Добрата вест на мирот стигнува до висорамнините на Чијапас
„Во најстрашниот масакр на кој секој во државата Чијапас може да се сети, 45 незаштитени селани, меѓу кои и 13 доенчиња, беа убиени од една група . . . вооружени мажи.“ Така беше објавено во весникот El Universal за она што се случи во Актеал, држава Чијапас, на 22 декември 1997.
ЧИЈАПАС е најјужната држава на Мексико која се граничи со Гватемала. Долгата историја на сиромаштија и оскудица натерала група домородни Маја Индијанци во јануари 1994 да организираат вооружено востание под бајракот на Ejèrcito Zapatista de Liberación Nacional (ЕЗЛН, Национална ослободителна запатистичка војска). Преговорите за мирољубиво решение се одолжиле. Препадите и нападите како од страна на бунтовниците така и од владините трупи довеле до крвопролевање и смрт. Метежот натерал многу селани од тоа подрачје да побегнат на сигурно.
Среде едни вакви неизвесни околности, има една група љубители на мирот кои што се однесува до политичката борба остануваат неутрални. Тие ревносно го насочуваат вниманието кон Божјето Царство како единствена надеж за решавање на проблемите со кои се соочуваат луѓето, како локално така и во глобални рамки (Даниел 2:44). Кои се тие? Јеховините сведоци. Послушни на Исусовата заповед, тие настојуваат да ја однесат добрата вест за Божјето Царство до најизолираните делови на висорамнините на Чијапас (Матеј 24:14). Како изгледало да се проповеда под такви околности, и какви биле резултатите?
„Јас сум Јеховин сведок“
Адолфо, млад човек кој неодамна станал објавител на Царството, еден ден работел во радиостаница во Окосинго. Одеднаш некој силно затропал на вратата. Се втурнале група маскирани мажи и ги впериле пиштолите во неговата глава. Јурнале во студиото, ја конфискувале опремата и известиле на радиото дека ѝ објавуваат војна на владата.
Свртувајќи се кон Адолфо, вооружените мажи му наредиле да му се придружи на нивното движење. „Јас сум Јеховин сведок“, одговорил Адолфо, иако сѐ уште не бил крстен. Објаснил дека единствената надеж за мир е Божјето Царство, и решително ги одбил униформата и пушката што му биле понудени. Гледајќи го неговиот цврст став, го пуштиле да си замине. Спомнувајќи си за тој настан, Адолфо вели: „Тој настан многу ми ја зајакна верата“.
На крај ситуацијата се стабилизирала, но тоа подрачје сѐ уште било под воена контрола. И покрај тоа, Адолфо радо ја прифатил поканата на старешините од локалното собрание да работи со една изолирана група христијани на подрачјето. На контролните пунктови низ кои морал да поминува, војниците покажувале почит кон него кога тој се идентификувал како Јеховин сведок. Подоцна се крстил и го имал задоволството да ѝ помогне на таа изолирана група да стане собрание на Јеховините сведоци. „Сега кога веќе сум крстен“, изјавил Адолфо, „можам со целосна увереност да кажам дека сум Јеховин сведок!“
„Јехова нѐ зајакна“
Кратко откако ЕЗЛН преку радиото ѝ објавила војна на владата, граѓаните побегнале. Франсиско, полновремен министер, односно пионер, објаснил како Јехова ги зајакнал него и неговата сопруга низ она што морале да го поминат.
„Решивме да побараме засолниште во едно подрачје на оддалеченост од три часа пешачење. Таму имаше собрание, па така ќе бевме со браќата. Набрзо дојде време да се одржи нашиот покраински собир во Паленке. Мојата сопруга и јас не сакавме да го пропуштиме специјалниот состанок за пионерите, но дознавме дека патот до собирот го блокирала ЕЗЛН. Решивме да одиме преку џунглата, за што ни беа потребни девет часа. Стигнавме токму навреме за да присуствуваме на пионерскиот состанок, во кој многу уживавме, како и во целата програма на собирот.
Кога се вративме, го најдовме нашиот дом запален, а стоката украдена. Беше останата само една мала торба со облека. Бевме ожалостени поради нашата загуба, но браќата во Окосинго љубезно нѐ прибраа во своите домови. Исто така, ни покажаа како да работиме некои работи што ние како земјоделци никогаш порано не сме ги правеле. Еден брат ме научи да сликам со фотоапарат, а друг да поправам чевли. Всушност, на овој начин се издржуваме мојата сопруга и јас сѐ досега, без да мораме да прекинеме со пионерската служба. Размислувајќи за она што се случи, гледаме дека иако не ни беше лесно да истраеме, Јехова нѐ зајакна“.
Плодови од делото на проповедање
Сведоците во државата Чијапас не дозволиле тешкотиите и опасностите да ги одвратат од вложувањето посебни напори да им ја носат добрата вест на луѓето во тоа подрачје. На пример, во април и мај 1995 тие им се придружиле на сохристијаните по целиот свет во една кампања на дистрибуирање на Вест за Царството бр. 34, со многу соодветниот наслов Зошто во животот има толку многу проблеми?
За време на кампањата — во местото кое се вика Пуебло Нуево — еден општ пионер, Сиро, наишол на некое семејство кое покажало интерес. Кога навратил после три дена, можел да започне библиска студија со нив. Но, кога Сиро и придружникот се вратиле за да ја продолжат студијата со семејството, човекот од куќата не бил дома. Наместо тоа, го чекале група маскирани мажи кои сакале да му наштетат. Ги прашале Сиро и придружникот што бараат и им се заканиле дека ќе ги убијат. Откако во себе му се помолиле на Јехова, двајцата христијани храбро објасниле дека дошле да го поучуваат семејството за Библијата. На тоа маскираните луѓе ги пуштиле да си заминат. Од некоја причина, човекот од куќата воопшто не се вратил дома тој ден.
Еден ден, по речиси три години, Сиро се изненадил кога на неговата врата се појавил човекот. Колку само бил воодушевен Сиро кога дознал дека целото семејство е крстено и дека сега се поврзани со едно собрание во Гватемала! Една од ќерките дури служи како општ пионер.
Ценење на духовната храна
Еден обласен надгледник известува дека и покрај постојаните тешкотии во Чијапас, Сведоците во тоа подрачје навистина ја ценат важноста на заедничкото собирање (Евреите 10:24, 25). Тој раскажува што се случило на еден неодамнешен ден на специјален собир, кој бил предвиден да започне рано наутро со цел присутните да можат да се вратат дома релативно сигурно по ден. Иако повеќето од нив морале да пешачат по повеќе од три часа низ џунглата за да дојдат до местото на собирот, сите биле на своите места во 7.00 часот. Меѓу присутните имало шест членови на групата ЕЗЛН, кои слушале и аплаудирале, изгледа уживајќи во програмата. И тие пешачеле три часа за да присуствуваат на собирот. Дваесетмина од нив дошле и на Меморијалот на Христовата смрт што се одржал во една локална Сала на Царството.
Еден младич од герилското движење бил доделен од своите претпоставени да патролира низ едно подрачје во џунглата. Откако пристигнал на тоа подрачје, увидел дека сите жители, од кои мнозина биле Јеховини сведоци, побегнале. Затоа се населил во еден напуштен дом. Бидејќи немал многу работа, собрал некои книги кои ги нашол во куќата и почнал да чита. Испаднало дека тоа биле публикации на Watch Tower кои ги оставиле Сведоците. Така осамен, младичот имал време да медитира за она што го читал. Дошол до заклучок дека мора да го промени својот живот и да го предаде оружјето. Веднаш штом можел, ги пронашол Сведоците и со него била започната библиска студија. Во рок од шест месеци, почнал да им кажува на другите за добрата вест. Тој и тројца други членови на неговото семејство, кои биле симпатизери на герилското движење, сега се крстени христијани.
Да се гледа позитивната страна
Иако конфликтот вклучувал многу тешкотии, тој всушност имал позитивно влијание врз ставот на луѓето кон делото на проповедање. Еден старешина токму од градот каде што започнала борбата, раскажува: „Отприлика пет дена откако изби борбата, ние го организиравме делото на проповедање во и надвор од градот. Луѓето беа желни да нѐ слушаат. Дадовме многу литература и започнавме неколку библиски студии. Во едно подрачје многумина се противеа на вистината, но поради борбата, сега слушаат, ја проучуваат Библијата и ги посетуваат состаноците и собирите“.
Браќата се среќни што можат да ги одржуваат своите теократски активности и покрај многу нестабилните околности. Со знаење и на владините сили и на ЕЗЛН тие и понатаму ги одржуваат своите собири, кои духовно ги зајакнуваат. Посетите од патувачките надгледници се исто така силен поттик за да продолжат со делото на проповедање. Интересно е тоа што охрабрувањето доаѓа дури и од оние што учествуваат во судирот, кои честопати ги поттикнуваат Сведоците да продолжат со своето дело на проповедање.
Иако искушенијата и тешкотиите што мора да ги поднесат луѓето во Чијапас со текот на времето до некаде стивнаа, сепак тие не завршуваат. Без оглед на тоа, едно е сигурно — Јеховините сведоци се решени без попуштање да продолжат со своите напори да им ја носат на луѓето добрата вест на мир од Божјата реч, Библијата (Дела 10:34—36; Ефешаните 6:15). Тие признаваат, како што рекол пророк Еремија, дека „патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23). Само Божјето Царство во рацете на неговиот Син, Исус Христос, може да донесе решение за неправдата и сиромаштијата во светот (Матеј 6:10).
[Карта на страница 9]
(Види во публикацијата)
Мексикански Залив
ЧИЈАПАС
ГВАТЕМАЛА
Тихи Океан
[Извор на слика]
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
[Слика на страница 9]
Сведоците одат во служба на висорамнините на Чијапас