Зборувај му ја вистината на твојот ближен
1 Една од двете најголеми заповеди е: „Мора да го сакаш својот ближен како себеси“ (Мат. 22:39, НС). Ваквата љубов ќе нѐ поттикне со нашиот ближен да го споделиме најдоброто што го имаме — вистината која сме ја нашле во Божјата Реч. Бидејќи Стражарска кула и Разбудете се! ја засилуваат библиската порака на вистината, дистрибуирањето на овие списанија во текот на мај е еден начин како можеме да ја ‚кажуваме вистината секој на својот ближен‘ (Ефеш. 4:25).
2 „Разбудете се!“ од 8 мај треба да се истакнува сѐ додека не се потроши вашата залиха. Својата презентација би можел да ја започнеш прашувајќи:
◼ „Што мислите Вие за еден свет без војна? [Дозволи одговор.] Дали сте знаеле дека светските религии всушност поттикнуваат војни и убивања? [Дозволи одговор.] Во остра спротивност на тоа, забележете што вели Библијата дека ќе прават вистинските обожаватели на Бог“. Прочитај Исаија 2:2—4 од врвот на 4-та страница од списанието, а потоа од 10-та страница прочитај го првиот пасус под поднасловот „Повик до љубителите на мирот“. Потоа прашај: „Дали знаете како Бог ќе го стори тоа? Одговорот се наоѓа во ова списание, а ова е Ваш примерок за читање“.
3 Кога ја нудиш „Стражарска кула“ од 15 мај, обиди се да се осврнеш на еден неодамнешен настан од вестите кој предизвикал луѓето да се чувствуваат несигурни и потоа прашај:
◼ „Што мислите, што би било потребно да се направи за да се чувствуваме вистински безбедни во овој живот? [Дозволи одговор.] Најотворено, дали е реално да се има доверба дека луѓето ќе ги решат проблемите со кои се соочува човештвото? [Дозволи одговор; потоа прочитај Псалм 145:3.] Понатаму, псалмистот ни дава причина да бидеме оптимистични во врска со иднината. [Прочитај Псалм 145:5, 6.] Оваа статија, ‚Вистинска безбедност сега и засекогаш‘, објаснува зошто можеме да имаме доверба во Јехова Бог дека ќе донесе подобри услови на Земјата“. Понуди да оставиш една Стражарска кула и Разбудете се! и да навратиш повторно за да разговараш како е можно да се ужива безбеден живот токму сега.
4 Со оглед на широко распространетата загриженост околу проблемот на невработеност, можеби следниот пристап ќе биде добро примен. Можеш да ги воведеш „Стражарска кула“ или „Разбудете се!“ со тоа што ќе прашаш:
◼ „Во денешната конкуренција да се најде работа, што мислите, какви особини бараат работодавците кај луѓето кои ги вработуваат? [Дозволи одговор.] Било да сме работодавци, вработени или оние кои бараат работа, ние сигурно ја цениме потребата да се биде чесен на работното место. Ова списание охрабрува на чесност и почитување кон Бог и другите“. Понуди да оставиш едно соодветно списание, наведувајќи: „При следната посета би сакал да споделам со Вас едно друго библиско начело кое, кога ќе се примени, може да ни помогне да го задржиме нашето работно место во овие несигурни времиња“.
5 Доколку повеќе ти се допаѓа кратка презентација, би можел да го испробаш ова:
◼ „Многумина мислат дека повеќето денешни популарни списанија истакнуваат премногу комерцијализам, секс или насилство. [Покажи ги Стражарска кула и Разбудете се!] Ние ги дистрибуираме овие корисни списанија кои се темелат на Библијата. Тие се многу поучни и нѐ учат да го обожаваме Бог, да ги сакаме нашите соседи и да задржиме исправно однесување. Ако повеќе Ви се допаѓа ваков вид материјал за читање, сигурен сум дека ќе уживате во она што ќе го најдете во овие изданија“.
6 Ако сме ревносни во зборувањето за вистината со нашите ближни, може да бидеме во состојба да им донесеме голема радост на многумина (Дела 8:4, 8).