Како да им помогнеме на оние што имаат неизлечлива болест?
ЗАЧУВАЈ
Кога треба да го изберат видот и обемот на нега за лицата што имаат неизлечлива болест, христијаните можат да се соочат со важни прашања. На пример:
Дали се кршат библиските начела доколку не се преземе сѐ што стои на располагање за да се зачува нечиј живот? Дали е морално исправно да се дозволи некој да умре природно, без посебни интервенции за да му се продолжи животот? Што е со еутаназијата, која претставува намерно и активно прекинување на нечиј живот за да му се скратат маките?
Овие прашања се многу важни во денешно време. Но, за нив постојат одговори.
Еден вдахновен писател соодветно рекол: „Бог ни е прибежиште и сила, помош која лесно се наоѓа во неволја“ (Пс. 46:1). Овие зборови можат да се применат и на ситуацијата за која зборуваме. Јехова Бог е изворот на најголемата мудрост и на најдобрата помош. Тој набљудува како живеат милијардите луѓе. Тој знае — подобро од секој лекар, стручњак по етика или адвокат — што е најдобро за нас. Затоа, да разгледаме каква помош ни става на располагање (Пс. 25:4, 5; Евр. 4:16).
Исправно гледиште за животот
Добро е да знаеме дека медицинските стручњаци не се единствените кои по секоја цена сакаат да спасат нечиј живот. Тој став е логична последица на ставот што постои во ова современо општество. Зошто? Па, ако сегашниов живот е сѐ што имаме, тогаш изгледа дека треба да го зачуваме по секоја цена. Но, ова гледиште во некои случаи довело до многу мачни ситуации — луѓе во несвесна состојба биле одржувани „живи“ со години со помош на апарати.
Од друга страна, пак, има луѓе кои веруваат во бесмртност на човечката душа. Тие сметаат дека животот не е ништо друго освен станица на патот кој води до нешто подобро. Платон, еден од основачите на таа филозофија, го рекол следново:
„Смртта е или состојба на непостоење и потполна несвесност или, како што велат луѓето, промена и патување на душата од овој свет на оној свет... Ако е смртта патување на друго место... тогаш постои ли, мои пријатели и судии, нешто подобро од смртта?“
Човекот што има таков став може да мисли дека смртта му е пријател, дека треба да ја пречека со раширени раце, па дури и да ја забрза. Но, Библијата учи дека во Јеховини очи животот е свет. Псалмистот под вдахновение напишал: „Во тебе е изворот на животот“ (Пс. 36:9). Според тоа, дали вистинските христијани сметаат дека еутаназијата е исправна?
Некои мислат дека Библијата ја оправдува еутаназијата, па како потврда за тоа го наведуваат извештајот во кој стои дека тешко ранетиот цар Саул го молел својот штитоносец да го убие. Тие го сметаат тоа за еден вид еутаназија, односно намерно забрзување на смртта на некој што и без тоа ќе умре. Подоцна, еден Амаличанин рекол дека му ја исполнил желбата на Саул и го убил. Но дали другите сметале дека тој Амаличанин постапил исправно кога му ги скратил маките на Саул? Никако. Давид, Јеховиниот помазаник, наредил да биде погубен тој Амаличанин поради вина за крв (1. Сам. 31:3, 4; 2. Сам. 1:2-16). Значи, овој библиски извештај воопшто не одобрува некој христијанин да има некаква врска со еутаназија.
Но дали тоа значи дека христијаните треба да направат сѐ што им овозможува технологијата за да го продолжат животот на некој човек што е на умирање? Мора ли процесот на умирање да се продолжува сѐ додека е тоа можно? Библијата учи дека смртта не е наш пријател, туку непријател (1. Кор. 15:26). Освен тоа, мртвите ниту страдаат ниту се во некоја состојба на блаженство, туку се во состојба слична на сон (Јов 3:11, 13; Проп. 9:5, 10; Јован 11:11-14; Дела 7:60). Мртвите можат повторно да се вратат во живот единствено ако Исус Христос ги воскресне со Божја помош (Јован 6:39, 40). Затоа Бог исправно нѐ поучува — смртта не е нешто кое би требало да го посакуваме, но не мораме ниту да правиме очајнички напори за да го продолжиме процесот на умирање.
Упатства за христијаните:
Како да постапат христијаните ако некој близок се разболи од неизлечлива болест?
Најпрво мора да имаме на ум дека секоја ситуација што е поврзана со некој што има неизлечлива болест е поинаква, и тоа многу поинаква, што значи дека не постои едно општо правило. Освен тоа, христијаните во таков случај треба да видат и што вели законот на државата (Мат. 22:21). Исто така, имајте на ум дека ниту еден совесен христијанин не би смеел со своите одлуки и постапки да покаже негрижа за начинот на лекување.
Апаратите за одржување на животот може да се исклучат само ако сосема сигурно станува збор за неизлечлива болест (односно тогаш кога е потполно јасно дека ситуацијата е безнадежна). Во такви случаи не постои библиска причина поради која би морало по секоја цена да се бара применување на медицински постапки со кои процесот на умирање само би се продолжил.
Честопати ова се многу тешки ситуации во кои треба да се донесат мачни одлуки. На пример, како може да се знае дека ситуацијата е безнадежна? Иако никој не може потполно да биде сигурен во тоа, во такви ситуации треба да се биде разумен и внимателно да се слушаат советите. Еден медицински весник ги советува лекарите:
„Доколку постојат различни мислења во врска со дијагнозата или со идниот тек на болеста, или, пак, во врска со двете, животот на пациентот треба и понатаму да се одржува сѐ додека не се постигне разумна едногласна одлука. Меѓутоа, доколку неразумно се инсистира на продолжување на животот кога е очигледно дека не е можно оздравување, тоа само ќе му пречи на лекарот кој го води лекувањето. Некој извештај за пациент кој преживеал во слична ситуација не е главна причина за да се продолжи со агресивен третман. Таквите релативно безначајни статистички податоци не ја намалуваат важноста на разумните предвидувања на развојот на болеста, кои се темел за одлуките во врска со лекувањето“.
Во такви тешки ситуации, христијанинот, било да е пациент било да е роднина на болниот, има право да бара помош од својот лекар. Спомнатиот медицински весник заклучува: „Не е во ред на пациентот само да му изнесеме еден куп медицински податоци и можности, па да го оставиме самиот, без никакво водство, да донесе одлуки за идното лекување“.
Зрелите христијански старешини можат исто така многу да помогнат во тие ситуации. Се разбира, пациентот и неговото најблиско семејство мораат самите да донесат урамнотежена одлука во таа многу тешка ситуација.
И на крајот, размислете за следново: Христијаните имаат силна желба да живеат за да можат да му служат на Бог. Сепак, сфаќаат дека во денешниов свет сите умираат, што значи дека на некој начин сите имаме неизлечлива болест. Единствено на темел на крвта на Исус Христос, која ја пролеал за да нѐ откупи, можеме да се надеваме ситуацијата да ни се промени на подобро (Еф. 1:7).
Иако е тешко кога ќе ни умре некој што ни е близок, не мораме да тагуваме „како другите, кои немаат надеж“ (1. Сол. 4:13). Напротив, може да нѐ теши сознанието дека за болниот сме сториле сѐ што сме можеле во разумна мера и дека секоја медицинска помош во најдобар случај била само привремена. Меѓутоа, нѐ радува ветувањето на Оној што ќе нѐ ослободи од сите такви проблеми кога ќе биде ‚уништен последниот непријател, смртта‘ (1. Кор. 15:26).
Да, најдобрата помош за луѓето што имаат неизлечлива болест доаѓа од Бог, кој им го подарил животот на првите луѓе и кој ветува воскресение за оние што веруваат во него и во неговиот Син, Исус Христос (Јован 3:16; 5:28, 29).
(Извадок од g-Е 22.10.91, стр. 7-9.)