Најсреќниот народ на земјата
1 „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Псал. 144:15, NW). Овие зборови ги опишуваат Јеховините сведоци како најсреќен народ на земјата. Нема поголема радост од радоста што доаѓа кога му служиме на единствениот вистински и жив Бог, Јехова. Бидејќи тој е „среќниот Бог“, оние што го обожаваат ја одразуваат неговата радост (1. Тим. 1:11). Кои се некои аспекти од нашето обожавање што придонесуваат да бидеме толку среќни?
2 Причини да бидеме среќни: Исус ни дал уверување дека среќата доаѓа од ‚свесноста за нашите духовни потреби‘ (Мат. 5:3). Постојаното проучување на Библијата и присуството на сите наши христијански состаноци ја задоволува таа потреба. Тоа што сме ја дознале вистината за Божјата реч нѐ ослободило од религиозните лаги и заблуди (Јов. 8:32). Исто така, Писмото нѐ научило на најдобриот начин на живот (Иса. 48:17). Затоа се радуваме на здраво христијанско дружење во нашата среќна заедница од браќа (1. Сол. 2:19, 20; 1. Пет. 2:17).
3 Чувствуваме големо задоволство кога сме послушни на Божјите високи морални мерила бидејќи знаеме дека тоа нѐ штити и го усреќува Јехова (Посл. 27:11). Еден репортер забележал: „И покрај сите строги мерила што ги имаат, Јеховините сведоци не изгледаат несреќни. Напротив. И помладите и постарите [од нив] изгледаат необично радосни и урамнотежени“. Како можеме да им помогнеме на другите и тие да бидат среќни како нас?
4 Помогни им на другите да најдат среќа: Во светот луѓето не се среќни и општо земено имаат мрачно гледиште за иднината. Меѓутоа, ние имаме светло гледиште бидејќи знаеме дека еден ден сета тага ќе биде минато (Откр. 21:3, 4). Затоа, ревносно учествуваме во службата, барајќи ги оние што се со искрени срца за да им ја пренесеме нашата надеж и нашите верувања за Јехова (Езек. 9:4).
5 Една пионерка рекла: „Ништо не ми донесува поголемо задоволство од тоа да им помагам на луѓето да го запознаат Јехова и неговата вистина“. Да правиме сѐ што можеме за да охрабриме уште многу други луѓе да прифатат домашна библиска студија. Кога му служиме на Јехова и се даваме себеси за да им помагаме на другите да му служат, тогаш сме најсреќни (Дела 20:35).