„Го запознавте Бог“, но што понатаму?
„Го запознавте Бог“ (ГАЛ. 4:9)
1. Зошто пилотите мораат да пополнат список за проверка пред да полета авионот?
ПИЛОТИТЕ што управуваат со еден од најдобрите авиони во светот мораат пред секој лет да пополнат список за проверка на кој се наведени повеќе од 30 точки. Доколку не направат темелна проверка, постои поголема опасност да се случи авионска несреќа. Дали знаеш од кои пилоти особено се бара секојпат да го пополнат овој список? Од оние што имаат најголемо искуство. Токму тие пилоти лесно можат да станат самоуверени и да пропуштат да ја направат задолжителната детална проверка.
2. Што треба да проверува секој христијанин?
2 Исто како еден совесен пилот, и ти треба редовно да проверуваш во каква состојба е твојата вера за да не се сруши кога ќе се соочиш со неволји. Сеедно дали си крстен од неодамна или веќе со години му служиш на Бог, многу е важно да испитуваш колку е цврста твојата вера и твојата оддаденост кон Јехова. Доколку не го правиш тоа редовно и внимателно, би можел да паднеш во духовен поглед. Библијата нѐ предупредува: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ (1. Кор. 10:12).
3. Што требало да прават христијаните во Галатија?
3 И христијаните кои живееле во Галатија во првиот век требало да проверуваат колку им е цврста верата и требало да ја ценат својата духовна слобода. Со својата жртва, Исус им овозможил на оние што покажувале вера во него да го запознаат Бог на еден нов начин — тие можеле да станат Божји синови! (Гал. 4:9). Сепак, за да го зачуваат својот скапоцен однос со Бог, Галатите морале да ги отфрлат учењата на некои еврејски христијани во собранието, кои тврделе дека Бог ќе ги прогласи за праведни само ако го држат Мојсеевиот закон. Но, меѓу нив имало необрежани не-Евреи кои Јехова ги прифатил иако никогаш не биле под Законот! Всушност, и еврејските и нееврејските христијани требало да напредуваат во духовен поглед, и да разберат дека не можат да бидат прогласени за праведни на темел на Мојсеевиот закон.
КАКО СМЕ ГО ЗАПОЗНАЛЕ БОГ
4, 5. Кој совет им го дал Павле на Галатите, и зошто тој совет е важен и за нас?
4 Советот што апостол Павле им го дал на Галатите требало да ги потсети вистинските христијани никогаш да не им свртат грб на скапоцените вистини од Божјата Реч и да не се вратат на она што го оставиле во светот. Преку својот свет дух, Јехова го поттикнал Павле да ги охрабри сите Негови слуги, а не само собранијата во Галатија, и понатаму непоколебливо да му служат.
5 Добро е сите ние да размислиме како сме биле ослободени од духовното ропство и како сме станале Јеховини сведоци. Во тоа ќе ни помогнат следните две прашања: Се сеќаваш ли кои чекори си ги направил за да можеш да се крстиш? Се сеќаваш ли како си го запознал Бог, и како си се чувствувал кога Тој те запознал тебе, односно те прифатил како свој пријател?
6. Што треба редовно да проверуваме?
6 Сите ние сме направиле девет чекори за да станеме Божји слуги. Тие се наведени во рамката „Чекори што водат до крштавање и духовен раст“, и можат да ни послужат како еден вид список за проверка на нашата духовност. Ако редовно се потсетуваме на нив, ќе успееме да ја зачуваме цврста својата вера и да не се вратиме на она што сме го оставиле во светот. Исто како што еден искусен и внимателен пилот може безбедно да управува со авионот ако ги направи сите потребни проверки пред да полета, така и ние ќе можеме верно да му служиме на Бог ако редовно ги проверуваме точките од нашиот список.
ОНИЕ ШТО ГИ ПОЗНАВА БОГ ПРОДОЛЖУВААТ ДУХОВНО ДА РАСТАТ
7. За што треба да се држиме, и зошто?
7 Исто како што пилотот мора редовно да проверува одредени работи пред да полета, и ние треба редовно да се преиспитуваме и да проверуваме колку сме напредувале во духовен поглед откако сме се крстиле. Павле му го напишал следново на Тимотеј: „Држи се за образецот на здравите зборови што си ги чул од мене во верата и љубовта која е во [Христос Исус]!“ (2. Тим. 1:13, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Тие „здрави зборови“ се наоѓаат во Божјата Реч (1. Тим. 6:3). Грчкиот збор што овде е преведен со „образец“ буквално значи „скица“. Од една скица може да добиеме општа претстава за сликата што сака да ја нацрта еден уметник. На сличен начин, „образецот“ на вистината ни помага да стекнеме општ преглед за она што Бог го очекува од нас. Затоа, да ги разгледаме чекорите што нѐ воделе до крштавање, и да видиме колку цврсто се држиме за тие „здрави зборови“.
8, 9. а) Што треба да правиме откако сме стекнале одредено знаење и вера во Бог? б) Наведи пример кој покажува колку е важно постојано да растеме во духовен поглед.
8 Пред некој да се крсти, најпрво треба ‚добро да го запознае‘ Бог. Тој прв чекор му помага постепено да стекне вера во Јехова. Но, тоа не е доволно. Нашето знаење и нашата вера мора постојано да растат (2. Сол. 1:3). За некој да расте во духовен поглед, мора да прави постојани промени во својот живот. Дури и по своето крштавање, треба духовно да напредува, односно да станува сѐ поблизок со Бог.
Христијаните треба постојано да растат исто како што расте едно дрво
9 Нашиот духовен раст може да се спореди со растот на едно дрво. Некои дрвја можат да достигнат неверојатна големина, особено ако имаат длабоки или разгранети корења. На пример, некои величествени либански кедри, кои имаат цврсти и длабоки корења, можат да бидат високи колку единаесеткатница, а нивното стебло може да достигне обем од 12 метри (Песна 5:15). Во почетокот, дрвото расте многу брзо. Низ годините, неговите корења се разгрануваат и продираат сѐ подлабоко, а неговото стебло се шири и се извишува. Но, со текот на времето, неговиот раст не е толку брз и видлив. Слично е и со нашиот духовен раст. Кога ќе почнеме да ја проучуваме Библијата, може многу брзо да растеме во духовен поглед и потоа да се крстиме. Другите во собранието со радост го гледаат нашиот напредок. Можеби дури и ќе станеме пионери или ќе добиеме други теократски одговорности. Но, во годините што следат можеби нашиот духовен раст нема да биде толку видлив. Сепак, нашето знаење и нашата вера треба и понатаму да растат „додека не станеме возрасни луѓе, додека не пораснеме до Христовата полнота“ (Еф. 4:13). Во симболична смисла, од млада фиданка, ние стануваме цврсто и стабилно дрво, односно зрел христијанин.
10. Зошто дури и зрелите христијани треба да продолжат духовно да напредуваат?
10 Но, дури и еден зрел христијанин треба да продолжи да напредува. Ние мора и понатаму да ги продлабочуваме нашето знаење и нашата вера. Тие се како корења кои ни помагаат да станеме уште поцврсти и постабилни, и затоа треба да се шират и да продираат сѐ подлабоко во почвата на Божјата Реч (Изр. 12:3). Многу браќа и сестри во христијанското собрание го прават токму тоа. На пример, еден брат што служи како старешина повеќе од 30 години рекол дека сѐ уште напредува во духовен поглед. Тој вели: „Сега ја ценам Библијата повеќе од кога и да е порано. Постојано изнаоѓам нови начини како да ги применувам библиските начела и закони во мојот живот. И со уште поголемо задоволство ја вршам службата на проповедање“.
ЗАЈАКНИ ГО СВОЕТО ПРИЈАТЕЛСТВО СО БОГ
11. Како можеме уште подобро да го запознаеме Јехова?
11 За да можеме и понатаму духовно да растеме, треба да стануваме сѐ поблиски со Јехова, кој е наш Татко и Пријател. Тој сака да се чувствуваме заштитени и сакани исто како што се чувствува едно детенце во прегратката на својот грижлив татко, или како што се чувствуваме ние во друштво на некој наш многу близок и верен пријател. Се разбира, ваквата блискост со Јехова не доаѓа прекуноќ. Потребно е време за да го запознаеме и да го засакаме. Затоа, биди решен да одвоиш време секој ден да ја читаш неговата Реч. Читај го и секое ново списание, како и другите библиски публикации што ги добиваме. Ова ќе ти помогне уште подобро да ги запознаеш Божјите особини и да го зајакнеш своето пријателство со него.
12. Што мора да правиме за да останеме блиски пријатели со Јехова?
12 Нашите искрени молитви и доброто друштво можат исто така да ни помогнат духовно да растеме и да го зајакнуваме своето пријателство со Бог. (Прочитај Малахија 3:16.) Јехова ‚ги слуша сесрдните молитви‘ на своите пријатели (1. Пет. 3:12). Како еден родител што многу нѐ сака, Јехова нѐ слуша кога го преколнуваме за помош. Затоа, мора ‚да истраеме во молитва‘ (Рим. 12:12). Без Божја помош, не можеме да останеме духовно зрели христијани. Притисокот од овој свет е преголем за да можеме сами да го издржиме. Ако не се молиме упорно и истрајно, ќе се оддалечиме од неисцрпниот извор на сила која Бог сака и може да ни ја даде. Дали разговараш во молитва со Јехова како што би зборувал со некој близок пријател? Дали би можел да ги подобриш своите молитви? (Ерем. 16:19).
13. Зошто треба редовно да одиме на христијанските состаноци ако сакаме да останеме блиски пријатели со Бог?
13 Јехова ги сака „оние што бараат прибежиште кај него“ (Наум 1:7). Затоа, дури и откако сме го запознале, треба и понатаму редовно да одиме на христијанските состаноци за да бидеме со другите што го познаваат. Бидејќи живееме во свет во кој се соочуваме со многу разочарувања, мудро е да поминуваме време со нашите браќа и сестри. Тие ќе нѐ охрабрат и ќе нѐ поттикнат „кон љубов и кон добри дела“, во склад со советот на Павле (Евр. 10:24, 25). За да си покажуваме ваква љубов, мора да бидеме дел од собранието и да си помагаме еден на друг да останеме цврсти во верата. Затоа, дај сѐ од себе редовно да присуствуваш и да учествуваш на состаноците.
14. Зошто треба и по крштавањето да бидеме спремни да се покаеме и да правиме промени во животот?
14 Друг чекор што некој треба да го направи пред да стане христијанин е да се покае. Освен тоа, треба и да се преобрати, односно да престане да постапува неисправно. Но, бидејќи сме несовршени, гревот и понатаму нѐ демне како змија која во секој миг може да нѐ касне. Затоа, секогаш кога ќе згрешиме, треба да бидеме спремни да се покаеме и да правиме промени во својот живот (Рим. 3:9, 10; 6:12-14). Не смееме да ги затвораме очите пред нашите слабости и грешки. Од друга страна, благодарни сме што Јехова е стрплив со нас кога гледа дека со сите сили се бориме со нашите слабости и се трудиме да ги направиме потребните промени (Фил. 2:12; 2. Пет. 3:9). Во таа борба, многу е важно да не си угодуваме себеси и да внимаваме на што го трошиме времето и силата. Една сестра, која морала да направи промени во својот живот, пишува: „Иако пораснав во вистината, имав погрешна слика за Јехова. Многу се плашев од него и мислев дека никогаш нема да можам да му угодам“. Бидејќи не се чувствувала блиска со Бог, оваа сестра направила некои грешки во животот. Таа вели: „Проблемот не беше во тоа што не го сакав Јехова туку во тоа што не го познавав вистински. Но, откако многупати горливо му се молев, почнав да размислувам поинаку за него. Чувствував дека тој ме води како мало дете и дека нежно ми помага да ги надминувам пречките една по една, покажувајќи ми што треба да правам“.
15. Што забележуваат Исус и неговиот Татко?
15 Еден Божји ангел им заповедал на Петар и на другите апостоли да му ја ,кажуваат на народот‘ добрата вест (Дела 5:19-21). Оваа заповед важи и за нас. Тоа што ќе учествуваме во службата секоја седмица е уште еден чекор кој ќе ни помогне да се зближиме со Јехова. Исус и неговиот Татко забележуваат колку е силна нашата вера и го ценат она што го правиме во службата (Отк. 2:19). Проповедањето е нераздвоен дел од животот на вистинските христијани.
16. Зошто е добро да размислуваме за заветот што сме му го дале на Јехова?
16 Размислувај и за заветот што си му го дал на Бог. Најскапоценото нешто што го имаш е твојот близок однос со Јехова, а тој добро ги познава оние што му припаѓаат. (Прочитај Исаија 44:5.) Затоа, секогаш размислувај под молитва за тоа колку си близок со Бог и колку е длабоко твоето пријателство со него. Никогаш немој да го заборавиш и датумот на своето крштавање. Тоа било најважната одлука што си ја донел во животот.
ИСТРАЈНОСТА НИ ПОМАГА ДА ОСТАНЕМЕ БЛИСКИ СО ЈЕХОВА
17. Зошто треба да бидеме истрајни за да останеме блиски со Јехова?
17 Во своето послание до Галатите, Павле им нагласил дека треба да бидат истрајни (Гал. 6:9). И ние треба да бидеме истрајни. Ќе се соочиме со неволји, но Јехова ќе ни помага ако продолжиме да го молиме за свет дух. Тој ќе ни помогне да имаме радост и мир, и покрај проблемите (Мат. 7:7-11). Размисли: Ако Јехова се грижи за птиците, тогаш колку повеќе се грижи за тебе затоа што го сакаш и си му го заветувал својот живот? (Мат. 10:29-31). Ние имаме безброј благослови затоа што Јехова нѐ познава. Затоа, дури и кога ќе се најдеш во тешки ситуации, не предавај се! Никогаш немој да ја напуштиш вистината и да се вратиш на она што си го оставил.
18. Откако сме ‚го запознале Бог‘, што треба да правиме понатаму?
18 Сеедно дали сме се крстиле неодамна или пред многу години, да продолжиме уште подобро да го запознаваме Јехова и да напредуваме кон духовна зрелост. Никогаш не треба да мислиме дека доволно го познаваме Бог и дека повеќе нема потреба да работиме на својот однос со него. Напротив, многу е важно секој од нас да проверува дали и понатаму расте во духовен поглед. Тоа ќе ни помогне да бидеме уште поблиски со Јехова Бог, нашиот грижлив Татко и Пријател. (Прочитај 2. Коринќаните 13:5, 6.)