Писмо од Водечкото тело
Драги браќа и сестри,
Апостол Павле ја користел секоја прилика да им каже на соверниците колку ги сака и ги цени. На христијаните во Рим им напишал: „Му благодарам на мојот Бог преку Исус Христос за сите вас, бидејќи за вашата вера се зборува по целиот свет“ (Рим. 1:8). Навистина, христијаните во првиот век биле познати низ целата Римска Империја по својата цврста вера, како и по своето ревносно проповедање (1. Сол. 1:8). Затоа не е чудно што Павле толку многу ги сакал своите браќа и сестри!
И ние, исто како Павле, му благодариме на Јехова секогаш кога ќе помислиме на вас бидејќи многу ве сакаме! А бидете сигурни дека и Јехова го сака секого од вас поединечно. Некои од вас се соочуваат со силно противење, но сепак продолжувате да проповедате. Вашата храброст и бестрашност сигурно го радуваат срцето на Јехова! (Изр. 27:11).
Во Годишникот за оваа година се гледаат многу докази дека Господарот Исус Христос излегол ‚победувајќи и тргнал во конечна победа‘ и дека никакво оружје направено против следбениците на Христос нема да успее (Отк. 6:2; Иса. 54:17).
На христијаните во Филипи, Павле им напишал: „Му благодарам на својот Бог... поради вашиот придонес во ширењето на добрата вест“ (Фил. 1:3-5). Ние, членовите на Водечкото тело, го чувствуваме истото за вас. Во текот на 2007 службена година, 6.691.790 објавители поминале вкупно 1.431.761.554 часови проповедајќи ја добрата вест во 236 земји од светот. Вие навистина давате огромен придонес во ширењето на добрата вест! Помислете на стотиците илјади луѓе врз чии животи позитивно влијаел нашиот заеднички труд и колкава слава му носи тоа на Јехова!
Во друга прилика, Павле покажал дека имал големо сочувство за своите браќа и сестри. На соверниците во Солун им напишал: „Непрестајно [ја] имаме на ум... вашата истрајност која произлегува од вашата надеж во нашиот Господар Исус Христос, пред нашиот Бог и Татко“ (1. Сол. 1:2, 3). Точно, животот не е без проблеми. Нив ги имаме често, но многу е важно да истраеме. Со какви проблеми се бориш ти? Дали си обесхрабрен затоа што си тешко болен и не можеш многу да сториш во службата за Јехова? Дали твојот сакан долгогодишен брачен другар му подлегнал на најнезаситниот непријател — гробот? (Изр. 30:15, 16). Или, пак, можеби сѐ уште не можеш да најдеш брачен партнер кој го сака Јехова како тебе, но ти сепак верно се држиш за библиското начело да стапиш во брак само во Господарот? (1. Кор. 7:39). Можеби многу се трудиш да ги подигнеш своите деца, иако се соочуваш со тешки финансиски проблеми. Без разлика каква е твојата ситуација, ако службата за Царството ти е најважна, можеш да бидеш сигурен дека Јехова нема ‚да го заборави твоето дело и љубовта што ја покажуваш кон неговото име‘. Ве молиме, браќа и сестри, ‚не откажувајте се од правење добро‘! (Евр. 6:10; Гал. 6:9).
Што ќе ви помогне да истраете? Како и на Солуњаните, и вам може да ви помогне ‚надежта во нашиот Господар Исус Христос‘. Со добра причина, Павле подоцна ја споредил „надежта во спасението“ со еден цврст шлем што може да нѐ штити од негативно размислување и сериозни сомнежи (1. Сол. 5:8).
Навистина, со тоа што радосно истрајувате, вие му давате одговор на Сатана кој со подбив вели дека Јехова нема право да владее со целата вселена. Сатана тврди дека Божјите слуги по природа се себични и можеби ќе му служат на Бог некое време, но ревноста ќе им спласне ако доживеат поголеми проблеми или ако овој свет потрае подолго отколку што очекувале. Вие ја имате прекрасната можност да ги разоткриете лагите на тој одвратен клеветник, Ѓаволот! И, со секој нов ден, вие сте сѐ поблизу до благословите на кои се надевате.
Исто како што Павле ја користел секоја прилика да ги пофали своите браќа за нивната цврста вера, за огромниот придонес што го давале во проповедничкото дело и за нивната истрајност, така и ние со задоволство ја користиме оваа прилика да ве пофалиме и да ви кажеме дека ве сакаме. Само така продолжете!
Ви посакуваме и оваа година да добиете многу благослови од Бог. Примете срдечни поздрави.
Вашите браќа,
Водечко тело на Јеховините сведоци