Не дозволувај да те спречи тоа што си прилично зафатен
1. Зошто некои се колебаат да понудат библиска студија?
1 Некои се колебаат да понудат библиска студија затоа што се прилично зафатени. Потребно е време за да му посветиш внимание на оној со кого проучуваш. Ти треба време да се подготвиш за студијата, да ја водиш и да му помогнеш на интересентот да надмине некои лични пречки. Апостол Павле рекол дека потполно се посветил на тоа да им помогне на солуњаните да го запознаат Јехова (1. Сол. 2:7, 8). Како можеме да водиме библиска студија и покрај тоа што сме прилично зафатени?
2. Како нашата љубов кон Јехова влијае на тоа како го користиме времето?
2 Потребно е време за да му служиш на Јехова: Вистина е дека за да му служиш на Јехова треба да одвоиш време. На пример, одвојуваме време за редовно да одиме на состаноците, во служба, за да ја читаме Библијата и за да се молиме. Едно зафатено лице што е во брак со радост ќе одвои време за да биде со својот брачен партнер. Колку повеќе ние треба со радост ‚да си откупуваме‘ време за да му служиме на Јехова затоа што го сакаме (Еф. 5:15-17; 1. Јов. 5:3). Исус рекол дека многу важен дел од нашето обожавање е да ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20). Ако го имаме ова на ум, нема да ја избегнуваме одговорноста да водиме студија.
3. Што можеме да направиме за студијата да тече редовно дури и ако околностите нѐ попречуваат?
3 Но, што ако мораме да работиме, ако имаме некоја хронична болест или ако имаме теократски задачи? Некои објавители кои одвреме-навреме треба да патуваат некаде ги водат библиските студии преку телефон или преку електронска врска. Оние што имаат некоја хронична болест се договараат интересентот да доаѓа кај нив дома за да проучуваат. Трети се договорени со некој друг објавител да ја води студијата секој пат кога не се тука.
4. Какви благослови ќе добиеме ако водиме студија?
4 Павле бил многу среќен што можел да дава од своето време и сила за да им помогне на другите да ја дознаат вистината (Дела 20:35). Кога размислувал за тоа на колку луѓе можел да им помогне во Солун, му благодарел на Јехова (1. Сол. 1:2). Ќе бидеме посреќни и поисполнети во службата ако не дозволиме тоа што сме прилично зафатени да нѐ спречи да водиме библиски студии.