Мудро насочувај ги ударите
1. Како 1. Коринќаните 9:26 се применува на проповедањето?
1 Апостол Павле напишал: „Јас не трчам бесцелно и не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. Кор. 9:26). Со ова сакал да каже дека му е најважно да остане сконцентриран на своите духовни цели. Но, овие зборови можат да се применат и на проповедањето. Ние сакаме мудро да ги насочуваме нашите ‚удари‘, односно мудро да ја користиме нашата сила за да постигнеме што е можно подобри резултати. Како?
2. Како можеме да го следиме примерот на Павле и други проповедници од првиот век кога одлучуваме кога и каде ќе проповедаме?
2 Оди таму каде што има луѓе: Павле и други проповедници од првиот век проповедале на места каде што знаеле дека има луѓе (Дела 5:42; 16:13; 17:17). Ако знаеме дека на нашето подрачје луѓето обично се дома навечер, тоа би било најдобро време да одиме од куќа до куќа. Дали на автобуската или на железничката станица е прилично раздвижено рано наутро или приквечер кога луѓето одат или се враќаат од работа? Во кој дел од денот има најмногу народ во трговските центри или на пазарите на твоето подрачје? Можеби тогаш времето најдобро ќе го искористиме ако сведочиме на улица.
3. Како можеме мудро да ги насочуваме ‚ударите‘ во поглед на начинот на кој го обработуваме подрачјето?
3 Мудро обработувај го подрачјето: Треба мудро да ги насочуваме нашите ‚удари‘ и кога станува збор за начинот на кој го обработуваме подрачјето. На пример, кога одиме да сведочиме како група, можеби е подобро групата што ќе сведочи на едно место да не биде многу голема зашто така ќе биде полесно и ќе треба помалку време да се организира. Истото важи и кога сведочиме во село — ако групата е помала, побрзо ќе го обработиме подрачјето и секој ќе има можност да зборува со повеќе луѓе. Освен тоа, би можеле да си земеме подрачје што не ни е далеку од дома за да не губиме време да стигнеме до него.
4. Што ќе ни помогне да бидеме успешни „рибари на луѓе“?
4 Исус ги споредил оние што ја проповедаат добрата вест со „рибари на луѓе“ (Мар. 1:17). Целта на еден рибар не е само да ја спушти мрежата во вода, туку да фати риби. Успешните рибари знаат на кое место и во кое време има риби. Затоа одат таму и веднаш се зафаќаат со работа. Да, тие мудро ги користат силата и времето. И ние да покажеме таква трудољубивост во службата на проповедање (Евр. 6:11).