Писмо од Русија
Во потрага по богатство на златните планини на Алтај
БЕШЕ убав мајски ден во Република Алтај — област што го одзема здивот со својата убавина, а се наоѓа на југозападниот крај на Сибир. Од нашиот прозорец се гледаа предели со зимзелени шуми, зад кои величествено се извишуваа замаглените планински врвови со својата снежна прекривка. Тоа беше карпестата, далечна земја на Алтајците — азиски народ што си има и свој јазик. Тие се навикнале да живеат во пазувите на Алтајските Планини, кои го носат името според еден турско-монголски збор што значи „златен“.
Јас и жена ми пред неколку години научивме руски знаковен јазик и почнавме да ги посетуваме собранијата и групите на Јеховините сведоци кои се глувонеми. Во оваа земја, околу 170 народи и етнички групи зборуваат руски. Но, глувонемите користат еден друг јазик — рускиот знаковен јазик. Глувонемите се многу блиски меѓу себе и мнозина од оние што ги сретнавме со задоволство сакаа да ни укажат гостопримство и да ни раскажат нешто за себе. Тоа е типично за сите Алтајци.
Во градот Горно-Алтајск дознавме дека во едно селце оддалечено 250 километри живеат неколку глувонеми лица. Знаевме дека таму има и неколку Јеховини сведоци, но ниеден од нив не знаеше знаковен јазик. Сакавме да ги запознаеме овие глувонеми Алтајци и затоа решивме да појдеме таму и да ги побараме. Нашата одушевеност премина и на Јуриј и Татјана, една глувонема брачна двојка, па и тие дојдоа со нас. Во едно комбе ставивме публикации на знаковен јазик снимени на CD, а понесовме и еден DVD-плеер. Зедовме голем термос, сендвичи од ’ржан леб и чадени колбаси, како и тазе пирошки — вкусно руско печиво со фил од зелка и компир. На крајот, се испрскавме по телото, облеката и чевлите со спреј против крлежи, бидејќи во оваа област често се добива воспаление на мозокот како последица од каснување од крлеж.
Патот по кој се возевме се извиваше низ прекрасни планински предели. Воздухот беше исполнет со мирис на јасмин и јоргован. Тоа нѐ освежи! Се израдувавме и кога видовме стадо сибирски елени кои мирно си пасеа на една полјанка. Алтајците живеат во населби од дрвени куќички со метални покриви, начичкани една до друга. До многу од тие куќи имаше дрвена колиба наречена ајил, најчесто во шестоаголна форма со конусен покрив. Некои од нив личеа на вигвами, индијански куќички обложени со кора од дрво. Многу алтајски семејства живеат во својата ајил од мај до септември, а се селат во другата куќа за да ги поминат есента и зимата.
Сведоците од селото топло нѐ пречекаа и нѐ одведоа во домот на една глувонема брачна двојка. Тие се израдуваа кога нѐ видоа и љубопитно нѐ распрашаа од каде сме и зошто сме дојдени. Имаа компјутер, па затоа кога извадивме едно DVD, веднаш сакаа да го гледаат. Одеднаш престана секаков разговор и ние како да не бевме присутни. Со очите вперени во екранот, одвреме-навреме ги повторуваа знаците што ги гледаа и кимнуваа со главите во знак на одобрување. Едвај успеавме повторно да им го привлечеме вниманието за да го прекинеме DVD-то и да се вратиме на воведните сцени, во кои беше прикажан прекрасен рај на Земјата. Запревме на една од сцените за да им кажеме што ќе направи Бог за целото човештво и какви луѓе ќе живеат вечно во условите што ги гледаа. Се охрабривме кога видовме колку се заинтересираа, и на крајот ни кажаа дека во едно село на неколку часа од нивното има уште една глувонема брачна двојка.
Повторно тргнавме, и следејќи го кривулестиот пат кој минуваше низ една неверојатно убава и длабока клисура, стигнавме до едно многу помало селце. Таму го најдовме глувонемото семејство — сопруг, сопруга, мајка на сопругата и нивното мало синче — кои беа восхитени што им дојдоа неочекувани гости. Влеговме низ малата врата на нивната ајил, во која се ширеше пријатен мирис на дрво и матеница. На покривот имаше дупка од која влегуваше светлина. Во едниот агол имаше печка и фурна од тули варосани со бела боја, а ѕидовите беа украсени со светло црвени черги. Нѐ послужија со традиционално алтајско јадење — мали пржени крофни и чај во шољи во азиски стил. Ги прашавме дали некогаш помислиле дека е можно да бидат пријатели со Бог. Тие почнаа да размислуваат за тоа. Мајката на жената ни рече дека еднаш, кога била дете, однела храна во планините како жртва за боговите. „Не знам точно зошто го правевме тоа“, ги крена рамениците и се насмевна. „Едноставно таков ни беше обичајот.“
Им покажавме едно DVD на таа тема, и додека го гледаа, на лицата им се читаше радост. Многу сакаа да продолжиме со разговорите, но како? Иако обично лесно остануваме во контакт со глувонемите преку СМС-пораки, во овој крај немаше ниту еден предавател за мобилна телефонија. Затоа им ветивме дека ќе продолжиме да комуницираме преку писма.
Сонцето веќе заоѓаше кога срдечно нѐ испратија на долгиот пат назад до Горно-Алтајск. Бевме уморни, но задоволни. По извесно време, ги прашавме Сведоците од тој град како е семејството што го посетивме. Ни кажаа дека секоја втора седмица сопругот оди во еден поголем град, каде што ја проучува Библијата и присуствува на состанок. Во тоа му помага една сестра што го знае знаковниот јазик. Многу сме радосни што нашите напори вродија плод!
Нашата потрага по глувонемите лица кои имаат искрено срце може да се спореди со потрага по богатство скриено длабоко во планините. Долгите часови трагање се наградени кога навидум случајно ќе пронајдеме некое зрнце злато. За нас, Алтајските Планини секогаш ќе бидат златни, бидејќи нѐ потсетуваат на искрените лица што ги сретнавме меѓу карпестите планински врвови.