Дали истрајуваш?
1 „За мене нема поголема радост од тоа . . . дека моите чеда живеат во вистина“ (3. Јов. 4). Истрајноста на духовните деца на Јован му донела голема радост. Колку само мора да се радува нашиот небесен Татко кога гледа како милиони од неговите идни деца „живеат во вистина“! (Изр. 23:15, 16; 27:11).
2 Додека Божјиот народ како целина не попушта во ревносната христијанска активност, некои постепено забавиле. Иако тие можеби биле полни со енергија кога прв пат чуле за вистината, со текот на годините западнале во таков калап што имаат само мало или нередовно учество во делото на правење ученици.
3 Разбирливо е дека некои може да забават заради физичките ограничувања и последиците од стареењето. Меѓутоа, нив треба да ги пофалиме заради нивната истрајност. Тие прават сѐ што можат. Но, секој што му го предал својот живот на Бог, треба да се запраша: ‚Дали сум дозволил толку многу да се сосредоточам на личните цели што интересите на Царството заземаат само мал дел од мојот живот? Дали сум станал некако „млак“ или, пак, сѐ уште „силно“ се напрегам? (Отк. 3:15, 16; Лука 13:24, NW). Секој од нас во молитва нека размисли што прави и нека ги направи потребните подобрувања, имајќи на ум дека Јехова ветува дека ќе му даде „слава и мир и чест на секого, што прави добро“ (Рим. 2:10).
4 Како да се истрае: Што му помогнало на Исус да истрае? Павле објаснил: „Поради радоста што беше поставена пред него, тој претрпе маченички столб, презирајќи го срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“ (Евр. 12:1—3, NW). Радоста поставена пред Исус била далеку поголема од привремените искушенија со кои морал да се соочи. И нам може да ни помогне да истраеме тоа што ќе мислиме на радоста што стои пред нас (Отк. 21:4, 7; 22:12). Ако бараме од Јехова да ни дава сила преку личната студија, редовното присуство на состаноците и постојаната молитва, ќе можеме да истраеме во делото што ни дал да го извршуваме.
5 Јехова се радува на истрајноста на оние кои му се лојални. Затоа, да ја зголемиме неговата радост со тоа што постојано ќе ‚живееме во вистината‘.