Пријателските разговори можат да го досегнат срцето
1 Разговорот може да се дефинира како „усна размена на идеи“. Започнувањето пријателски разговори за тема која ги загрижува другите може да го привлече нивниот интерес и може да ни помогне во досегнување на нивните срца со пораката за Царството. Искуството покажало дека е далеку поефикасно луѓето да се воведат во еден пријателски и релаксирачки разговор отколку да им се држи проповед.
2 Како да се започне пријателски разговор: Нашата способност да разговараме со другите не значи дека треба да изнесуваме некаква импресивна низа на мисли и стихови. Тоа едноставно вклучува другата страна да се придобие за разговор со нас. На пример, кога водиме пријателски разговор со нашиот сосед, разговорот не е вкочанет, туку е релаксирачки. Ние не размислуваме за нашите следни зборови, туку спонтано одговараме на идеите кои тој ги изразува. Покажувањето вистински интерес за она што тој го вели може да го охрабри да продолжи да разговара со нас. Би требало да биде исто така и кога им сведочиме на другите.
3 Теми како што се: криминал, проблеми на младите, локални прашања, светските услови, па дури и времето, можат да се искористат за да се започне пријателски разговор. Прашањата кои директно влијаат врз животите на луѓето се многу ефикасни во подбудувањето на нивниот интерес. Кога разговорот е веќе започнат, можеме постепено да го свртиме кон пораката за Царството.
4 Не значи дека за еден релаксирачки разговор не е потребна претходна подготовка. Потребна е. Меѓутоа, нема потреба да се формулира некој крут нацрт или да се научи напамет некаква проповед, од што би произлегол разговор кој не е флексибилен или прилагодлив на моменталните околности. (Спореди 1. Коринтјаните 9:20—23.) Еден одличен начин за подготвување е да се изберат една или две библиски теми, со цел разговорот да се гради околу нив. Разгледувањето на темите кои се наоѓаат во книгата Расудување ќе се покаже како помош во ова.
5 Неопходни одлики за пријателски разговор: Кога разговараме со другите, треба да бидеме срдечни и искрени. Една насмевка и весела појава помагаат да се одразуваат овие одлики. Ние ја имаме најдобрата порака на светот; таа е најпривлечна за оние со искрено срце. Ако чувствуваат дека нашиот интерес за нив е мотивиран од искрена желба да се сподели некоја добра вест со нив, тогаш можеби ќе бидат поттикнати да слушаат (2. Кор. 2:17).
6 Впуштањето во разговор треба да биде едно пријатно искуство. Затоа, во презентирањето на пораката за Царството треба да бидеме љубезни и тактични (Гал. 5:22; Кол. 4:6). Стреми се да му оставиш поволен впечаток на соговорникот. На овој начин, дури и ако на почетокот не сме успешни во досегнување на неговото срце, можеби тој ќе биде поприемчив кога следниот пат некој Сведок ќе разговара со него.
7 Започнувањето на пријателски разговор не е резултат на совладување на некаква замрсена проповед. Се работи едноставно за будење интерес за некоја тема која е од важност за лицето. Ако однапред сме подготвени, ќе бидеме спремни луѓето да ги воведеме во пријателски разговори. Да се напрегаме да ги досегнеме срцата на оние кои ги среќаваме, споделувајќи ја со нив најдобрата вест што може да се најде — вечните благослови на Царството (2. Петр. 3:13).