Каква иднина им посакувате на своите деца?
ДАЛИ своите деца ги сметате како наследство од голема вредност? (Псалм 126:3). Или, пак, на нивното одгледување гледате како на финансиски товар без гаранција за успех? Наместо да донесе парична добивка, подигањето деца чини пари сѐ додека самите можат да се издржуваат. Токму како што управувањето со некое наследено богатство бара добро планирање, така е и со успешното родителство.
Грижливите родители сакаат да им дадат на своите деца добар почеток во животот. Иако во овој свет можат да се случат лоши и многу жалосни работи, родителите можат да направат многу за да го заштитат своето потомство. Разгледајте го случајот со Вернер и Ева, спомнати во претходната статија.a
Кога родителите навистина се заинтересирани
Вернер известува дека наместо да дозволат работите да си течат по својот пат, неговите родители покажале вистински интерес за она што се случувало на училиште. „Многу ги ценев практичните предлози што ми ги даваа и чувствував дека тие се заинтересирани за мене и дека ме поддржуваат. Како родители, тие беа прилично цврсти, но знаев дека ми се вистински пријатели.“ А кога Ева толку се вознемирила поради својата школска работа што станала депримирана и имала проблеми со спиењето, нејзините родители, Франциско и Инес, исто така поминале прилично време разговарајќи со неа и помагајќи ѝ повторно да стекне умствена и духовна рамнотежа.
Како Франциско и Инес настојувале да ги заштитат своите деца и да ги подготват за живот како возрасни луѓе? Па, уште од времето кога децата биле доенчиња, овие родители полни со љубов секогаш ги вклучувале во своите секојдневни активности. Наместо да се дружат само со своите возрасни пријатели, Инес и Франциско ги носеле децата со себе секаде каде што оделе. Како родители полни со љубов, тие исто така на синот и на ќерката им давале исправно водство. Инес вели: „Ги научивме да се грижат за домот, да бидат економични и да се грижат за сопствената облека. И му помогнавме на секое од нив да си избере професија и да ги усогласи своите одговорности со духовните интереси“.
Колку само е витално да ги запознаете своите деца и да им дадете родителско водство! Да испитаме три подрачја на кои би можеле да го правите тоа: 1) Помогнете им на своите деца да изберат прикладен вид световна работа; 2) подгответе ги да се справат со емоционалниот стрес на училиште и на работното место; 3) покажете им како да ги задоволат своите духовни потреби.
Помогнете им да изберат погодна работа
Со оглед на тоа што световната работа на едно лице влијае не само врз неговата финансиска ситуација туку одзема и многу од неговото време, доброто родителство вклучува да се земат во обѕир интересите и способностите на секое дете. Бидејќи ниеден совесен поединец не сака да им биде товар на другите, родителите би требало сериозно да размислат за тоа како може нивното дете да биде подготвено да се издржува себеси и семејството. Дали вашиот син или ќерка треба да научи некој занает за да си обезбеди пристојна живеачка? Како навистина грижлив родител, прави доследни напори за да му помогнеш на своето дете да развие особини како што се желбата да работи марливо, спремноста да учи и способноста добро да се сложува со другите.
Размисли за Никол. Таа вели: „Моите родители бараа да работам со нив во нивниот бизнис со чистење. Ми предложија да давам процент од заработувачката за трошоците во нашето домаќинство, а останатото да го чувам за моите лични трошоци или за заштеда. Тоа ми даде зголемено чувство на одговорност што подоцна во животот се покажа многу корисно“.
Божјата Реч, Библијата, не конкретизира каков вид световна работа би требало да избере едно лице. Но, таа дава здрави упатства. На пример, апостол Павле рекол: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“. Пишувајќи им на христијаните во Солун, тој исто така рекол: „Слушаме оти некои од вас живеат неуредно, ништо не работат, туку се занимаваат со празни работи; на таквите им заповедаме и ги молиме во нашиот Господ Исус Христос да работат мирно и да го јадат својот леб“ (2. Солунјаните 3:10—12).
Сепак, наоѓањето работа и заработувањето пари не е сѐ во животот. Конечно, оние кои се премногу амбициозни веројатно ќе станат незадоволни и можеби ќе откријат дека се ‚стремат по ветар‘ (Проповедник 1:14, NW). Наместо да ги поттикнуваат своите деца да тежнеат по признание и просперитет, родителите прават добро ако им помогнат да ја увидат мудроста на божествено инспирираните зборови на апостол Јован: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот. Зашто, сѐ што е во светот — похотта на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, а оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:15—17).
Како можете да ги задоволите нивните емоционални потреби?
Како родител, зошто не бидеш како тренерот на атлетичарите? Во својата грижа тој не се сосредоточува само на развивање на физичката способност кај атлетичарите да трчаат побрзо или да скокаат подалеку. Веројатно, тој настојува и да им помогне да надминат каков и да било негативен став, зајакнувајќи ја на тој начин нивната емоционална сила. Во твојот случај, како можеш ти да ги охрабриш, да ги изградиш и да ги мотивираш своите деца?
Размисли за Розарио, 13-годишен младинец. Освен внатрешниот немир — како резултат на телесните промени — тој доживеал и емоционален стрес поради раздорот меѓу родителите и недостигот на внимание. Што може да се стори за младите луѓе како него? Иако е невозможно да ги засолниш своите деца од сите тегобни грижи и лоши влијанија, никогаш не се откажувај од твојата улога на родител. Без да бидеш претерано заштитнички настроен, дисциплинирај го своето потомство со разбирање, секогаш сеќавајќи се на тоа дека секое дете е единствено. Покажувајќи љубезност и љубов, ти можеш многу да сториш за младото лице да се чувствува безбедно. Исто така, тоа ќе го спречи да израсне со недостиг на доверба и самопочитување.
Без разлика на тоа колку биле успешни твоите родители во задоволувањето на твоите емоционални потреби, за да успееш како родител кој навистина е од корист, можат да ти помогнат три работи: 1) избегнувај да бидеш толку преокупиран со сопствените тешкотии што ќе ги запоставиш навидум малите проблеми на своите деца; 2) настојувај да имаш пријатна и смисловна секојдневна комуникација со нив; 3) унапредувај позитивен став во врска со тоа како да се решаваат проблемите и како да се постапува со луѓето.
Осврнувајќи се на своите години како тинејџер, Биргит вели: „Морав да научам дека не можеш да ги смениш луѓето да бидат онакви какви што ти сакаш да бидат. Мајка ми расудуваше со мене дека доколку кај другите видам нешто што не ми се допаѓа, она што јас би можела да го сторам е да избегнувам да бидам како нив. Исто така, таа рече дека најдоброто време да ги променам сопствените патишта е додека сѐ уште сум млада“.
Сепак, на твоите деца им треба повеќе отколку само работа и емоционална стабилност. Запрашај се: ‚Дали на родителството гледам како на одговорност дадена од Бог?‘ Ако да, тогаш ќе сакаш да водиш сметка за духовните потреби на своите деца.
Начини да излезете во пресрет на нивните духовни потреби
Во својата Проповед на гората, Исус Христос рекол: „Блажени се бедните по дух [оние кои се свесни за својата духовна потреба, NW], зашто нивно е царството небесно!“ (Матеј 5:3). Што е вклучено во задоволувањето на духовните потреби? Децата извлекуваат голема корист кога родителите даваат добар пример во покажувањето вера во Јехова Бог. Апостол Павле напишал: „Без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат“ (Евреите 11:6). Меѓутоа, за верата да има вистинско значење, потребна е молитва (Римјаните 12:12). Доколку ја признаеш сопствената духовна потреба, ќе бараш божествено водство, како што правел таткото на детето кое станало прочуениот израелски судија Самсон (Судии 13:8). Ти нема само да се молиш туку и ќе се обратиш за помош кај Божјата инспирирана Реч, Библијата (2. Тимотеј 3:16, 17).b
И покрај сета напорна работа која е вклучена во обезбедувањето здраво водство, емоционална поддршка и духовна помош, родителството може да биде наградувачко. Еден татко на две деца од Бразил, коментира: „Не можам дури ни да замислам да ги немам моите деца. Има толку многу добри работи што ние можеме да ги споделуваме со нив“. Објаснувајќи зошто децата добро напредуваат, мајката додава: „Секогаш сме заедно и се обидуваме да ги направиме работите весели и среќни. А што е најважно, секогаш се молиме за децата“.
Прискила се сеќава на љубовта и стрпливоста што ги покажале нејзините родители кон неа секогаш кога имало проблем. „Тие беа моите вистински пријатели и ми помагаа во сѐ“, вели таа. „Како дете, навистина имав чувство дека со мене се постапува како со ‚наследство од Јехова‘“ (Псалм 126:3). Како и многу други родители, зошто не планирате време со своите деца за да можете заедно да ги читате Библијата и христијанските публикации? Разгледувањето на библиските извештаи и начела во една позитивна атмосфера може да им помогне на вашите деца да станат уверени и да имаат вистинска надеж за иднината.
Кога сите деца ќе бидат безбедни
Иако иднината за многу деца денес изгледа безнадежна, Божјата Реч гарантира дека наскоро Земјата ќе биде безбеден дом за човештвото. Замисли си го времето во Божјиот ветен нов свет кога родителите нема да мораат да се секираат за безбедноста на своите деца! (2. Петрово 3:13). Обиди се да си го замислиш големото исполнување на ова пророштво: „Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре; теле, лавче и вол ќе бидат заедно, и мало дете ќе ги води“ (Исаија 11:6). Дури и денес, духовната безбедност опишана во овие зборови има фигуративно исполнување меѓу оние кои му служат на Јехова. Во нивната средина ќе ја осетиш Божјата грижа полна со љубов. Ако покажуваш љубов кон Бог, можеш да бидеш уверен дека тој ги разбира твоите чувства како родител и дека ќе ти помогне да излезеш на крај со тегобните грижи и испити што можат да наидат на тебе. Проучувај ја неговата Реч и полагај ја својата надеж во неговото Царство.
Помогни им на своите деца на патот до вечниот живот давајќи им убав пример. Доколку се засолнуваш кај Јехова Бог, твојата иднина и иднината на твоите деца може да ги надмине сите твои очекувања. Можеш да ја имаш истата доверба која ја имал псалмистот кој пеел: „Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето твое што ќе посака“ (Псалм 36:4).
[Фусноти]
a Во статијава се користени изменети имиња.
b Види ги поглавјата 5 до 7 во книгата Тајната на семејната среќа, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.