ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w11 15/3 стр. 28-32
  • Остани буден како Еремија!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Остани буден како Еремија!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Итна порака
  • Љубов кон луѓето
  • Бог му дал храброст
  • Длабока радост
  • Будно врши ја својата задача!
  • „Не можам да молчам“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Кажи им ги овие зборови“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • „Ги ставам своите зборови во твојата уста“
    Еремија и Божјата порака за нас
  • Какви пријатели ќе избереш?
    Еремија и Божјата порака за нас
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
w11 15/3 стр. 28-32

Остани буден како Еремија!

„Јас [Јехова] бдеам над својата реч за да ја извршам“ (ЕРЕМ. 1:12)

1, 2. Каква поврзаност постои помеѓу бадемот и тоа што Јехова ‚бдее‘?

ЕДНО од првите дрвја што расцветува на ридовите во Либан и Израел е бадемот. Неговите прекрасни розови и бели цветови се отвораат уште при крајот на јануари или во почетокот на февруари. Хебрејското име на ова дрво дословно значи „оној што бдее“ или „оној што се буди“.

2 Кога го повикал Еремија за свој пророк, Јехова соодветно го искористил ова обележје на бадемот за да нагласи една важна вистина. Во почетокот на својата служба, овој пророк добил видение во кое му била покажана една бадемова гранка. Што значело тоа? Јехова објаснил: „Јас бдеам над својата реч за да ја извршам“ (Ерем. 1:11, 12). Исто како што бадемот расцветувал рано, така и Јехова, во симболична смисла, ‚станувал рано‘ за да ги испрати своите пророци да го предупредат неговиот народ за последиците од непослушноста (Ерем. 7:25). Тој немало да отпочине, туку ќе ‚бдеел‘ сѐ додека не се исполнела неговата пророчка реч. Во 607 год. пр.н.е., токму во времето што го одредил, Јехова ја извршил својата пресуда над отпадничките Јудејци.

3. Што сигурно ќе направи Јехова?

3 Јехова и денес е буден, односно спремен да ја изврши својата волја. Тој секогаш ја исполнува својата реч. Како влијае овој факт врз тебе? Дали си уверен дека Јехова до ден-денес ‚бдее‘ за да го исполни она што го ветил? Ако сме задремале во духовен поглед затоа што кај нас се јавил макар и најмал сомнеж во неговите веродостојни ветувања, сега е време да се разбудиме (Рим. 13:11). Како Јеховин пророк, Еремија останал буден. Да разгледаме како и зошто Еремија будно ја вршел задачата што ја добил од Бог. Тоа може да ни помогне и нам да истраеме во делото што ни го дал Јехова.

Итна порака

4. Зошто на Еремија не му било лесно да ја разгласува својата порака, но зошто народот морал под итно да ја чуе?

4 Веројатно Еремија имал неполни 25 години кога Јехова му дал задача да служи како симболичен стражар (Ерем. 1:1, 2). Но, тој се чувствувал како мало дете, сметајќи дека е сосема некадарен да зборува со народните старешини, кои биле многу постари од него и имале влијателни положби (Ерем. 1:6). Тој требало да му објави остри обвиненија и страшни осуди на народот, а особено на свештениците, лажните пророци и владетелите, како и на оние што оделе по „патот по кој одат сите“ и биле ‚упорни во својата неверност‘ (Ерем. 6:13; 8:5, 6). Освен тоа, требало да објави дека величествениот храм на цар Соломон, кој речиси четири века бил средиште на обожавањето на вистинскиот Бог, ќе биде разурнат до темел, и дека Ерусалим и Јуда ќе лежат опустошени, а нивните жители ќе бидат одведени во ропство. Јасно е дека народот морал под итно да ја чуе пораката што ја разгласувал Еремија!

5, 6. а) Како Јехова ги користи помазаниците денес? б) За што ќе зборуваме во оваа статија?

5 Во нашево време, Јехова со љубов се погрижил да има една група од помазани христијани кои, слично на Еремија, служат како симболичен стражар. Тие предупредуваат дека наскоро Бог ќе ја изврши својата пресуда над овој свет. Со децении, помазаниците ги поттикнуваат луѓето да обрнат внимание во кое време живееме (Ерем. 6:17). Библијата нагласува дека Јехова никогаш не доцни. Неговиот ден ќе дојде точно навреме, во час кога луѓето нема да го очекуваат (Соф. 3:8; Мар. 13:33; 2. Пет. 3:9, 10).

6 Не заборавај дека Јехова будно внимава и дека ќе го воспостави својот праведен нов свет точно навреме. Овој факт треба да им помогне и на помазаниците и на нивните придружници од „другите овци“ да бидат свесни дека им останува сѐ помалку време да проповедаат. Луѓето мораат под итно да ја слушнат Јеховината порака. Како влијае ова врз тебе? Со оглед на тоа што Исус укажал дека секој ќе мора да одлучи дали ќе му служи на Јехова, зарем не си мотивиран да проповедаш со уште поголем жар? Да разгледаме три особини кои му помогнале на Еремија будно да ја врши својата задача и кои ќе ни помогнат и нам да останеме будни.

Љубов кон луѓето

7. На кој начин љубовта го мотивирала Еремија да проповеда и покрај тешките околности?

7 Што го мотивирало Еремија да проповеда и покрај тешките околности? Тој ги сакал луѓето. Еремија знаел дека лажните пастири му причинувале многу неволји на народот (Ерем. 23:1, 2). Бидејќи сочувствувал со нив, бил поттикнат да ја извршува својата служба со љубов. Тој сакал неговите сонародници да ги чујат Божјите зборови и да живеат. Бил толку загрижен за нив што плачел поради неволјата која требало да ги снајде. (Прочитај Еремија 8:21; 9:1.) Од книгата Плач Еремиин многу јасно се гледа колку Еремија го сакал Јехова и Неговиот народ и колку му било важно да се посвети Божјето име (Плач 4:6, 9). Кога гледаш дека луѓето се „измачени и расеани како овци без пастир“, зарем немаш желба да им ја пренесеш утешната вест за Божјето Царство? (Мат. 9:36).

8. Што покажува дека Еремија не се огорчил поради страдањата што ги претрпел?

8 Иако Еремија го малтретирале истите луѓе на кои сакал да им помогне, тој не се огорчил и не им враќал со иста мера. Бил долготрпелив и се однесувал љубезно дури и со злобниот цар Седекија! Откако Седекија го предал да биде убиен, Еремија сѐ уште го молел да го послуша гласот на Јехова (Ерем. 38:4, 5, 19, 20). Дали и твојата љубов кон луѓето е исто толку силна како и љубовта на Еремија?

Бог му дал храброст

9. Од каде знаеме дека Бог му дал храброст на Еремија?

9 Кога Јехова првпат зборувал со Еремија, тој се обидел да најде изговор за да не ја прифати задачата. Иако подоцна станал познат по својата храброст и решителност, очигледно овој Божји слуга не бил таков по природа. Напротив, необичната цврстина што Еремија ја покажал додека служел како пророк, всушност, била резултат на неговата потполна доверба во Бог. Навистина, Јехова бил со него „како страшен јунак“ во таа смисла што му помагал и му дал сила за да ја изврши својата задача (Ерем. 20:11). Бил толку познат по своето бестрашно и храбро проповедање што, кога Исус зборувал смело во текот на својата служба на Земјата, некои мислеле дека тој е Еремија кој станал од мртвите! (Мат. 16:13, 14).

10. Зошто може да се каже дека остатокот од помазаници е поставен ‚над народите и царствата‘?

10 Јехова, ‚Царот на народите‘, го испратил Еремија да им објави пораки на осуда на различни народи и царства (Ерем. 10:6, 7). А во која смисла остатокот од помазаници е поставен „над народите и над царствата“? (Ерем. 1:10). Бидејќи Севишниот Господар на вселената им дал задача исто како што му дал и на пророкот од старо време, тие се овластени да ги разгласуваат Неговите објави против народите и царствата по целата Земја. Повикувајќи се на јасните изјави од неговата вдахновена Реч, Божјите помазани слуги им објавуваат на денешните народи и царства дека Бог ќе ги откорне и ќе ги уништи во време и на начин што го одредил Тој (Ерем. 18:7-10; Отк. 11:18). Тие се решени непоколебливо да ја вршат задачата што им ја дал Бог — да ги разгласат Неговите пресуди низ целиот свет.

11. Што ќе ни помогне да проповедаме без престан кога се соочуваме со проблеми?

11 Многу е лесно да се обесхрабриме кога се соочуваме со противење, рамнодушност или проблеми (2. Кор. 1:8). Но, исто како Еремија, да не се откажуваме. Да не дозволиме обесхрабрувањето да нѐ совлада. Сите ние да продолжиме горливо да го молиме Јехова, да се потпираме на него и ‚да собираме смелост‘ со негова помош (1. Сол. 2:2). Како вистински слуги на Бог, ние мора да продолжиме будно да ги вршиме задачите што ни ги дал тој. Мора да бидеме решени без престан да проповедаме за уништувањето на христијанскиот свет, кое било претставено со уништувањето на неверниот Ерусалим. Помазаниците ја објавуваат не само „годината на Јеховината милост“ туку „и денот на одмаздата на нашиот Бог“ (Иса. 61:1, 2; 2. Кор. 6:2).

Длабока радост

12. Зошто можеме да заклучиме дека Еремија останал радосен и покрај сѐ, и што му помогнало во тоа?

12 Еремија се радувал додека ја извршувал својата задача. Тој му рекол на Јехова: „Кога твоите зборови ми дојдоа, јас ги изедов, и твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова“ (Ерем. 15:16). На Еремија му било чест да го застапува вистинскиот Бог и да ја проповеда неговата реч. Интересно е тоа што Еремија ја губел радоста кога мислел на исмевањето од луѓето. Но, кога размислувал за тоа колку е убава и важна неговата порака, радоста повторно се разгорувала во него (Ерем. 20:8, 9).

13. Зошто е важно да се храниме со длабоки духовни вистини за да останеме радосни?

13 За да продолжиме да проповедаме со радост денес, треба да се храниме со ‚тврда храна‘, односно со длабоките вистини од Божјата Реч (Евр. 5:14). Подлабокото проучување ни ја гради верата (Кол. 2:6, 7). Ни помага да разбереме дека нашите постапки навистина влијаат врз Јеховиното срце. Ако никако не стигнуваме да ја читаме и проучуваме Библијата, треба да се преиспитаме на што го трошиме времето. Дури и ако само неколку минути секој ден проучуваме и размислуваме за тоа, ќе се зближиме уште повеќе со Јехова, ќе ‚се израдуваме и ќе ни се развесели срцето‘, исто како што било случај со Еремија.

14, 15. а) Каков бил резултатот од тоа што Еремија верно ја извршувал својата задача? б) Зошто Божјиот народ денес ја проповеда добрата вест?

14 Иако Еремија не престанал да ги објавува Јеховините предупредувања и пораки на осуда, тој не заборавил и дека треба ‚да гради и да сади‘ (Ерем. 1:10). Тоа градење и садење родило плод. Некои Евреи, а и не-Евреи, го преживеале уништувањето на Ерусалим во 607 год. пр.н.е., меѓу кои биле Варух, Авде-Мелех и синовите на Рихав (Ерем. 35:19; 39:15-18; 43:5-7). Тие верни и богобојазливи пријатели на Еремија ги претставуваат оние што денес ѝ се придружуваат на помазаната класа и имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Помазаниците многу се радуваат што можат да ја изградуваат верата на ова „големо мноштво“ (Отк. 7:9). На сличен начин, и нивните верни придружници со големо задоволство им помагаат на искрените лица да ја запознаат вистината.

15 Како Божји народ, ние сфаќаме дека не проповедаме само за да им помагаме на луѓето туку и за да го славиме нашиот Бог. Сеедно дали ќе најдеме луѓе што спремно ќе нѐ слушаат или не, тоа што му служиме на Јехова проповедајќи ја добрата вест ни носи голема радост (Пс. 71:23; прочитај Римјаните 1:9).

Будно врши ја својата задача!

16, 17. Како Откровение 17:10 и Авакум 2:3 ни помагаат да сфатиме во колку значаен период живееме?

16 Вдахновеното пророштво од Откровение 17:10 ни помага да сфатиме во колку значаен период сме сега. Ние живееме во времето на седмиот цар, односно англо-американската светска сила. Во врска со него, читаме: „Кога [седмата светска сила] ќе дојде, ќе остане кратко време“. Тоа „кратко време“ сега сигурно е при крај. Пророкот Авакум ни го дава следново уверување во врска со крајот на овој злобен свет: „Тоа видение ќе се исполни во времето што е одредено за него... Чекај го, зашто бездруго ќе се исполни. Нема да задоцни“ (Авак. 2:3).

17 Прашај се: ‚Дали мојот начин на живот покажува дека сум свесен колку е значајно денешново време и дека очекувам крајот да дојде набрзо? Или, пак, со моите одлуки и цели покажувам дека не го очекувам во скоро време, па дури и дека не сум сигурен дали воопшто ќе дојде?‘

18, 19. Зошто сега не е време да забавиме?

18 Симболичниот стражар сѐ уште ја извршува својата задача. (Прочитај Еремија 1:17-19.) Колку се радуваме што преостанатите помазаници стојат цврсто како „железен столб“ и „утврден град“! Нивните ‚бедра се опашани со вистината‘ во таа смисла што дозволуваат Божјата Реч да ги зајакнува сѐ додека не го исполнат налогот што им го дал Јехова (Еф. 6:14). Со слична решеност, големото мноштво активно им помага на помазаниците да ја вршат својата задача.

19 Сега воопшто не е време да забавиме во службата за Царството. Размисли за значењето на Еремија 12:5. (Прочитај.) Сите ние се соочуваме со испити што од нас бараат истрајност. Тие можат да се споредат со „пешаци“ со кои мора да трчаме. Но, како што наближува ‚големата неволја‘, веројатно проблемите ќе се зголемат (Мат. 24:21). Борбата со потешките неволји што ни претстојат може да се спореди со ‚трка со коњи‘. Потребна е многу голема истрајност за човек да држи чекор со брзи коњи. Затоа е добро да ги издржиме денешните неволји бидејќи тоа може да нѐ подготви за оние што ни претстојат.

20. Што си решен да правиш?

20 Сите ние можеме да го следиме примерот на Еремија и успешно да ја извршиме својата проповедничка задача. Љубовта, храброста и радоста се некои од особините што му помогнале на Еремија верно да служи како пророк цели 67 години. Прекрасниот бадемов цвет нѐ потсетува дека Јехова ‚бдее‘ за да ја исполни својата реч. Затоа, и ние имаме добра причина да бдееме. Еремија останал буден — тогаш, можеме и ние.

Се сеќаваш ли?

• Како љубовта му помогнала на Еремија будно да ја врши својата задача?

• Зошто ни е потребна храброст од Бог?

• Што му помогнало на Еремија да остане радосен?

• Зошто сакаш да останеш буден?

[Слики на страница 31]

Ќе продолжиш ли да проповедаш и покрај противењето?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели