Во потрага по среќа
ПРЕД неколку години, во една анкета спроведена во Велика Британија, Германија, Соединетите Држави и Франција, на луѓето им било поставено прашањето: „Што е потребно за човек да биде среќен?“ Од тие што биле интервјуирани, 89 отсто рекле дека за среќа е потребно добро здравје; 79 отсто спомнале задоволувачки брак или врска; 62 отсто ја истакнале радоста и задоволството од тоа што се родители; а 51 отсто сметале дека за среќа е потребно да се има успешна кариера. Од сите нив, пак, 47 отсто биле убедени дека парите се гаранција за среќата, иако и народната мудрост предупредува дека тоа не е случај. Но, што покажуваат фактите?
Како прво, да видиме каква е наводната поврзаност меѓу парите и среќата. Една анкета на 100-те најбогати луѓе во Соединетите Држави покажала дека тие не се посреќни од обичните луѓе. Освен тоа, иако мнозина во Соединетите Држави скоро ги удвоиле своите материјални поседи во изминатите три децении, според стручњаците за ментално здравје, тие воопшто не се посреќни од порано. Всушност, во еден извештај стои: „Во истиот тој период, стапката на депресија драстично се покачи. Бројот на самоубиства кај тинејџери порасна за трипати. Стапката на разводи се зголеми за двапати“. Истражувачите што ја проучувале врската меѓу парите и среќата во околу 50 земји дошле до заклучок дека ‚среќата со пари не се купува‘.
Како второ, колку се важни за среќата таквите фактори како што се доброто здравје, задоволувачкиот брак и успешната кариера? Па, ако овие фактори се апсолутно неопходни за човек да биде среќен, тогаш што да прават милиони луѓе кои немаат добро здравје и сите оние кои немаат задоволувачки брак? Што да прават брачните двојки кои немаат деца или сите мажи и жени што немаат успешна кариера? Дали сите тие се осудени да водат несреќен живот? И дали наводната среќа на оние што моментално имаат добро здравје и задоволувачки брак ќе исчезне ако нивните околности се сменат?
Дали бараме на исправното место?
Секој сака да е среќен. Ова не треба да нѐ изненади затоа што Творецот на човекот е опишан како „среќниот Бог“, а самиот човек бил направен по Божји лик (1. Тимотеј 1:11; Битие 1:26, 27). Затоа, сосема е нормално луѓето да трагаат по среќа. Сепак, мнозина увидуваат дека да се задржи среќата е исто како да се обидуваш да задржиш песок в рака — и двете ни се лизгаат низ прсти.
Но, можно ли е некои да претеруваат во таа своја потрага по среќа? Ерик Хофер, филозоф на полето на социологијата, мислел така. Тој забележал: „Потрагата по среќата е еден од главните извори на несреќа“. Ова сигурно важи ако ја бараме среќата на погрешно место. Во тој случај, сигурно ќе се соочиме со разочарување и фрустрација. Ако трчаме по пари; ако настојуваме да стекнеме слава или признание; ако се стремиме да оствариме некои политички, друштвени или економски цели; или, пак, ако едноставно живееме само за себеси и за моменталното задоволство, не значи дека ќе бидеме среќни. Не е ни чудо што некои го усвоиле ироничното гледиште на една авторка, која забележала: „Ако престанеме веќе еднаш да ја бараме среќата, можеби таа и ќе нѐ најде!“
Вредно е да се забележи дека 40 отсто од луѓето што учествувале во анкетата спомната во почетокот на статијава сметале дека човек е среќен ако прави добро и ако им помага на другите. А 25 отсто нагласиле дека верата и религиозните убедувања играат голема улога во тоа човек да се чувствува среќен. Јасно е, треба повнимателно да разгледаме што е потребно за навистина да бидеме среќни. Следната статија ќе ни помогне да го направиме тоа.
[Слики на страница 3]
Мнозина мислат дека парите, задоволувачкиот семеен живот или успешната кариера се клуч за среќата. Дали и ти мислиш така?