Дали веруваш во вистински Бог?
Една експедиција, по налог на Американскиот музеј за природна историја, била на пат да го проучи арктичкото копно, за кое истражувачот Роберт И. Пири известил дека го видел седум години претходно, во 1906.
ОД КЕЈП КОЛГЕЈТ, на крајниот северозападен дел на Северна Америка, Пири имал набљудувано нешто што изгледало како бели врвови на една далечна земја. Му дал име Кроукер Ленд, според името на еден од неговите финансиски спонзори. Колку само биле возбудени членовите на втората експедиција кога пред себе здогледале едно место со ридови, долини и врвови покриени со снег! Но, наскоро сфатиле дека тоа не е ништо друго туку арктичка фатаморгана. Овој оптички атмосферски ефект го измамил Пири, а сега тие имале вложено време, енергија и средства за да истражуваат нешто што не било вистинско.
Денес многу луѓе се посветуваат себеси и своето време на богови за кои сметаат дека се вистински. Во деновите на Исусовите апостоли, биле обожавани богови како што биле Хермес и Зевс (Дела 14:11, 12). Денес, во шинтоистичката, хиндуистичката и во други религии се обожаваат милиони богови. Навистина, како што вели Библијата, „има многу ‚богови‘ и многу ‚господи‘“ (1. Коринќаните 8:5, 6). Можно ли е сите тие да се вистински?
Богови што ‚не можат да спасат‘
На пример, размисли за употребата на ликови или симболи во обожавањето. На оние што им веруваат или се молат преку нив, идолите им изгледаат спасители што поседуваат натчовечка моќ, која може да ги награди луѓето или да ги избави од опасност. Но, можат ли тие навистина да спасат? Во врска со таквите предмети, псалмистот пеел: „Незнабожечките идоли, се сребро и злато, тие се дело на човечки раце: имаат уста, а не зборуваат; имаат очи, а не гледаат, имаат уши, а не слушаат, и нема здив во нивните усти“. Навистина, тие се богови што ‚не можат да спасат‘ (Псалм 135:15—17; Исаија 45:20).
Секако, оние што прават идоли можеби му припишуваат живот и моќ на делото на своите раце. А оние што обожаваат идоли имаат доверба во нив. „Го креваат [идолот] на рамо“, рекол пророк Исаија, „го носат, тогаш го ставаат на неговото место.“ Тој додал: „Тој стои и не се помрднува од него. Го повикуваат, тој не одговара, и никого не го спасува од неговата неволја“ (Исаија 46:7). Вистината е дека идолот останува безживотен без разлика на тоа колку горливо е верувањето на оние што имаат доверба во него. Таквите делкани ликови и леани кипови се „безвредни богови“ (Хабакук 2:18).
Идолизирањето, побожното почитување или обожавањето личности од забавата, спортски ѕвезди, политички системи и извесни верски водачи се исто така вообичаени денес. Освен тоа, за многумина бог се парите. Во секој случај, тие идоли се претставени како нешто што не се. Тие не им го обезбедуваат, а и не можат, она на кое се надеваат оние што им веруваат. На пример, можеби се чини дека богатството е одговорот на многу проблеми, но моќта на богатството е измамничка (Марко 4:19). Еден истражувач прашал: „Како да се објасни фактот дека нешто што многу луѓе толку желно го посакуваат, и веруваат во него како еден вид лек за сите болести, кога ќе се добие, создава ефекти што варираат од разочарување до трауми?“ Да, стремењето по богатство можеби бара човек да го жртвува она што има вистинска вредност, како што е доброто здравје, задоволителниот семеен живот, блиските пријателства или скапоцениот однос со Творецот. Неговиот бог се претвора во нешто што е само ‚суетен идол‘! (Јона 2:8).
‚Немаше одговор‘
Глупаво е да се нарече вистинско нешто што не е вистинско. Обожавателите на богот Ваал во времето на пророкот Илија го научиле ова на еден тежок начин. Тие цврсто верувале дека Ваал има моќ да предизвика оган да слезе од небото и да проголта една животинска жртва. Всушност, ‚го повикувале Вааловото име од утрото до пладне, велејќи: „О, Ваал, послушај нѐ!“‘ Дали Ваал имал уши да може да чуе и уста да може да зборува? Извештајот продолжува: „Немаше глас, ни одговор“. Навистина, немало „знак дека некој ги слуша“ (1. Цареви 18:26, 29). Ваал не бил ниту вистински, ниту жив ниту активен.
Колку само е битно да запознаеме и да обожаваме Бог што е вистински! Но, кој е тој? И како може да ни користи довербата во него?
[Слики на страница 3]
Иџинвеј, другарот на Пири, го скенира хоризонтот за земјата
Роберт И. Пири
[Извори на слики]
Иџинвеј: Од книгата The North Pole: Its Discovery in 1909 Under the Auspices of the Peary Acrtic Club, 1910; Robert E. Peary: NOAA
[Слики на страница 4]
Многумина се измамени од она што се идолизира во овој свет