Стражарска кула и Разбудете се! — навремени списанија на вистината
„Ти си ме спасувал, Господи, Боже на вистината“ (ПСАЛМ 30:5).
1, 2. а) Што мислела една сестра за она што го прочитала во Стражарска кула? б) Кои прашања се поставуваат во врска со нашите списанија?
„МНОГУ ВИ благодарам“ — напишала една христијанска сестра — „за прекрасните информации во статијата ‚Можеш да најдеш утеха во време на потиштеност‘ во Стражарска кула.a Толкуте многу точки што ги изнесовте беа истите чувства со кои морав да се справам; како оваа статија да беше напишана токму за мене. Првиот пат кога ја прочитав ми навреа солзи во очите. Прекрасно е кога знаеш дека некој друг знае како се чувствуваш! Многу сум благодарна што сум Јеховин сведок. Каде на друго место можеме да најдеме ветувања за вечен живот во Рај во блиската иднина, а сега, мелем за нашите души! Благодарам. Милион пати ви благодарам.“
2 Дали си се чувствувал некогаш така? Дали се чинело некогаш дека нешто во Стражарска кула или во неговото приружно списание, Разбудете се!, било напишано нарочно за тебе? Што е тоа во нашите списанија што ги плени срцата на луѓето? Како можеме да им помогнеме на другите да имаат корист од животоспасувачката порака што ја содржат тие? (1. Тимотеј 4:16).
Списанија кои ја бранат вистината
3. Од која добра причина Стражарска кула и Разбудете се! влијаеле на животите на многу читатели?
3 Јехова е ‚Бог на вистината‘ (Псалм 30:5). Неговата Реч, Библијата, е книга на вистината (Јован 17:17). Луѓето со искрени срца се одѕиваат на вистината. (Спореди Јован 4:23, 24.) Една од причините што Стражарска кула и Разбудете се! имаат длабоко влијание на срцата на милиони читатели е таа што тие се списанија на беспрекорност и вистина. Всушност, Стражарска кула почна да се издава заради спорното прашање на лојалноста кон библиската вистина.
4, 5. а) Кои околности довеле до тоа Ч. Т. Расел да почне со издавањето на Стражарска кула? б) Како го употребува списанието Стражарска кула класата на „верниот и разумен роб“?
4 Во 1876 година, Чарлс Т. Расел се поврзал со Нелсон Х. Барбур (Nelson H. Barbour) од Рочестер (Њујорк). Расел обезбедувал средства за да го оживее печатењето на Барбуровото религиозно списание Herald of the Morning (Утрински гласник), со Барбур како главен, а Расел како помошен издавач. Меѓутоа, по година и пол, во изданието на Herald од август 1878, Барбур напишал статија која ја негирала откупната вредност на Христовата смрт. Расел, кој бил скоро 30 години помлад од Барбур, одговорил со статија веднаш во следното издание, во која ја поддржал откупнината на која се осврнал како на „една од најважните учења на Божјата Реч“ (Матеј 20:28). Откако во повеќе наврати се обидел да дискутира со Барбур на библиска основа, Расел на крајот одлучил да ги прекине сите врски со Herald. Почнувајќи со изданието од јуни 1879, Раселовото име повеќе не се појавувало под помошен издавач. Еден месец подоцна, 27-годишниот Расел започнал да ја издава Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence (Сионска стражарска кула и гласник на Христовата присутност) (сега позната како Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство), која од самите почетоци ја поддржува библиската вистина, како што е откупнината.
5 За последните 114 години, Стражарска кула, слично на вешт адвокат, се зацврсти како бранител на библиската вистина и доктрина. Во текот на тој процес, ја придоби довербата на милиони благодарни читатели. Таа сѐ уште силно ја поддржува откупнината. (Види го, на пример, изданието од 15. февруари 1991.) А исто така, и понатаму претставува главен инструмент на „верниот и разумен роб“ (НС) и неговото Водечко тело за објавување на Јеховиното воспоставено Царство и за ширење на духовна храна „навреме“ (Матеј 24:14, 45).
6, 7. Која била наведената цел на Златен век, и што покажува дека луѓето кои размислуваат се оѕвале на неговата порака?
6 А како е со списанието Разбудете се!? Од самиот свој почеток, Разбудете се! исто така ја брани вистината. Првобитно наречено The Golden Age (Златен век), ова списание беше наменето за јавно дистрибуирање. Во врска со неговата цел, првото издание од 1. октомври 1919, навело: „Неговата цел е да го објасни во светлината на Божествената мудрост вистинското значење на големите феномени од денешницата и преку непобитни докази да ги увери разумните и да докаже дека е близу времето за поголем благослов за човештвото“. Луѓето кои размислуваат се оѕваа на пораката од The Golden Age. За неколку години, неговиот тираж беше дури и поголем од тиражот на Стражарска кула.b
7 Привлечноста на Стражарска кула и Разбудете се! го надминува фактот дека тие објавуваат вистина што се однесува на библиските науки и дека го објаснуваат значењето на светските прилики. Особено во последниве деценија–две, нашите списанија ги освоија срцата на луѓето и од една друга причина.
Навремени статии кои влијаат на животите на луѓето
8. Какво прилагодување во пишувањето направил Јуда, и на какви влијанија во собранието ги поттикнал своите читатели да се спротивстават?
8 По 30 години од смртта и воскресението на Исус Христос, библискиот писател Јуда се соочил со една предизвикувачка ситуација. Неморални, анимални луѓе се вовлекле помеѓу христијаните. Јуда имал намера да им пишува на сохристијаните за една библиска наука — спасението кое помазаните христијани го имаат како заедничко. Наместо тоа, воден од светиот дух нашол за неопходно да ги поттикне своите читатели да им се спротивстават на расипувачките влијанија внатре во собранието (Јуда 3, 4, 19-23). Јуда се прилагодил на ситуацијата и пружил навремен совет кој ги задоволил потребите на неговите христијански браќа.
9. Што е вклучено во обезбедувањето на навремени статии за нашите списанија?
9 Слично на тоа, подготвувањето на навремени статии за нашите списанија претставува предизвикувачка одговорност. Времињата се менуваат, па така и луѓето — нивните потреби и интереси не се истите како до пред деценија–две. Еден патувачки надгледник неодамна забележал: „Кога станав Сведок во 1950-тите, нашиот пристап во проучувањето на Библијата со луѓето во основа беше околу науките — ги поучувавме во врска со тројството, пеколниот оган, душата и така натаму. Но сега се чини дека во животите на луѓето постојат толку многу проблеми и тешкотии што мораме да ги учиме како да живеат“. Зошто е така?
10. Зошто не треба да нѐ изненади тоа што од 1914 наваму е присутна постојана дегенерација во човековите прилики?
10 Во врска со „последните денови“, Библијата претскажала: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Затоа, не треба да нѐ изненади тоа што во човековите прилики е присутна постојана дегенерација откако во 1914 започнало времето на крајот. Сатана, чие преостанато време е пократко од кога и да е порано, го излева својот бес врз човечкото општество како никогаш порано (Откровение 12:9, 12). Како последица на тоа, моралните и семејните вредности се далеку поинакви отколку што беа пред само 30 или 40 години. Луѓето воглавно не се религиозно настроени како во претходните децении. Криминалот е толку жесток што луѓето преземаат мерки на претпазливост кои биле нечуени пред само 20 или 30 години (Матеј 24:12).
11. а) Какви теми се вртат во мислите на луѓето, и како одговорила на потребите класата на верниот и разумен роб? б) Наведи еден пример за некоја статија од Стражарска кула или од Разбудете се! која влијаела на твојот живот.
11 Затоа, не изненадува тоа што во мислите на многу луѓе се присутни емоционални, социјални и семејни прашања. Класата на верниот и разумен роб храбро одговорила преку Стражарска кула и Разбудете се! така што објавила навремени статии кои се занимаваат со вистинските потреби на луѓето и кои навистина влијаеле на нивните животи. Да разгледаме неколку примери.
12. а) Зошто биле подготвени статии за самохрани родители во Стражарска кула во 1980? б) Како ја изразила својата благодарност една сестра за статиите во врска со самохрани родители?
12 Семејни прашања. Кога извештаите ширум светот покажаа брз пораст на бројот на семејства со еден родител, за изданието на Стражарска кула од 1. јануари 1981 беа подготвени пионерски статии на темата „Семејства со еден родител — Соочување со проблемите“. Статиите имаа двојна цел: 1) да им помогнат на самохраните родители да излезат на крај со единствените проблеми со коишто се соочуваат и 2) да им помогнат на другите да бидат подобро информирани за да можат да бидат „жалостиви [полни со сочувство, Ст]“ и искрено да ги ‚пригледуваат‘ семејствата со еден родител (1. Петрово 3:8; Јаков 1:27). Мнозина читатели пишувале за да изразат благодарност за статиите. „Ми навреа солзи кога ја видов насловната страница“ — напишала една самохрана родителка — „а кога го отворив списанието и ги прочитав информациите, срцето ми се преполни со благодарност кон Јехова што пружа вакви информации токму кога е потребно.“
13. Каква темелна дискусија за депресија била објавена во Разбудете се! во 1981, и што рекол за тоа еден читател?
13 Емоционални прашања. Темата за депресиите беше разработена во Стражарска кула и Разбудете се! уште во 1960-тите (1. Солунјаните 5:14). Но, во насловната серија „Можеш да ја совладаш депресијата!“, во Разбудете се! од 8. септември 1981 (англ.), беше изнесено свежо и позитивно гледиште за оваа тема. Набрзо, во Watch Tower Society надојде поплава од писма со благодарност од сите страни на светот. „Како да го изразам на хартија она што го чувствувам во срцето?“ — напишала една сестра. „Имам 24 години, и во изминатите десет години имав многу периоди на депресија. Но сега се чувствувам поблиска до Јехова и благодарна што тој одговори на потребите на потиштените луѓе со овие доброљубиви статии, и сакав да ви го изразам тоа.“
14, 15. а) Како била обработена во нашите списанија темата за злоупотреба на деца? б) Кои статии од списанијата импресионирале еден џокеј од Австралија?
14 Социјални прашања. Библијата претскажала дека во „последните денови“ луѓето ќе бидат „саможиви, . . . недружељубиви, . . . невоздржливи, нескротливи, недоброљупци“ (2. Тимотеј 3:1-3). Затоа, не треба да нѐ изненади што денес во голема мера се практицира злоупотребувањето на деца. Оваа тема беше отворено разгледувана во статијата „Помош за жртвите на инцест“ во Стражарска кула од 1. октомври 1983 (англ.). По осум години, насловната серија „Лекување на раните од злоупотребување на деца“ во Разбудете се! од 8. 1. 1992, беше грижливо подготвена за да пружи разбирање и надеж за жртвите, како и да ги просветли другите за да можат да пружат корисна поддршка. Оваа серија предизвика најголема реакција кај читателите во историјата на нашите списанија. Еден читател напиша: „Најголемото влијание врз моето оздравување го имаа утешните мисли и библиските стихови во овие статии. Сознанието дека Јехова не мислел ништо полошо за мене беше огромно олеснување. Особено беше утешно тоа што дознав дека не сум бил единствениот“.
15 Еден џокеј од Мелбурн (Австралија) се јавил по телефон во канцеларијата на Watch Tower Socety во Сиднеј и изразил гадење со сѐ она што е поврзано со коњските трки. Рекол дека штотуку ја прочитал статијата „Силуването — ноќа мора на секоја жєна“ од Разбудете се! од 8. март 1993 (англ.) и не можел да поверува дека постои такво корисно списание. Поставувал прашања околу 30 минути и бил одушевен од добиените одговори.
16. На кои начини можеш да го покажеш твоето ценење за нашите списанија?
16 А како е со тебе? Дали на твојот живот особено влијаела некоја специфична статија од Стражарска кула или Разбудете се!? Ако да, без сомнение, чувствуваш длабока благодарност за нашите списанија. Како можеш да го покажеш твоето ценење? Секако, така што лично ќе го читаш секое издание. Исто така можеш да учествуваш во што е можно поголемо делење на овие скапоцени списанија. Како може да се прави тоа?
Споделувај ги со другите!
17. Што можат да сторат собранијата за да го зголемат делењето на списанија?
17 Како прво, постои нешто што секое собрание може да го направи. Во изданието на Informant (сега Наша служба за Царството) од октомври 1952, пишувало: „Најделотворниот начин на делење на списанијата е од куќа до куќа и од продавница до продавница. Затоа, Друштвото препорачува овие начини на делење на списанија да бидат редовен дел од Денот за работа со списанија“. Тој совет сѐ уште вреди и денес. Собранијата можат да испланираат редовен Ден за списанија, ден резервиран првенствено за сведочење со списанија. За повеќето собранија, посебно одредени саботи без сомнение ќе бидат згодно време. Да, нека секое собрание си резервира посебни денови или вечери за сведочење со списанија — од куќа до куќа, од продавница до продавница, за работа на улица и за обиколките со списанија. Освен тоа, што можеш да сториш ти, како објавител на Царството, за да го зголемиш делењето на списанија?
18, 19. а) Како може заинтересираноста за Стражарска кула и Разбудете се! да ти помогне да пласираш повеќе списанија? б) Која е предноста на кусите, конкретни презентации кога нудиме списанија? в) Што покажува дека е вредно да ги носиме списанијата во домовите на луѓето?
18 Да се биде заинтересиран за Стражарска кула и Разбудете се! е првиот чекор. Првин прочитај ги списанијата. Додека читаш некоја статија, запрашај се: ‚За кого ќе биде од интерес оваа статија?‘ Размисли за некои зборови коишто би можел да ги кажеш за да го зголемиш интересот за статиите. Освен што ќе го поддржуваш редовниот Ден за списанија, зошто не би носел примероци со себе за да можеш да ја искористиш секоја прилика да ги делиш со другите — кога патуваш или купуваш и кога разговараш со колегите на работа, соседите, сокласниците или наставниците?
19 Задржи ја твојата понуда едноставна е вториот предлог. Стражарска кула од 1. декември 1956 (англ.) навела: „Кога се нудат списанија, најдобра е конкретна понуда. Целта е да се поделат многу примероци. Тие самите ќе ‚зборуваат‘ за себе“. Некои објавители увиделе дека е делотворно да изберат една мисла од некоја статија, да ја изразат со неколку збора и да го понудат списанието. Штом еднаш ќе влезат во домот, списанијата можат да им ‚зборуваат‘ и на другите, а не само на лицето коешто ги примило од тебе. Во Ирска, една студентка го прочитала изданието на Стражарска кула од 1. септември 1991, кое нејзиниот татко го примил од некој Сведок. Статијата за комуникација и други теми го побудиле нејзиниот интерес. Откако го прочитала списанието, веднаш им телефонирала на Сведоците на бројот што го пронашла во телефонскиот именик. Наскоро била започната библиска студија и, во јули 1993, младата жена била крстена на Обласниот конгрес „Божествена поука“. Секако, да ги однесеме списанијата во домовите каде што можат да им „зборуваат“ на луѓето! Еден патувачки надгледник изнел еден едноставен предлог: „Извади ги списанијата од ташната за литература“. Навистина, ако она што го велиш не го привлекува интересот на станарот, тогаш можеби нивните привлечни насловни илустрации ќе го пласираат списанието место тебе.
20, 21. а) Како можеш да бидеш флексибилен кога учествуваш во работата со списанија? б) Што би можел да сториш за да пласираш повеќе списанија месечно?
20 Трет предлог е биди флексибилен. (Спореди 1. Коринтјаните 9:19-23.) Подготви неколку куси понуди. Имај на ум една статија што ќе биде привлечна за мажи, а друга за жени. Кај младите би можел да истакнеш некоја статија „Младите прашуваат ...“. Исто така, биди флексибилен и во поглед на тоа кога учествуваш во работата со списанија. Освен на Денот за списанија, можеби ќе увидиш дека вечерното сведочење пружа извонредна прилика за нудење списанија од куќа до куќа.
21 Четврт предлог е постави си лична цел. Додатокот „Списанијата го покажуваат патот во живот“, што се појави во Наша служба за Царството од април 1984, наведе: „Како предлог, објавителите можат да си постават за цел, да речеме, 10 списанија на месец, зависно од нивните околности; пионерите би можеле да се стремат кон 90. Се разбира, некои објавители можеби се во состојба да пласираат повеќе списанија во месецот и затоа ќе си постават повисока лична цел. Но, поради слабо здравје, видот на подрачјето или други оправдани причини, целта на другите можеби ќе биде пониска. Па сепак, нивната служба за Јехова е еднакво прифатлива (Мат. 13:23; Лука 21:3, 4). Важно е да се има лична цел“.
22. На кој начин можеме да покажеме дека сме му благодарни на Јехова за нашите навремени списанија на вистината?
22 Колку благодарни можеме да бидеме што Јехова, ‚Богот на вистината‘, ја употребува класата на верниот и разумен роб и неговото Водечко тело за да нѐ обезбеди со овие навремени списанија! (Псалм 30:5). Сѐ додека Јехова тоа го сака, овие списанија ќе продолжат да се фаќаат во костец со реалните потреби на луѓето. Тие ќе продолжат да ги поддржуваат Јеховините високи морални мерила. Нема да престанат да ја унапредуваат исправната доктрина. И ќе истраат да го свртуваат вниманието кон исполнувањето на пророштвото кое ги обележува нашите денови како време кога Божјето Царство владее и кога сѐ поголем број на Јеховини вистински обожаватели ја вршат Божјата волја на Земјата како никогаш порано (Матеј 6:10; Откровение 11:15). Колкаво скапоцено богатство имаме во Стражарска кула и во Разбудете се! Да ја користиме секоја прилика за да ги споделуваме со кротките овие важни списанија кои влијаат на животите на луѓето и кои ги бранат вистините за Царството.
[Фусноти]
a 15. јули 1992, страници 19-22.
b Во текот на повеќе години, Стражарска кула се сметаше за списание особено наменето за помазаните христијани. Но, почнувајќи од 1935, сѐ поголем акцент беше ставан на охрабрувањето на ‚големото мноштво‘, чија надеж е вечен живот на Земјата, да ја добиваат и читаат Стражарска кула (Откровение 7:9). По неколку години, во 1940, Стражарска кула редовно им се нудеше на луѓето на улица. Потоа, тиражот рапидно порасна.
Како би одговорил?
◻ Што покажува дека Стражарска кула и Разбудете се! се списанија на вистината?
◻ Како влијаеле Стражарска кула и Разбудете се! на животите на луѓето?
◻ Што можат да сторат собранијата за да го зголемат пласирањето на списанија?
◻ Кои предлози можат да ти помогнат да пласираш повеќе списанија?
[Рамка на страница 22]
Некои статии кои влијаеле на животите на луѓето
Низ годините, многу читатели пишале за да ја изразат својата благодарност за некои специфични статии што биле објавени во Стражарска кула и Разбудете се! Подолу се наведени само неколку од многуте теми кои влијаеле на нашите читатели. Дали овие или други статии го промениле твојот живот?
Стражарска кула
„Прифати ја Божјата помош во совладувањето на потајните грешки“ (1. август 1985)
„Богобојазливоста спрема Бог во однесувањето со остарените родители“ (1. октомври 1987)
„Образование со цел“ (1. ноември 1992)
Разбудете се!
„Ти можеш да ја совладаш депресијата!“ (8. септември 1981, англ.)
„Кога ќе умре некој близок ...“ (22. април 1985, англ.)
„Заштити ги своите деца!“ (јануари-март 1994)
[Слика на страница 23]
Во Канада, проповедање од куќа до куќа со списанија
[Слика на страница 24]
Во Мјанмар, нудење списанија кои го покажуваат патот во живот