Радосно обединети со Јехова и со неговиот Син
Најважниот настан во годината ќе се одбележи на 28 март
1 Со одбележувањето на Господовата вечера по зајдисонце на 28 март 2002, ќе го покажеме нашето радосно единство со Јехова Бог и Исус Христос. Токму во таа посебна прилика, остатокот од помазани христијани ќе има посебно „соучество“ со другите наследници на Царството, со Таткото и со неговиот Син (1. Јов. 1:3; Ефеш. 1:11, 12). Милиони „други овци“ ќе размислуваат за својата прекрасна предност да бидат обединети со Јехова и со неговиот Син, да бидат една душа и ум со нив во извршувањето на Божјето дело! (Јован 10:16).
2 Работејќи заедно во близок однос: Јехова и Исус отсекогаш биле радосно обединети. Тие блиско се дружеле со еони пред создавањето на човекот (Мих. 5:2). На тој начин меѓу нив се развила длабока врска на нежна наклоност. Како персонифицирана мудрост, овој првороден Син во своето претчовечко постоење можел да рече: „Бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време“ (Посл. 8:30). Тоа што поминал безброј векови во блиско дружење со Изворот на љубовта имало длабоко влијание врз Божјиот Син! (1. Јов. 4:8).
3 Имајќи ја на ум потребата од искупување на човештвото, Јехова го избрал својот единороден Син, кој особено ги сакал луѓето, за да обезбеди откупна жртва што претставува единствената надеж за нас (Посл. 8:31). Исто како што Јехова и неговиот Син се обединети во извршувањето на една намера, и ние остануваме обединети со нив и еден со друг со врските на силна љубов, радосно извршувајќи ја Божјата волја.
4 Покажувајќи го нашето ценење од срце: Со тоа што ќе бидеме присутни на Меморијалот и ќе слушаме внимателно и со почит, можеме да го покажеме нашето искрено ценење и за Јеховината љубов и за тоа што неговиот Син се жртвувал за нас. Ќе биде истакнат Исусовиот љубезен пример, неговата верност до смрт за да го обезбеди откупот и неговото владеење како Цар на Божјето воспоставено Царство, како и благословите што тоа Царство ќе ги донесе за човештвото. Ќе бидеме потсетени и на потребата постојано да ја покажуваме нашата вера, ревносно работејќи во склад со Јеховината волја како „соработници во вистината“ (3. Јов. 8; Јак. 2:17).
5 Помагајќи им на другите и тие да дојдат: Старешинското тело треба да вложи посебни напори да ги охрабри сите неактивни Сведоци што живеат на подрачјето да присуствуваат на Меморијалот на Христовата смрт (Мат. 18:12, 13). Направи список на оние што треба да бидат повикани за да не биде превиден никој и сите да бидат лично поканети.
6 Дали познаваш и други што би можеле да дојдат на Меморијалот? Преземи иницијатива да го изградиш нивното ценење за оваа прилика. Срдечно покани ги и направи да се чувствуваат добредојдени. Да дадеме сѐ од себе да ги поканиме на овој најважен настан на годината сите библиски студенти и други заинтересирани лица, како и членовите на семејството и познаниците. Користите од откупот и понатаму им стојат на располагање на сите што учат за „ненадминливата вредност на спознанието за Христос Исус“ (Фил. 3:8). Оние што покажуват вера во Христовата жртва можат да ја стекнат цврстата надеж за вечен живот (Јован 3:16).
7 Никогаш не потценувај го ефектот што може да го има Меморијалот врз искрените лица. Пред две години, во островската земја Папуа Нова Гвинеја, 11 заинтересирани лица патувале во мало бротче 17 часа по немирно море за да бидат присутни. Зошто? Тие рекле: „Сакавме да го прославиме Христовиот Меморијал заедно со сообожавателите на Јехова; затоа вредеше да се патува“. Помисли само на ревноста и на ценењето што го покажале заинтересираните затоа што биле радосно обединети со Јехова, со неговиот Син и со христијанското братство!
8 Понуди им библиска студија на сите заинтересирани. Охрабри ги редовно да присуствуваат на христијанските состаноци и да им ги кажуваат и на другите вистините што ги учат. Помогни им да ‚одат во светлината‘ и да ‚постапуваат според вистината‘ применувајќи ги библиските начела во нивниот живот (1. Јов. 1:6, 7). Помогни им да стекнат близок однос со Јехова и да продолжат да имаат сѐ поголемо ценење за предноста обединето да ја извршуваат неговата волја.
9 Колку само прекрасна предност е да бидеме радосно обединети „во еден дух, еднодушно борејќи се рамо до рамо за верата на добрата вест“ (Фил. 1:27, 28). Со радост да го исчекуваме нашето пријатно дружење на Меморијалот на 28 март, секогаш благодарни на Јехова и на неговиот син! (Лука 22:19).