Човек што ги сакаше животот и луѓето
ДАНИЕЛ СИДЛИК, долгогодишен член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го заврши својот живот на Земјата во вторник, на 18 април 2006 година. Имаше 87 години и служеше како член на бетелската фамилија во Бруклин (Њујорк) речиси 60 години.
Брат Ден, како што си го викаа блиските, дојде во Бетел во 1946 година. Претходно служеше како специјален пионер во Калифорнија, а извесно време во текот на Втората светска војна лежеше в затвор затоа што, како христијанин, беше неутрален. За она низ што минал, живо раскажува во својата животна приказна, која излезе во Стражарска кула од 1 јуни 1985 година, на англиски јазик, под насловот „Колку е скапоцено твоето пријателство, Боже!“
Брат Сидлик важеше за многу народен човек, кому беше лесно да му пристапиш. Кога го водеше утринското обожавање во Бетел, неговиот позитивен став и љубовта кон животот често се гледаа од зборовите со кои започнуваше: „Колку е убаво што сме живи за да му служиме на вистинскиот и жив Бог!“ Тој го всадуваше во другите овој став и преку своите говори, со теми како, на пример: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова“, „Да ја одразуваме радоста на Јехова“, „Нека гори во тебе огнот на Божјиот дух“ и „Најдоброто допрва доаѓа“.
Во 1970 година, брат Сидлик се ожени со Марина Ходсон, од Англија, која ја опиша како „поддршка испратена од Бог“. Заедно му служеа на Јехова преку 35 години.
Во Бетел, брат Сидлик служеше во различни оддели, меѓу кои беа печатницата и Одделот за пишување. Исто така работеше и на радиостаницата WBBR. Потоа, во ноември 1974 година, беше именуван за член на Водечкото тело, а до крајот работеше и во Одделот за персонал и за пишување.
Преку 30 години, колку што работеше во Одборот за персонал, брат Сидлик беше познат по својата силна љубов кон луѓето. Со својот громок глас знаеше да охрабри многумина и никогаш не забораваше да потенцира каква скапоцена чест имаме што му служиме на Јехова. Постојано истакнуваше дека вистинската среќа не зависи од надворешни фактори, туку од нашето пријателство со Јехова и од нашиот став кон животот.
Иако брат Сидлик многу ѝ недостасува на бетелската фамилија, неговиот пример на човек што вистински ги сакаше животот и луѓето ќе остане да живее засекогаш. Сигурни сме дека и тој е меѓу оние за кои станува збор во Откровение 14:13: „Среќни се оние што отсега умираат во Господарот. Да, вели духот, нека се одморат од својот труд, зашто нивните дела одат по нив“.