Корисна и за наше време
„Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (ПСАЛМ 119:105)
ЗОШТО БИБЛИЈАТА Е НЕШТО ПОСЕБНО? Литературните дела може да се сметаат за класици, но ниту едно од нив не може да ни даде водство во животот. А современите прирачници треба редовно да трпат промени. Од друга страна, Библијата тврди дека ‚она што било некогаш напишано во неа, напишано е за наша поука‘ (Римјаните 15:4).
ПРИМЕР: Иако не е медицински прирачник, Библијата содржи корисни совети за нашето психичко и физичко здравје. На пример, во неа пишува дека „мирното срце е живот за телото“ (Изреки 14:30). Таа исто така предупредува: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Изреки 18:1). Освен тоа, во неа стои дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).
ШТО ПОТВРДУВААТ ИСТРАЖУВАЊАТА: Спокојството, блиските пријателства и дарежливоста можат да ти го подобрат здравјето. Едно списание известува: „Луѓето што лесно избувнуваат се изложени на двојно поголем ризик да добијат мозочен удар во споредба со луѓето што имаат самоконтрола“ (The Journal of the American Medical Association). Во Австралија било спроведено едно десетгодишно истражување, кое открило дека кај „луѓето што почесто контактираат со блиските пријатели“ постои поголема веројатност да живеат подолго. А во 2008 год., група истражувачи од Канада и Соединетите Држави увидела дека „трошењето пари за другите ги прави луѓето посреќни отколку трошењето за себе“.
ШТО МИСЛИШ ТИ? Дали би имал доверба во советите што ги дава која и да било друга книга завршена пред речиси 2.000 години? Или Библијата е нешто посебно?
[Истакната мисла на страница 8]
„Библијата посебно ја сакам... затоа што од неа ги црпам најдобрите совети за здравјето“ (Д-Р ХАУАРД КЕЛИ, ЕДЕН ОД ОСНОВАЧИТЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ЏОНС ХОПКИНС)