Животот во библиски времиња — работата на еден рибар
„Одејќи покрај Галилејското Море, [Исус] виде двајца браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како спуштаат мрежа во морето, зашто беа рибари. И им рече: ‚Тргнете по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе!‘“ (МАТЕЈ 4:18, 19)
РИБА, рибарање и рибари се зборови што во евангелијата често се спомнуваат. Всушност, Исус кажал многу споредби поврзани со рибарењето, а тоа воопшто не треба да нѐ изненади. Тој одвојувал многу време за да поучува во близината или на бреговите на Галилејското Море (Матеј 4:13; 13:1, 2; Марко 3:7, 8). Ова прекрасно слатководно езеро е долго речиси 21 километар, а широко околу 11 километри. Седум апостоли на Исус — Петар, Андреј, Јаков, Јован, Филип, Тома и Натанаел — можеби биле рибари (Јован 21:2, 3).
Што значело да се биде рибар во времето на Исус? Дознај нешто за овие луѓе и за нивниот занает. Така ќе разбереш уште повеќе работи во врска со апостолите и ќе ти бидат уште појасни Исусовите постапки и споредби. Прво да видиме како било да се рибари на Галилејското Море.
„Морето силно се разбранува“
Галилејското Море е сместено во една раседна долина и се наоѓа на 210 метри под нивото на морето. Неговите брегови се опкружени со карпести падини, а на север величествената планина Хермон ги издигнува своите врвови кон небото. На зима, студените ветрови понекогаш прават немирни бранови. На лето, водата ја покриваат слоеви од жежок воздух. Без некое предупредување, силните ветрови навалуваат од околните планини и го излеваат својот бес врз морнарите што го преминуваат езерото. Еднаш, Исус и неговите ученици биле затекнати од една таква бура (Матеј 8:23-27).
Рибарите користеле дрвени чамци кои биле долги околу 8 метри и во основата широки околу 2 метри. Многу од нив имале јарбол и засолниште во вид на кабина под палубата каде што била крмата (Марко 4:35-41). Овие бавни, но јаки чамци можеле да ги издржат ударите на ветровите што ги туркале едрото и јарболот во еден правец, додека тежината на мрежата влечела во спротивниот правец.
Чамецот се управувал со помош на весла кои биле поставени на двете страни. Посадата можеби се состоела од шест или повеќе рибари (Марко 1:20). Освен тоа, чамците веројатно биле натоварени и со опрема како ленено едро (1), јаже (2), весла (3), камена котва (4), топли суви алишта (5), храна (Марко 8:14) (6), кошеви (7), перница (Марко 4:38) (8) и мрежа (9). Исто така, можеби се носеле и резервни пловки (10), како и олово за мрежите (11), алатки за поправка (12) и факли (13).
„Фатија толку многу риби“
Денес, исто како и во првиот век, повеќето богати ловишта на Галилејското Море се наоѓаат во близината на устијата на многуте потоци и реки што се влеваат во езерото. На тие места во езерото се влеваат и разни растителни материи кои ги привлекуваат рибите. За да имаат богат улов, рибарите во времето на Исус често рибареле ноќе со помош на факли. Еднаш, некои од Исусовите ученици ловеле риба цела ноќ, но не уловиле ништо. Меѓутоа, следниот ден, учениците го послушале Исус па повторно ги спуштиле мрежите и фатиле толку многу риби што нивните чамци речиси ќе потонеле (Лука 5:6, 7).
Понекогаш рибарите ловеле и во длабоките води. На ловиштата, соработувале рибарите од два чамци. Тие ја растегнувале мрежата меѓу едниот и другиот чамец, а потоа со сите сили веслале во спротивни правци, при што отпуштале дел по дел од мрежата додека ги опкружувале рибите. Кога чамците ќе го завршеле кругот, стапицата за рибите се затворала. Потоа рибарите ги потегнувале јажињата што биле прицврстени за краевите на мрежата и ги извлекувале во чамецот уловените риби. Мрежата можела да биде долга и повеќе од 30 метри а длабока околу 2,5 метри, што било доволно за да се улови цело јато риби. На горниот крај имало пловки, а на долниот крај биле наредени тегови. Рибарите ја спуштале, а потоа ја извлекувале мрежата. Истата постапка ја повторувале со часови.
Во поплитките води рибарите користеле поинаква техника. Со чамец го земале едниот крај од мрежата, го спуштале во морето и потоа правеле круг назад до брегот, затворајќи ги рибите во мрежата. Рибарите што стоеле на брегот ја извлекувале мрежата, ги ваделе уловените риби на плажата и ги одвојувале. Добрите риби ги ставале во садови. Дел од рибите се продавале свежи на пазар. Но, повеќето се сушеле и посолувале или, пак, се ставале во саламура во глинени ќупови и се извезувале во Ерусалим или во другите земји. Рибите без лушпи и перки, како што биле јагулите, се сметале за нечисти и се фрлале (3. Мојсеева 11:9-12). Исус мислел на овој начин на рибарење кога го споредил „царството небесно“ со мрежа, а различните видови риби со добри и лоши луѓе (Матеј 13:47-50).
Кога рибарел сам, рибарот можеби користел конец со бронзени јадици на кои се поставувале мамци. А можеби користел и мала мрежа. За да ја фрли мрежата, требало да влезе во водата, да ја намести мрежата во рацете и потоа да ја фрли што повисоко и што подалеку од себе. Мрежата ќе се раширела, ќе паднела врз водата и потоа ќе се спуштела под водата. Ако рибарот имал среќа, во мрежата ќе се фателе неколку риби додека ја влечел кон себе тегнејќи го јажето во средината.
Мрежите биле скапи и тешко се одржувале, па затоа луѓето внимателно ракувале со нив. Голем дел од времето рибарот го минувал во крпење, миење и сушење на мрежите. Тоа морал да го прави по секое рибарење (Лука 5:2). Кога Исус ги повикал Јаков и неговиот брат Јован да му бидат ученици, тие седеле во својот чамец и ги крпеле мрежите (Марко 1:19).
Еден вид риба што ја ловеле рибарите во првиот век била тилапијата, која ја имало во изобилство. Оваа риба била дел од редовната исхрана на повеќето Галилејци, а веројатно и Исус јадел од оваа вкусна риба. Можеби рибите со кои Исус направил чудо и нахранил илјадници луѓе биле две суви, посолени тилапии (Матеј 14:16, 17; Лука 24:41-43). Овие риби честопати пливаат со своите младенчиња во устата. Меѓутоа, кога не ги носат нив, во устата може да имаат камче, па дури и некоја блескава монета што ја собрале од дното на морето (Матеј 17:27).
Во првиот век, успешните рибари биле стрпливи, вредни и спремни да поднесат секаква тешкотија за да дојдат до богат улов. И на оние што ја прифатиле Исусовата покана да му се придружат во делото на правење ученици им требале тие особини за да бидат успешни „рибари на луѓе“ (Матеј 28:19, 20).
[Слика на страница 19]
(Види во публикацијата)