Складна збирка книги
„Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. ПЕТРОВО 1:21)
ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Записите од древни времиња, дури и да се напишани во ист период, честопати си противречат еден на друг. Книгите што ги напишале различни луѓе, на различни места и во различно време, ретко кога се потполно складни. Сепак, Библијата тврди дека сите 66 книги во неа имаат еден ист Автор — и затоа пренесуваат една иста порака без да си противречат (2. Тимотеј 3:16).
ПРИМЕР: Мојсеј, пастир од 16 век пр.н.е., во првата книга на Библијата напишал дека ќе дојде едно „потомство“ што ќе го спаси човештвото. Во истата книга било проречено и дека тоа потомство ќе дојде од лозата на Авраам, Исак и Јаков (1. Мојсеева 3:15; 22:17, 18; 26:24; 28:14). Петстотини години подоцна, пророкот Натан открил дека тоа потомство ќе биде од царската лоза на Давид (2. Самоилова 7:12). Илјада години по тоа, апостол Павле објаснил дека ова потомство ќе го сочинуваат Исус и една избрана група негови следбеници (Римјаните 1:1-4; Галатите 3:16, 29). И, кон крајот на првиот век од н.е., во последната книга од Библијата било проречено дека припадниците на ова потомство ќе сведочат за Исус на Земјата, ќе воскреснат за да живеат на небото и ќе владеат со него 1.000 години. Тие, заедно со Исус, ќе го уништат Ѓаволот и ќе го спасат човештвото (Откровение 12:17; 20:6-10).
ШТО ВЕЛАТ БИБЛИСКИТЕ ИЗУЧУВАЧИ: Откако внимателно ги испитал сите 66 библиски книги, Луи Госа напишал дека бил пријатно изненаден од „неверојатната складност на оваа книга [Библијата], која била пишувана во текот на илјада и петстотини години од голем број писатели... а сепак сите тие постојано се стремеле кон една иста цел, иако и самите не ја разбирале потполно — да го објаснат откупот на човештвото што го платил Синот на Бог“ (Theopneusty—The Plenary Inspiration of the Holy Scriptures).
ШТО МИСЛИШ ТИ? Би очекувал ли една книга, која ја пишувале 40 различни мажи во период од над 1.500 години, да биде потполно складна? Или Библијата е нешто посебно?
[Истакната мисла на страница 7]
„Кога овие записи ќе се состават, содржински претставуваат една книга... Во книжевноста не постои дело кое макар и оддалеку може да се мери со неа“ (THE PROBLEM OF THE OLD TESTAMENT, ОД ЏЕЈМС ОР)