Која е смислата на животот?
ЗОШТО Е ВАЖЕН ОДГОВОРОТ? Ретко која друга работа толку го вознемирува човекот колку мислата дека животот нема никаква смисла и цел. Од друга страна, пак, оној што добро знае која е смислата на неговиот живот може стоечки да поднесе сѐ што ќе го снајде. Неврологот Виктор Е. Франкл, кој го преживеал холокаустот, напишал: „Се осмелувам да кажам дека нема ништо на светов што толку ефикасно може да му помогне на човекот да преживее дури и во најтешките услови, како што е сознанието дека неговиот живот има смисла“.
Меѓутоа, има голем број спротивставени мислења на оваа тема. Многумина сметаат дека секој човек треба сам да си одреди која е смислата на неговиот живот. За разлика од нив, некои од оние што веруваат во еволуцијата велат дека животот нема некоја вистинска смисла.
Сепак, најлогичниот начин да се утврди која е смислата на животот е да му се обратиме на Оној што го создал животот, Јехова Бог. Да видиме што вели за ова неговата Реч.
Што вели Библијата?
Библијата вели дека Јехова Бог имал одредена намера кога ги создал првите луѓе. На нашите прародители Јехова им ја дал следнава заповед:
1. Мојсеева 1:28: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над морските риби, над небесните суштества што летаат и над сите суштества што се движат по земјата!“
Бог имал намера Адам, Ева и нивните деца да ја претворат целата Земја во рај. Тој ниту сакал луѓето да стареат и да умираат ниту да ја уништуваат животната средина. Меѓутоа, лошите одлуки на нашите прародители биле причина ние да наследиме грев и смрт (1. Мојсеева 3:2-6; Римјаните 5:12). Сепак, Јеховината намера не се променила. Наскоро Земјата ќе биде рај (Исаија 55:10, 11).
Јехова нѐ создал со физички и интелектуални способности да ја исполниме таа негова намера. Не нѐ создал за да живееме независно од него. Забележи како следниве библиски стихови покажуваат која е Божјата намера за нас:
Проповедник 12:13: „Заклучокот на сето она што го чу е: бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“.
Михеј 6:8: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“
Матеј 22:37-39: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“.
Одговорот од Библијата дава вистински душевен мир
За да може исправно да функционира некој сложен апарат, мора да се користи за целта и на начинот што го одредил конструкторот. Слично на тоа, за да не си наштетиме себеси — сеедно дали духовно, душевно, емоционално или физички — треба да го користиме својот живот во склад со намерата на нашиот Творец. Да видиме како тоа што ја знаеме Божјата намера ни носи душевен мир на следниве подрачја од животот.
При одредувањето што е најважно во животот, многу луѓе денес одлучиле да трчаат по богатство. Меѓутоа, Библијата нѐ опоменува дека „оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби“ (1. Тимотеј 6:9, 10).
Од друга страна, пак, оние што научиле да го сакаат Бог наместо парите откриваат што значи човек да биде задоволен со она што го има (1. Тимотеј 6:7, 8). Сфаќаат дека треба да се работи и дека се должни да ги задоволат своите физички потреби (Ефешаните 4:28). Но, сериозно ја сфаќаат и Исусовата опомена: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24).
Според тоа, наместо најважно да им биде да најдат добра работа или да се збогатат, на оние што го сакаат Бог на прво место во животот им е да ја вршат неговата волја. Тие знаат дека, ако тоа им е најважно, тогаш Јехова Бог ќе се грижи за нив. Всушност, Јехова се чувствува должен да го прави тоа (Матеј 6:25-33).
Во постапките со другите луѓе, многумина мислат само на себе. Тие станале „себељубиви... бесчувствителни кон другите“, што во голема мера е причина денес во светот да нема мир (2. Тимотеј 3:2, 3). Кога некој ќе ги разочара или има поинакво мислење од нив, се препуштаат на „лутина и гнев и викање и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Наместо да донесе душевен мир, ваквиот недостиг на самосовладување само „предизвикува караница“ (Изреки 15:18).
За разлика од тоа, оние што ја слушаат Божјата заповед да го сакаат својот ближен како себеси се ‚милостиви еден спрема друг, имаат сомилост и спремно си простуваат еден на друг‘ (Ефешаните 4:32; Колошаните 3:13). Дури и кога другите не постапуваат убаво со нив, се трудат да бидат како Исус, кој ‚не враќал со навреди‘ кога го навредувале (1. Петрово 2:23). По примерот на Исус, сфаќаат дека ќе бидат вистински среќни ако им служат на другите, дури и на оние што не го ценат она што се прави за нив (Матеј 20:25-28; Јован 13:14, 15; Дела 20:35). Јехова Бог им го дава својот дух на оние што се угледуваат на неговиот Син, а тој дух му дава на нивниот живот вистински мир (Галатите 5:22).
Но, врз твојот душевен мир влијае и твојот став кон иднината. Да видиме како.
[Истакната мисла на страница 6]
На човекот му е потребно да знае која е смислата на неговиот живот
[Слика на страница 7]
Исус нѐ поучил како да најдеме душевен мир