Со ценење да се сетиме на откупнината
1, 2. Зошто треба со ценење да се сетиме на откупнината?
1 Од послушност кон Исус, ние како Јеховини сведоци ќе се собереме низ целиот свет во сабота на 22 март 2008 год., по зајдисонце, за да ја одбележиме годишнината од смртта на Исус Христос (Лука 22:19; 1. Кор. 11:23-26). Тоа ќе го сториме од голема благодарност за сето она што било направено за нас на тој датум пред 1.975 години. Тогаш Исус, како совршен човек, останал потполно верен и покрај тоа што бил мачен и убиен на столб, со што го посветил името на својот Татко и го дал најдобриот одговор на подбивањата на Сатана (Јов 1:11; Изр. 27:11).
2 Пролеаната крв на Исус го направила полноважен новиот сојуз и овозможила несовршени луѓе да бидат усвоени како Божји синови и да владеат со Христос во неговото небесно Царство (Ерем. 31:31-34; Мар. 14:24). Освен тоа, самиот Исус му објаснил на Никодим дека Бог, кога го жртвувал својот сакан Син, јасно покажал колку многу ги сака луѓето (Јован 3:16).
3. Како ќе им користи Спомен-свеченоста на оние што ќе присуствуваат?
3 Покани ги другите: Во Нашата служба за Царството од јануари, беше предложено да си направиме список со познајници, и лично да го поканиме секого од нив. Започна ли да ги каниш оние што се на твојот список? Дали се подготвуваш за да учествуваш колку што е можно повеќе во акцијата што ќе започне на 1 март со која ќе ги каниме луѓето на Спомен-свеченоста? Оние што ќе присуствуваат на неа, ќе чујат библиски информации преку кои можат да стекнат вера во откупнината, која води во вечен живот (Рим. 10:17).
4. Зошто треба порано да пристигнеме на Спомен-свеченоста?
4 Сите што се во можност, треба да планираат да пристигнат порано за срдечно да им изразат добредојде на оние што ја прифатиле поканата. Обично има многу присутни на Спомен-свеченоста, па затоа е важно да им се обрне посебно внимание на новите и на другите што понекогаш доаѓаат на состаноците.
5. Како можеш да си го подготвиш срцето за овој настан?
5 Подготви си го срцето: Во врска со Спомен-свеченоста, во брошурката Секојдневно истражување на Писмото за 2008 и во Календарот за 2008, има посебен распоред за читање на Библијата почнувајќи од 17 март. Ако се потсетуваме на важните настани од последните денови на Исусовиот живот на Земјата, ќе си го подготвиме срцето за Спомен-свеченоста (Езра 7:10). Кога размислуваме и се молиме во врска со овие библиски стихови, расте нашето ценење за љубовта што ја покажале Јехова и неговиот Син преку откупнината (Пс. 143:5).
6. Зошто е корисно да го зголемуваме нашето ценење за откупнината?
6 Додека се приближува Спомен-свеченоста, треба внимателно да се подготвиме самите и да им помогнеме на другите да се подготват за овој важен настан. Ако со ценење се сеќаваме на откупнината, ќе се зајакне нашиот однос со Јехова и со неговиот Син (2. Кор. 5:14, 15). А тоа ќе нѐ поттикне да се угледаме на нив и да покажуваме самопожртвувана љубов кон другите (1. Јов. 4:11).