Дали сте знаеле?
Од каде потекнувале скапоцените камења кои биле вградувани во наградникот на израелскиот првосвештеник?
▪ Откако Израелците го напуштиле Египет и отишле во пустината, Бог им дал упатства како да го направат овој наградник (2. Мојсеева 28:15-21). На него имало рубин, топаз, смарагд, тиркиз, сафир, јаспис, лешем, ахат, аметист, хризолит, оникс и нефрит.a Од каде Израелците ги нашле овие скапоцени камења?
Во библиски времиња, луѓето многу ги ценеле скапоцените камења и тргувале со нив. На пример, древните Египќани набавувале скапоцени камења од далечни земји како што се денешен Иран, Авганистан, а можеби и Индија. Од рудниците во Египет се ваделе најразлични скапоцени камења. Египетските владетели имале монопол врз експлоатацијата на природните богатства на териториите што биле под нивна власт. Јов опишал како луѓето што живееле во негово време копале јами за да бараат разни скапоцености. Меѓу другите работи што биле откопувани од земјата, Јов посебно ги спомнал сафирот и топазот (Јов 28:1-11, 19).
Извештајот од 2. Мојсеева открива дека, кога Израелците го напуштале Египет, ‚ги ограбиле Египќаните‘, земајќи им ги скапоцените работи (2. Мојсеева 12:35, 36). Можно е скапоцените камења што Израелците ги вградиле во наградникот на првосвештеникот да биле од оние што ги зеле од Египет.
Зошто во библиски времиња виното се користело како лек?
▪ Во една споредба, Исус зборувал за еден човек кого го претепале разбојници. Тој рекол дека на човекот му помогнал еден Самарјанин кој му ги преврзал раните и му ги полеал „со масло и со вино“ (Лука 10:30-34). Кога му пишувал писмо на својот пријател Тимотеј, апостол Павле го посоветувал: „Повеќе не пиј вода, туку земај по малку вино поради желудникот и честите свои болести“ (1. Тимотеј 5:23). Дали постапката што ја спомнал Исус и советот што го дал Павле се оправдани од медицинска гледна точка?
Во една книга се вели дека виното е „истовремено аналгетик средство за дезинфекција и општ лек“ (Ancient Wine). Во древни времиња, виното имало клучна улога во медицината во Египет, Месопотамија и Сирија. Една друга книга го опишува виното како „најстариот лек на човештвото“ (The Oxford Companion to Wine). Во врска со советот што Павле му го дал на Тимотеј, во една книга стои следново: „Преку експерименти било докажано дека тифусот и други опасни микроби умираат веднаш кога ќе дојдат во допир со вино“ (The Origins and Ancient History of Wine). Денешните истражувања потврдуваат дека некои од над 500-те состојки на виното ги имаат овие и други лековити својства.
[Фуснота]
a Тешко е да се одредат имињата на сите овие камења според денешната терминологија.
[Слика на страница 26]
Селанец гмечи грозје, од гробницата на Накт, кај Теба (Египет)
[Извор на слика]
Gianni Dagli Orti/The Art Archive at Art Resource, NY