Тегобна загриженост
НЕКОЛКУ хебрејски зборови ја пренесуваат смислата за тегобна загриженост или вознемиреност. Едниот од нив (тсарар) значи да се биде затворен во физичка смисла и затоа е преведен со ‚завитка‘, ‚затвора‘ и ‚да се биде стеснет‘ (2. Мојсеева 12:34; Изреки 26:8, NW; Исаија 49:19). Во фигуративна смисла значи „да се стане тегобно загрижен; да се биде во тешка ситуација“ (1. Мојсеева 32:7; 1. Царства 28:15). Друг збор е даг кој во превод значи „да се стане тегобно загрижен; да се биде уплашен“; тој е поврзан со деагах што значи „тегобна загриженост“ (1. Царства 9:5; Исаија 57:11; Изреки 12:25 NW). Грчката именка меримна е преведена со „тегобна загриженост“ додека сродниот глагол меримнао значи „да се биде тегобно загрижен“ (Матеј 13:22; Лука 12:22, обата NW).
Тегобната загриженост може да нанесе штета на нечија благосостојба. Може да доведе до депресија, да ја одземе силата и иницијативата да се дејствува. Една инспирирана изрека вели: „Тегобната грижа во срцето на човекот е она што предизвикува човекот да потклекне“ (Изреки 12:25, NW). Вознемиреноста може да има сериозни физички манифестации.
Далеку посериозна е духовната штета до која може да доведе претераната тегобна загриженост. Исус Христос покажал дека ценењето на „словото Божјо“ може целосно да биде задушено поради грижата околу проблемите кои честопати се дел од животот во сегашниов систем на ствари. Исто како што трњето може да ги спречи садниците да узреат и да донесат плод, така и тегобната загриженост може да го спречи духовниот развој и донесувањето плод на Божја фалба (Матеј 13:22; Марко 4:18, 19; Лука 8:7, 11, 14). Поради тоа што дозволиле оваа вознемиреност да доминира со нивниот живот до тој степен што ги исклучиле духовните интереси, многумина ќе се најдат во неодобрена положба пред Синот Божји кога тој ќе се врати во слава, на нивна вечна штета (Лука 21:34—36).
Исправни тегобни грижи или интереси
Некој кој е виновен за сериозно злодело треба да се чувствува како псалмистот: „Почнав да се чувствувам тегобно загрижен заради мојот грев“ (Псалм 38:18, NW). Исправната грижа заради гревот доведува до исповедање, каење и одвраќање од погрешниот правец, до обновување на добриот однос со Највишиот. Сите христијани треба да бидат тегобно загрижени, односно треба вистински да се грижат за духовната, физичката и материјалната благосостојба на соверниците (1. Коринтјаните 12:25—27). Писмото укажува на тоа да се биде ‚[тегобно, NW] загрижен за Господовите работи‘ т.е. загрижен за сѐ што ќе ги унапредува интересите на Синот Божји. Бидејќи немаат одговорности и грижи за брачен партнер и деца, христијаните самци се во подобра положба од оние кои се во брак да ја намалат грижата за ‚световните работи‘ и на тој начин да обрнат поголемо внимание на ‚Господовите работи‘ (1. Коринтјаните 7:32—35).
Сепак, не треба да се дозволи секојдневните грижи да добијат преголема важност. Исус Христос ѝ го разјаснил тоа на Марта, сестрата на Лазар. Тегобно загрижена околу пречекот на својот гостин, таа не можела да сфати како може да се одвои време за да се слуша Исус. Марија, пак, од своја страна, можела да го избере „добриот дел“, добивајќи духовна храна од Божјиот Син (Лука 10:38—42).
Да се избегнува претераната тегобна загриженост
Безрезервната доверба во Јеховината љубезна грижа за благосостојбата на своите слуги може да помогне да се избегне човек да се препушти на непотребна вознемиреност (Јеремија 17:7, 8). Исус Христос ја дал истата забелешка во својата Проповед на гората. Тој го заклучил својот совет во врска со тегобната загриженост со зборовите: „Никогаш немојте тегобно да се грижите за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе има свои сопствени грижи. На секој ден доста му е неговото сопствено зло“ (Матеј 6:25—34, NW). За еден христијанин, секој ден си има доволно проблеми и без да му додава тегобна загриженост за она што следниот ден би можело да се случи, а можеби и никогаш да не се случи.
Дури и ако во време на прогонства еден христијанин се најде пред властите на сослушување, неговата доверба во Божјата помош може да го ослободи од тегобната загриженост. Со помош на својот дух, Јехова ќе го поддржи христијанинот во ваквата тешка ситуација и ќе му овозможи да даде сведоштво на убав начин (Матеј 10:18—20; Лука 12:11, 12).
Секогаш кога е нападнат од нешто што би можело да го направи тегобно загрижен, да го исполни со немир и страв, христијанинот треба да му се обрати на својот небесен Татко во молитва. На тој начин може да ги ‚остави своите грижи на Јехова‘ сигурен дека ќе биде сослушан од Оној кој се грижи за него (1. Петрово 5:7). Резултатот од тоа ќе биде внатрешно спокојство, Божји мир, кој ќе го чува срцето и мисловните сили. Длабоко во себе, во своето срце, христијанинот ќе биде ослободен од немирот, лошото претчувство и паниката, а мислите нема да му бидат вознемирени од расеаноста и збунетоста кои произлегуваат од тегобната загрижност (Филипјаните 4:6, 7).