Да се подобруваме како објавители на добрата вест
1. Кои примери од првиот век покажуваат дека треба да се подобруваме како објавители?
1 Како објавители на добрата вест, наша цел е постојано да се подобруваме. Тоа било случај и со христијаните во минатото. На пример, Исус ги поучувал своите следбеници како подобро да проповедаат (Лука 9:1-5; 10:1-11). Акила и Прискила го повикале кај себе Аполо и ‚поточно му го објасниле Божјиот пат‘ (Дела 18:24-26). Павле го поттикнал Тимотеј, кој бил искусен во службата, да се посвети на поучувањето за неговиот напредок „да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:13-15). Сеедно колку долго му робуваме на Господарот, треба да продолжиме да се подобруваме како објавители на добрата вест.
2. Како можеме да учиме од другите?
2 Учи од другите: Еден начин да се подобруваме во службата е така што ќе учиме од другите (Изр. 27:17). Затоа, обрни внимание на тоа како проповедаат браќата и сестрите со кои си во служба. Побарај конкретни предлози од искусни објавители и внимателно слушај што ќе ти кажат (Изр. 1:5). Можеби сметаш дека треба да се подобриш во поглед на повторните посети, започнувањето библиски студии или во некој друг аспект од службата. Тогаш, преземи иницијатива и замоли го надгледникот на групата или некој искусен објавител да ти помогне во тоа. Не заборавај дека и Јеховиниот свет дух може многу да ни помогне, па затоа редовно моли го Бог да ти го дава (Лука 11:13).
3. Како треба да реагираме ако добиеме совет, дури и ако не сме го барале?
3 Не навредувај се ако добиеш некаков совет за тоа како да се подобриш, дури и ако не си барал совет (Проп. 7:9). Исто како Аполо, прифати ја помошта со понизност и со благодарност. Така реагираат мудрите луѓе (Изр. 12:15).
4. Според Исус, која силна причина ја имаме да се подобруваме како објавители на добрата вест?
4 Кога се подобруваме, му носиме слава на Бог: Користејќи една споредба, Исус ги поттикнал своите ученици да се подобруваат како објавители. Себеси се споредил со лоза, а своите помазани следбеници со прачки. Тој рекол дека Таткото ја чисти секоја прачка што носи плод „за да донесе повеќе плод“ (Јован 15:2). Исто како што лозарот сака прачките од неговото лозје да даваат повеќе плод, така и Јехова сака да се подобруваме во службата и да дадеме уште поголем „плод на усните“ (Евр. 13:15). Што постигнуваме кога се подобруваме како објавители на добрата вест? Одговорот го дава Исус: „Мојот Татко се прославува ако донесувате многу плод“ (Јован 15:8).