ОД НАШАТА АРХИВА
Му служеле на Јехова и покрај економските тешкотии
Во многу земји, трошоците за живот стануваат сѐ поголеми и им го отежнуваат животот на луѓето, вклучувајќи ги и Јеховините сведоци. Но, наместо да бидат претерано загрижени, Сведоците ги теши тоа што знаат дека Јехова никогаш нема да ги напушти своите слуги (Евреите 13:5). Секогаш одново, тој го исполнува ова ветување. Тоа можат да го потврдат и нашите браќа на Филипините — земја во која многу луѓе сѐ уште живеат во сиромаштија. Но, во 1970-тите и 1980-тите оваа земја помина низ особено тежок период.
Една сестра по име Викиa вели: „Понекогаш плачев бидејќи немав доволно храна. Имаше денови кога немавме ништо друго освен ориз, сол и вода“. А еден брат по име Флоренсио не можел да најде работа. Тој вели: „Имав само три кошули и три пара панталони кои ги носев наизменично на состаноците и конгресите“. Како се справиле Јеховините слуги со таквите тешкотии? Што им помогнало да останат духовно јаки? И како нивниот пример може да ни помогне нам во овие несигурни времиња?
Тие имале доверба во Јехова
Сведоците на Филипините биле уверени дека Јехова ќе се грижи за нив во тој тежок период (Евреите 13:6). И тој го правел тоа, честопати на неочекувани начини. На пример, една сестра по име Сесил вели: „Откако ја зготвивме последната чаша ориз за појадок, нашето четиричлено семејство повеќе немаше што да јаде. Затоа се молевме Јехова да ни го даде она што ни е потребно за тој ден. Додека уште го јадевме појадокот, дојде еден брат и ни донесе пет килограми ориз. Се расплакавме од благодарност и радост поради овој благослов од Јехова. Имавме уште многу други слични искуства“.
Исто така, Божјиот народ ги применувал мудрите совети од Библијата (Изреки 2:6, 7). На пример, една сестра по име Арселита, која штотуку се крстила и не била во брак, тешко врзувала крај со крај. Затоа, сесрдно му се молела на Јехова. Потоа размислувала за зборовите од Изреки 10:4, каде што пишува: „Кој работи со мрзлива рака, осиромашува, а трудољубивата рака го збогатува човекот“. Таа сакала да го примени советот од овие зборови и затоа одлучила да засади бавча. Арселита вели: „Јехова навистина го благослови мојот труд. Всушност, имав доволно за да се прехранам и за да ги покријам трошоците за превоз“.
Не ги пропуштале состаноците
Освен тоа, браќата немале доволно средства за да купат плацеви и да изградат сали за состаноци. Но тоа не ги спречило да ѝ бидат послушни на заповедта да одат на состаноците за да се храбрат еден со друг (Евреите 10:24, 25). Тие едноставно се приспособиле на околностите. На пример, една сестра по име Дебора се присетува: „На состаноците присуствувавме околу шестмина. Се собиравме во една мала колиба што ја изградивме јас и сестрата со која соработував во пионерската служба. Кровот го направивме од листови од мангрови палми, ѕидовите од листови од кокосови палми, а стеблата од палмите ни служеа како седишта“.
Во повеќето случаи, состаноците се одржувале во домовите на браќата и сестрите. Една сестра по име Вирџинија вели: „Нашата куќичка беше направена од трева и бамбус. Секоја сабота моравме да го преместуваме мебелот за да има место за состанокот следниот ден“. Во еден друг дом прокиснувал кровот. Еден брат по име Ноел се присетува: „Кога врнеше, стававме кофи таму каде што прокиснуваше. Но речиси не обрнувавме внимание на таквите потешкотии, бидејќи бевме заедно со нашето духовно семејство“.
Не им згаснала ревноста за службата на проповедање
Тоа што немале доволно во материјален поглед, не им ја згаснало ревноста на Сведоците за службата на проповедање. Линдина, која живее на островот Негрос, се присетува: „Бидејќи бевме големо семејство, а само татко ми работеше, немавме секогаш доволно пари за превоз. Затоа, честопати одевме пешки до подрачјето каде што требаше да проповедаме. Ама ни беше забавно бидејќи бевме сите заедно. Исто така, знаевме дека со нашиот труд го радуваме Јехова“.
Тешкотиите не ги спречиле Јеховините сведоци да проповедаат
Еден од најголемите предизвици бил да се дојде до оддалечените планински подрачја, бидејќи речиси и да немало јавен превоз. Естер, која живее на островот Лузон, вели: „Во служба обично одевме во група од 6 до 12 објавители. Тргнувавме рано бидејќи требаше да пешачиме многу километри. По цел ден бевме во служба. Обично си носевме зготвена храна која ја јадевме под сенката на дрвјата. Некои браќа и сестри немаа ништо за јадење, а сепак доаѓаа со нас. Ќе им речевме: ’Не грижете се, има доволно храна за сите‘“.
Јехова богато го благословил таквиот самопожртвуван дух. На пример, во 1970 год., на Филипините имало 54.789 објавители. До 1989 год., бројот на објавители речиси двојно се зголемил и изнесувал 102.487. Во 2023 год., бројот на објавители на Филипините достигнал 253.876.
„Сиромаштвото не ја олади нашата љубов кон Јехова“
И покрај тоа што браќата и сестрите биле во тешка економска ситуација, тие биле радосни и ревно му служеле на Јехова. Еден брат по име Антонио вели: „Сиромаштвото не ја олади нашата љубов кон Јехова“. Сестра Фе Абад го кажала следново: „Кога јас и мојот сопруг се соочивме со економски проблеми, останавме блиски со Јехова и почувствуваме колкава радост носи едноставниот начин на живот. Како резултат на тоа, и нашите деца научија да имаат доверба во него“.
Лусила, која живее на островот Самар, вели: „Сиромаштвото не е никаков проблем кога му служиш на Јехова. Кога Бог ни е на прво место во животот, можеме да бидеме задоволни и да задржиме позитивен став. Радосна сум што можев да видам како некои од оние со кои ја проучував Библијата го запознаа Јехова и подоцна ми се придружија во пионерската служба“.
Со оглед на тоа што пред нас стојат тешки времиња, да ги имаме на ум зборовите на еден старешина по име Родолфо, кој напишал: „За време на економската криза во 1970-тите и 1980-тите, ја почувствував Јеховината рака во мојот живот. Иако имав многу малку пари, не се самосожалував. Јехова добро се грижеше за мене. Навистина, го живеев најдобриот начин на живот, и едвај чекам да го добијам ’вистинскиот живот‘ во рајот на Земјата“ (1. Тимотеј 6:19).
a Некои имиња се сменети.