Како да станеме Божји деца
ОКОЛУ 30 години по завршувањето на Корејската војна, државната радио-телевизија емитуваше програма со цел да им помогне на луѓето да се најдат со членовите на семејството од кои биле разделени откако почна војната. Со каков резултат? Повеќе од 11.000 луѓе повторно се сретнаа со своите сакани — со солзи, восклици и прегратки. Во весникот Korea Times пишуваше: „Никогаш порано во нивната историја, Корејците не пролеале толку солзи радосници спонтано и сите во исто време“.
Во Бразил, родителите го дале Сезар на една фамилија за да си отплатат некој долг. Околу десет години подоцна, толку бил радосен кога си ја нашол вистинската мајка што ги оставил своите богати посвоители за да живее со неа.
Колку се радосни луѓето кога ќе се најдат со членовите на своето семејство откако биле разделени и изгубени! Библијата ни открива како луѓето биле трагично разделени од Божјето семејство. Исто така, ни кажува на кој начин денес тие повторно радосно се обединуваат. Како дошло до тоа? И како можеш и ти да ја доживееш таа радост?
Како било разделено Божјето семејство
За Јехова Бог, Творецот, псалмистот рекол: „Во тебе е изворот на животот“ (Псалм 36:9). Јехова е Татко на едно огромно семејство од верни суштества обдарени со разум. Тоа семејство се состои од небесен дел, кој го сочинуваат ангелите како негови духовни синови, и земен дел, кој го сочинуваат луѓето како негови деца на Земјата.
Кога се побунил Божјиот прв човечки син, Адам, како што беше опишано во претходната статија, човечкиот род бил трагично разделен од својот грижлив Татко и Творец (Лука 3:38). До ова дошло затоа што со својата побуна Адам ја изгубил за себе и за своето сѐ уште неродено потомство честа да бидат Божји деца. Преку својот слуга Мојсеј, Бог ги опишал последиците од она што се случило: „Тие се расипаа, тие не му се деца, вината е нивна“. „Вината“, односно нивната грешна природа, ги отуѓила луѓето од Бог, кој е свет и совршен во секој поглед (5. Мојсеева 32:4, 5; Исаија 6:3). Значи, во извесна смисла, човештвото било изгубено, како некое сираче без татко (Ефешаните 2:12).
За да нагласи колку се оддалечени луѓето од Бог, Библијата ги нарекува оние што не му припаѓаат на Божјето семејство „непријатели“ (Римјаните 5:8, 10). Одвоени од Бог, луѓето страдаат поради безмилосното владеење на Сатана и погубните последици од наследениот грев и несовршенството (Римјаните 5:12; 1. Јованово 5:19). Можат ли грешните луѓе да станат дел од Божјето семејство? Можат ли несовршени суштества да станат Божји деца во потполна смисла на зборот, онака како што биле Адам и Ева пред да згрешат?
Собирање на разделените деца
Јехова со љубов направил сѐ што е потребно за доброто на несовршените луѓе што го сакаат (1. Коринќаните 2:9). Апостол Павле објаснил: „Бог преку Христос го помири светот со себе, не сметајќи ги престапите на луѓето“ (2. Коринќаните 5:19). Како што беше објаснето во претходната статија, Јехова Бог го дал Исус Христос како откупнина за нашите гревови (Матеј 20:28; Јован 3:16). Со благодарност, апостол Јован напишал: „Видете каква љубов ни дал Таткото, да се наречеме деца Божји“ (1. Јованово 3:1). Со тоа бил отворен патот послушните луѓе повторно да станат дел од Јеховиното семејство.
Иако сите луѓе што ќе бидат собрани во Божјето семејство ќе живеат во прекрасно единство под грижата на својот небесен Татко, во Библијата е опишано дека тие се собрани во две групи. Во неа читаме: „Таа света тајна е во склад со она што [Бог] го сака, со неговата намера да се уреди сѐ кога ќе се наврши времето, имено повторно да се состави сѐ во Христос — она што е на небесата и она што е на земјата“ (Ефешаните 1:9, 10). Зошто Бог ги уредува работите на таков начин?
Начинот на кој Јехова ги организира своите деца во две групи придонесува за складност во неговото семејство. Не е тешко да се сфати зошто. Божјето семејство е толку големо што може да се спореди со една држава. Во секоја држава, само неколкумина се избрани да формираат влада за другите да можат да живеат во ред и мир. Се разбира, ниедна човечка влада не донела вистински мир, но Бог му дал на своето семејство една совршена влада. Првата група, „она што е на небесата“, се состои од Божјите деца што Јехова ги избира да формираат една влада, или Царство, на небото. Оттаму тие „ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:10).
Божјите деца на Земјата
Јехова го собира и „она што е на земјата“, односно милиони луѓе од целиот свет, за еден ден да станат негови деца на Земјата. Како грижлив Татко, ги учи да се сакаат за да можат да бидат обединети во слога, иако потекнуваат од многу народи. Дури и оние што се насилни, себични, неморални и непослушни на Бог, се повикани да се помират со него (2. Коринќаните 5:20).
Што ќе се случи со оние што не ја прифаќаат Божјата покана да се помират со него и да станат негови деца? За да обезбеди мир и слога во своето семејство, Јехова ќе преземе строги мерки против таквите. Ќе дојде „денот на судот и уништувањето на безбожниците“ (2. Петрово 3:7). Бог ќе ја исчисти Земјата од бунтовните луѓе. Колкаво олеснување ќе биде тоа за оние што му се послушни! (Псалм 37:10, 11).
Ќе настапат илјада години мир, во кои сите што се одѕиваат на Божјата љубов постепено ќе бидат доведени до совршенството што го изгубил Адам. Дури и мртвите ќе воскреснат (Јован 5:28, 29; Откровение 20:6; 21:3, 4). Со тоа Бог ќе го исполни своето ветување: „[Човечкото] создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21).
Повторно заедно со твојот Татко
Сезар и илјадниците Корејци што ги спомнавме во почетокот на оваа статија морале да преземат извесни чекори за повторно да бидат заедно со своите семејства. Луѓето од Кореја морале да се вклучат во програмата, а Сезар ги оставил родителите што го посвоиле. Слично на тоа, можеби и ти ќе треба да преземеш решителни чекори за да се помириш со својот небесен Татко, Јехова Бог, и да станеш дел од неговото семејство. Што треба да направиш?
За да се зближиш со Бог како твој Татко, мора да ја проучуваш неговата Реч, Библијата. Тоа ќе ти помогне да изградиш цврста вера во него и во неговите ветувања. Ќе стекнеш доверба дека она што го бара Бог од тебе е за твое добро. Исто така, ќе треба да ги прифатиш советите и укорот од Бог, бидејќи Библијата им вели на христијаните: „Бог со вас постапува како со синови. А кој татко не го укорува својот син?“ (Евреите 12:7).
За да ги направиш овие чекори, ќе треба да го промениш целиот твој начин на живот. Библијата вели: „[Треба] да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Ефешаните 4:23, 24). Потоа треба да го послушаш советот што го дал апостол Петар: „Како послушни деца, немојте да дозволите и понатаму да ве обликуваат желбите што ги имавте додека бевте во незнаење“ (1. Петрово 1:14).
Најди го своето вистинско семејство
Кога Сезар ја пронашол својата мајка, многу се израдувал што дознал дека има и брат и сестра. Слично на тоа, кога и ти ќе се зближиш со твојот небесен Татко, ќе откриеш дека имаш многу браќа и сестри во христијанското собрание. Додека се дружиш со нив, ќе почувствуваш дека тие ти станале поблиски и од членовите на твоето семејство (Дела 28:14, 15; Евреите 10:24, 25).
Упатена ти е покана да бидеш заедно со твојот вистински Татко и со твоите вистински браќа и сестри. Радоста што ќе ја почувствуваш може да биде исто толку голема колку радоста што ја почувствувале Сезар и илјадници луѓе од Кореја кога повторно се нашле со своите семејства.
[Слика на страница 8]
Сезар и мајка му кога тој имал 19 години
[Слики на страница 10]
Преземи чекори да се зближиш со Бог