Како може твојот живот да има поголема смисла
ЕДНА древна изрека вели: „Не настојувај да трупаш богатство; бегај од таквите мисли. Ќе ги устремиш очите кон него, о — веќе го нема: тоа ќе си направи крилја и како орел ќе летне кон небото“ (Изреки 23:4, 5). Со други зборови, не е мудро да се исцрпуваме во обид да се збогатиме, зашто богатството може да одлета како со орлови крилја.
Како што покажува Библијата, материјалното богатство може брзо да исчезне. Може да го снема прекуноќ поради некоја природна катастрофа, економска криза или други непредвидени настани. Освен тоа, дури и оние кои постигнуваат материјален успех честопати се разочаруваат. Разгледај го случајот на Џон, чија работа вклучувала угостување на политичари, спортски личности и членови на кралското семејство.
Џон вели: „Сосема ѝ се посветив на работата. Во финансиски поглед просперирав, отседнував во луксузни хотели, а понекогаш одев на работа дури и со приватен авион. Во почетокот уживав во тоа, но постепено ми стана здодевно. Луѓето на кои настојував да им угодам ми изгледаа површни. Мојот живот немаше никаква содржина“.
Како што открил Џон, живот без духовни вредности не донесува задоволство. Во својата прочуена Проповед на Гората, Исус Христос покажал како може да се доживее трајна среќа. Тој рекол: „Среќни се оние кои се свесни за своите духовни потреби, бидејќи ним им припаѓа небесното царство“ (Матеј 5:3, NW). Значи, јасно е дека е мудро духовните работи да се стават на прво место во животот. Меѓутоа, и други фактори можат да му дадат поголема смисла на животот.
Твоето семејство и пријателите навистина се важни
Дали би уживал во животот ако би немал контакт со своето семејство и ако би немал блиски пријатели? Очигледно не. Нашиот Творец нѐ создал со потреба да сакаме и да бидеме сакани. Тоа е една причина зошто Исус ја истакнал важноста на тоа ‚да го љубиме ближниот како себеси‘ (Матеј 22:39). Семејството е божествен дар кој претставува идеална рамка за покажување несебична љубов (Ефесјаните 3:14, 15).
Како може семејството да му даде поголема смисла на нашиот живот? Па, едно обединето семејство би можело да се спореди со прекрасна градина која нуди освежувачко прибежиште од стресот на секојдневниот живот. На сличен начин, во кругот на семејството можеме да најдеме освежувачко друштво и топлина што ги растерува чувствата на осаменост. Секако, семејството не станува автоматски такво пристаниште. Сепак, додека ги зајакнуваме семејните врски стануваме поблиски еден со друг, и животот ни се збогатува. На пример, времето и вниманието кои ги посветуваме за да покажеме љубов и почит кон својот брачен партнер се секојдневни инвестиции кои на крајот можат да донесат богати резултати (Ефесјаните 5:33).
Ако имаме деца, треба да настојуваме да им обезбедиме исправна околина во која ќе ги воспитуваме. Да се поминува време со нив, да се држат отворени линиите на комуникација и да им се дава духовна поука може да изискува многу. Но, тоа време и тие напори можат да ни донесат големо задоволство. Успешните родители гледаат на децата како на благослов, наследство од Бог за кое треба добро да се грижат (Псалм 126:3).
Добрите пријатели исто така придонесуваат за задоволувачки и смисловен живот (Изреки 27:9). Можеме да стекнеме многу пријатели ако покажуваме сочувство (1. Петрово 3:8, NW). Вистинските пријатели ни помагаат да се подигнеме кога се спрепнуваме (Проповедник 4:9, 10). А ‚[вистинскиот, NW] пријател . . . како брат ќе се јави во време на неволја‘ (Изреки 17:17).
Колкаво само задоволство може да донесе вистинското пријателство! Залезот на сонцето е поспектакуларен, оброкот е повкусен, а музиката донесува уште поголемо уживање кога ќе се споделат со некој пријател. Се разбира, блиското семејство и доверливите пријатели се само две фасети на смисловниот живот. Какви други подготовки направил Јехова кои можат да му дадат поголема смисла на нашиот живот?
Задоволување на нашите духовни потреби
Како што беше забележано претходно, Исус Христос ја поврзал среќата со свесноста за нашите духовни потреби. Ние сме создадени и со духовни и со морални способности. Затоа, Библијата укажува на „духовниот човек“ или на „тајната личност на срцето“ (1. Коринтјаните 2:15; 1. Петрово 3:3, 4, NW).
Според An Expository Dictionary of New Testament Words од В. И. Вајн, фигуративното срце ја претставува „целата умствена и морална активност на човекот, како разумните така и емоционалните елементи“. Како објаснување, Вајн додава: „Со други зборови, срцето се користи фигуративно за скриениот извор на личниот живот“. Истото дело го забележува и тоа дека „срцето, длабоко внатре, го содржи ‚скриениот човек‘ . . . вистинскиот човек“.
Како можеме да ги задоволиме потребите на „духовниот човек“ и на „скриениот човек“, т.е. „тајната личност на срцето“? Важен чекор за да го сториме тоа и да ги задоволиме своите духовни потреби преземаме кога ја признаваме поентата истакната од инспирираниот псалмист кој пеел: „Знајте дека [Јехова, NW] е Господ, дека е Он Бог наш, дека Он нѐ создаде нас, а не ние самите; Негови сме — Негов народ и овци од Неговото пасиште“ (Псалм 99:3). Признавањето на ова нѐ води до разумен заклучок дека ние сме одговорни пред Бог. Ако сакаме да бидеме меѓу ‚Неговиот народ и овците од Неговото пасиште‘, мораме да постапуваме во склад со неговата Реч, Библијата.
Дали е тоа нешто лошо? Не, зашто свесноста дека нашето однесување е важно пред Бог му придава смисла на нашиот живот. Тоа нѐ охрабрува да бидеме подобри личности — сигурно една вредна цел. „Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“, се вели во Псалм 111:1. Стравот од Бог полн со почит и искрената послушност на неговите заповеди можат да му дадат поголема смисла на нашиот живот.
Зошто послушноста кон Бог ни донесува задоволство? Затоа што имаме совест, поклон со кој Бог го надарил целото човештво. Совеста е морален испитувач кој регистрира одобрување или неодобрување на она што сме го сториле или размислуваме да го сториме. Сите ние сме ја доживеале неволјата да имаме вознемирена совест (Римјаните 2:15). Но, нашата совест може и да нѐ награди. Кога постапуваме несебично кон Бог и кон луѓето, се чувствуваме среќни и задоволни. Сфаќаме дека ‚поблажено е да се дава, отколку да се зема‘ (Дела 20:35). Постои една важна причина за тоа.
Нашиот Творец нѐ создал на таков начин што желбите и потребите на луѓето влијаат врз нас. Помагањето на другите ни донесува задоволство во срцето. Освен тоа, Библијата нѐ уверува дека кога му даваме на некого кој е во оскудица, Бог го смета тоа како услуга која му е направена нему (Изреки 19:17).
Освен што донесува внатрешно задоволство, дали може вниманието посветено на нашите духовни потреби да ни помогне на некој практичен начин? Па, еден бизнисмен од Средниот Исток по име Рејмонд верува дека тоа е можно. „Мојата цел, кратко и јасно, беше да заработам пари“, вели тој. „Но, од времето кога во срцето прифатив дека постои Бог и дека неговите желби се изразени во Библијата, станав поинаков човек. Сега заработувањето за живеачка зазема второ место во мојот живот. Обидувајќи се да му угодам на Бог, бев поштеден од разорното чувство на омраза. Иако татко ми умре за време на еден конфликт, немам желба да им се одмаздам на оние кои се одговорни за тоа.“
Како што открил Рејмонд, добрата грижа за потребите на „духовниот човек“ може да ги излечи длабоките емоционални рани. Меѓутоа, ако не излегуваме на крај со проблемите кои ги донесува секој ден, животот нема да ни биде сосема задоволувачки.
Можеме да имаме ‚мир Божји‘
Во овој грозничав свет, малку денови поминуваат мирно. Се случуваат несреќи, се растураат планови, и луѓето нѐ разочаруваат. Овие неуспеси може да ни ја одземат среќата. Но, на оние кои му служат на Јехова Бог, Библијата им ветува внатрешно задоволство — ‚мир Божји‘. Како го стекнуваме овој мир?
Апостол Павле напишал: „За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молба со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Наместо да се обидуваме сами да ги носиме своите проблеми, треба горливо да се молиме, фрлајќи му ги на Бог нашите секојдневни товари (Псалм 55:22, ДХК). Верата дека тој одговара на таквото преколнување преку својот Син, Исус Христос, ќе се зголемува додека духовно растеме и сфаќаме како Бог ни помага (Јован 14:6, 14; 2. Солунјаните 1:3).
Откако сме ја изградиле довербата во Јехова Бог, ‚Слушачот на молитвите‘ (NW), се наоѓаме во подобра положба да се справиме со испитите, како што е некоја долготрајна болест, старост или жалост (Псалм 64:2). Меѓутоа, за да имаме навистина смисловен живот мораме да ја земеме предвид и иднината.
Радувај се во надежта која стои пред нас
Библијата ветува „ново небо и нова земја“, праведна грижлива небесна влада која ќе владее над послушното човечко семејство (2. Петрово 3:13). Во тој нов свет кој го ветил Бог, војната и неправдата ќе бидат заменети со мир и правда. Ова не е само минлива желба туку уверување кое со секој нов ден може да станува сѐ поцврсто. Тоа е навистина добра вест и сигурно причина за радост (Римјаните 12:12; Тит 1:2).
Џон, спомнат во почетокот, сега смета дека неговиот живот има поголема смисла. „Иако никогаш не сум бил многу религиозен, отсекогаш верував во Бог“, вели тој. „Но не правев ништо со тоа верување сѐ додека двајца Јеховини сведоци не дојдоа кај мене. Ги опсипав со прашања, како што се: ‚Што правиме ние овде? Каде одиме?‘ Нивните задоволителни библиски одговори ми дадоа чувство на смисла за првпат во мојот живот. Тоа беше само почеток. Развив жед за вистината, што доведе до тоа да го променам целиот мој систем на вредности. Иако материјално веќе не сум богат, духовно се чувствувам како милионер.“
Исто како Џон, можеби и ти си дозволил твојот духовен потенцијал да лежи неактивен многу години. Меѓутоа, ако развиеш „мудро срце“, можеш да го оживееш (Псалм 89:12). Со одлучност и со напор можеш да имаш вистинска радост, мир и надеж (Римјаните 15:13). Да, и твојот живот може да има поголема смисла.
[Слика на страница 6]
Молитвата може да ни донесе ‚мир Божји‘
[Слики на страница 7]
Знаеш ли што може да го направи семејниот живот позадоволувачки?