]
a Некои од имињата во оваа статија се изменети.
[Слики на страници 4 и 5]
Библијата ни помага да го запознаеме Бог и да го љубиме