Дали зборот „христијанин“ го губи своето значење?
ШТО значи да се биде христијанин? Како би одговорил ти? На случајно избрани луѓе од различни земји им било поставено само тоа прашање, и еве неколку типични одговори:
„Да се следи и да се имитира Исус.“
„Да се биде добар човек и да се дели со другите.“
„Да се прифати Христос како Господ и Спасител.“
„Да се оди на миса, да се кажуваат низа молитви и да се добие света причесна.“
„Не верувам дека мораш да одиш в црква за да бидеш христијанин.“
Дури и речниците нудат збунувачка низа дефиниции. Едно дело всушност има десет заглавја за зборот „христијанин“, кои варираат од „верување во или припаѓање на религијата на Исус Христос“ па сѐ до „пристојна или претставителна личност“. Не изненадува тоа што на многумина им е тешко да објаснат што значи да се биде христијанин.
Слободоумен тренд
Денес, кај многумина кои се исповедуваат како христијани — па дури и меѓу оние кои ги делат истите црковни клупи — може да се најде широка палета на гледишта за теми како што се божествената инспирираност на Библијата, теоријата на еволуција, вмешаноста на црквата во политиката и споделувањето на верата со другите. Моралните спорни прашања, на теми како што се абортусот, хомосексуалноста и заедничкото живеење на невенчани парови, честопати стануваат легло на контроверзија. Јасно е дека слободоумието станало тренд.
На пример, еден протестантски црковен суд неодамна гласал за поддршка на правото на црквата „во својот владејачки одбор да избере старешина кој отворено се изјаснува како хомосексуалец“, известува весникот Christian Century. Некои теолози дури го понудиле гледиштето дека верата во Исус не е пресудна за спасение. Тие веруваат дека Евреите, муслиманите и други „имаат подеднаква веројатност да одат на небото [како и христијаните]“, стои во еден извештај од The New York Times.
Пробај да си замислиш, еден марксист да застапува капитализам, или некој демократ да унапредува диктаторство, или некој кој се залага за човековата средина да поддржува ископачување на шумите. „Таа личност не би можела да биде вистински марксист или демократ или човек кој се залага за човековата средина“, ќе речеш — и во право си. Сепак, кога размислуваш колку само различни гледишта застапуваат оние кои денес се исповедуваат како христијани, гледаш верувања кои се дијаметрално спротивни и кои честопати се во противречност со она за кое поучувал Основачот на христијанството, Исус Христос. Што кажува тоа за нивниот вид христијанство? (1. Коринтјаните 1:10).
Поривот да се променат христијанските учења за да се биде во склад со духот на времето, како што ќе видиме, има долга историја. Што мислат Бог и Исус Христос за таквите промени? Дали црквите кои се покровители на учења што не се вкоренети во Христос можат со право да се наречат христијански? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.