Книга како и сите други книги?
„Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно... за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. ТИМОТЕЈ 3:16, 17)
НЕКОИ луѓе не се согласуваат со оваа изјава во врска со Библијата. Што би рекол ти? Дали за тебе Библијата е:
• само едно вредно книжевно дело
• една од неколкуте свети книги што постојат
• книга со легенди што содржат наравоученија
• книга од Бог
Се поставува прашањето: Дали воопшто е важно што ќе мислиш за Библијата? Во неа стои: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Според тоа, самата Библија вели дека нејзината цел е да нѐ поучи, да ни даде утеха и да ни влее надеж.
Сепак, ако Библијата е само едно книжевно дело или само една од многуте свети книги, дали ти и твоето семејство би имале доверба во нејзините поуки, особено ако она што го читаш во неа се разликува од она што лично го сметаш за исправно? Ако Библијата е збирка на митови, дали нејзините ветувања може да ти дадат утеха и надеж?
Од друга страна, милиони луѓе кои ја проучуваат Библијата се уверени дека таа е нешто посебно, дека е Божја Реч. Зошто? Што ја прави Библијата поинаква од сите други книги? Во следните статии ќе бидат разгледани пет работи поради кои Библијата е навистина посебна книга.