Здравјето и среќата — како можеш да ги најдеш?
ЧОВЕКОТ одамна ја забележал тесната врска помеѓу здравјето и среќата. Хипократ, кој се смета за ”татко на медицината“, изјавил: ”Мудриот човек треба да има предвид дека здравјето е најголем благослов за човекот.“ Германскиот филозоф Артур Шопенхауер забележал: ”Двата непријатела на човечката среќа се болката и досадата.“
Во книгата Anatomy of an Illness as Perceived by the Patient (Анатомија на болеста како што ја доживеал пациентот), Норман Казинс го раскажал своето искуство како го користел смеењето во борбата против болеста која му се заканувала на неговиот живот. Своето оздравување го припишува, барем делумно, на смеењето од срце во кое уживал додека гледал комедии. Угледни лекари почнале да ја испитуваат можната корист од извесни хемикалии, наречени ендорфини, кои се ослободуваат во телото кога се смееме. Затоа, можеме добро да ја видиме мудроста на инспирираната изрека: ”Веселото срце е извонреден лек“ (Изреките 17:22, Ст).
Сепак, парадоксално е тоа што испитувачите откриле дека доброто здравје не мора да ветува среќа, затоа што многумина здрави луѓе се несреќни. Едно испитување темелено на анкета и на интервјуа со преку 100 000 луѓе, го довело Џонатан Фридман до неочекуваниот заклучок дека над 50 отсто од луѓето кои биле несреќни во својот живот, воглавно биле здрави.
Здравје и среќа — со еден збор
Тогаш, каде треба да ја бараме недостижната комбинација на здравје и среќа? Интересен увид дал Конфучие пред многу векови: ”Добрата влада има вредност кога оние кои се близу се среќни, а оние кои се далеку се привлечени.“ Во поново време, државникот Томас Џеферсон изјавил дека единствената цел на владата е ”да обезбеди најголем степен на можна среќа за општата маса од оние кои се под таа влада“.
Всушност, поблиското разгледување открива дека конечниот одговор на човековата потрага по здравје и среќа навистина се сосредоточува на едно — владата.
Низ вековите, луѓето ја барале својата среќа таму — во владата. На пример, Декларацијата за независност на Соединетите Американски Држави ги содржи познатите зборови: ”Тврдиме дека овие вистини се сами по себе разбирливи, дека сите луѓе се создадени еднакви, дека Творецот ги обдарил со одредени неотуѓиви Права, меѓу кои се Живот, Слобода и тежнеење кон Среќа.“ Забележи дека владата за која се зборува им го ветила на своите поданици само правото да ја бараат среќата. Што се однесува до здравјето, многу влади пофално унапредиле програми за подобрување на здравјето на своите граѓани. Сепак, општото добро здравје за мнозинството се покажало недостижно.
Но, што е со владата која ветува да даде многу повеќе? Што ако го ветува не само трагањето по среќа, туку и среќа? И што ако ветува не само здравствено осигурување, туку добро здравје? Зарем не се радуваш што во таа влада лежи конечниот клуч за човековата потрага по здравје и среќа?
Многумина денес можеби мислат дека тоа е нереален сон, но таквата влада всушност е претскажана и опишана во детали. Веродостојни информации можеме да најдеме во Светото Писмо, а таа влада е Божјето Месијанско Царство.
Божјето Царство или влада
Библијата често зборува за ”Божјето царство“. Но што е всушност тоа? Речникот Webster’s New World Dictionary of the American Language зборот ”царство“ го дефинира како ”влада или земја на чие чело стои цар или царица“. Едноставно речено, Божјето Царство е влада, царска влада, на чие чело се наоѓа Божјиот помазан Син и Цар, Исус Христос. Колку е важна оваа влада во Божјата намера? Нека одговорат Исусовите зборови: ”Барајте го најнапред царството на Бога (...) Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 6:33; 24:14); (...) треба да го проповедам евангелието за царството Божје; бидејќи на тоа сум испратен. (...) царството Божје се проповеда со евангелието, и секој навалува да влезе во него“ (Лука 4:43; 16:16, ДК).
Зборот ”царство“ е употребен повеќе од сто пати во евангелиските извештаи за Исусовиот живот, понекогаш во посебна поврзаност со здравјето и среќата. Обрни внимание на Матеј 9:35: ”Одеше Исус по сите градови и села, и поучуваше по нивните синагоги, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и немоќ во народот.“ Иако Исус го поврзувал донесувањето на доброто здравје со своето учење за Царството, треба да забележиме дека лекувањето на болести било второстепено во однос на неговото проповедање и учење. Тој бил познат како ”Учителот“, а не како ”Лекувачот“ (Матеј 26:18; Марко 14:14; Јован 1:38). Неговата главна заинтересираност не била да лекува луѓе или да обезбедува грижа за болните. Неговиот главен интерес секогаш било Царството. Со тоа што се грижел за болестите на луѓето, ја покажал својата голема сочувствителност и открил дека има божествена поткрепа.
Исусовите лекувања исто така послужиле како претслика за обновувањето на човечкото здравје кое тој ќе го изврши кога Божјето Царството ќе преземе потполна власт над Земјата. Обновувањето на човечкото здравје е зацврстено со визијата што е опишана во Откровение 22:1, 2, (NW): ”И ми покажа река од вода на животот, чиста како кристал, која течеше од престолот на Бог и Јагнето по средината на широкиот пат. И од оваа страна на реката и од онаа [имаше] дрвја на животот кои раѓаат дванаесет берби, давајќи секој месец свој плод. А лисјата на дрвјата [беа] за лекување на народите.“
Но каде би можеле да се радуваме на ова? Можеби изгледа премногу добро за да може навистина да се очекува таквото зачудувачко лекување да се случи на Земјата. Но, сети се на Исусовите зборови кои и ти самиот можеби си ги изговорил во молитва: ”Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10).
Според тоа, во владата на Божјето Месијанско Царство се наоѓа нашата вистинска, сигурна надеж за здравје и среќа во иднината. Сепак, останува едно прашање.
Дали можеме сега да се радуваме на здравјето и среќата?
Ако ги следиме библиските начела, уште сега ќе ни овозможат да се радуваме на подобро здравје, заедно со зголемена среќа. Како што често пати било истакнато на страниците на ова списание, оние кои ја применуваат Библијата во својот секојдневен живот, обично се заштитени од здравствените проблеми кои доаѓаат поради сексуален неморал, пушење, прекумерно пиење и злоупотреба на дрога. Тие исто така ги искусуваат користите од еден помирен живот и подобри односи со роднините и останатите.
Но, веќе видовме дека поседувањето на добро здравје не мора неминовно да води кон трајна среќа. Што е потребно за да се радуваш на поголема среќа?
Во претходно споменатата студија, Џонатан Фридман го разгледал тоа прашање во длабочина. Ги разгледал факторите како што се ”Љубов и секс“, ”Младост и старост“, ”Приход и образование“, дури и ”Град и село“. Можеби ќе те интересира да дознаеш дека открил оти овие фактори малку влијаат на нечие основно здравје. На пример, наведувајќи примери на луѓе кои имале многу материјални работи, но сепак биле несреќни, тој заклучил: ”Бевме прилично изненадени дека ниту приходот ниту образованието не играат главна улога во среќата.“
Неговите заклучоци ги повториле зборовите на еден мудар библиски писател, апостолот Павле, кој рекол: ”Научив, во каква и да сум состојба, да бидам задоволен со она што го имам“ (Филипјаните 4:11, King James Version). Присети се и на Исусовите зборови: ”Пазете се, и чувајте се од секакво лакомство, бидејќи животот на човекот не е во имотот негов, па и во изобилство да е“ (Лука 12:15, Ба).
Всушност, професор Фридман го открил следново: ”Често, кога ги разгледуваме изјавите од луѓето кои се несреќни, кои се чини дека имаат сѐ, ги слушаме како зборуваат за својот живот дека му недостасува смисла и цел.“ Тој додал: ”Се воздржувам да не претерам, но се чини дека духовните вредности му даваат боја на нечие сфаќање на стварноста, а нивниот недостаток во одредена мера труе и одвраќа од сѐ друго.“
Во нашево време гледаме докази за вистинитоста на овие забележувања. Погледни околу себе. Зарем не гледаш дека скоро сите луѓе — и оние кои имаат малку и оние кои имаат многу — како ја бараат среќата, но не ѝ се радуваат многу? Вистина, некои се помириле и живеат во тивка очаеност, додека многумина живеат како на подвижна лента, трчаат, но никогаш сосема не го достигнуваат она кон кое тежнеат. Некои стапуваат во брак за да најдат среќа, иако нивниот сосед се разведува од истата причина. Некои се истрошуваат од работа, додека пак други ги напуштаат своите работни места заради долги и можеби скапи одмори. Сите го бараат истиот недофатлив крај, да бидат здрави и среќни. Дали го наоѓаат? Дали ти си го нашол?
Твоето здравје, твојата среќа
Факт е дека можеш сега да имаш подобро здравје и среќа. А како?
Секако дека е мудро да настојуваме да се грижиме за своето здравје на еден урамнотежен начин, како што е со применувањето на библиските практични совети. Исто така од помош е ако бидеме реални. Тоа вклучува да признаеме дека нашето несовршено тело може да биде зафатено од болест, а сепак нема да бидеме скршени кога ќе се случи тоа. Можеби ќе биде потребен напор да задржиме оптимистички став додека се концентрираме на ветувањето за совршено здравје во идниот нов свет.
За да видиш дали поседуваш разумна мера на среќа сега, постави си ги овие прашања: 1. Дали сум јас тој кој управувам со мојот живот? 2. Дали во основа сум во мир со себеси и со оние околу мене? 3. Дали сум општо задоволен од постигнувањата во животот измерени во светлото на Библијата? 4. Дали јас и моето семејство се радуваме што можеме да му служиме на Бог?
Во голема мера, изборот го правиме самите ние. Многумина од нас можеби воглавно се здрави, а исто така имаме право да избереме да бидеме среќни. Но, мораме да имаме духовни цели, а потоа да настојуваме да ги постигнеме. Сети се на зборовите на Исус: ”Каде е твоето богатство, таму е и твоето срце“ (Матеј 6:21, NW). А имаме библиски темелена причина да очекуваме уште повеќе здравје и среќа под совршената влада на Месијанското Царство. Тогаш ќе можеме да имаме потполно здравје и среќа.
[Слика на страница 7]
Среќните луѓе се радуваат да ја споделат со другите својата надеж за совршено здравје