Среќа — толку недофатлива
ЛУТИНАТА, вознемиреноста и депресијата долго време биле предмет на научни истражувања. Меѓутоа, во изминативе години водечки научници го сосредоточиле своето истражување на едно позитивно и пожелно човечко доживување — среќата.
Што би можело да ги направи луѓето посреќни? Дали тоа што би биле помлади, побогати, поздрави, повисоки или помршави? Кој е клучот за вистинската среќа? На повеќето луѓе им е тешко, ако не и невозможно, да одговорат на ова прашање. Кога ќе помислат на распространетиот неуспех да се пронајде среќа, можеби на некои ќе им биде многу полесно да одговорат на тоа што не е клуч за среќа.
Долго време, водечки психолози препорачувале филозофија на свртеност кон себе како клуч за среќа. Тие ги охрабрувале несреќните луѓе да се сосредоточат исклучително на задоволувањето на нивните индивидуални потреби. Во психотерапијата се употребуваат привлечни фрази како што се: „биди тоа што си“, „запознај се себеси“ и „откриј се себеси“. Сепак, некои од самите експерти кои го унапредуваа овој умствен став, сега се согласуваат дека таквиот индивидуалистички став не донесува трајна среќа. Егоизмот неизбежно ќе донесе болка и несреќа. Себичноста не е клуч за среќа.
Клучот за да се биде несреќен
Оние што бараат да пронајдат среќа преку тежнеењето по задоволство, бараат на погрешно место. Разгледај го примерот на мудриот цар Соломон од древниот Израел. Во библиската книга Проповедник, тој објаснува: „Што и да посакаа очите мои, не им откажував, не му забранував на срцето свое никаква веселба, бидејќи срцето мое се радуваше со сите мои трудови; и тоа ми беше дел од сите мои трудови“ (Проповедник 2:10). Соломон си изградил куќи, засадил лозје и си направил градини, паркови и базени со вода (Проповедник 2:4—6). Еднаш запрашал: „Кој јаде и пие подобро од мене?“ (Проповедник 2:25, НС). Го забавувале најдобрите пејачи и музичари и уживал во друштвото на најубавите жени во земјата (Проповедник 2:8).
Поентата е во тоа што Соломон не се воздржувал од ништо кога станувало збор за активности кои донесуваат задоволство. До каков заклучок дошол откако имал изобилни задоволства во животот? Тој рекол: „И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете — сѐ беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза под сонцето“ (Проповедник 2:11).
Она што го открил мудриот цар Соломон сѐ уште е точно до денешен ден. Земете за пример една богата земја како што се Соединетите Држави. Во текот на последните 30 години, Американците речиси го удвоиле бројот на нивните материјални поседи, како што се автомобилите и телевизорите. Сепак, според експертите за ментално здравје, Американците не се ништо посреќни. Според еден извор, „во текот на истиот период се покачила стапката на депресија. Самоубиствата на тинејџерите се зголемиле за три пати. Стапката на развод се удвоила“. Истражувачите неодамна дошле до слични заклучоци откако ја проучиле поврзаноста меѓу парите и среќата кај населението на 50-тина различни земји. Едноставно речено, среќата не може да се купи.
Спротивно на тоа, тежнеењето по богатство со право можело да се нарече клуч за да се биде несреќен. Апостол Павле предупредил: „Оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).
Ниту богатството, ниту здравјето, ниту младоста, ниту убавината ниту, пак, моќта или некаква комбинација од тоа, не може да гарантира трајна среќа. Зошто не? Затоа што немаме моќ да спречиме да се случуваат лоши работи. Цар Соломон со право рекол: „Човекот не си го знае времето. Како што рибите налетуваат во погубна мрежа, и како што птиците се заплеткуваат во примки, така и синовите човечки се уловуваат во тешко време, кога тоа неочекувано ќе дојде за нив“ (Проповедник 9:12).
Недофатлива цел
Никаков обем на научно истражување не може да дојде до човечка формула или стратегија за среќа. Соломон исто така рекол: „Се вратив да видам под Сонцето дека брзите не ја имаат трката, ниту силните битката, ниту мудрите ја имаат храната, ниту паметните го имаат богатството, дури ниту оние кои имаат знаење ја имаат предноста; бидејќи времето и непредвидениот настан ги погодуваат сите“ (Проповедник 9:11, НС).
Многумина кои се сложуваат со горните зборови заклучиле дека е нереално да се очекува вистински среќен живот. Еден истакнат педагог изјавил дека „среќата е замислена состојба“. Други веруваат дека клучот за среќа претставува некаква мистериозна тајна, дека способноста да се одгатне тајната можеби е ограничена на неколку интелектуално обдарени мистици.
Сепак, во својата потрага по среќа, луѓето и понатаму експериментираат со различни животни стилови. И покрај неуспехот на нивните претходници, денес многумина сѐ уште тежнеат по богатство, моќ, здравје или задоволство како лек за тоа што се несреќни. Потрагата продолжува бидејќи, длабоко во себе, повеќето луѓе веруваат дека трајната среќа не е само замислена состојба. Тие се надеваат дека среќата не е недофатлив сон. Затоа, можеби прашуваш: ‚Како можам да ја пронајдам?‘