Колку е важно христијанското дружење?
1 „Ниеден човек не е остров.“ Оваа изјава на еден поет од 17 век е само ехо на она што го вели Библијата за една основна човечка потреба — дружењето (Посл. 18:1, NW). Нашата христијанска заедница ја исполнува оваа потреба. На кои корисни начини?
2 Во службата: Една од најголемите користи е начинот на кој нашите браќа нѐ зајакнуваат и нѐ поддржуваат во јавната служба. Исус ги испратил своите ученици да проповедаат „двајца по двајца“ (Мар. 6:7; Лука 10:1). Во склад со овој образец, додека работиме со другите во службата на теренот, ја искусуваме вистинитоста на Проповедник 4:9, 10. Додека заеднички ја извршуваме службата, верата, послушноста и љубовта на нашите придружници ни влеваат храброст и ни ја обновуваат ревноста.
3 За лична помош: Нашето братство исто така е извор на охрабрување и водство за справување со притисоците и одолевање на искушенијата. Нашите христијански пријатели можат да ни обрнат внимание на некои библиски стихови што се однесуваат на нашите лични грижи. Може дури и да се молат во наша корист, исто како што се молиме и ние за нив (2. Кор. 1:11). И сигурно дека нивниот добар пример нѐ мотивира на исправни дела и нѐ зајакнува.
4 На состаноците: Кога редовно присуствуваме на собраниските состаноци, уживаме во благословот на христијанското дружење (Евр. 10:24, 25). Програмата е богата со духовна поука и нашето присуство на состаноците нѐ држи блиску до нашите соверници. Овие собири ни даваат прилика да ги чуеме нашите браќа и сестри како ја изразуваат својата вера, сеедно дали од подиумот или од публиката (Рим. 1:12). Нашата врска на дружење се продлабочува додека разговараме пред и по состаноците. Таквите прилики ни даваат можност да ги раскажеме нашите искуства што ја изградуваат верата. Кога слободно се дружиме со оние што го љубат Јехова, неговата Реч, неговото дело и неговиот народ, нашата личност е изложена на позитивно влијание (Фил. 2:1, 2).
5 Нам ни требаат нашите христијански пријатели. Без нив би ни било потешко да одиме по тесниот пат што води во живот. Но со нивната љубов и охрабрување, можеме да продолжиме да одиме напред кон Јеховиниот праведен нов свет (Мат. 7:14).